Вапир во Крушово

ВАПИР ВО КРУШОВО
До Ица Карески умре една жена што ја викаа Катерина. Натемато ѓавол влезе во неа, па беше се
свапирила. Големи зулуми правела. Како што им е адетот од сите вапири, така и Катерина вапирката
зулум правела: со камење и дрвја фрлала на својата куќа и по комшиите. Отокога умрела Катерина и
се свапиросала, да дури ја отепале, сето маало ноќе раат не биле од неа; многу пати влегувала дома
у неа и по комшиите та ја симињала од полици посатката и ја клавала сета на земи на куп. Многу
пати ја гледале куќните луѓе кога да носела едно чекмеџе в раце низ куќи. Не оти неа ја гледале,
чунки вапирите се како сенка и само вапирџиите можат да ги видат, а друг човек не можел.
Катерина, кога го разносувала низ куќи чекмеџето и друзите работи, неа не ја гледале, ами тоа што
се разносувало низ куќи го гледале и од тоа верувале оти Катерина е што го носела.
Стари луѓе во Крушово не паметувале дотогај да се свапири жена, а за мажи веќе знаеле оти мнозина
се свапиросале во постаро време. А пак едни велеле, дека била млада Катерина, затоа се
свапиросала, зер ја преишло нешто кога била спружена: ја некоја мачка, ја некоја кокошка, ја некој
глушец, ја некој човек ја пречекорил, ја подале преку неа нешто, ја којзнае нешто што ѓаволска
превара ја нашло што се свапиросала. Чунки на жените им било дандалио да се вештичаат а не да се
свапиросуваат, и повеќе старите жени а не младите. Ем сите стари пак не се вештичавеле;
повеќе се вештичавеле тие стари што знаеле да прават маѓии, а тие што не знаеле ѓаволштиње се
вештичавеле. Можела некоја старичка да се сторела вештица од ѓаволска превара, ама на илјада и
десет илјади една да се стори, и тоа ако попот, кога ќе ја погрибува, да не знае како што е
законот да го стори токмо: требало кога ќе ја кладат во гробот жената (макар и маж), попот да ја
прелее со маслото и виното на крст, така и кога ќе му тура земја на лицето требало на крст да го
пороси умрениот. Едни поповишта го знаеле здраво законот, пак ќе пишеле на една плочка „Исус
Христос" и ќе му ја кладеле на умениот во кивурот и од тоа било непендек да не се свапиросува и да
не се вештичави; ако попот не мy го стори адетот, како што кажавме погоре, ќе се свапирел тој
човек што го преишло некоја превара, како што погоре кажавме. Зер таква превара имало и Катерина
што се свапиросала.
Од маките што ги тргале маалците на Мучари во Крушово од Катерииа вапирката беше им се здодеало и
беа му се товариле многу на мажа и од Катерина да бара некој крај за да ја снема. На гробот од
Катерина имало една дупка, што си влегувала и излегувала Катерина, чунки тамо си лежела. Набрго
одел мажот и од Катерина кај гробот нејзин и ја затињал дупката што била на гробот, за некако да
ја пукнат внатре (кога не турал врела вода неколку котли за да ја попарат, шго да му чинам, нека
му е уѓе). Арно ама Катерина ќе ја отнела дупката што била на гробот и пак ќe си излегувала и ќе
си влегувала.
Најпосле му се товариле на мажа и од Катерина комшиите за да викне еден вапирџија за да ја отепа.
Арно, туку парички си немал сиромавиот. Кога видоа комшиите оти нема пари, беше му собрале од
помеѓу нив десетина бели меџидии и беа го пуштиле во село Алданци, та беше пазарил еден вапирџија
Турчин и беше го донесол дома. Го натерал вапирџијата домаќинот да донеее чалгии. Надошле комшиите
за да гледаат како ќе се тепа вапирката Катерина. Засвире гајдата, удри даирето, се разиграа
гостите - цела свадба. Вапирџијата само разгледувал вамо - тамо, за да ја види вапирката.
Арно туку вапирката беше претерала четириесет дни, тики била изитрена. Кога видел така Вапирџијата
оти не идела дома вапирката, им заповедал на луѓето да излезат по маало, да шетаат свирејќи и
играјќи.
Туку беше ги застојал вапирџијата на патот луѓето и беше му рекол на домаќинот;
„Ела, чорбаџи, застани зад мене и опули се од под мишкава за да ја видиш вапирката". Кога се
опулил, беше ја видел - за стравови беше била во погледот. После беше фрлил со пушката и беше ја
отепал. Кога пошле кај ѕидот, беа нашле крв како пивтија и беа ја собрале во еден цреп та беа ја
гледале мало и големо.
И така беа се куртулисале сите маалци и самиот домаќин од вапирката Катерина.

МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org