Свети Петар и сиромавиот
СВЕТИ ПЕТАР И СИРОМАВИОТ
Си бил еден сиромав човек: гол, бос, гладен, жеден веќе до немајкаде.
Идејќи си една вечер од работа, а времето беше било студено и кално, бидејќи тој беше бил бос,
беше се стресол како лисје на гора. За касметот негов, насреќа ете му го свети Петар кај си оди и
тој дома.
,,Добровечер, свети Петре, му рекол сиромавиот, што чиниш, како си? Здравоживо си ми? Како ти е
кефот?"
„Дал ми ти Господ добро, рисјанине, арно сум сполајБогу. Вие како сте?"
„Ние сме, сполај Богу, свети Петре, му рекол сиромавиот, со здравјето, туку пуста сиромаштија
дошла, не навалила, еве сам гледаш каков сум: гол, бос, во кал доколена, воден ќе легнам в
постела, воден ќе станам."
„Има Господ, рисјанине, има, му рекол свети Петар, и за вас сиромасите".
„Е, лели има Господ и за нас сиромасите, му рекол сиромавиот, ќе те молам од земи до небо,
свети Петре, да појдеш кај Господ и да го помолиш барем времето да ни е се топло како лето,
за ние сиромасите да си работиме по поле и да си го вадиме лебецот за дечињата што ни ги дал
Госапод, да стока ние сиромасите не ти бараме за да бидеме богати, само времето да е топло — тоа
сакаме.
Аман, свети Петре, ако не појдеш при Бога да му се помолиш да го направи времето се топло
и студ ич да нема."
Дури му ги рекол тие зборови сиромавиот на свети Петар, се со плачење му ги велел и го молел,
банувајќи му ги обете раце. На свети Петра му се нажалило и бир-баш беше отишол на една висока
планина та паднал на коленици да му се моли на Бога за да им даде на сиромасите време топло:
се лето да биде, ич зима да нема. Се молил, се молил три дни и три ноќи, дури Господ му се
одговорил:
„Петре, Петре, што толку многу ми додеваш? — му одговорил Господ, сполај му, за да блаосовам
времето да се преправи. Јас можам, свети Петре, и така да го направам, за се лето да биде; арно
ама полошо за вас ќе биде; мисли арно оти да не ми дојдеш текрар да ми додеваш да го преправам
времето како што си е сега, да за тоа ти велам: помисли се малку, да не наместо добро да им
направиш на сиромасите, за да им направиш уште по зло."
„Вистина, Господи, така е, ак си имаш на зборот, му рекол свети Петар: арно ама сакам ова добро да
ми го сториш оти му се таксав на сиромавиот за да те одмолам за оваа работа да помине сега,
за да не рече сиромавиот оти ти не ме слушаш и не ми го земаш зборот мене."
„Е, лели толку ми додеваш, Петре, еве ќе те послушам и ќефот ќе ти го направам, ама ако излезе
нешто лошо од изменувањето на времето, најголемата мака на тебе и на твојата куќа може да биде.
Ај, оди си со здравје сега, еве го блаосовив времето да биде се лето за мила убавина." За чудо
големо! На часот беше се менило времето, од кај што беше студено, се стопли за убавина.
Од ден на ден се топлело времето и дошло се лето да биде. Кога видоа сиромасите оти времето беше
се свртило на лето, голема радост правеле и гологлави се молеле на Господ за животот од свети
Петра, дека тој го измолил Бога за да биде времето се лето. Голем ќеф правел и свети Петар,
дека го слушал од сиромасите богдапроштавањето нивно за него.Неколку годиње на ред се што лето
било, и сиромасите си живееја и си велеа:
„Еве време, еве стока, ете вака требаше уште кога се создал веков се топло да беше, за сиромасите
мака да не тргаа како што тргаа досега". Покрај сиромасите што се радувале, повеќе и богатите се
радувале, чунки нивјето, ливаѓето, лозјата, голем бериќет им давале. На таа убавина што била од
топлото време, не саде луѓето што се радувале, ами до што било животинка по земјата сите се
множеле и што беше се родило нито едно не беше пцојсало: змии, смокови, гуштери, гуштерици, жаби.
крабари, волци, мечки, лисици и други скотови. A пак муви и оси со комарци
прс и плева беа се намножиле. Секој човек држел по една коњска опашка в рака за да се брани дење
од тие животинки, а пак ноќе живот немале од тафтабиди. Нито луѓето можеле да живеат од тие
животинки, нито пак имањето можеле да живеат. А пак сета земја беше се исполнила со жаби и жабари,
место празно не останало без да има жаби; санким со камење беше послана земјата од што многу жаби
беше се намножиле. Де море ал де! Ете кој бара рогови ќе загуби и уши, што рекле стари.
