Сениште

СЕНИШТЕ

Јоан Донев си имал една бавча посадена со дрвја, најповеќе со јаболкници.
Јаболкниците биле турени од јаболка во таа година.
Врашки деца секоја ноќ оделе да му ги берат јаболката.
Откога видел Јоан оти јаболката му ги береле ноќе, си зел еден пиштол и си отишол во бавчата да ги варди јаболката, за да не му ги берат.
Неколку вечери вардил без да види нешто.
Една вечер, како што си седел под една јаболкница, си пиел цигара и се пулел помеѓу јаболкниците, на една страна видел една кокошка да оди помеѓу јаболкниците преку виделината од јасната месечина што греела ноќта:
„Ај анасана, си рекол сам со себе, што бара онаа кокошка да шета сега на права полноќ помеѓу јаболкниците? На кокошка ноќе не и се гледа; оваа како гледа што шета?"
На тоа размислување Јоаново, гледајќи ја кокошката од таа страна кај што ја гледал,
туку веднаш ја видел од другата страна кај се разодувала помеѓу сенката од дрвјата.
„Ај анасана, си рекол сам со себе, кога појде веднаш од онаа страна на онаа, како некоја стрела? Чок шej! He бев видел до денеска кокошка да гледа ноќе и онолку брзо да оди". Уште не 6ешe ги дорекол тие зборови Јоан и кокошката се преправила на една коза и дотрчала пред него, играјќи и вртејќи ги страшните и рогови, остри како сунгии, туку беше ги завртела роговите како да го буца.
При се Јоан што го имал пиштолот до себе, не беше му се вдало да го фати и да фрли на козата, за да се отме од нејзините стравови.
Многу чудно беше му било дека беше му се здрвила крвта.
Стоејќи спроти него козата, острелоушена, фатила да чекори со нозете како да сакаше да му се вкачи на него.
Туку од кај што беше ја гледал коза,се преправила на една голема сенка и туку му се фрлила сенката на него озгора и беше го наклапушила Јоана.
Паднал половина умрен на земјата, кутнат од сенката; тежина голема усеќавал: жива вода беше се сторил од мака што имал од сенката.
My дошло на ум за да мрдне со некој прст или од рака или од нога, чунки така беше му прикажувала мајка му, кога да најавне некого сеништето, да мрдне само со прст и ќе се иставело сеништето од него.
Арно ама не можел да мрдне за многу време.
Сакал да викне со глас, за да чуе мајка му и да дојде да го куртулиса, и тоа не можел.
Го газило сеништето, го гмечило, дури му втасало.
Од тоа време пропеале петли и чул Јоан од под сеништето и веднаш му се вдало да то рече „оче наш" и беше се иставила сенката од него.
Невиден бист се сторило козата и кокошката од пред него.
Извадил шамија од пазувата, се избришал од потта, разгледувал налево-надесно, да не би да ја види пак кокошката или козата помеѓу јаболкниците; арно ама ништо веќе не видел дури се обзорило.
Во зората си отишол дома и мајка му бидејќи беше била станата да си работи пред вратата, го видела и го познала, оти е уплашен.
Го прашала зошто бил уплашен, тој не и кажал таа вечер.
Другата вечер пак отишол во бавчата да ги варди аболката, ама со ниет да види дали пак ќе види такво нешто.
Запалил цигара и си го потсипал азлакот од пиштолот за да му биде готов да ја удри кокошката или козата.
Чекал, гледал отаде одаваде за да види, и за несреќа негова ево ти ја пак козата му се препречила и веднаш се престорила на сенинште та го наклапушила пак како првата вечер.
Откога ги претрга тие маки што ги трга првата вечер, станал и си отишол дома та и расказал на мајка си се како што мy се сторило во двата ноќа.
Од таа вечер веќе не беше отишол Јоан во бавчата за да ги варди јаболката, чунки и мајка му не беше го оставала да појде;макар и фиран да се стореле јаболката, ама не го оставала.
По неколку години отишол Јоан во Влашко и откога поработил таму при еден бојар, како јасакчија, една ноќ му дошол еден човек на сон и го однесол во едно место непознато та му покажал еден ќутук од едно дрво и му рекол да извади од под ќутукот пари.
Утрото се мислил за местото кај ќе биде, ич не му текнувало.
Другата вечер пак му дошол човекот и го однесол кај ќутукот да ги откопа парите.
Некои вечери се што го носил и најлосле му рекол Јоан на човекот:
„Арно, бре брате, ми кажуваш пари да откопам, ами кога не знам кај каде е тоа место, како да правам? И јас не знам. Ами ти кој си, леба ти, ако не ми кажеш?"
„Бре! зар не го знаеш местото каде е, а? Абре будала, му рекол човекот, ами ќутукот од јаболкницата кај што седеше двете вечери кога ги вардеше јаболката да не ти ги оберат? А пак јас сум кокошката што ти се пресенував во дрвјата и после ти се престорив на коза, а после на голема и тешка сенка.
Ете тој сум јас, разбра сега оти кај има пари? Во твојата бавча, појди и откопај ги".
Друга вечер веќе после не беше му се јавил на сон на Јоана тој човек.
По некоја година си дошол дома и кога видел, вистина сув ќутук од јаболкницата како што го видел на сонот; само пари што не нашол под него.

МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org