Овчарот и трите самовили

Овчарот и трите самовили
Пасејќи си ги овците еден млад овчар во една чистина, помеѓу едни шумари, близу до една бистра
река, видел едно утро кај се капеле во реката три убави девојки.
Очите во нив беше му останале на овчарот, гледајќи на нивната убавина.
„Ах, како не сум поблизу, си велел сам себе, до рекана, за да грабнам една од оние убави девојки,
да си ја земам за невеста".
Се докапале девојките и се облекле и си фатиле напреку, та му се изгубиле од пред очите на
овчарот.
Утрото рано, уште од ноќ ги дотерал овците овчарот пак таму и тој се затскрил во некои шумари, за
да ги гледа трите девојки кога ќе се капат.
Едно болснало сонцето, и еве ти ги трите девојки пак дојдоа да се капат.
Никако не му фаќаше есапот на овчарот за да граба некоја, чунки баеги беше скраја од нив.
И тоа утро овчарот не могол да добие една од тие девојки.
Треќиот ден пак беше се скрил овчарот во една шумка најближна до реката, да ги чека девојките.
Откога болсна сонцето, ете ти ги кај си идат усмевнати и весели, како некои јасни ѕвезди, и беше
си ги слекле кошулите и влегле в река да се капат.
Туку седи овчарот и мисли како да кладе една од девојките в рака.
Никако есапот не му фати, отколку да им ги грабне кошулите и да ги остави голи, и од тоа нешто
може да кладе в рака една, ако дојдат до нe¬ro да му ги сакаат кошулите.
Преесапувајќи го овчарот тој есап, му го фати умот, и едно трчање се стрчал и им ги грабнал
кошулите.
Кога видоа девојките, на чудо станаа и сред река застанале и фатиле да му се молат на овчарог да
им ги даде кошулите, да големо добро ќе му стореле.
Kогa видел овчарот оти му се молат девојките, се уверувал оти ќе добие некоја од нив и им рекол:

„Ви ги давам кошулите, девојки, ама ако ме земете една од вас за маж, икаку нема да ви ги дадам
кошулите и да знаете, ќе запалам еден огон и ќе ви ги изгорам и одете си голи дома".
„Арно, бре момче, сакаш една од нас, му рекле, туку треба да знаеш оти ние сме три сестри, три
самовили, да од тоа треба да не земаш од нас невеста, за да не ти се смеат светот дека ќе водиш
невеста самовила".
„He самовили оти сте, ами самодиви да сте, и пак една од вас сакам, да така кошулите да ви ги
дадам".
Кога го чуја тој збор самовилите се уверија оти нема да им ги даде кошулите, ако не го земе една
од нив.
„Е Лели е така, момче, која сакаш од нас една земи си ја, и дај ни ги кошулите, за да си ојме
дома, оти многу далеку седиме".
Кога го чу овчарот тој збор од самовилите, ја посакал помалата, и му ја дале и го викнале настрана
двете сестри, та му рекле на овчарот нејзе да не и ја дава кошулата, оти во неа и е силата и ќе му
побегне ако јa облече, ами друга кошула да и даде да си носи.
Го клал во умот тоа нешто овчарот и им ги дал двете кошули на двете самовили и си летнале тие да
си одат дома, а малата си отиде со овчарот дома вечерта, и си ја промени овчарот со свои
невестински алишта, та си ја венчал и се сторил со невеста самовила од сите невести полична.
Живеале овчарот со самовилата близу една година, и дошло ред ќе оделе на свадба кај некој род на
овчарот.
На свадбата се фатиле сите невести што биле таму да играат оро, само од овчарот самовилата не се
фатила.
На сите невести им било мило да се фати и самовилата да игра, арно, ама таа не се фаќала да игра,
чунки ја немала својата самовилска кошула.
My се товариле на овчарот да и ја даде кошулата самовилска, само за да видат како игра самовилата.

