Чумата

ЧУМАТА

Кога биела чумата, беше го удрила и татка ми.
Како што лежал болен на постела без свест, туку беше чул еден глас од тропотници на ѕвонци, клопотарци од карван; рипнал од сонот на права полноќ, си ја отворил вратата и портата и застанал да го гледа карванот што идел оздола.
Кога гледа коњи врзани еден од други, едно чудо и сите натоварени се со ништи, брдила, скрипци, разбои и секакви женски потреби што има во куќа, а кираџиите што ги терале коњите биле сите Врцали (од Влашко Цигани) со алиштата се испарталавени, во лицата црни аслим како еѓупци.
Кога врвоа, врвоа, дури на најпоследниот коњ имало една жена вкачена в седелје, со лицето страшно, косата растурена преку плеќи, рацете долзи една чудо, во десната држела една коса скршена.
„Седи со здравје, Коста", му рекла жената расплетена.
„Здравје да имаш, тетко, и одговорил татко, туку јас не те познавам која си ти што ми велиш мене на име."
„Ејди, синко, да како не ќе те познавам кога сум те бележала во плешката.
Еми јас сум чумата, туку отсега веќе нема да работам во оваа земја, ете таа сум, синко Коста," му рекла и си ошла по карванот.
Дури гледал татко и зборувал со чумата, мајка му и другите од куќи беа си спале и ич не беа го сетиле оти излегол надвор.
На враќање ја бувнал портата да ја затвори и чула сестра му Дафа оти тропна портата; рипнала од постелата, кога гледа, кај што лежал татко ми го немало, истрчала во двор и ти го пречекала татка и го зела дома, та им кажал се како што видел.
И од тој саат веќе не се чуло чума да удри уште еднаш во ниедна куќа.

МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org