Баење од Црвеница
Кацја нагоренаа се принесува три пати и откако ќе праша бајачката три пати за името на болниот ќе земе да ја ниша кацјата блиузу до образот на болниот, ќе си тури левата рака на градите и ќе почна да бае: (Описот е според велешкото градско наречје. Натаму следува баењето разделено од мене на стихови, кои немаат секогаш правилен размер, како во песните, можеби покажуваат еден првобитен размер. Баењата се кажуваат од секоја бајачка без измени, како и песните, а приказните допуштаат поголема слобода во творечката интервенција. Забелешка на Д. Матов).
- Црвенице притруснице!
Ја су Богородица мајка.
Ќе те прашам да ми кажеш,
кај ќе одиш?
- Ја ќе одам в планина.
Кај што петел не пее,
кај што кучка не лае,
кај шчо разбој не ткае.
- Таму има сенка широка.
Под сенката трпеза,
на трпеза има јадење.
Таму да јадеш,
таму да пиеш,
таму да седиш.
Таму има седумдесе апостоли.
Таму ќе ти измет чинат.
Од мене реч, од Богородица дерман!
Това повторуе бајачката до три пати и најпосле угаснуе кацијата со вода ќе ја дочека водата под кацијата и со таја вода ќе го попрска болниот, кажуејќи:
Од лева рака ни крс, ни црвеница!
Од Велешко, забележал Д. Матов, СбНУ, 11, 86.