Непозната градина
Непозната градина
Снаа ми Марија во Битола пред седум-осум години, кога беше девојче, видела еден сон, како да го прескокнала ѕидот од бавчата и се нашла во една друга бавча у комшиите, арно ама бавчата не можела да ја сети оти била од комшиите, како да не ја познава чија е; од таа бавча пак го прерипала ѕидот во друга, пак мислела оти у комшиите била, арно ама и неа не ја познала и тамо веќе се разбудила.
Ја прашала баба и за тој сон, што може да излезе; баба и и го истолкувала, — ќе се качела на коњ и ќе оди на туѓина да се мажи.
Арно ама никога не верувала Марија, чунки во тие дни и иделе стројници од градот Битола, и денеска утре била работата да се сврши; на конец била веќе, со бовчалаците на земи; саат на саат се чекало да се сврши за едно момче битолчанче.
Туку не знам како станало, некој човек беше им кажал на татка и и на мајка и оти момчето имало некоја голема маана и до вечерта веќе се расипала работата.
Три дни не оде, ја сврши син ми Коста, и ја донесоа на коњ во Прилеп.
Ете како се сврши сонот што беше го видела и што не беше го познавала Прилеп, како што не ја познаваше бавчата од комшијата.
Вториот ѕид, што беше го прескокнала, тоа и излезе идењето во Софија; и Софија не беше ја видела и ја виде.
Ете како и се изврши сонот на Марија, дека се стори мукает на ошто ќе и излезе.
СНИШТА
МАРКО ЦЕПЕНКОВ