Глувата баба
Една глува баба си одела едно утро кај ќерка и', оти родила дете. По патот ја сретнал некој човек, па, бидејќи стара, наумил да и' стори чест. Затоа и' рекол:
– Добро утро, бабо!
– Кај ќерка ми одам синко – му рекла бабата.
– Јас што ти велам, ти што ми велиш, мори бабо – рекол човекот.
– Кај ќерка ми одам, бре синко – му рекла бабата повторно.
– Е, се разбравме дури сега! – и' рекол човекот.
– Бре, кога сте разбрале, синко, оти ми родила ќерка ми машко дете? – му рекла бабата.
– Ете, дури сега, бабо се разбравме! – и' рекол човекот.
– Бре, сега сте разбрале, а? – му рекла бабата.
– Господ да не прости и тебе и мене, бабо, не ќе можеме да се разбереме ние двајцата како гледам, туку ај, ој ми си со здравје! – и' рекол човекот.
– Господ, Господ, сполај му, тој и' даде на ќерка ми машко дете, синко. И вам Господ со некое машко да ве дарува, сега побрзо! – му рекла бабата.
– Е, толку бил к'сметот, мори бабо, да не можеме да се разбереме ние засега, ама ако се најдеме другпат, белки ќе се разбереме – и' рекол човекот.
– Така е синко, така, да си ми жив и здрав, саде со к'сметот нека биди, па и ние кога ќе разбереме оти вам Господ ви дал дете, ќе ви ја најдеме куќата и ќе ви дојдеме на честење, ако сум жива – му рекла бабата.
– Хе, хе, хе, хе! – се изнасмеал човекот и и' рекол: – Седи ми со здравје, бабо!
– Се смееш – му рекла бабата – оти ти е арно тоа што ти велам, од стар чоек благослов фаќа.