Крале Марко пасел волови, ама како најслабо дете сите воловари го тепале и го терале да им ги враќа воловите од кај што им бегале.
Крале Марко отишол по воловите, арно ама видел еден голем брест и на него една лута змија како се качува нагоре. И Крале Марко со стапот таангее – ја отепал змијата.
Во тој брест самоволите имале гнездо и таму имале деца, самовилчиња, а таа змија им ги убивала децата. Кога Марко Крале ја отепал змијата веднаш тука долетала самовилата. Кога гледа – Крале Марко ја отепал змијата и ги спасил самовилските деца. Самовилата му рекла:
- Марко, што сакаш бакшиш, што ми ги спаси децата од оваа клета змија?
А Марко, бидејќи сите деца го тепале, рекол:
- Не сакам ништо. Сите деца ме тепаат. Сакам да бидам јунак и да ги тепам јас нив.
Самовилата рекла:
- Дојди ваму! Ја отпетлала кошулата – Дојди, цицни од моето млеко!
Марко Крале направил како што му рекла самовилата.
- Оди сега заклати го она дрво, да видиме дали можеш да го извадиш!
Отишол Крале Марко, го заклатил дрвото, лево, десно. Ништо, не може да го извади.
- Дојди уште малку цицни – рекла самовилата.
Марко пие уште малку од самовилското млеко. Оди сега кај дрвото, го фаќа, го откорнува од корен и како прат го фрла настрана.
- Доста ти е сила! – рекла самовилата.
Се вратил Марко кај децата, со кои чувал волови и после некое време едно дете почнало да го тепа. Крале Марко го фатил со една рака и го фрлил како партал двеста метри подалеку.
Така Крале Марко станал јунак, откако самовилата го надоила со самовилско млеко.