Детето  кај ѓаволот калфа

Детето кај ѓаволот калфа
Си имаше еден човек едно дете од три-четиринаесет години.
Детето било многу лошо, немало ден што пакост да не сторил дома и по сокаците.
Беше му се здодеало на човекот и го однесол детето в чаршија, та беше го главил во еден баздриѓан
за калфа да работи.
Поработило некое време, и мајстор му станал еден ден за да оди в лозје, да ги види аргатите како
го копаат.
„Сечи-фрлај, ти имај го мукает дуќанот, му рече мајсторот му
(Сечи-фрлај, беше си го кажал името, ѓоа така го викале), дури да дојдам од лозје јас".

Фатило детето што имало в дуќан да сече и да фрла од стоката, и кога го виделе комшиите, на чудо
станале и веднаш беа му ги зеле ножиците од раце, та беа го истерале од дуќан надвор, чунки беше
го сториле оти е некое мерак.
Отишло дома у татка си детето и му рекло оти не оди на баздриѓан.
Да работи на друг занает ако го даде, ќе оди, ако не, дома ќе си седи.
Виде-невиде, татко му, го даде на грнчари.

Мајстор му што го зеде беше го прашал како го викаат.
Сечи-фрлај тамо беше се кажал — Крши-фрлај ѓоа го викале.
Грнчарот отишол еден ден дома си и го оставил Крши-фрлај да му ја варди грнчарницата и беше му
нарачал да ги посуправи грнците.
Грабнал грнци, фрлал, кршел и си побегнал кај татка си.

Кога го видел татко му оти и отаде беше си побегнал, беше се налутил јако и 6eшe го зел за рака,
та беше го однесол во еден далечен град.
Пред да влезе во градот беше се одбил од патот под една круша и беше седнал на еден црн камен што
бил под крушата и беше рекол:
„Оф, што се измачив јас сиромав со ова ѓаволско дете!"

И веднаш се исправил пред него еден ѓавол;
преправен во човек и беше сторил здраво и живо со човекот,
беше го прашал за детето кај го носи.
„Оф, бре пријателе, му рекол човекот на ѓаволот, остај не прашај ме,
оти сум налепил со ова ѓаволско дете:
кај го давам да седи на мајстор, еден ден ќе седи и пакост ќе стори,
пак дојди си дома, кај мене.

Од таа мака ќе го носам во град за да му најдам еден мајстор, да го научи некој марифет и умот да
му го дотера".
„Тамам разгеле, еве сум јас што барам калфа, ако сакаш, пријателе, дај ми го сина ти мене и врати
си се дома.
На годината ела ми овде, и научен занает да си го земеш".

Како ѓавол што беше, асли големиот ѓавол Зерзевулот, беше го надлагал и беше му го зел детето.
Беше го прашал човекот ѓаволатого:
„Ами арно, бре брате, да ти го дадам, туку в година овдека на патов како ќе те најдам,
та да си го земам сина ми?"
„Кога ќе дојдеш в година, му рече ѓаволот, овдека ќе седнеш на црниов камен и ќе речеш:
„Оф, што се измачив со ова дете", и јас ќе те чујам ер кај да сум и ќе ти го донесам сина ти.

Одошто беше му се смачило на човекот од сина си, беше му го оставил на ѓаволот и беше си отишол
дома.
Го зел ѓаволот детето и си го однесол дома при ѓаволчињата.
Фати по троа да го учи ѓаволот детето ѓаволштиње.
Уште не беше научило детето некоја ѓаволштина, беше играло малото ѓаволче со детето и не знам како
беше сторило детето во играчката, та беше го удрило ѓаволчето по очи,
тики беше го расплакало.

На тоа згора, бидејќи ѓаволчето мало, не можеше да му врати, за да го удри детето,
ами го окарало за мртви и за живи и на лутината му рекло:
„Mope чекај, копиле едно, татко ми што ќе ти направи тебе кога ќе те праша али се научи некоја
ѓаволштина, тики ако речеш се научив, ќе ми те направи парчиња".
Кога го чу детето тој збор од ѓаволчето, беше го клал, во умот и секогаш кога ќе му кажуваше
ѓаволот некоја ѓаволштина, веднаш ќе ја научеше, арно ама тоа се преправало ѓоа не се научило.

На годината отишол татко му да си го земе и седнал на црниот камен под крушата,
та викнал:
„Оф леле, се измачив!"
Беше дошол ѓаволот со детето и му го дал на татка му.

„Еј пријателе, му рече човекот, како помина со сина ми?
Али го научи некој марифет?"
„Прашај го ти сам, нека ти каже што се научи, му рече ѓаволот,
али арно, али лошо се научил;
јас да ти се фалам, ќе речеш те лажам јас, поарно е сам да ти каже син ти".