Кога беа расле, расле жабите, беа се сториле колку едни гуски големи, а пак царот од жабите
(жабарот) беше пораснал голем колку куќа. Едни очи што имал колку една црепна големи, за триста
стравови беше бил, секој што ќе го видеше жабарот се ќe речеше:
„Леле брате, што беше она стравови!?" Се усукаа луѓе, брате мило, фатија да ги тепаат жабите
ѓоа да си ги расправат дворовите; арно ама една дури да отепал човек, со саати ќе мавал,
а пак од викањето на тепаните жаби сите жаби се збирале и викале до небеси со гласје за триста
стравови.
Си ја најдоа бељата луѓето, никаков крај не можеле да најдат. „Море ајде, бре луѓе, беше рекле,
да одиме кај свети Петра да му се молиме да појде кај Бога, да го моли за да ги стори деф овие
животинки што не не оставаат раат да живееме и раат да си работиме."
Многу пати беше отишле кај свети Петар да го молат, арно ама свети Петар се срамел да оди кај Бога
за да го молел. На тоа згора, еве што беља беше го нашла свети Петра. Едно утро станала ќерка му
од свети Петра да рине од дворот со лопата жаби, за ѓоа дворот да го расправи,
На тој саат беше му дошол патот од жабарот да помине пред портата од свети Петра и ја видел ќерка
му од свети Петра кога ги ринела со лопатата жабите. „ Зошто ги ринеш, мори, жабите така со
лопата?" и рекол жабарот.
„Ами, не ќе ги ринам, зер ќе им постелам овде во дворот, ми се напикале како овци."
„Е, лели така чекај да видиш кому презборуваш ти," и рекол жабарот на ќерка му од свети Петра и си
заминал.Вечерта беше пратил жабарот стројници кај свети Петра за да му ја сакаат ќерка му за
невеста за жабарот. Кога ги чуле свети Петар и света Петровица од стројниците зборовите,
косата беше им се накренала од страв и од срам.
„Аман, бре браќа, нека не биде каил жабарот да ни ја земе ќерка ни за невеста, оти една е у мајкаи
у татка, им рече свети Петар, нека земе од кај што има повеќе девојчиња, така носете му здраво и
живо на жабарот, го молиме од земи до небо каил да се не стори."
„Аман, бре браќа, и јас многу му се молам на жабарот, им рекла света Петровица, да не кајдиса на
ќерка ми да ја земе и да ми ја уплаши, оти таа ми е галена и кочена,
се со шеќер ранета, ич бидува ќерка ми за жабар да е невеста? Повелете еден бовчалок земете го и
однесете му го на жабарот бакшиш од мене. Ајте ми со здравје, браќа, така здраво и живо носете му
на жабарот од нас."
Си го зедоа стројниците бовчалокот и појдоа кај жабарот да му кажаа за се што беше им рекле свети
Пепар и света Петровица.
„Mope не ме лаже свети Петар и свети Петровица мене, им рекол жабарот на стројниците, со еден
бовчалок, јас ја ќерка му ќе ја земам за невеста, ја ќе умрам."
На часот курдисал жабарот свадба, распратил стројници за да канат сватови. Поканиле: змии,
смокови, гуштери, гуштерици, жаби, жабари и сите други животинки. Сите се собрале кај жабарот
сватовите. Рупнаа тапаните во жабарските дворови, се разиграа сватовите, туку така 'рскот и пукот
одело во куќата од жабарот. Беше му пратил абер жабарот на свети Петра да ја стори азар ќерка си,
оти ќе појдел со сватовите да ја земе. Кога беше му дошол аберот од жабарот кај свети Петра,
оти ќе дојдел да му ја земе ќерка му, се расплакал и фатил брадата да си ја кубе, а света
Петровица косите си ги кубеше. На часот свети Петар беше тргнал да оди на планина при Бога да му
се моли; паднал на коленици и дал вик што да може:
„Аман, Господи, поможи ми и избави ме од жабарот, оти ќерка ми ќе ми ја земе."
„Е виде, свети Петре, оти полошо се стори времето откога го сторив саде лето да биде?" „Грешив,
Господи, прости ме, беше му рекол свети Петар, јас сторив, ти не чини."
„Ај, оди си со здравје, свети Петре, му рекол Господ, и не бери гајле: јас ќерка ти ќе ти ја
избавам."
Кога приближал свети Петар до куќата, што да види? Илје и милје жаби и змии и смокови опколена
куќата беше била. Ја зел жабарот ќерка му и ја вкачил на кола со два вола, ги зауздал воловите со
змии и смокови и тргнал дома да си оди. Од кај што беше времето топло, туку веднаш беше завеал
еден ветар од северна страна, што од сила беше замрзнала земјата близу девет педи; страшна фуртуна
била и се што било живо замрзнало, кое кај беше одело, таму останало. Од сите животинки најпосле
беше пцојсал и жабарот. Откога се беше здрвило се и беше се камнило, по повела Божја се пооправило
времето и се вратила ќерка му од свети Петра дома. Од голема радост немаше татко и и мајка и кај
да ја кладат.
„Еве сега како е поарно ја, велеле луѓето, ако студи, барем раат сме од животинките што не мачеа."
МАРКО ЦЕПЕНКОВ