Вода да те однесе
ВОДА ДА ТЕ ОДНЕСЕ
Пред многу годиње ми прикажуваше за еден сон што беше го видела Марија Мрмејца, жената му на Костадина Мрмета.
Еве каков сон беше видела сирота Марија.
Како да си спиела на амбарче со Костадина и со двете и машки деца и со едно девојче. Двете и деца му лежеле на рацете од Костадина, едното на десната рака, другото на левата.
Така беше си ги зел уште на легнување и така беше си заспал;
а пак девојчето си го зела Марија при себе и си легнала до едното дете.
Спиејќи си сите тивко и мирно, Марија видела еден сон како да беше стекла реката Ореовечка и им влегла во двор в куќи и дури на амбарче, та ги дигнала сосемати постела и ги занесла од куќи во двор.
Гледајќи го тој сон Марија, рипнала од сонот (ама па во сонот рипнала) и дала вик по Костадина да го разбудува.
Се разбудил Костадин али не се разбудил, веќе и таа не знае, и тој и ги фрлил в раце децата.
Арно ама Марија не можела да ги докрепи в раце кога и ги фрлил Костадин, и и паднале во матната вода.
Се пуштила да ги вади и, уште не излезени од порта надвор, ги фатила и ги кренала на рамо двете, а девојчето го носела за рака и дошла до крајот, та ти паднала во една тиња сосе деца, а пак мажот и Костадин беше го занесла реката од порта надвор и и се изгубил од пред очи, и се затварила порта со силно удрување и тропнување, брам сторила.
Од тропнувањето на портата беше се разбудила и посигнала преку деца да го побара Костадина дали е тука, чунки на сон го виде оти го однесе реката;
посигнувајќи со раката, и се натопила како од топла вода.
Го буцнала со рака да го разбуди, да види: и тој што е таа топла вода околу главата негова.
Буцкала, викала по Костадина, тој нибаре од кај си.
„Стани, Костадине, стани да видиш што е оваа топла вода околу глава; стани оти пусти лош сон сум видела."
Ни од тоа викање, брате, слушал Костадин, нити од што го буцкала со рака.
Најпосле како да беше се налутила малце Марија и го грабнала со рака за темето од главата.
Кога гледа, раката и се пикнала во главата, и сетила оти му е мозокот, и отаде крвта била што течела, a не топла вода.
Тогај сетила оти е отепан од некои душмани Костадин.
Брго - брго ја запалила свеќата.
Кога да види, парчиња сторена главата од куршумот што беше го удрил.
Спискала сирота Марија, сврескала до што и грло тече.
Ама што фајде, лоши душмани, Турци беа го отепале; и остана вдовица со три деца.
Ги гледа сама, и дури ги изгледа, триста маки виде сиротата, откога ги исправи на нога и се зафатија на работа, оборчеа, и најпосле во голема мака и сиромаштија умре Марија, и поголемиот и син, што и беше женет, побегна во Филибе и тамо умре.
„Ете вака, нунко и ти нунке, ми се сврши сонот мене, им велеше на татка и на мајка Марија, кога ќе се отвореше збор за сонови:
во истата вечер да видам сон, и во истото време да ми го отепаат домаќинот и да ми се сврши сонот на часот.
Сонот од Марија Мрмејца нејќе никакво расправување (толкување), чунки ашиќаре си е, при се тоа, Марија еве како го толкуваше:
реката што и влезе дома и го занесе домаќинот сосе челад,
беше душманите што и влегоа в куќа;
Костадина што го занесе од порта надвор,
тоа било душманите што ќе и го отепаат и ќе и го извадат од куќа надвор (на гробишта); а пак децата што и ги даде,
сираци ќе и останат, таа да ги гледа,
и најпосле,
што и паднаа децата на крајот во калта,
тоа покажувало оти до најпосле со мака ќе и доживеат децата и таа со нив.
(И за вистина така биде).
За вистина така и се стори на сирота Марија во крајот на нејзиниот живот,
заборчија обајцата и синови,
и борчлиите ја истераа од куќата надвор и им ги зедоа куќите,
најпосле осиромаше и умре во туѓите куќи;
и синовите и по туѓина умреа.
Сонот од Марија сум го слушал многупати од самата неа, кога седевме со кирија во куќата нејзина околу пет - шеснаесет години, дури ни даде Господ наши куќи.
МАРКО ЦЕПЕНКОВ