Од многуто товарење на селските невести што му се товараа на овчарот, беше се прекаилил и отишол
дома, та ја зел кошулата откај што била скриена и ја донесол на свадба.
Пред да и ја даде кошулата, овчарот ги затворил сите ѕирки и проѕирки, и после и ја дал кошулата и
ја облекла.
Кога се фатила на танец самовилата и кога тргнала да игра оро самовилско, на чудо беше станало
мало и големо што беа на свадба, кога го видоа орото од самовилата.
На доигрување самовилата дошла пред мажа си и го фатила за рака и
„седи со здравје, домаќине!" му рекла и си летнала низ баџа.
Кога виде овчарот оти му побегна невестата, свикал по неа и ја прашал:
„Невесто, невесто, оти ме зеде на душа и ми бегаш низ таа пуста баџа што ја оставив отворена?
Те молам, убава невесто, кажи ми кај да те барам, да уште еднаш да те видам?"
„Да ме бараш, домаќине, му, рекла од баџа, во село Кушкундалево и тамо ќе ме видиш". Така му рекла
на мажа си од баџа и си летнала по облаци.

По некој ден овчарот се спремил на долг пат да патува и да го бара селото Кушкундалево. Тргнал по
села и градови и прашал за селото Кушкундалево каде е.
Секој што го чул овчарот за името од селото се чудел на такво име и никој не знаел да му каже.
Откога ги извртел сите села и градови, тргнал да оди по планини и по пустелии, за како од како да
најде такво село.
Одејќи низ планина, еве ти еден старец, кај стоел потпрен до една бука, со една патеричка в рака.

„Кај талкаш, бре момче, го прашал стариот овчарот, во оваа пустелија, кај што петел не пее и кај
што човек не стапил?"
„Маката ме тера, дедо, да одам по овие пустелии, му рекол овчарот; ќе те молам, дедо, нешто ако
знаеш да ми кажеш едно село што го викаат Кушкундалево, да не би се наоѓа во оваа пустелија?"
„Такво село, момче, јас не сум чул да има во оваа страна, еве јас кај живеам овде двесте години.

Ама зошто го бараш, бре момче, тоа село?" му рекол.
„Пред една година време ги пасев овците крај една река и видов во реката кај се капат три девојки,
и на треќото утро им ги грабнав кошулите и за да им ги дадам кошулите ја зедов најмладата за
невеста, арно ама тие беа биле самовили, и ми рекоа двете сестри да не и ја давам кошулата, оти ќе
ми побегне со неа, чунки ве кошулата им била силата.
И јас, дедо, тоа нешто го поверував и ја држав кошулата скриена до некни и за атар да не им скршам
на селските невести и ја дадов да ја облече и оро да поигра на свадбата кај што бевме.

Сите врати ги затворив ѓоа да не избега, арно ама ја заборавив пустата баџа да ја затворам, и на
доигрување си летна низ баџа, и прашувајќи кај да ја барам, таа ми:
рече да ја барам во селото Кушкундалево.
Ете тој ми е алот, дедо, ако знаеш нешто, кажи ми".
„За името на тоа село, момче, јас не го знам, иља ќе појдеш уште еден месец пат и ќе најдеш еден
друг старец како мене, и ќе го поздравиш од мене, чунки тој е постар од мене, околу триста години.

Тој е цар на сите планински ѕверови и тој може да ти каже за селото",
му рекол стариот и го испратил.

Откога патувал овчарот уште еден месец, еве ти нашол друг стар кај си седел до некој извор и се
поздравил, та му го кажал сето со ред како што му кажал на брата му.
„Поседи, момче, му рекол стариот, дури да ги соберам сите ѕверови и да ги прашам сите за името од
селото што го бараш ти".
Пратил абери стариот по сите ѕверови да дојдат, и сите беа дошле за малце време и сите застанале
пред стариот.
„Слушајте вие, арслани, и вие, мечки, и вие волци, и вие лисици, и сите ѕверови, што нешто ќе ве
прашам:
Вие одите близу крај села и градови, дали сте чуле едно име на едно село да се вика Кушкундалево,
али не сте чуле?"
„He сме чуле, честити царе, не сме чуле такво име",
му одговориле сите ѕверови со еден глас.
„Ете, момче, како немало такво име на село што го бараш ти.
Ако не те мрзи, момче, оди уште колку еден месец пат и тамо ќе го најдеш постариот брат, тој е цар
на сите пилци што летаат по облаци и може тие да го чуле тоа село што го бараш ти".

