Бајачки од Баба Евда
БАЈАЧКИ ОД БАБА ЕВДА
Баба Евда ќе го натера болниот да меси еден колак леб од три семиња брашно,
голем колку да се испровира човекот низ него,
и ќе го испечат во црепна.
Ќе го земе баба Евда колакот и една кошула од болниот уз себе и ќе ги чува една ноќ во дворот
нејзин, за да му закушува на ѕвезди.
После, другата ноќ, ќе го земе болниот
и ќе го однесе на некоја раскрсница,
во време глува доба,
ќе го слече болниот (припадничавиот)
и ќе го потури со едно бардаче со вода,
баена и таа на ѕвезди,
и ќе го провре трипати низ колакот.
После, ќе го провре низ кошулата баена двапати
и треќиот пат ќе го облече со таа кошула
за да ја носи до четириесет дни;
а ветвата, што ќе ја свлече,
ќе ја остави на раскрсницата.
На неа ќе го кладе и колакот згора и ќе фати да му бае и куша вака:
„Поможи му, Господи,
И си светци небесни,
И вие мои бестребреници,
Да ја испратам болеста,
Од оваа мачна душа,
Co колак и бардаче
И со голем бакшиш кошула,
Да си оди на туѓа туѓина,
Преку девет мориња,
И преку деведесет и девет планиње,
Да појде дури во Тилимса,
Тамо да си направи нова куќа,
Во другега човека:
Доста веќе го мачи овој сиромав
И мачен човечец."
„Ај ми со здравје, брате, оди ми си и земи го бардачето, та окрши го и вака речи:
Како што ќе го окршам бардачево,
така да се здроби во мене болеста,
ако нe излезе.
Оди ми си дома молчејќи,
легни си, спиј си и утре здрав биди си."
МАРКО ЦЕПЕНКОВ