Арсланот кога собрал аскер
АРСЛАНОТ КОГА СОБРАЛ АСКЕР
Некогаш собрал арсланот аскер од сите животинки што ги имало на земјава, ги наредил на табури, со
ред: чешит-чешит, дури да ти е страв да им се опулиш, чунки имаше од сите чешити животинки.
Имало и едно магаре и едно зајаче. Откога ја нареди војската убаво арсланот, беше ја викнал
мечката и беше ја натерал да ги прегледа табурите, дали се арно наредени. Поминала мечката покрај
војската и им се пулела со ред на сите.Кога дошла до магарето и до зајачето, се изнасмеала еднашка.
„Што ми се смееш мори, посестримо мечко, и рекол арсланот, дали не ми ја бендисуваш наредбата од
војската, како што сум ја наредил ? Ако не ти бендисува, мори мечко, мори посестримо,
изим ти давам ти да ја прередиш поарно, ако можеш."
„He, честити царе, не се смеам на твојата уредба што си ја уредил, чунки јас кај можам да излезам
пред тебе помарифетлија, за да ја прередам војскава, туку му се смеам на магарево и на зајачево,
чунки и тие дошле и се наредиле во табуриве, ами кај можат тие да траат во бојот ако се отвори!
Зер магарево ќе може пушка да држи и сабја да врти? Ами пак зајачево кај може да стои со гради
спроти душманот кога ќе се биеме? Да ете тоа се смеам, честити царе".
„He e така, мори мецо, и рекол арсланот, не, ти како што велиш за магарето и за зајачето, оти и
тие се за потреба. Ако не чини магарето за пушка и за сабја, ќе чини за борозанџија, за да свири
со боријата, да ја збира ордијата кога ќе биде растурена по ридови и по долови, пак зајачето ќе
служи за поштаџија со неговата брзина, за да разнесува абери по сета војска. Е, мецо, што велиш на
ова згора?"
„Нема ништо да речам, честити царе, рекла мечката, вистина така е,
арно ти фатил умот, и за дека си поумен и појунак од сите,
да затоа те сторил господ цар.
Вистина и јас сум голема во главата ама не сум умна како тебе".
МАРКО ЦЕПЕНКОВ