Во еден град, недалеку од нас, живеело црнокосо девојче. Тоа многу сакало скапи и убави работи. Имало едно шкафче во кое биле убаво подредени мачиња од гипс, кученца од порцелан, влакнести мајмунчиња, зајчиња, џуџенца со капчиња и што ли уште не. Девојчето по цел ден си играло со нив и можело со часови да го гали вештачкото кученце, или да разговара со гипсеното џуџе. Кога на улица ќе сретнело вистинско куче или маче, веднаш земало камен и ги мавало, ги бркало со стапче и ги тепало. Исто така се тепало и со другите деца и страшно им завидувало ако во нивните раце видело некоја убава играчка или украс.
Девојчето често се шетало низ градот и застанувало пред излозите на продавниците каде биле изложени скапи и убави работи. Стоело долго време и тагувало дека тие работи не се негови. Мислело дека ако ги има сите во нејзиното шкафче, ќе биде вистински среќна.
Еднаш за време на една прошетка, застанало пред една продавница за злато. Таму штотуку била изложена златна белезица со големи, скапоцени камења. Девојчето застанало како скаменето пред излогот и не можело да го оддели погледот од сјајниот блесок на чудниот украс. Луѓето поминувале, се восхитувале на мајсторската рака која го изработила тоа дело, и заминувале. А девојчето само стоело и стоело.
По едно време на стаклото од излогот забележало дека некој долго стои зад него. Тоа бил снажен маж со бујна црвеникава брада и очи во кои како да гореле студени зелени пламени.
- Ти се допаѓа ли белезицата? – прашал црвенобрадиот.
- Многу! – воздивнала девојката.
- Јас можам да ти ја подарам, но треба да знаеш дека скапите дарови се опасни. Тие...
- Ах! – го пресекла девојката – Тие го прават човекот богат и среќен.
Човекот се насмевнал
- Штом мислиш така, ќе те направам богата и среќна.
Човекот влегол во продавницата. Девојката ја стегнало нешто во градите од возбуда. И ете, човекот со црвената брада излегол надвор и и’ подарил кадифена кутија, во која блескал златниот сјај на белезицата и заслепувачките скапоцени камења. Девојката не знаела како да му се заблагодари.
- Јас сум многу богат и ова не ме чини ништо – ја смирувал црвенобрадиот. – Но ако сакаш да ми се заблагодариш единствен начин е – никогаш да не зажалиш што си го прифатила од мене овој подарок –рекол, мистериозно се насмевнал и заминал.
Девојката го погледнала и помислила – Каков чудак! Кој може да жали за такво нешто?! – и побрзала да ја стави белезицата на рака. Како за чудо, белезицата била точно како за нејзината рака. Како само заслепувачки светеле брилијантите, смарагдите и рубините со своите кристални светла!
- Колку сум среќна! – извикала девојката и потрчала накај дома за да се пофали.
Но од белезицата излегле некакви невидливи мрежи што брзо и го обвиткале срцето во студ. Девојчето почувствувало камен студ во градите, а не можело да ги оддели очите од скапиот подарок и да се ослободи од неговата светлина. Заборавило дека треба да се врати кај своите родители. Тогаш се појавил човекот со брадата и девојчето како кученце тргнало по него. Долго време оделе, а црвенобрадиот не прозборел ниту збор. Излегле надвор од градот. Една бескрајна густа шума ги сокрила во својата мрачна прегратка. Одеднаш во средината на шумата блеснале вратите на еден голем замок. Замокот имал дваесет ката и целиот бил изграден од редок мермер – бел со златни пруги. Покривот, кој допирал дури до облаците бил од прозрачен планински кристал.
Влегле во замокот. Се искачиле до најгорниот кат и таму човекот ја отклучил вратата на една соба. Собата била полна со недобројни богатства: облека, прстени, огрлици, статуетки, слики. Девојката занемела од воодушевување!
- Сето ова е за тебе- рекол тој – Влези и биди среќна!
