За чумата
Од мнозина стари луѓе и стари жени сум слушал турли-бе-турли приказни за како и биела луѓето чумата.
Илија стрико ми и еден пријател негов дошле во Прилеп да си купат брашно за да си однесат на колиби кај што биле бегани од чумата. Си купиле брашно и друго нешто и си тргнале да си одат на колиби. Дојдуајќи до пол пат се обѕрнал назад пријателот на Илија и видел едно црно куче кај туку кливка по нив. На неколку пати што го видуал кучето пријатело, и посакал да го отепа со пушката што ја носел.
- Море не ти треба пукнуање пушка – му рекол Илија – оти непендек јет. Чумата ќе те чуја и можи да те удри и да патиме.
Не го послуша пријатело и врли со пушката на кучето, тики невиден бист станало кучето. Коа виде Илија оти го нема кучето, баеги беше се уплашил и на пријатело му рекол.
- Не стори арно пријателе, што врли со пушката и го снема кучето. Можи чумата да беше, чунки чумата се препраа на триста турлии: на куче се престоруа, на мачка на јаре, на биолица, на ѓупка на анка и на многу друзи турлии – му рекол.
- Треба да знаиш брате Илија, оти јас од чумата страв немам – му рекол.
Со тие лакрдии си отишле во колибите и вечерта еве му ја чумата, му дошла и му рекла:
- Ти си бре што врлаш со пушка на мене? Еве за тебе што треба, да те удрам по срце и веднаш да умриш.
Тие зборои му и рекла чумата и го удрила. Два три сатати живеал и си умрел. Во една недела сета фамилија беше и истепала чумата и умреле, од себапо што врлал со пушката по неа.
Коа да биела чумата, многу се чуале народо, со свирки да не свират, пците да не лаат, тропотници да не тропаат, песни да не пеат и никако лошо за чумата да не се речи, оти ќе се насрди и ќе и истепала тие што зборуаат лошо.
Чумата ја виделе луѓе во некој куќи коа си миела глаа децата во корито и си и чешлала, си и променуала.. Сапун, чешел и вода и клаале да е се топли и да си мие децата. Во тие куќи кај што ја честиле чумата и ништо лошо не зборуале за неа, тамо не и тепала. Ако се насмеат во куќите, ќе и тепа.
Чумата ја виделе луѓето како жена, со косите растурени и со една кошница во рака. Во кошницата имала турли-бе-турли алати: тесла, игла, шило, сабја, нож, секира, брич, кама, штипки, клешти, срп, коса и друго.
Коа ќе го удрела чумата некој чоек, знаел дали ќе умри, али нема да умри. Тој што ќе умрел ќе усетел една болештина, прао во срцето, а пак тој што немало да умрит болештината ја усетуал одозгора по снагата.