Заум

ЗАУМ
За Оридското езеро се велело од стари луѓе оти дно немало. Мнозина луѓе го мериле да му ја видат
длабочината колкава му е, и секој што мерил кажал колку аршини е длабоко. Некоја жена (едни велат
оти некоја царица била) и таа отишла да го мери колку е длабоко; мерејќи го баш во средето, како
да сакаше езерото да ја откаже таа жена од таа севда, да не го мери оти не ќе може крај да најде
на длабочината, тики откај што си било езерото тивко и мирно, туку беше се дигнале едни талази
колку едни планиње и го дигнале каикот (чунот) на жената, и почнал каикот да се готви да се удави;
бре држ го дујменџиите дујменот, бре крепи, ѓоа да не се удави, арно ама „со глава ѕид не се
турка,".што рекле. На тој страв од жената, паднала на коленици и почнала да се моли на Бога и да
му таксува, да направи еден манастир тамо каде што ќе ја избави од улавото езеро. Штом си таксала
да направи манастир, и почнале талазите да се смалуваат, и полека-лека излегол каикот на брегот,
та се куртулисала жената и тие што беа во каикот.
„Е, уште еднаш за ум нека ми биде ова, им рекла на каикчиите, што дојдов да го мерам езерово."
Велејќи така жената, и веднаш беше заповедала да се направи на истото место еден манастир и го
крстила „Заум", демек од големиот страв што го видела таа го нарекла манастирот така да гледа во
него и да паметува оти ќе се удавела. He само за неа така да гледа и да се чува да не влегува во
езерото, ами за секој човек што ќе одел тамо. Ова предание сите оридчани го знаат.

МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org