Мртвиот магосник

МРТВИОТ МАГОСНИК
Еден еким бил многу учен и сам себе се фалел оти кога ќе умре, со билките што ги знаел ќе можел да
оживи. Така мислејќи си, направил три шишиња со билки и им нарачал на жената си и на синовите си,
кога ќе умре да го потурат со едното од врв глава до нозете, со другото — од десното рамо право
удолу, a со треќото — од левото рамо до петици, и до четириесетте дни еден човек да го држи просто
на градите си, на земи ич да не го легне на плеќи, и така преслагал оти ќе оживи и после ич да не
умре.
Дојде саатот и умре. Жената му зеде трите шишиња и го потури, спроти како што беше и нарачал:
првин со едното од врв глава и после со другото од рамото наудолу. Co првото и второто потурање
фати човекот да оживува, ги отвори малку очите, промемоли со устата. Виде, сполај му на Бога,
оти сака екимот со марифетот свој да оживи и да не умре уште еднаш, и и заповеда на една чавка да
летне и со крилото да го турне и да го скшри треќото шише за да не може да се потури и да оживи.
И вистина така биде. Го крена еден човек на гради и фати да го носи, за да се разоди со нозете.
Екимот сеќаваше оти уште едно шише требаше за да му се тури, и туку велеше со збор недоречен:
„уштеее" (уште едното шише турете го). Арно ама, уште едното го окрши чавката што ја прати Господ
и немаше друго за да го потурат.Човекот му кажуваше оти една чавка го окрши шишето; арно ама тој
не можеше да му ги докаже билките за да направат друго.
Така го држеа откупениот човек на гради просто и го разодуваше до триесет дни. My се смачи дури и
на Бога, та прати еден ангел да пере со сапун еден црн мутав на една река што течеше покрај куќата
од екимот.My се пули човекот, со екимот носејки покрај река, на ангелот, оти црн мутав го пере,
за да го прави бел.
„Mope момче бре, ке те прашам, му рече човекот, нешто, ама право да ми кажеш: зошто се мачиш со
тој мутав да го переш со сапун?"
„За да го направам бел, пријателе, се мачам," му рекол ангелот.
„Ејди момче еј, ни дедо ти ни предедо ти не белиле црн мутав со сапун, нито ти пак ќе го обелиш;
туку ај оди ми си, оти уште триста дни да переш и пак не ќе го обелиш."
„Вистина, стрико, уште триста дни да перам и не ќе го обелам, ама и ти што го држиш на гради
полуумрениот човек триесет дни и ќе го носиш до четириесет, уште четиристотини да го носиш,
и не ќе го оживиш; кога ќе го обелам мутавов јас и ти ќе го оживиш екимов. Ја клај го троа на земја
и ќе видиш оти ќе подзине, ќе се руши и ќе умре," му рече ангелот и вистина, едно го остави на земи
и веднаш подзина и се руши. Од смрдеа не се траеше до него, и брго го турна в река, за гробнина да
нe му се знае.

МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org