Мачорот аџија

Мачорот аџија
Бидејќи еден мачор многу бил ловџија, беше ги сотрел сите глувци во таа
околија кај што живеел.
Кога видоа стаорите оти глувците мачорот ќе ги досвршел од ловење, ошле кај
големиот стаор сите стаори да се прашаат што да прават за да се избават од
мачорот:
"Како да, правиме, честити стаоре, од еден ѓаволски мачор што ни го затре
сојот од глувци и сега веќе се настрвил на стаорите да ги јаде?
Катаден со него борба правиме под амбарите; арно ама никој досега, што се
борил со него, не го кутнал; се тој кутиња, натемаго натема, да би му се
исушиле тие остри нокти да би!" му рекле стаорите на главитиот стаор.

"Дејди браќа, дејди аџамии, што ве гледам сите будали!
Ами може зер некогаш мрава со мечка да се бори, да и вие со мачор да се
борите? Прашајте пателец, а не прашајте гаталец.
За вас друго чаре нема, пријатели, освем да седите в дупки скриени, дури да си
ја намножите челадта, да после и ако изедува мачорот по некој глушец од синови
ви, што не ќе ве слушаат и од дупка ќе излегуваат, нема ништо тогај — речете
на десет една и друго ништо.
Од мене ако барате ум, овој ум можам да ви го дадам и друго ништо".

Се благодарија на науката што им ја даде големиот стаор на стаорите и си
отидоа секој по својот синор, та си расказаа по пријателите и по родевите, за
никој од дупка надвор да не излегува, не знам до кое време.
Чекал мачорот некој глушец или стаор да излезе денеска, немало; чекај утре,
немало; чекај други-ден, немало.
И еден ден застанал на една дупка, та исчекал едно глувче да се јави од
дупката.
Едно го видело мачорот и се тргнало повнатре да не го чапне нешто.
"Стој си, мачорок, стој си на дупка, ако сакаш и една недела; нам ни нарачаа
стаорите ич да не излегуваме од дупка надвор, за ти да не можеш да не јадеш.
Разбра, мачору, али не разбра?
Ич од сега глушец ти не ќе каснеш, вака да знаеш".

Откога беше се научил мачорот оти стаорите ги научиле глувците да не
излегуваат од дупка надвор, и откога гладувал многу дни, измислил еден марифет
да им прави на глувците.
Нашол една калуѓерска шапка и една долга раса; зел едни црни броеници подолзи
од него, та отишол в црква кај амбарот што ја збираат црковната пченица, и
застанал спроти дупките од кај што излегуваа многу глувци и фатил да се крсти
и метании да чини и да ги трга броениците зрно по зрно и да вика што може и не
може:
"Господи помилуј, Господи помилуј, Господи помилуј; прости ме мене, Господи,
прости ме мене, Господи, оти многу сум грешен!"

Од молитвата и молбата од мачорокот чуја многу глувци и се натрчаа кај дупките
да видат што вика мачорокот.
Кога ги видел мачорот глувците во дупките, фатило слинки да му тече и да се
оближува, како кога да беше ги изел сите глувци, и паднал на коленици за да
прави метании, и кревај ги рацете наугоре, чини, врти ги белките од очите на
небеси, ѓоа на Господ му се молел; тргај ги броениците и викај: "Господи
помилуј".

Кога го видоа глувците оти мачорот ќе се свеќава, отрчаа та им раскажале на
постарите глувци, и тие им рекле на помалите:
"Бре деца, немојте не трчајте и не излегувајте од дупки надвор, оти не е за
верување мачорокот; прајте што прајте и до дупка внатре стојте!"
Сите глувци в дупки стојат и мачорокот го гледаат како се свеќава.
Се чудат глувците на светилакот негов и најпосле си ја ресил животта еден оц
глувците и пошол до него да види дали ќе го јаде:

"Доброутро, калуѓере мачоре", му рекол и се приближал до него.
"Дал ти Господ две добра, чедо, му рекол калуѓерот мачорот.
Ела ми, ела ми, чедо, да му бакнеш на деда аџија десница, за ти да ми дадеш
проштење, оти јас сум бил на аџилак и сакам да се свеќавам; тамо, чедо, сум се
исповедал, за да ми се простат гревовите.
Голем канон ми дадоа, чедо, месо ич да не каснам дури сум жив;
е, е, метании непрестајно да чинам; е, е, броениците непрестајно да ги тргам и
"Господи помилуј" да велам.
Ама со прво треба со сите глувци и стаори да се простам, да после можам да се
свеќавам и после кантар да не фаќам и со терезија и со ендезе ич да не мерам.

Ете вака, пиле, ете вака, јагне, да им кажеш на сите глувци и стаори; нека
дојдат и да ми целиваат десница, за да се испростиме, и алал да ми сторат
досега што сум им додевал и не сум ги оставал со раат да си jaдат по амбарите
пченица.
Ете вака, чедо мое, ела уште еднаш да ми целиваш десница и оди ми си со
здравје, ама прво најади ми се пченица, да попосле оди си и поздрави ги сите;
нека дојдат да ми дадат проштење за да не ме остават врзан да си умрам и во
вечната мака да одам, а пак ако не дојдат, брате, на нив нека е гревот; јас ќе
си измијам раце и на нив гревот им го оставам".

Отрча тој што му целива десница на аџи-мачорока калуѓера, со сите друзите
глувци што гледаа од дупките, и им раскажаа на сите оти мачорот се стори
посник и ги вика сите да му дадат проштење.
На тоа згора беа се собрале сите глувци и стаори на голем собор, та сторија
еден мезлич дали да излезат од дупките надвор, да си појадат малку пченица и
да му дадат на аџијата проштење, али да си седат.
Едни така рекле, друзи инаку, најмногу беше рекле, да се ресат уште три-четири
глувци и стаори, да појдат до него да видат дали се вистина покајал.

Наизлегоа глувци и му појдоа кај аџи-мачорот и му целиваа десница.
"Дајте ми проштење, чеда, им рекол; оти многу сум ви згрешил досега јас вам",
Господи помилуј, Господи помилуј, велел во тоа време и чинел метании, ги тргал
што да може броениците и подбелуј со очите,
"море, ако ми влезете сите, ќе ве направам пастрма, ама чекај, си велел сам со
себе, и ќе видите каков посник сум јас аџи-мачор:
постам, сакам-нејќам, оти нема што да јадам!".

Откога му целиваа десница и му дадоа проштење, се изназобаа пченица и отидоа
та им расказаа на сите оти вистина мачорот е асли посник.
Повторо беа направиле еден мезлич и се нашло за мунасип да излезат сите глувци
и стаори пред аџи-мачора, да му дадат проштење, ама секој глушец да направи по
една посна манџа, како за поклон да прилега, и да му однесат на аџијата за да
му го честитат аџилакот.
Сите беа направиле и отишле кај аџи-мачор.
Сите беа му ги наредиле пред аџи-мачорот поклоните и му целивале десница.

Кога ги видел мачорот поклоните сите посни им рекол:
"Абре јагниња, оти некој не ми донесовте поклон месо печено?"
"Еда дека постиш, дедо аџи, тики затоа не донесовме", му рекле.
"Е, кога така, ај поиграјте едно оро, им рекол, да проштавајте ми што сум ви
згрешил".

Се нафатиле сите оро да играат околу деда аџија и еден од постарите стаори им
велел тивко, како со песна:
"И играјте, браќа, оро, ама и на дупки гледајте!"
На орото играјќи, веќе не можел мачорот да трпи и им се пушти на нив, та ги
направил сите пастрма.


МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org