Св. Атанасиј. Долно Дупени
Title
Св. Атанасиј. Долно Дупени
Description
Југозападно од црквата Св. Богородица, на растојание од околу 1 км., се наоѓа црквата Св. Атанасиј. Во нејзината непосредна околина, низ обраснатиот предел, се распознаваат остатоци од темели на објекти, како и стари гробови. Храмот претставува едноставна градба, со ѕидови од необработен фугиран камен и полукружна апсида на источната страна. Само околу јужниот влез во наосот, вградени се обработени камени блокови, кои го формираат полукружно засведениот премин. Внатрешноста од наосот, јужниот и северниот ѕид прекриена е со ѕидно сликарство. Според натписот над јужниот влез од внатрешната страна, живописот е датиран во 1864 година. Истите непознати мајстори во таа прилика ги насликале и ѕидовите во олтарниот простор како и западниот дел од црквата, односно нартексот. На многу места, под сликарството нанесено во 19 век, најповеќе на местата каде се одлуштени парченца од живопис, се наѕираат остатоци од постар слој на сликарство. Ова постаро сликарство, кое според стилските каралктеристики најверојатно потекнува од 17 век, најзабележливо е на источниот ѕид од олтарниот простор. Импровизираниот иконостас, составен е од икони изработени во различни временски периоди и тоа од 17, 18 и 19 век. Најголем дел од иконите потекнуваат од периодот на поствизантиското сликарство и тие можат да се поврзат со постариот слој на ѕидно сликарство во црквата.
Type
храм
Spatial Coverage
Долно Дупени
Date Created
19 век
Collection
Citation
“Св. Атанасиј. Долно Дупени,” Преспа, accessed November 21, 2024, https://pelister.org/Omeka/items/show/388.