Гулаби
Гулаби
Аџи Миаил Костенцев пред да се сврши видел еден сон, како да беше му долетал еден гулаб дома и му влегол во одајата внатре; не би час, туку му долетал уште еден гулаб дома, како малку постар од првиот и не толку личен во пердувите како што бил првиот, чунки првиот бил како со злато полеан по пердувите, толку бил личен; влегувајќи и вториот внатре, веќе не ги видел Костенцев да избегаат однатре, и многу радосен останал дека му останале двата гулаба дома.
-Утрото станал од сон и се чудел со сонот што го видел, да дури како навистина му се чинело да му дошле два гулаба.
Нејсе, поминало некое време и дошол во Штип Јаков Кљунк со книги да продава; се конуштисале со Костенцева и утрото, бидејќи недела, по црква после бил Јаков у Костенцева и у комшиите се правело една свадба; откај Костенцева се гледало во дворот од кај што била свадбата; во дворот имало едно девојче што му го давале на Костенцева за невеста.
-„Го гледаш она девојче; му рекол на Јакова, што стои онде?
-Ете тоа ми го даваат за невеста".
-„Знае книга, го прашал Јаков, али не знае?"
-„He знае", му рекол аџијата.
-„Е, лели не знае, му рекол Јаков, не е за тебе, чунки ти си книгопродавец, треба да имаш една невеста што да знае книга.
Јас ќе ти најдам една невеста, му рекол, учителка, ела утре со мене да одиме во Кратово и да ја видиш тамошната учителка, ако ја бендисаш, колај — ќе ти ја навршам јас неа".
Кога ги чул тие зборови аџијата од Јакова, се спремал утрото и ошле во Кратово, та ја видел учителката што била тамо (Марија), и ја бендисал.
Дале, зеле со мајка и на Марија и ја свршил.
Кога си отишол дома, и кажал на мајка си аџијата оти се свршил за учителката од Кратово.
-„Аирлија нека ти е, синко, му рекла, јас сонот ти го видов оти ќе се свршиш уште вчера ноќ, како да беа долетале две ластовици од некаде и ни влегоа в килер, па се пикнаа под бочви.
Многу се мачив да ги истерам од под бочви, арно ама не би кабил да ги истерам, останаа в килер, и така се разбудив".
Нејсе, направил свадба аџијата за Марија и ја зел, арно ама мајка и на Марија, немајќи друга челад отсвем Марија да се прибере да живее, остана при ќерка си Марија и при зета си аџијата и, бидејќи немаше кај дај се прибере, виде не виде аџијата, ја прибра да живее при него; и си живеа да дури умре мајка и на Марија.
Тогај дури аџијата се сети за сонот што го виде со двата гулаба што му дојдоа, едниот помлад и едниот постар (Марија и мајка и).
И пак тогај му текна за сонот од мајка си, што го виде со двете ластовици што влегоа в килер и не излегоа.
Многу пати му го наумувала сонот мајка му на Костенцева за ластовиците што ги видела на сон и му ги наумувала кога да дојдеше зборот за ташта му, дека ја ранел Костенцев и не ја терал од дома.
-„Знам, бре синко, му велела, знам оти нема да ја тераш ташта ти, чунки јас ти го видов сонот уште кога се сврши, оти нема да ја тераш од куќа, чунки сонот мене ми кажа кога влегоа две ластовици в килер и останаа под бочва."
А пак Марија пред да се сврши за аџијата видела еден сон како да и дошол еден гулаб многу убав што да ти е мило да го гледаш, и и застанал на обете раце, та почнал гулабот да трепери со обете крилја над обете раце; треперејќи гулабот со крилјата над рацете, се солеле рацете како некој прав златен и обете раце и се позлатиле; и светнале како некој нов алтан кога да излезе од азно како свети, така и светнале и рацете.
-„Еда Боже, Боже, си велела Марија, шго беше ова чудно чудо да ми се позлатат рацете од гулабов?!"
Co тој сон се разбудила и дури си ги погледала рацете да не и се вистина позлаќени.
Арно туку тоа и се преткажало оти ќе се сврши и прстен позлаќен ќе носи од Костенцева.
Во женидбата на Костенцева тројца сон видоа за истата женидба и им се изврши.
СНИШТА
МАРКО ЦЕПЕНКОВ