Правината и кривината
Некогаш остана правината без работа, та немала пари да си купи леб за да јади и три дена гладувала.
Шетала, одела овде, онде за да најди леб, но не можела и викнала сирота:
- Оф јас сирота, што да правам, дали ќе умрам од глад, нема ли никој да ми помогне?
Ја слушнала кривината и излегла пред неа:
- Што те мачи, а душко, што туку офкаш? – и рече Кривината.
- Оф мори сестрице, како да не офкам, кога еве три дена не сум каснала залак лебец, само со водичка живеам!
- Бре, бре, за тоа офкаш? Дојди по мене, јас ќе те најадам од сите убајни.
- Е сполај ти мори сестро, ако сториш тоа добро, сега да ми се најдиш, јас нема никогаш да ти заборавам.
Тргна пуста Правина по Кривината, душа да најади, оти ќе умреше од глад. Одеа, одеа и влезе Кривината во една меана, а Правината по неа, седнаа за да ручаат на чесна трпеза. Му викна Кривината на меанџијата и му нарача да донеси од сите турлии манџи и леб од најубавиот. Му донесле и Кривината и рекла на Правината да јади и ич гајле да не бери, оти таа ќе платела за се што јаделе.
На станување го викнала Кривината меанџијата за да пресмета колку чини ручекот. Пресметал меанџијата дваесет гроша.
- Мошне добро – рекла Кривината – дваесет гроша ти сакаш од мене, а јас сакам шеесет грошеви од тебе, што ти ги дадов еднаш кога дојдов; врати ми го кусурот уште четириесет, за да се платиме и да си одиме.
- Какви грошеви си ми дал бре чоече? Не ти е срам што зборуваш така? – рекол меанџијата.
Кога ги чу овие зборови, Правината стана и нога за нога појде и се скри зад врата, од што и падна срам од кривото што го правеше другарка и Кривината.
Кривината и меанџијата се расправаа. Чувај Боже, Кривината вика колку што ја држи грло, секој што ќе поминеше и заминеше се враќал за да види што е таа кавга и секој што слушал мислел дека Кривината е во право, оти многу викала.
Виде – невиде меанџијата, изваде четириесет гроша и и даде на Кривината. Тогаш викна:
- Ах правино, правино, кај си?
- Море еве сум бре брате, зад врата, туку што да чинам, кога и јас јадев, па валкана сум како Кривината! – се одзвала Правината.