Калуѓерите со чибуците

КАЛУЃЕРИТЕ CO ЧИБУЦИТЕ
Си биле тројца другари.
Сите тројца беа биле многу мрзливи.
Само со чибуците в рака си одеа и тутун си пиеја; работа никаква не фаќаа.
Јадоа што јадоа, дури имаа од таткови си сермија, и најпосле осиромашеа.
Да бидат аргати не им давало рака, чунки многу ги мрзело;
да седат без работа, па сакало да се јаде.
Думаа, шестаа, најпосле беа се созборувале за да одат во Света Гора во некој манастир и да се
сторат калуѓери, чунки тамо не требало работа.
Еден ден беа се содружиле сите тројца, беа си ги стегнале опинците, беа си зеле по една торба
тутун и беа пошле во еден манастир.
Се преставиле пред егуменот и го молиле да Ги приима за да ги покалуѓери.
„Од која мака, бре чеда Ристосови, сте дошле од мир овде во пустелијава, што сакате да се
калуѓерите?
Знаете оти калуѓерлакот е многу мачен;
калуѓерлакот е мачен со постењето, прво,
што не треба многу јадење и многу од се нешто пиење,
со метании чинење, да така можете да се светите."
„Сме сториле кабул, оче егумене, да после сме дошле за да се посветиме,"
му рекле тројцата другари.
Кога им ги чул тие зборови егуменот, заповедал да им се даде пo една ќелија, за да живеат.
Бидејќи сами се нашле во ќелиите, сами седеле и тутун си пиеле.
Многу вечери на ред одел егуменот кај тројцава нови калуѓери да наслушува на врата дали ќе се
молат Бога.
Наместо да слуша молитва и од темјан миризба од новите калуѓери што беа дошле да се посветуваат,
ти слушал воденичарска кашлица да кашлаат и миризба од тутунот што го пиеле.
Влегол егуменот кај сите и сите ги нашол со чибучињата в раце.
Утрото бидејќи сите калуѓери в црква, беа и тројцата другари.
Ги викнал пред себе егуменот и ги прашал за сите светци што беа в црква зугравдисани: „Знаете, бре
вие тројца калуѓери нови, што биле овие светци некогаш?"
„Е, луѓе биле и тие како нас, оче егумене."
„Вистина, бре чеда, луѓе биле и се посветиле, та затоа се и пишале;
арно ама ете ниеден немаат чибучиња в раце,
да пијат тутун, како што пиете вие со чибучиша тутун,
да затоа и да се светите, нема да ве пишеме,
чунки треба со чибуците в раце да ве пишеме.
Еве помислете се сега:
ич бидува вас да ве пишеме светци со чибуцигге в раце,
кога нема ниеден светец со чибук пишан?" им рекол егуменот.
Од тие зборови беа се засрамиле новите калуѓери и беа се арнисале од пиење тутун.

МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org