Тргналј овчарот да оди и на месецот го нашол треќиот, цар на пилците.
Откога сторил здраво-живо, му донеоол од браќа му здраво и живо и му го кажал алот од аз до ижица.

На часот стариот пратил абери по сите орли и врани и сите други пилци, да дојдат кај него.
Во дваесет и четири саати, до што било пиле сите се собрале пред царот и чекале да ги праша нешто
или да им заповеда.
„Слушајте вамо, вие, орли, гарвани и вие ситни пилци, дали чул некој од ваc едно село да го викаат
Кушкундалево?" ги прашал царот.
„He сме чуле, честити царе, му рекле, такво име досега".
„Е треба да нема, момче, такво име, сите не чуле, сиви орли и другите пилци, еве јас остарев три-
четиристотини години и не сум чул такво име на село", му рекол стариот.

На тие зборови еве ти една крива страчка кај идела кај царот.
Едно ја видел царот и ја прашал:
„Што си се забавила, мори страчко, олку?
Од сите ти најпосле кај идеш при мене".
„Се забавив, честити царе, едно дека сум крива и друго дека седам многу далеку дури до селото
Кушкундалево, кај што живеат самовилите.
Кога ми дојде абер од тебе, честити царе, за да идам вамо, јас бев впрегната да вршам смил и
вршејќи ме удри една клета самовила по нога, та од таа болештина не можев да летам брзо, за да
дојдам навреме", му рекла страчката на царот.
„Еј, момче, али ја чу страчката што кажа, му рекол стариот, ете таа била од тоа село што го бараш
ти.
Ај зготви се, ако сакаш оди со страчката.
А ќе ти дадам и еден орел да го јаваш и да те однесе дури во Кушкундалево".

„Ако ми го сториш тоа добро, честити царе, му рекол овчарот, нема никогаш да ти го заборавам".
На часот стариот му заповедал на еден од најголемите орли да го однесат овчарот во селото
Кушкундалево.
Страчката напред, орелот по неа, отишле во селото во раното, и близу до селото слегол од орелот и
во првата куќа што влегол, да праша кај седат трите сестри самовили, за касмет се погоди истата
куќа.
Едно влегол во дворот, беа го виделе двете сестри и беа го ужалиле.
„Леле, леле сиромашкиот зет.
Се скинал одејќи и прашувајќи дури дошол довде, си рекле сами со себе, за да ја бара неверната си
жена, си рекле двете сестри.
На олку мака што се мачел зетов, сестро, треба да му ја врземе на седлото и да си ја однесе дома
сестра ни".

Излегле надвор двете сестри и го пречекале јако зетот.
Го испрашале како и ја дал кошулата, што му побегнала, им искажал тој се со ред како дошол дотука
и им се молел да му ја дадат невестата.
„He бој се, зету, му рекле и ние тоа есапиме и сега ќе ја врземе за едно седло што лета и ти ќе се
качиш со нe¬гo и ќе бегаш со голема сила за да ги пребегаш оние три планини и оттука таму гајле да
не береш.
Сега ела в куќа за да ја врземе за седлото дури спие, и ти да се качиш и бегајќи таа ќе се разбуди
и ќе писне што да може, за да ја чуе коњот нејзин, и ќе дотрча коњот да ја куртулиса, арно ама,
ако те најде избеган преку трите планиње, нема што да ти чини, а ако те најде коњот пред трите
планиње, парчиња ќе те направи и ќе ја земе невестата ти.

Кога ги чул тие зборови од самовилите, се качил на седлото со неа врзана, и го дигнаа седлото
ветриштата.
Едно ги преминале трите планиње, се разбудила самовилата и спискала по коњот.
Едно чул коњот и летнал да го втаса овчарот.
Едно дошол до трите планиње и дотука му беше силата и се вратил назад.
И овчарот си отишол дома пак со самовилата невеста и на часот беше и ја изгорел кошулата в огон,
за да си биде раат и си останал да си живее со невестата Самовила.
Си народиле неколку девојчиња лични и прелични.
Ете од тие девојчиња биле најличните жени на веков, до ден денеска.

МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org