Девојчето се затрчало внатре и ги закопало рацете во купиштата од скапоцени камења. Црвенобрадиот ја заклучил тешката врата, а однадвор се зачул неговиот громогласен смев.
Но девојката не го чула. Коленичела занесена пред волшебните богатства и била слепа за се друго. Долго стоела така, а потоа почнала да се заљубува во секој предмет поединечно. Ги бришела со мека крпа, им барало соодветно место во собата, се китела со украсите...
Така минувале седмици, месеци, години. Девојката долго време не го тргала погледот од скапоценостите, долго време ги милувала, чистела и редела. Среброто, златото и ретките камења ја излачувале својата студена светлина, и собата ја исполнувале со гробен студ. Овој студ го заковал срцето на девојката и таа почнала да тагува за сонцето, за шпоретот во скромната родителска кујна, за топлата мајчинска прегратка. Лицето и станало мрачно и почнала да размислува како да се избави од студеното волшебство на овој замок. Но вратата била цврсто заклучена, а прозорецот толку висок што не можел да се достигне. Тогаш се сетила дека ниту еднаш во овие години човечка рака не ја отворила вратата, ниту пак сончев зрак влегол низ кристалниот прозорец. Девојката сфатила дека е погребана за цел живот меѓу бездушните скапоцености и од очите и протекле горчливи солзи. Ги ставила здрвените раце под лицето, за да капат солзите во нив, бидејќи биле единственото топло нешто во собата. Но солзите се тркалале по прстите и паѓале на мермерниот под претворајќи се во мали студени бисерчиња кои блескале како очи на ѕвер.
Девојката плачела и тагувала. Сонувала, макар оддалеку, да види нешто живо, некое цвеќенце кое се лулее на ветрот, некоја тревичка, мравичка која лази по неа, некој...
Еден ден, кога тагата и станала неподнослива, ги собрала сите скапоцености и направила куп за да може да се качи на него и да ја подаде главата низ прозорецот. Но разочарувањето била страшно! Шумата околу замокот била мртва, со скаменети дрва и ниту едно живо суштество. Девојката цело време гледала, со надеж дека некогаш пред очите ќе здогледа нешто живо. Бидејќи поминале многу години, таа станала жена. Темните очи почнале да го губат сјајот, а во косата и се појавиле бели влакна. Староста не била далеку, а избавување немало. Сосема неочекувано, кога жената била подготвена да се помири со својата судбина, од прозорецот го видела човекот со црвената брада, како водел едно девојче, како неа некогаш. Бранови на лутина и жал се кренале од нејзиното срце и ги наполниле нејзините очи со солзи. Но тоа биле други солзи – солзи на сочувство кон тоа девојче, кое го чекало ужасен живот. Нејзините солзи низ прозорецот капнале на главата на девојчето. А жената сакала да се фрли долу, да умре, за да го предупреди девојчето да не влегува во замокот.
Но немало потреба од тоа. Кога солзите допреле на косата од девојчето, тоа како од сон се разбудило и потрчало назад.
Црвенобрадиот се обидел да го фати, но девојчето се истргало од неговите раце. Тој се вратил во замокот и ја отклучил вратата од собата. Бил мрачен и лут како градоносен облак. Извикал со вжештен глас:
- Излегувај! Слободна си!
- Слободна?! – не можела да поверува жената.
- Да! Ти пророна солзи за друг човек и тоа те ослободува од студената магија. Сега можеш да се вратиш кај луѓето...
Жената излегла надвор и топлиот пролетен ден ја грабнал во прегратка. Кога се завртила да го види замокот, тој бил исчезнат. Наоколу се разлиснала, со чудна убавина, оживеаната шума.
Верверици потскокнувале од дрво на дрво, зајчињата се криеле во грмушките, птиците пееле на цел глас за сонцето и слободата, а ветрот и ја шепнувал на новата разлистена шума приказната која ви ја раскажав.