Ѓаволот и неговиот ортак

Ѓаволот и неговиот ортак

Еден сиромав и многу лош човек не можел никако да се обогати, чунки Господ не му помагал.
„Ах анасана, си велел сам со себе, дали ќе се обогатам некогаш и јас, како мнозина богати што има
што не знаат да се носат како богати?

Богат е онсица и на сиромав чест му прави и друзи триста добриње прави по мнозина сиромаси што се
како него.

Ако се подлизуркувам и јас крај такви богати, и мене би ми правеле добриње, арно ама јас умирам и
на човека не му се поклонувам.

Само да се обогатам јас, да ќе видат богатите како ќе живеам.

Дете во мајка ќе расплачам, за да ме познаат оти сум богат; и од сенката да ми бегаат кај ќе ме
сретат, а не до мене да се додрнуваат и здравоживо да прават.

Џанам, сега не знам како да речам, ама ако се обогатам, та тогај богатството ќе ме учи".

Така се богатееше со умот сиромавиот.

На тие мисли и разговори што ги правел поганиот сиромав, го чул — натемаго! — едноногиот и туку му
се исправил од зад него, та му се претставил како некој многу богат човек пред него.

„Доброутро, пријателе, му рекол ѓаволот, што чиниш, како си, здраво-живо?"

„Дал ти Бог добро, чорбаџи, му одговорил лошиот сиромав, сполај Богу сум, вие како сте? Од кај
сте, чунки како за јабанџии ве гледам?"

„Јабанџија сум, пријателе, туку ќе те молам, му рекол ѓаволот, ако знаете некој човек што да е на
нога, за да се ваортачиме и да спечалиме големо богатство".

„Ее, бре господине, еве го човекот што го бараш, му рекол сиромавиот.

Јас сум, туку кој знае да ли ќе ме приимаш за ортак?"

„Бездруго ќе те приимам, пријателе, му рекол едноногиот, ама ако ме слушаш во трговијата како што
ќе ти велам јас, така да приимаш".

„Кој, јас да не слушам?!

Бре во огон речи ми да влезам, му рекол сиромавиот, и ќе влезам.

Е, татка ми, татка ми го отепувам, само и само пари да спечалам, пари, пари јас сакам да спечалам,
да што ќе ми дојде од рака, тоа ќе сторам".

„Хаа, бравос, ете ти си бил за меие, му рекол ѓавслот; дај прстот да се заортачиме и оди по мене
да фатиме некоја работа и да видиш како се печалат пари".

Тргна сиромавиот пo него, и го однесе со прво при пашата, та му го прикажа оти е вреден да му носи
абери од луѓе, кој како ќе рече за пашата.

На часот пашата се уверил и извадил една рака алтани, та му ги дал.

Кога виде сиромавиот толку пари, од радост ќе излеташе и отрчал по чаршија, кај некој најчесен
трговец, та ѓоа чул нешто од него лошо речено за пашата и веднаш отишол при пашата и го предал.

На часот пратил пашата и го викнал чорбаџијата при себе, та го осудил да лежи три месеци апс.

Кога чуја граѓаните оти тој сиромав го предал, голем страв зедоа од него и секој страха ради му
даваше рушвет отколку не сакаше, само и само да не га предаде.

Од ден на ден се повеќе печалеше пари од рушвети и од друзи грабежи.

Катаден ѓаволот му се јaвуваше и пари му даваше што ги спечалил ѓоа тој.

„На, пријателе, му велел, земи ги овие пари што ги спечалив, чувај ги ти в каса.

Само ти мене дај ми неколку пари да си купам опинци, да друго ти нејќам".

„Така те сакам де, си велел со умот сиромавиов;

у мене да стојат парите, да ќе видиш со очи пари кога ќе ги делиме".

Така работеле двајцата верни ортаци на сатаната баеги време, дури му го најде колајот ѓаволот за
да го обеси.

Предавајќи еднега на пашата сиромавиот за некоја работа, арно ама пашата не му нашол кабает и го
испуштил.

Одејќи си предадениот човек од пашин конак дома, го срел сиромавиот и му рекол:

„Оти, бре побратиме, ме предаде на паша за права Бога?

Оти ја заборави смромаштијата?

He прави вака, оти е многу срамота, мисли братко, оти веков е скала".

„Али ти мене ќе ме судиш, да ти е .. . од триста години што ти починале!

Бре, знаеш оти, ако те фатам за грчмак, тука ќе те оставам на местото, или не знаеш?" „Ништо не
можеш да ми сториш, бре никаков", му рекол човекот.

Во истото време беше довтасал ѓаволот тамо и го надеждил за да го фати за гуша и да го удави.

„Држ го, бре ортак, му рекол, што го гледаш?

Што ќе дојде, јас тргам!"

Кога го чул тој збор сиромавиот од пустиот верен ортак, што печалеше од ден на ден да му ја тргне
ортомата, му се пушти на човекот и eдно фаќање за грклан, беше му го истегнал и на часот си умрел
човекот.

Бргу луѓе се натрчале да го видат умрениот.

Бре кој беше, бре што беше, што го удави човекот?

Никој не го виде, кога го удави.

Си тргна нога за нога да си оди сиромавиот и ѓаволот по него.

Одел и со прст им го кажувал на светот ортакот, оти тој го удавил чoвекот.

Го грабнале некои родниње од удавениот и го однесле на конак пред пашата да го судат. Гаволот го
надупил пашата, и пашата го пресудил да го обесат.

„Али до овде, џанам паша ефенди, му рекол сиромавиот, јас ти бев верен твој?"

„Ако беше верен, ќерата еден, не ќе предаеше луѓе на правина и не ќе ги давеше на патот, за срам
да ми донесеш мене, знаеш али незнаеш?

Алан шу ќерата и асака", им свикал пашата на џелатите, и на часот го грабнале и го однесле на
вешалото да го обесат.

Едно го качиле на крбло да му ја наврат јамката и му се престави пред него ѓаволот. „Аман,
побратиме, му рекол на ѓаволот сиромавиот, откини ме од бесилкава, ако можеш, да јас нема да ти го
заборавам твоето добро".

„He бој се, пријателе, му рекол ѓаволот, еве јас сега ќе се качам на крблово и ќе ја првсечам
ортомата".

Така нему му велеше, a на џелатите со око им намигаше, за побрго да го обесат.

И го обесиле на часот.

Штом му излезе душата на сиромавиот, му ја зел ѓаволот да му ја однесе во вечна.

„Еј пријателе, што виде кога ти излегуваше душата?" го праша ѓаволот.

„Еден товар опинци видов, пријателе, искинати", му рекол сиромавиот,

„Тие опинци се, пријателе, што ми ги купуваше ти и сите ги искинав дури да те донесам на вешало и
душата да ти ја земам за во вечна, под казанот да ти ја кладам, за да го спотињаш огнот, да врие
казанот.

Разбра сега?"

Така му рече ѓаволот и го однесе во вечна мука под казанот.

МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org