Лисицата, ежот и кртот
ЛИСИЦАТА, ЕЖОТ И КРТОТ
Ежот и кртот беа се заортачиле некогаш за да работат селска работа.
„Е бре крту, му рекол ешко, сега што да фатиме некоја работа?"
„Ами што ќе фатиме, бре ешко, му одговорил кртот, со прво не чека да го изораме полето. Еве јас ќе
изорам, а пак ти да посееш."
„Многу арно, му рекол ешко, ти изорај а пак јас ќе го повлачам."
Се запрегнал кртот и изорал едно место, саде за ќеф беше го изорал. Фатил ешко и беше го посеал
местото изорано, после беше го повлачил со трњето што бил опкачен, тркалајќи се по посеаното место.
Беше се сторил еден бериќет, страшна работа. Го ожнале и го овршиле. Зеле едно кутле да си ја
делат пченицата; арно туку уште со прво беше се закарале, чунки ешко се сакал кутлето да е
понагнетено, дека тоа се повеќе мачело кога го влачело; кртот и тој сакал повеќе да е кутлето
нагнетено, чунки тој во орањето беше си ги искршило ноктите.
Така велејќи, не можеле да се погодат; ќе се истепале; перче за перче беа се фатиле. Што се чини
ал? Нема никој да помине за да ги куртулиса.
За пакост, ете ја кума лиса кај си врви и без да ја повикаат беше се вратила да види што е таа
ѓурултија:
„Mope, што се карате, бре ешко, и ти кртуле? Што имате да делите, да што толку се карате?" им
рекла кума лиса. Откога ги праша кума лиса, беше си го кажале алот пред неа како пред некој
праведен кадија и беа ја помолиле, таа, како што е право, да им ја дели пченицата, само да не се
караат, да таа, што ќе стори сторено ќе биде.
„Е ти, ешко мешко, и ти, кртуле мртуле, вие имате девет кила и кутле и сламата за делење,
еве право како се дели: на ти тебе, еже меже, на сламава да си лежеш; на ти тебе, кртуле мртуле,
пченица едно кутле — толку доста ти е за цело зимовиште; а за лисица мисица ќе бидат деветте кила
пченица, за да си ги однесам воденица.
Еве вака бидува за вас правина, права како јаже во торба, за да се прикажува," им рекла лиса и ја
ограбила од кртулето и ешка печалената стока.
МАРКО ЦЕПЕНКОВ