Двете врапчиња и мрзливиот човек

Двете врапчиња и мрзливиот човек
Си направиле две врапчиња едно седело во едно лозје од еден мрзлив човек: седелото им било баш во
средето од лозјето направено под една грутка до една пенушка.
Во време на лозјата копање, секој човек што имал лозје си отишол да го одгриба прво, после да го
крои и после да го копа на закоп.
Отишол мрзливиот човек в лозје да го одгриба.
Влегол в лозје и право отишол под едно дрво што имал во лозјето, та си седнал малку да здивне,
чунки од далеку идел пеш.

Едно го виделе врапчињата, и излетале од седелото, та застанале на врвот од дрвото и почнале да си
жалат и меѓу себе да си велат:
„Ејди, море домаќике, му рекла врабицата, куќата каша појде, еве го стопанот од лозјето дојде, за
да го одгрибува лозјето.
Како не ми текна оти лозјево ќе се работи и седелото ќе ми се расипе!"
„Како е Господ, домаќинко., не е никој, и рекол врабецот, белки ќе не пожала домаќинот на лозјево
и не ќе ни го расипе".

Така чинејќи лакрдии врапците, станал стопанот од лозјето.
Лозјето било многу изгазено од зимата и беше засушено од неврнење.
Оди низ лозје човекот и мавни со мотиката на земи да види али се копа; арно ама поарно каменот се
копал од лозјето.
Откога го ишетал околу наоколу си дошол пак под дрво и си седнал на земи.
„Е, е, лозјево касмет немало да го одгрибувам, си велел сам со себе, чунки е многу засушено, а пак
и многу изгазено.
Ај белким ќе му начекам некој дожд, и тогај, копај, грибај: ќе му го удрам копањето, и толку доста
му е копање.
Чекај сета да се напоручам, да после можам и едно спиење да тргнам".

Го извадил лебот од торбата, го отворил склопецот со сол-пипер и се напоручал чисто. После му
легнал да си пие винце со картето и си го очукал сето.
Го наполнил лулето од чибукот со тутун, го извадил чантето со огнилото, си секнал еден трат и ои
го запалил чибукот.
Испил еден чибук, го истресол лулето; пак го наполнил лулето со тутун, му го клал ќебапот згора и
го зачурил.

Како пил тутун, како пил, и до најпосле го навалило дремка и си се навалил до коренот на дрвото,
та си заспал и така тргнал еден сон, паша-иши.
Сега да стане, после да стане, еве го, ене го, пладнина беше го нашла.
Еле станал, та си га позатрил очите со прстите, тики одвај беше се расонил.
Сироти врапчиња туку се ребрат, да не стане пустиот домаќин да го одгриба лозјето;
арно ама тој ја зел торбата и пак беше седнал да ужина.
По јадењето пак го запали чибукот и си ја крена мотиката на рамо и збогум беше му рекол на лозјето
и си ошол дома.

„Ее, виде, домаќинко, и рекол врабецот, оти како е Господ, не е никој?
Ете како ни остана седелото нерасипано!".
„"Виетина, море домаќине, на твојот збор излезе", му рекла врабицата.
По некоја недела му текнало на човекот пак да оди в лозје, барем да го крои, да ако не е грибано.
Го закачил сорот за појас, ја кренал торбата на рамо и му дошол на лозјето.
Co прво отишол под дрвото и си седнал.
Сироти врапци, едно го чуја стопанот од лозјето, и излетаа од седало, та застанаа на дрво.

„Ејди, море домаќине, му рекла врабицата на врабецот, еве го па стопанот од лозјето, дојде за да
го крои и кроејќи ќе ни го најде седелото и ќе ни го расипе".

„Ее мори жено, може сега да ни га расипе, може и да ни го остави како напред, кога дојде пред
неколку дни.
Да затоа ти велам, како е Господ, не е никој".

На тој разговор од врапчињата, стопанот од лозјето си го извадил лебот од торбата и си се
напоручал арно, та си го изѕокал картето со винце и си го запалил чибукот и пак го навалила дремка.
„Ај анасана, како гледам, не ќе го кројам лозјево; санким некроено поарно ќе роди, туку што да му
правиш на светсот што ќе ми се бие шега.
Е, шега, нешега, јас сега не ќе го кројам; едно, ме фати мрзата, и друго, се повеќе ќе роди ако не
го кројам".

Тие зборови ги чуле врапците, и му рекол машкиот на женскиот:
„Али чу, домаќинко, оти човеков нема да го крои лозјево и да ни го расипе седелото?
Ете, како е Господ, не е никој".
Откога си преспа мрзливиот човек, си го запалил чибукот и си ошол дома.
Кога дошло време за копање, за прашење, отишол мрзло и од пуста мрза пак така беше се вратил дома
и на врапчињата не беше им го нашол седелото за да им го расипе.
И кога дошол човекот за копање и за прашење, пак беа се исплашиле врапчињата за да не им го најде
седелото и да им го расипе, арно ама, али касметот од врапчињата, али мрзата од човекот што ја
имал, кој знае како дошло, што нито лозјето не се сработи нито седелото им се расипа на
врапчињата, и си изведоа врапчиња, та си га ранеа.

Дека не се сработи лозјето, беше изкикнала една трева токмо со лозјето; како некоја ливада беше се
сторило, и беше се исушила, та беше се сторила асли сено.
Во тоа врвме му текнало на мрзла да појде в лозје, за, да го види што грозје има.
Влегол в лозје, и го сетиле врапчињата, па си летнале од седело на дрво, да го гледаат што ќе
прави и да го слушаат што ќе вели.

„Бре, анасана, што беше тоа трева што никнала!
Плевење, плевење ме пере", така рекол и се навел да корне од тревата.
Арно ама, од што беше суша и од што беше мрзло, не откорнал ни една ракатка трева.
Во тоа време — фрр, одлетала врабицата кај седелото да ги разбуди врапчињата, да не ги најде
човекот плевејќи ја тревата.
„Мори, седи си, домаќинко, и рекол врабецот, оти човеков не верувам да ја плеви тревава.
Како што напред се канеше да го огриба лозјево, да го окрои, да го окопа, да го праши и да го лачи
и ништо не му сработи на лозјево, така и сега не ќе го оплеви."
Го послушала врабицата и си се вратила кај врабецот.

Кога видел мрзло оти не се корнела тревата, ја арнисал и си седнал под сенката, та си го запалил
чибукот.
„Ај анасана, како да и правам на тревава?
Да ја корнам, мака ми е, да ја оставам,срамата е, ами чаре?
Ха, ми текна: ќе ја запалам да игори и без мака да си свршам работа."
Кога го чуја врапцитге тој збор од мрзла, се уверија оти таа работа ќе ја сврши бездруго, чунки
беше седејќи.
„Брго, домаќинко, скорни ги децата од седело, оти мрзло ќе ја запали тревата, чунки нејќе за
палење некоја мака."
„Вистина, домаќине, ова нешто ќе го стори мрзло, оти е без мака," му рекла врабицата.

Го истресол мрзло чибукот во тревата и дувнал неколку пати, та ја запалил сета трева.
Ни лозје останало, ни грозје, ни пак од врапчињата седелото.
Арно ама мрзло останал и без лозје и без грозје, а врапчињата си останаа со врапчиња,
а ако без седело.
Ете мрзливиот човек како е подолен и од две врапчиња.

МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org