Господ и смртта

ГОСПОД И СМРТТА
Кога ја пратил Господ смртта да ги умира луѓето, со голема радост отишла, чунки и се отворила
работа: арно ама радоста и се свртела на жал. Кај секој човек, што ќе појдела да го умира,
со радост влегувала и со жал излегувала откај што ќе го умирала, чунки своите луѓе на тој што ќе
го умирала голем плач ќе плачеа и големи клетви ќе дадеа на смртта
„Проклета да е таа смрт, велеле, што дојде во нашата куќа и ни го умре човекот: како не си скрши
некоја нога на патот и да не можеше да дојде у нас, да не ни го умреше човекот; како не зина земја
да ја голтие таа проклета смрт, туку дојде у нас; како не падна една ровја од небеси и да ја
удреше таа проклета смрт и на местото да ја оставеше, па да не можеше у нас да дојдеше и човеков
да не ни го земеше."
Такви и друзи илјади клетви и даваа на сирота смрт, како таа сама од себе да одеше по луѓето и ги
умираше, не знаеја оти смртта беше пратена од Бога да ги умира луѓето.
Од големиот повик на луѓето по смртта, беше и се здодеало и беше ошла кај Бога плачејќи, му се
поклонила и му рекла:
„Ќе ти се молам, Господи златен, да ми ја земеш работата што ми ја даде, оти дерман немам од
луѓето што ги умирам. Страшен повик има по мене од луѓето; страшни клетви ми даваат. Па од тоа,
златен Господе, те молам многу да ми дадеш една друга работа да ти работам, што да не викаат
луѓето по мене „дујда", како по бесен пес или по волк."
„Mope ај биди си раат, мори смрт, и рекол Господ; и оди си по работата што сум ти ја определил јас;
ти треба да знаеш оти јас сум Господ и еден збор, што ќе го речам еднаш, дваш не го повторам,
така да знаеш. Јас сум грнчар, треба да знаеш. Кај сакам тамо рачка клавам, еве јас отсега вамо ќе
создадам турли-турлм болести по луѓето и од болестите што ќе ги создадам луѓето ќе умираат и на
болеста ќе викаат и ќе колнат, а тебе ќе те заборават да те колнат. Ај сега оди си бркај си ја
работата раат-раат без да те колнат луѓето дека ќе ги умираш."
Ете од тоа останало до ден денеска да викаат луѓето по болестите а не по смртта, при се што пак
смртта ги умира, ако се болестите што ги умираат. Чунки дури не му дошол денот за да умре човекот,
не е чаре да умре од болест. "
Ако има ден, ќе има и лек. Болест душа не вади. Болниот станува, здравиот умира."
Така рекле стари и така си е вистина.

МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org