Од што е нашето Адамово јаболко
Кога го распнаа Риста ка крсто Евреите, беше викнале еден мајстор за да го напраи крсто и викнале еден Еѓуптин да му напраит четири бруќе за да го закоаат Риста. Нито мајстор џефа сторил, нито пак Еѓуптинот, за да неќат да напраат крс и бруќе, чунки знаеја оти Риста ќе го распинаа за права Бога.
Мајсторо беше го напраил крсто токмо како што беше му рекле Евреите, а Еѓуптинот беше напраил еден брут поеќе: наместо четири, како што беше му заповедале Евреите, тој пет беше напраил.
Зошто пет бруќе си напраил, бре мајсторе? – беше го прашале Евреите. – Лели четири ти рековме да напраиш, два за во рацете и два за во нозете?
- Вистина два за во рацете и два за во нозете – му рекол Еѓуптинот – ми рековте да напраам, арно ама јас измудрив и еден за во срцето да му клаите, та затоа пет сум напраил.
- Ашколсун бре мајсторе – беа му рекле – на мудроштилакот што го измудри ти.
Коа се чинеле тие зборои со Евреите и со Еѓуптинот, 'и чул еден овчар што се нашол тамо, и му се нажалило многу за Риста дека ќе му клаеле во срцето брут. Стоејќи овчарот тамо, се опечалил многу и го украл еднио брут за да не му го клаат на Риста во срцето.
Без да се сетат Евреите оти едниот брут му го снемало го клале Риста на крсто и му закоале двата брута во рацете и двата во нозете. И коа побарале за другио брут да му го закоаат во срцето, не го нашле, при се што го бараа поземи, да не нешто паднал и се откошнал некаде. Арно ама, бидејќи беше у овчарот, не го најдоа. Се сетиле Евреите оти го украл некој од тие луѓе што стојале тамо, и заповедале на војската да 'и сардисат за да 'и бараат сите со ред, и у кого ќе го најдат брутот, нему в срце да му го закоаат.
Коа беше чул овчарот тој збор, оти у кого ќе го најдат брутот, нему в срце ќе му го клаат, умрел од страв. На страо згора, беше му дал Ристос една добра мисла на овчарот за да го голтни брутот и да не му го најдат Евреите. На часо овчарот беше го голтнал и беше му се запрел во грлото за да не му влези во чкембето и после да умрит, и се сторил брутот крајот од гркланот. (Ете оттогај навамо у многу луѓе го имаат брутот во крајот на гркланот, што биле од сојот на овчарот).
За тоа добро овчарот што му напраи на Риста, го блаосоил да му се множат овците, а Еѓуптинот го проколнал се бруќе да праит и дури не пита, да не се ранит. Чунќим мајсторо џефа не сторил, и тој малку бил колнат од Риста да не можи да се обогати со тој занаат. За тоа никој од мајсторите немало многу богат и на аџилак да пошол. Откоа беа го испраиле Евреите Риста на крстот, беше 'и побарале сите луѓе што биле тамо за бруто да го најдат у некого, арно ама не го нашле, тики едни се зачудиле и во Риста поверуале.