Лисицата

Лисицата

Еден човек отишол в планина да наставува една стапица, за да фати некоја дивина мршојадна, ја
волк, ја некоја дива мачка, ја некоја лисица.
Ископал една дупка и ја наставил стапицата со едно парче месо на куката кладено, за стрвост на
дивињето.
Откога ја настави убаво, фатил да трга земја околу неа, за да ја покрие.

На паалот згора ете ја кума лиса кај си врви покрај човекот и го видела кај туку трга со мотика
земја.
Застанала од човекот скраја и го прашала: „А бре човече, што копаш тука? Ако не ми кажеш,
братенце!"
„ Те молам, кума лисо, не прашај ме, оти срцето ми е изгорено," и рекол човекот.
„Господ гајрет да ми ти даде, бре човече, му рекла кума лиса на човекот, и ладнина на изгореното
ти срце, туку ако ми кажеш, лошо не ќе сториш, елбете човек кога ќе си ја каже маката на другега,
се туку ќе има троа фајде."

„Е, лели ми се товараш, кума лисо, и рекол човекот, ќе ти кажам, лисо: копам и закопувам; туку те
молам, кума лисо, да дојдуваш понабргу на гропчево, да го видуваш, да не некој ми ја откопа ќерка
ми и ми ја изеде.
„Пеки,, пријателе, му рекла кума лиса, катаден ќе идам и ако го најдам гропчето нешто откопано,
јас ќе го призакопам, колку за тоа добро јас ќе го чинам, макар да знам да умрам."
Co збор кума лиса вака му велела, а со мислата инаку мислела и сама со себе си велела: „Ќе ти ја
вардам ќерка ти, бре човече, ама не за тебе, ами за мене, за да си поручувам и да си ужинам од
дете кревко мевце."

И човекот како што зборуваше не мислеше, тој пак си велел сам со себе:
„Mope ако те дупне едноногиот да дојдеш овде, да се излажеш и да каснеш од дробенката месо што е
на канџава, ќе ми ти го одерам кожинчето, ама не знам али ќе дојдеш, оту ќе ти кажам тогај оти и
гробот не е за ќерка ми, ами за тебе ќе биде; ем ќе дојдеш како ми се гледаш."

На тргнување кума лиса да си оди, откога тргна со човекот да си одат, како да и притекна на лиса
оти лага ќе му е на човекот, чунким човекот ич не плакал за ќерка си, дури ја закопал.
„А бре човече, му рекла, оти ич не поплака за ќерка ти дека ја закопа?"
„Утре, кума лисо, ќе да поплачам заедно со тебе, ако те најдам овде, чунки ние адет имаме во
нашето село на трети ден да одиме на гроб со печена кокошка, ќе му оставиме на гробот за ноќта да
јаде умрениот."
„Ете ти и друг касмет, си рекла кума лиса сама со себе, и печена кокошка ќе ми донесе човекот,
така де, оф, оф, оф, касмет мој."

Вечерта кума лиса кожа не ја траеше дури да појде кај гропчето.
Отиде од подалеку да разгледа вамо-тамо, да не нешто го има скриен човекот, и откога виде оти нема
никој, се врати кај гропчето ископано максус за неа и го видела парчето месо закачено на куката од
стапицата.
„Еда боже, боже!
Кој ќе беше тој ѓавол што го сети закопаното девојче и го откопал и му ги изел прстите од раката?"
си рекла сама со себе и ја грабнала лиса дробенката од месо наместо рака од закопано девојче.

Едно потргнала со уста и веднаш се отпуштила стапицата, та се фатила кума лиса за обете предни
нозе.
„Оф јас сирота, што ме најде мене глупава?
Ете вистина било зборот што го рекле старите луѓе:
оти итрата лисица паѓа среде в стапица, еве сум и јас всреде, ем со обете нозе:
ах проклети човече, што си толку итар и мудар, да ги фаќаш сите животинки што се на земјава и во
морето.
Ами сега, како ќе го лажам човекот утре, кога ќе дојде овде да носи кокошка?
Утре мене ме пере плачење што да можам, кога ќе дојде човекот, да белким ќе го заматам некако за
да ме пушти од оваа пуста и лоша стапица."

Целата ноќ што се така мислеше и размислуваше кума лиса.
Во зората стасал човекот да ја види стапицата.
Едно го видела лиса и писнала да плаче и да тажи.
Таа плачи, човекот смеј се, таа плачи, човекот смеј се, и фатила да го фали човекот и да му вели:
„У бре, брате човече, ами зар не ти е жал за мене оти ми се фатија обете нозе? Ејди човече, ти зер
не си како татка ти милослив?
Ех што арен татко ти имаше, неколку пати вака беше ме фатил мене в стапица и сестра ми, ами од
големата милост што ја имаше на нас, тики ќе не отпуштеше, откога ќе не помилуваше со рака преку
глава и ќе ни речеше:
„Ај со здравје, кума лисо, оди си, оти јас не сум иктиза од една лисица, ами од волк или од друго
некое големо животно," му рекла.

"Трај си, лисо, трај си, и рекол човекот, татко со рака те милувал над главата до опашката, a пак
моја милост ќе ми те помилувам со секирава в чело, за малку да те доболи и да поплачеме двата:
ти од болештината на секирата, a jac од болештината од нозете, што го тепам патот за да те фатам
во стапицава и да ти ја одерам кожинката."
Тоа и рече човекот на кума лиса и ја вчелна со тилјето од секирата, и ја одра црвената кожинка, та
ја закопа во дупката кај што беше стапицата за да се лажат други лисици од нејзината мрша.
Ете ти итрост човечка како бидува.


МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org