Ешка

Ешка

Обичајот е останат од старо време, секоја година на 31 декември и на 1 јануари да се игра два дена
Ешка во селата Емборе, Дебрец и Палиор (и во многу други) кои се наоѓаат во Сариѓол во Македонија.
Првиот ден (31 декември) играат децата од 10 до 18 годишна возраст, а вториот (1 јануари)
повозрасните луѓе. Таа игра е многу интересна и е поврзана со некое митолошко случување, затоа
решив да ја изложам и да ја објавам, оставајќи на покомпетентните од мене да си го кажат мислењето
и да кажат кон какво случување може да се однесува. Според мене таа игра е многу стара и треба да
е останата, како обичај уште од паганските времиња.
Господин Кузман Шапкарев во својот зборник забележува дека тој обичај Ешката, според тоа што му го
соопштил г. Благој Димитров од село Емборе, мој роднина и учител во Солунската машка гимназија,
бил соодветен на Русалиите во Кукуш. Тоа не е така. Како што ќе забележи секој Ешката е сосема
друг обичај од русалиите и нема ништо заедничко со него освен можеби оружјето.
Ете сега подробно ќе го изложам тој обичај.

1. Подготовки за Ешката
Неколку дена порано и особено спроти 31 декември децата засилено се подготвуваат да играат Ешка.
бараат од познати, пријатели и роднини разни алишта - бели фустанели, чепкени, пантолони, џељатки,
палта, женски фустани и антерии шамии и разни други нешта како и ладно оружје: сабји, ками,
јатагани, топузи (боздогани) и др. Тие бараат такви предмети и од Турци кои не одбиваат да им
дадат се што имаат за да играат Ешка. Освен тоа многу деца (побогатите) си купуваат и маски за
лицата, така што да не може никој да ги познае. Некои си прават и коњчиња од дрво, приближно како
оние од вртелешките, но без нозе. Потоа децата се делат на тајфи (групи) од по неколку души.
Секоја тајфа си има музика, или гајдар или кеманеџии, или тапанари кои ќе ги придружуваат и ќе им
свират следниот ден на Ешка и се договараат кај кого да се соберат вечерта на 31 декември кога ќе
ја завршат играта за да се веселат и да видат колку пари собрале и за што да ги искористат.
Со така собраните алишта тие се облекуваат на 31 декември и со сабјите, камите, јатаганите и
топузите се вооружуваат. Огнено оружје не се употребува многу, но сепак се гледаат момчиња
вооружени со разни пиштоли.

2. Играњето Ешка.
На 31 декември наутро, по осамнувањето децата од секоја тајфа се собираат во некоја куќа, обично
во онаа каде што ќе се соберат вечерта за да се веселат, и таму се преоблекуваат, а некои одат и
преоблечени во ешкарска облека и само тогаш се нарекуваат Ешкари. Секоја тајфа од 15-20 души си
прави и по неколку (5-6 дури и повеќе) невести. Тоа се, исто така, момчиња преоблечени во женска
облека. И некои невести си ставаат маски. Некои момчиња особено оние што се наоружани со топузи,
си ги црнат лицата, дури и рацете со саѓи и се нарекуваат арапи. Така преоблечени тие изигруваат
најпрвин во куќата, каде што се собрани едно оро, а потоа излегуваат и одат заедно со музиката да
играат Ешка. Почнуваат од најкрајната куќа на некоја маала. Штом влезат во секоја куќа се фаќаат
на оро, а по завршувањето на орото невестите кои во рацете задолжително треба да носат шамија -
кафтан, секоја придружена од еден или двајца Ешкари (кавалери) се спуштаат кон секој од домашните
и врз секого им ги префрлаат шамиите на вратовите, ги тргаат кон себе и викаат: Ешката, бабо
ешката, или само: ешка, ешка. Ако некој се спротивставува и не сака да им даде пари, ешкарите
(кавалерите) го вадат оружјето и со него го заплашуваат. При поголемо спротивставување на
другарите им притрчуваат на помош и други ешкари. Воопшто никој не може да се избави од ешкарите и
да не им даде пари зашто игра оружјето. На тие што им даваат пари, а никој не може да не им даде,
невестите им бакнуваат десна рака, и парите ги стават во шамијата, која е здиплена неколку пати,
исто така, како селските невести кога се мажат. Не се ретки случаите ешкарите да тепаат некого за
пет, десет или дваесет пари. По невестите се појавуваат арапите, кои се многу пострашни и сакаат
да им стават пари горе на топузот, а и тие не го остават слободен човека додека не добијат пари.
Понекогаш луѓето им велат на ешкарите да изиграат уште едно оро, зашто малу играле, и невестите да
им се поклонат неколку пати, и дури тогаш да им дадат пари. Тој предлог се прима и веднаш се
исполнува но само еднаш. Се случува некој да побара и целувка од невестата и тоа се исполнува само
треба да се дадат пари. По арапите одат оние со коњчињата, тие со камилите, тие опашани со разни
ѕвонци и ѕвончиња и др., кои исто така бараат пари и треба да им се даде нешто. По тој начин
ешкарите ги обиколуваат и ги посетуваат сите домови. И по улиците и по патиштата кога ќе сретнат
некој човек му сакаат пари. Но ешкарите наидуваат и на Турци од селото или некои што минуваат низ
селото и таму играат, и од нив бараат и земаат пари само што не одат по домовите.
Децата ешкари играат само во своето село и не одат во други села како возрасните како што ќе
видиме.