Го прашал човекот детето али се научи текој марифет за да го земе дома, али не се научи.
Детето му рекло оти ништо не се научи.
Го оставил уште една година да се научи некој марифет и на втората година дошол пак да го земе, и
пак детето беше рекло оти ништо не беше се научило.
Пак беше го оставил татко му за уште една година да стои при ѓаволот калфа, белки ќе се научи
некој занает.

На треќата година дошол пак човекот и ѓаволот беше му го донесол детето.
„Еј, мајсторе, му рекол човекот, како, оваа година го научи сина ми?
Али дрво го зеде, дрво ќе ми го дадеш?"
„Прашај го сам нека ти каже, рече ѓаволот, јас три години цели што го учев и дење и ноќе, та ако
не се научи, сака отепување со лебот в уста".

„Еј, бре синко, али се научи некој марифет, го праша татко му, али не?"
„Бре кај пусто ќе се научам, бре татко, кога не ми фаќа умот", му рече детето.
Тогај на ѓаволот му наднала голема мака, беше го плукнал и беше му рекол:
„Крши си глава, бре никаков, од мене!
Цели три години кај те учам, и не се научи, од тебе ни јас аир ќе видам, ни татко ти!"

Наведе глава детето, ѓоа се усрами, и си го исправи патот со татка си за дома.
Одејќи па патот татко му беше му рекол:
„Mope оти, бре синко, три години кај денгубиш и ништо да не се научиш?"
„Mope трај, трај, бре татко бре, му рече,
јас на ѓаволот дупката му ја знам и татко сум му,
туку не чинеше да кажам пред мајсторот".

Си отишле дома и Сечи-фрлај му се направи една крава што око човечко не беше видело. My рекол на
татка си да ја изнесе кравата на пазар да ја продаде;
ама огламникот да не го дава и пари да сака колку да сака, ќе му дадат.

Ја изнесе кравата на пазариште за да ја продава.
Кога ја видоа луѓето, на чудо станаа на убавинатa од кравата, се набраа на неа како на некоја
мечка.
Гаволот беше се преправил во човек и шеткал по чаршија.
Кога го видел калабалакот, отишол и тој да види што е што не е.
Кога ја видел кравата, веднаш го познал оти е момчето преправено.

„Ах проклето дете, беше си рекол со умот, дали вака не знаеше марифет,
чекај сега да ми те гостам".
Влегол во пазар со татка му, вур, тут, колку што сакаше и биле му наддаде,
ама сосе огламник, и му ја зеде кравата.
„Ах јас сиромав, беше си рекло момчето само со себе, ме запусти татко ми што ме даде сосе
огламник."

Го однесе ѓаволот на ан и колку да го врзе за јасли со огламникот за да го бие со дрво и да го
убие, тоа беше го сетило момчето и веднаш, откај што беше крава се престорило глушец и трешти да
бега.
Кога виде ѓаволот оти тоа се стори глушец, се стори тој мачка и се пушти да го фати глушецот.

Кога виде детето оти ќе го улови мачката, се стори една змија.
Кога виде ѓаволот оти се стори змија, а тој беше се сторил штрк и му се пуштил со долгиот клун да
го чапне.
Кога виде детето оти ќе го улови штркот, веднаш беше се сторило еден сокол и беше ленало од анот
надвор да бега.
Кога видел ѓаволот оти детето се стори сокол, веднаш беше се сторил јастреб, и беше му се пуштил
по соколот да го улови.

Кога виде детето оти ќе го улови, беше дошло до море и беше се сторило риба, та се пикнало в море.
Кога виде ѓаволот оти детето беше се сторило риба, веднаш ѓаволот беше се сторил рибар и брго-брго
беше го фрлил серкмето та беше ја фатил рибата.
Колку да ја исфрли на песокта, веднаш беше се сторило игла ибришимарка
и беше се скрило во песокта.
Кога виде ѓаволот оти се стори игла ибришимарка, беше извадил едно решето и брго-брго беше ја
отсеал песокта и беше ја нашол иглата.

Колку да ја фати со рака ѓаволот иглата, веднаш детето беше се сторило едно буљбулче и беше
летнало.
Кога виде ѓаволот оти беше се сторило детето буљбулче, а тој беше се сторил пак сокол и му се
пуштил да го фаќа.
Кога виде оти ќе го фати ѓаволот, беше влегло буљбулчето во одајата од царевата ќерка. Влегол и
ѓаволот за да го фати.

Кога виде детето оти ќе го фати ѓаволот, веднаш беше се сторило просо, а ѓаволот беше се сторил
квачка со дванаесет пилци.
Кога виде детето оти ќе го исколва, веднаш од просо беше се сторило детето лисица и беше ја
удавило квачката со дванаесет пилци.
Беше го бендисала царевата ќерка, та беше го зела за маж — домазет.

МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org