Се затна
Се затна
Еден сиромав човек тргнал да шета по некоја планина многу висока.
Одил, одил, одил неколку дни и излегол на врвот од таа планина.
Кога излегол на врвот од планината, кога ти гледа едно широко поле до кај му око гледало, толку
што било големо.
Што имало една убава миризба од тие убави цвеќиња, дури тажновина беше му паднало. Тргнал да оди
низ тие убави цвеќиња, дури му било грев да гази со нозе, арно ама, бидвјќи пат правен немало,
сакал нејќел, одел по цвеќињата и по убавата блаосовена трева.
Гледал напред, гледал надесно и налево и видел наоколу на тоа поле едно до друго наредени чешми,
толку многу што биле што не било чаре да можело да се избројат:
прс и плева биле, колку ѕвезди на небо толку чешми имало тамо.
За чудење било, брате, за чудење.
Се приближал крај чешмите човекот и ги гледал која како тече; една шопурка течела како некоја
силна река, друга помалку од првата, треќата помалку од втората, четвртата помалку од треќата.
И така сите чешми течеа која од која помалку, што до најпоследната да капе со голема мака, а
најпослежни имало затнати ич да не капат, исушени биле.
Никако не му текнувало на човекот, оти така да течат тие безбројни чешми.
Одел околу наоколу и гледајќи ги тие чешми, мислејќи си за нив, си ја вртел главата и сам со себе
си велел: шоана, какви ќе бидат овие чешми овде во оваа пустелија?
Кој ќе беше тој човек што ги направил олку чудо чешми?
Чудна работа ќе биде оваа!
Ha тоа размислување од сиромавиот, чул еден глас од човек од средето на полето:
„Еј човече, му свикал, што се чудиш толку на чешмите?
Ја ела вамо кај мене да се видиме," му рекол еден стар човек што седел тамо, како да го вардел тоа
место.
Стариот бил со една бела брада од појасот уште подолу.
Слушајќи го човекот гласот од стариот, се израдувал дека видел во тоа поле големо човек и на часот
отрчал тамо.
Откога се здравувале и се муабетисале, го прашал сиромавиот стариот, зошто се толку чешми и кој е
тој што ги направил, и зошто едни течат толку многу, а друзи малку и дури едни ич не течат.
„Е лели ме прашаш, пријателе, му рекол стариот, ќе ти кажам, ама атер не треба да ти остане.
Тие чешми се направени од Бога за да ги покажуваат касметите од луѓето; чунки колку луѓе има на
веков и толку чешми сум направил наспроти касметот од луѓето.
Ете затоа сум ги наитравил тие чешми, пријателе,"
Кога ги чул тие збарови човекот од стариот, се уверил оти е Господ.
„Ќе те молам, Господи," му рекол како дури нажалено, ако е кабил, кажи ми ја и мојата чешма да си
го видам касметот."
„Пеки, пријателе," му рекол Господ, ела по мене да ти ја кажам."
Отишол сиромавиот по Бога и му ја кажал чешмата негова.
И веднаш се изгубил Господ од пред него.
Тогај сиромавиот наздраво веќе беше се уверил оти стариот бил Гоопод.
Пустата чешма од сиромавиот само си капела ретко вода.
Многу мака му било на сиромавиот дека му капела чешмата негова.
Гледал одзади да не нешто има некој ѓериз, да го поистреби и да му тече повеќе вода, неомало,
чунки сите чешми биле во најголеми спили направени.
Откога видел сиромавиот оти одзади не може ништо да стори, и застана отспреди и почнал со стапчето
да го пика во шопурката, за да раздупи внатре и да тече повеќе вода. Дупил, дупил, ништо не можел
да извади однатре, како песок оли ѓубре нешто.
Фатил да дупи како со лутина и туку „трак" стапчето се скршило внатре и се затнала шопурката и
капката што капела заптисала.
Де море ал де, пусти сиромав кога виде оти и капката запре, и виде оти не могол да ја отне
шопурката, се мераклаисал и трештил да бега велејќи:
„Тканди, т'канди, т'канди" (се затна, се затна, се затна).
