Џамијата Сулејмание

Џамијата Сулејмание
Турскиот цар Сулејман, син му на цар Јалдарама, сторил ниет да ја прави џамијата.
Барал мајстор над мајстора, да му ја направи. Нашол еден мајстор и го пазарил да му ја направи,
што да нема уште една во веков друга таква. My отпуштил злато од азното колку да сака мајсторот да
арчи, само и само убаво да му ја направи. Ја правил мајсторот од колку што знаел и не знаел
и ја направил со илјада пенџериња и четири минариња, шерифиња, многу високи.
Откога ја битисал мајсторот џамијата, го прашал царот мајсторот:
„А бе мајсторе, да те натерам да направиш уште една џамија, дали би могол да ја направиш уште
поубава од оваа?"
„Можам, честити царе, му рекол мајсторот на царот, уште поубава од оваа да ја направам, само пари
многу ќе одат".
Кога го чул царот тој збор од мајсторот, многу мака му беше паднало.
„А бре мајсторе, кога си можел да направиош од оваа џамија уште поубава, му рекол, оти не ја
направи оваа најубава, што да нема од неа поубава! Дали пари не ти дадов? Дали нешто кусо ти беше,
дали што, кажи да видам и да чујам?"
Сиромав мајстор се најде во небрано и не можеше како да му одговори. На тоа згора царот свикал по
џелатот, за да го загуби мајсторот, зашто да го излаже царот.
Кога чул мајсторот оти ќе гине, тогај се сетил оти царот со мајсторлак го прашал за дали може и
друга џамија да направи уште поубава, ѓоа ми ти и друти ќе прави, а пак мајсторот за да не ја
испушти од раце работата, се такса за да прави друга поарна, арно ама на царот не му бил ниетот за
друга да направи, ами само да го погуби мајсторот, за да не е жив и да не направи друга таква
некому другему.
Нa тоа згора, издума мајсторот еден марифет, за да куртулиса, и му рекол на царот да го остави
уште неколку дни, да биде жив, дури да добитиса некои кусури горе на минарето. Го клал царот под
каракол и го оставил за неколку дни да биде жив, за дури да ги битиса кусурите. Си зел мајсторот
заире што му требало и се качил на минаре, та си направил две крила, многу мајсторски, и си ги
врзал под мишка, та летнал, та паднал во лозјата, и таму беше паднал на левата страна, та беше се
пресекол на теслата, чунки си ја носел за појас и си умрел. Ако да не беше се пресекол на теслата,
бездруго ќе куртулел летајќи, да не го загуби царот, арно ама било речено, за да се прикажува, та
затоа кај што паднал, се пресекол и умрел, и тамо го закопале и ден денеска гробот му стоел: кој
не верува нека оди да види во Едрене.


МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org