Господ кога ги создаваше луѓето

ГОСПОД КОГА ГИ СОЗДАВАШЕ ЛУГЕТО
Откога го создаде Господ небото и земјата со се што има на нив и во нив, што гледаме и не гледаме,
живо и умрено, и откога виде Господ, сполај му, оти се што направи убаво го направи, му се посака
да направи и луѓе на земјава, да живеат и да го слават него. За се што направи Господ на веков
беше определил по еден ден да работи за едно, друг ден за друго, треќи ден за трето, четврти ден и
така натамо. Само еден ден определил и за луѓето да ги направи. Станал една утрина рано, засукал
поли и ракави, ја зел мотиката в раце, ископал земја, направил кал, та почнал да прави луѓе како
грнчарон што прави грниња. Co прво им ги правел нозете, после трупот, после раце, после глава,
коса, уши, очи, уста, нос и сите друзи алати им ги редел; како некој саатчија како што ги реди
чарковите на саатот со голем мукает, така, сполај му нему, ги редел и алатите во човекот со мукает
голем, да не нешто некое од алатите кладе во човекот накриво и да го грди човекот после. Правил
што правил луѓе до ручек време, огладне, сполај му на Бога, та беше седнал да руча, да поручекот
после да ги доправи сите луѓе колку што му требало. Си ручал Господ симит и млеко надробено и им
се пулел на луѓето што беше ги направил, како што беше ги наредил пред него на редови, на редови,
како некој табур со аскер што е нареден. Им се пулел и се смеел од што му било кеф дека беше ги
направил лични, умни и разумни.
„Оф што убави луѓе сум ти направил, си рекол со умот сам со себе, овие луѓе прилегаат асли како
мене, арно туку до ручеква колку што сум направил, ако направам уште толку до вечера, лоша ми е
работата! Мене ми требаат уште десет - толку луѓе отколку што сум направил; на ова згора, мене ме
пере да направам еден калап и во калапот да ги турам, та така до вечера да си направам луѓе колку
што ми требаат". „
Брго-брго се наручал, се прекрстил, станал од софрата, се измил раце и беше си направил еден калап,
голема работа. Ти приправил уште колку што му требаше кал и зел да го прави кусурот луѓе, колку
што му требаше. Тури кал во калапот, чинеше, стегни ја во калапот, и еве ти го човек, ќе се
истуреше од калапот, ха, врти со чаркот Господ и турај се луѓе од калапот; ама оти некој ќе
излезел со крива нога али рака, али врат, али слеп, али ќелеш, али крастав, али пак фодул, али
предтел, али инаетчија и ако ги гледал Господ оти со секакви кусури излегувале од калапот,
немал време да ги поправи, чунки брзаше много, за да ги доправи до вечерта колку што му беа
определени луѓе.
Ама ќе речеш ти: оти не определил Господ два дни и да ги направеше сите луѓе како првните арни,
а не да тура чаркови и да ги тура во калапи, та да излегуваат лоши, а не арни. Колку за тоа можам
да речам: така му сакаше ќефот — така направи, чунки царот, кога ќе рече некој збор, назад не си
го зема, а не Господ да рече во еден ден да ги направи луѓето и после два дни да ги прави.
Тоа саде не бидува: Господ зборот назад да си го земе.Ете од тоа има на веков арни и лоши луѓе,
чунки арните Господ ги направил со рака, а лошите со чарк ги вадел од калап, како грнчарот што
вади садови од чаркот
МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org