Глушецот и змијата
ГЛУШЕЦОТ И ЗМИЈАТА
При друзите чудесии што ги направил ковчегот од дедо Ноја, ја направил и оваа чудесија: откога
чукнал Нојо на четири страни на една штица да се збираат сите животинки, и едно го чуле гласот од
клепалото и тргнале сите животинки чифт и чифт, та си влегле сите во гемијата спроти како што беше
определено од Бога, за кои ѕверки да влезат во гемијата, и тие си влегоа.Помеѓу сите животинки
имало и глувци и змии. Откога се кренал ковчегот на вода, сите животинки седеа кротки како јагниња,
од стравот на водата. Арно ама и на тој страв се најде едно животинче да нема страв оти ќе се
потопи, ама али од јунак што било, али од будала, веќе кој знае како било. Да си кажеме право,
тој без страв јунак ти бил глушецот. Што му текнало да прави глушецот, почнал да ја гризе гемијата,
како за егленџе да си прави, грц, грц, грц, гризи денеска; грц, грц, грц, гризи утре, дури го
дупна ковчегот, и туку штрекнало вода од дупката во ковчегот. Спискале животинките од дедо Ноја
што им грло тече. Дотрчал дедо Нојо и што да види? водата тече како чешма низ дупката.
Бре, кој го дупна ковчегот? Бре, како се стори? Се докажа од змијата оти глушецот го дупнал
ковчегот, чунки змијата беше го видела кога гризел глушецот. Дал вик дедо Нојо пo сите ѕверки да
дотрчаат кај дупката и да ја затнат, арно туку од пустиот страв на водата никое животно не му
дошло напомош, само 'рсланот дошол и бајги се опечалил сиромавиот да ја затне дупката со опашката,
арно ама не могол да ја пикне опашката во дупката за да ја затне.Гледајќи змијата оти 'рсланот не
можел да ја затне дупката, му се исправи пред деда Ноја и му рече,
„Јас можам да ја затнам дупката, дедо, ама ако ми дадеш нешто бакшиш? "
„Е, што бакшиш сакаш, мори змијо, да ти дадам? и рекол Нојо; кажи ми, ако је мунасип, ќе ти дадам,
само да ја затаеш дупката."
„Сакам да ми дадеш, дедо, од бјулбјулчињата што се на горниот кат, да си ги изедам. Ете тоа сакам
да ми дадеш, дедо."
„Тоа, тоа, ќе ти дадам, змијо, и рекол Нојо, само затни ја дупката."
Кога го чу змијата тоа нешто од дедо Ноја, на часот беше се спуштила и беше ја воврела опашката,
во дупката и им ја затнала.
„Сечи ме, дедо, докај сум пикната вo штиците, му рекла, да остане затната дупката."
Нојо го извадил ножот и ја пресекол опашката на змијата, и остана затната гемијата. Ете понекогаш
и змијата прави добрина, ама со рушвет, со рушвет нека биде. Баеги дни што боледувала змијата од
пресечената опашка, арно ама надевајќи се на убавите бјулбјулчиња, оти ќе и ги дадел дедо Нојо,
како да не сети болештина голема, ами светрум и поминала'.Откога се затна дупката од гемијата,
заповеда Нојо да дојде глушецот и да ја исплиска водата што влегла од дупката и да ја очисти
гемијата. Арно туку глушецот беше се усрамил од грешката што беше јa направил, тики беше се скрил
помеѓу животинките, та едвај го нашле и му го донесле пред деда Ноја.
„Кај си, бре пакоснику? Да би се пакост да правиш и така да се раниш, му рекол дедо Нојо, како на
врекнато; што се криеш, да би довек да се криеш, по дупки и пo куќи и бел ден да не видиш! Ха,
земи да ја изблискаш водава од гемијава што ја пушти ти, оти сега ќе те префрлам преку гемијава да
се удавиш во потопот!" Усрамен сиромашкиот глушец, си засукал поли и ракави, та почнал да плиска
вода. Како ти плискал, како ти плискал, та дури ја исплискал сета. Ама пак беше окапал, веќе не ти
треба, како глушецот окопан, што велат стари, во некоја каца од расолница. Од врв глава, та дури
до петици беше се направил жива вода.Нејсе, како било, било, поминало, спаднала водата и излегол
дедо Нојо со синови си и ги испуштил сите животни од гемијата и секое од нив ги блаосуваше.
Излегувајќи и змијата, и неа ја блаословил да си јаде глувци. Кога чула змијата оти ја блаословил
дедо Нојо да јаде глувци, недраго и паднало и му се справила пред него, па му рекла:
„Ами нели бјулбјули ти сакав да ми дадеше, бре дедо Нојо, оти сега ме блаословуваш да јадам
глувци?!"
„He сум ти таксал да јадеш бјулбјулчиња, и рекол дедо Нојо, чунки ти ми рече: ако ми дадеш од
горските глувчиња, а не ми рече од горните бјулбјулчиња. Jac така те разбрав и така ти се таксав,
та затоа и така те блаосувам. Ете така,змијо, оди си со здравје сега, повеќе зборови не треба."
„Е, сега разбрав, оти јанлаш си ме разбрал и јанлаш сум те разбрала: ај бериќатверсин и на
полските глувчиња. Ама очиве ќе ми бидат во убавите бјулбјулчиња", му рекла злобливата змија на
дедо Ноја и си отишла. Co тој блаослов си излезе змијата од гемијата и си отиде по работата со
мисла па да јаде бјулбјулчиња.
Ете од тој блаослов од деда Ноја, што ги блаословил глушецот и змијата, и ден денеска глушецот се
крие од срам и дупки дупи по куќите, по амбарите и по сите садови кај што има за јадење. А пак
змијата се си гони бјулбјулчиња, ѓоа да фати, арно ама тие се блаословени од деда Ноја да се пазат
не само од змии, ами од се што да видат. He можејќи змијата да фати некое бјулбјулче,
ако му ги најде јајцата ќе му ги зеде, шу да касне од нив нешто, а на место да јаде бјулбјулче од
некое гранче кај што си стои и си пее некое бјулбјулче, туку ќе излезе некое глувче од некое
коренче или дупче и ќе го зграпчи, та ќе си гo олтне и ќе си се најаде, за да се исполни
блаословот од деда Ноја. Како што се срами глушецот од дупнувањето на гемијата од деда Ноја,
така се срами и лилјакот од што остана борчлија кога беше ортак со капината со алишта, кога ќе
носеа да ги продаваат преку море и му се удавија во морето, та остана борчлија и од срам лилјакот
се скри, и ден денеска дење не излегува.
МАРКО ЦЕПЕНКОВ