Од куќа во куќа

ОД КУЌА В КУЌА

За навите по леунките не бев се сетил да ги пишам, при се што беа во мојата куќа, у мојата жена и снаа.
Од една книга што ми ја подари господин Д. Матов се сетив да ги пишам и нив;
книгата е натпишана со овие зборови:
„Верзиуловото Коло и навите. Принос км блгарскии фолклор. От Д. Матовт " и проч. . .
На 17 септемврија 1895 г. ја приимав книгата и вечерта ја пеав пред жената ми, снаа ми и синови ми.
И сето им го расправив, како веруваат жените за навите, кога ќе родат:
во г. Велес, во Рудник, во Леринско, во Ресен, во Битола, во Тетово, во Ќостендил, во Ломско и во друзи градови.
Од тоа раскажување, што им раскажував јас на жените, се сетија и тие, та почнаа да ми кажуваат како веруваат во Прилеп и во Битола.
Многу приказни и друзи работи сум ги збирал од помеѓу народот така:
со прво јас ќе им прикажев нешто од тоа што ми требаше и така ќе ги потсетев,
та ќе почнеа да кажуваат, секој кој што знае;
и јас готов да го ислушам со четири уши и да го запечатам во умот како со инка турено. Од радост што ми идеше, ќе го честев ја со ракија, ја со вино, ја со друго нешто тој што ќе ми прикажеше нешто.
И исто така ги запишав бабинските работи што ги прават за навите у нас, од жената ми и од друзи.
Откога пишав од жената ми и од снаа ми, тргнав по други баби и стари жени да прашам за навите како веруваат:
не само жени прашав, ами и мнозина мажи мои познати и некои непознати;
од толку многу мажи и жени што прашав, како што пита питачот од куќа в куќа,
така и јас им одев по пријателите кому дома, кому на дуќан,
арно туку од малце жени и мажи се научив за навите,
чунки некои жени се срамеа кога ги прашав и ќе ми се изнаемееја
„Ха, ха, ха! еда таа работа, дедо Марко, е од бабите;
тие знаат, тирашај ги нив,"
вака ми се велеше.
А пак некои од мажите ќе ми речеа да одам кај жените да ги прашам:
тие ги знаеле тие работи.
Е, право што е право, баеги срам ми идеше и од мажите, ама пак од жените лицето ми капеше од срам, чунки некои од жените го земаа како накриво моето прашање.
Една само жена ми кажа со благодарение тоа што знаеше, таа беше г-жа Марија Костенцева.
При друзите зборови, што ми ги рече, ми рече уште и вака:
„Ти, чичо Марко, одиш од човек на човек да прашаш за народни приказни и друзи работи да ги збираш, како што оди пчелата од цвеќе на цвеќе да збира мед."
Да живеат вакви сетени жени што го познаваат нашиот многугодишен труд и го пофалуваат.

МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org