Вака викајќи, одил и шетал од град на град и дошол во Стамбол, и тамо го фатиле и го клале кај
улавите (во тимараане) и за некое време си дошол на себеси и оздравел.
За улавите луѓе кога ги пуштале, требало да се извади пред царот да ги види оти оздравеле, да
после да ги пуштат.
Така бидејќи, го извадиле и сиромавиот пред царот.
„Еј бре, човече," му рекол царот, еве сега си оздравел, кажи ми што збор ти беше тој што го велеше
„т'канди"?
„Да ти кажам, честити царе," му рекол сиромавиот: шетајќи по една плаиина неколку дни по ред,
излегов на врвот од планината и најдов едно големо поле што око човечко не ќе видело.
Полето беше широко докај што ми око гледаше.
Убавината на тие цвеќиња, и таа не ќе ја има на веков; таа убава миризба што идеше од тревата,
тажнавина дури да ти падне.
Со еден збор да ти кажам, честити царе, рај на земјата треба да беше.
А пак во тоа широко поле имаше безброј чешми околу наоколу.
Секоја шопурка течеше вода: некоја од мерата надвор многу течеше, која малце помалку, до најпосле
од капки да капе од едни шопурки и до суви да бидат, ич да не капат. Видувајќи го јас тоа нешто,
многу чудно ми дојде, одев околу и се чудев.
Туку, оп, ми се јави Господ преправеан на стар, со една бела брада, долга до под појас, и ме викна
при него среде во рајот кај што седеше и ме праша зошто толку се чудам за чешмите.
„Зошто се толку чешми му реков, Господи"
„Тие чешми се, пријателе, касметите од луѓето," рече, и јас тогај го прашав да ми го каже кој е
мојот касмет.
Кога ме чу оти сакам да ми го каже мојот касмет, ме однесе при една чешма што капеше по некоја
капка вода.
„Еве ти го твојот касмет, пријателе, ми рече, и туку го нема од пред мене.
Тогај јас го узнав оти е Господ тој старец што го најдов тамо.
Гледајќи јас оти капе чешмата моја, пикнав едно стапче внатре да ја раздупам, ѓоа да протече
повеќе, и буцкајќи, се поткрши стапчето внатре, и веднаш пресекнаа и капките што капеа.
Ете од тој себеп, честити царе, се мераклаисав и шетав по градови и села и викав т'канди."
Откога го ислушал царот сиромавиот, му рекол:
„Ејди будала човече, да од тоа нешто да се мераклаисаш ич бидува?
Ти треба сон да си гледал а не нешто друго.
Касметот од човекот е во раката негова; ако сака ќе се обогати, акo нејќе, ќе се осиромаши.
Еве јас сега твоето верување да ти го расипам и да те обогатам, да веруваш оти тоа што си го видел
сон е, а не навистина, му рекол царот.
На, земи го ова ѓуле и фрли го низ пенџерево до колку што можеш и не можеш, и до колку куќи и
дуќани ќе префрлиш, од сите тие иратот и вергијата и сета друга даванина ти да го земаш и да
живееш паша-иши.
Ете да ти го извадам стапчето од чешмата и не да капе ами да грга.
А пријателе, усили се и фрлај."
Кога го чул сиромавиот тоа добро од царот, го зеде ѓулето од рака и кога се затрча од поскраја низ
пенџерето, тики кога исповрте со рака и го фрли ѓулето, тики кога го удри во черчевето од
пенџерето, и од силното удрување се врати ѓулето и право в чело го удри и го отепа.
Туку си падна сиромавиот умрен пред царот.
„Вистина т'канди (му се затна) на тој сиромав касметот, рекол царот, чунки не би касмет да ги
префрли овие куќи и дуќани да биде богат."
Ете што рекле Турците: „K'cметтен зијаде олмас" (од реченото друго не бидува).
МАРКО ЦЕПЕНКОВ