3. Веселбата и собраните пари.
Уште порано, пред да тргнат да играат Ешка децата што ќе се прават ешкари носат секое по нешто:
брашно, масло, вино, месо, нишесте, пекмез и др. Во куќата која претходно ја избрале за да се
веселат домаќинката им готви гозби, алва и др. какви што ќе и порачаат и ќе ја замолат да им
направи. И леб таа им меси, или си носат од домовите.
Кога ќе заврши ешката секој си оди дома му си ја соблекува ешкарската облека, си ги облекува
своите алишта и оди во подготвената куќа. Кога ќе се собрат сите домаќинката им става да јадат.
Откако ќе се нахранат, ги тераат свирачите да им посвират малку, потоа пеат разни песни, но ниту
една нема за ешката, не се пее, ниту преку денот, играат на оро, по кое пак седат, одмораат и си
посакуваат и до година да ја пречекаат живи и здрави Ешката и тогаш им предлагаат на невестите и
арапите, на оние со коњчиња и на сите што собрале пари да ги извадат парите за да ги пребројат. Од
собраните пари најпрвин плаќаат на свирачите и пресметуваат колку потрошиле за веселбата, ако
такви имало потрошени, зашто како што реков тие нешто земаат од своите домови, а за останатите се
советуваат што да им прават. Обично со тие пари купуваат нешто за црквата, како: полилеј, свешник,
железни клепала, или ги даваат како поддршка на училиштето, но многу пати и си ги делат меѓу
себе - за да не се караат. По завршувањето на сето тоа, ако има време легнуваат да спијат, откако
ќе и речат на домаќинката да ги разбуди мошне рано, на средноќ, а ако времето е поминато не си
легнуваат, туку стануваат, си ги земаат работите подготвени од порано, излегуваат на некој мегдан
и извикнуваат три пати колку што ги држи гласот; Сурва, сурва година, и тргнуваат пак по куќите за
да си играат сурва - да сурвакат."
Од записите на Д. В. Македонски, 1891 година.

Големата Ешка
Ешката што се игра на 31 декември се вика мала затоа што тогаш играат само децата. На 1 јануари се
игра големата Ешка. Тогаш играат возрасните од 18 - 40 и повеќе години. Тој ден посети попладне и
дури и порано не се прават, зашто луѓето се плашат од ешкарите, кои кога ќе ги сретнат ги напаѓаат
и им бараат пари. На големите ешкари треба да им се дава повеќе пари. За последен пат јас играв
Ешка во Емборе, моето родно место, по покана и настојување на многу мои роднини и пријатели од
детството, во 1873 година, кога бев веќе оженет. Јас бев преправен во арамија, облечен со фермеле,
чепкен и бели фустанели, со маска на лицето, со сабја на половината и препашан со појас на кој
имав наденато еден пиштол. Имав и невеста - дама со која се водевме под рака, ги наѓавме луѓето и
им баравме пари. Да се игра Ешка не е срамота, напротив тоа е пофално нешто, не играат само
страшливците и големците.

На денот на големата Ешка скоро сите си ги затвораат куќите најповеќе двокатните, какви што се
повеќето куќи во Емборе за да не можат да влезат ешкарите. Ешкарите откако ќе дојдат пред куќата,
се фаќаат на оро, а по изигрувањето невестите со кавалерите си ги фрлаат шамиите по прозорците и
бараат да им врзат во нив пари домаќинките и гостите, ако има такви. Ако не им ги отворат и
прозорците тие ги прескокнуваат оградите и сами си отвораат, а ако оградите се високи ги кршат
портите на куќите и вратите на одаите. Ако на таков начин влезат во некоја куќа ешкарите стануваат
попребарливи, зашто се мачеле и бараат повеќе пари Тој ден и Турците се кријат по куќите и се
плашат да излезат по улиците и мегданите. Некои од возрасните ешкари не одат сите по куќите, туку
се собираат на едно место, преоблечени во ешпкарска облека и преправени во дервиши, оџи и др. и
тука составуваат совет со претседател, членови, писар и исполнители (стражари и извршители). Тој
совет ја определува сумата пари што секој од жителите на селото треба да ја внесе, таа сума
писарот ја запишува во еден тефтер. Решенијата на советот се исполнуваат од извршителите кои исто
така се ешкари. Има самци или двојки ешкари, кавалер и дама, кои играат за себе си.
И големите ешкари от Емборе не одат да играат ешка по другите села, но само од причина што не им
останува време бидејќи Емборе е доста големо, има околу триста куќи. Но ешкарите од Палиор и
Дебрец одат во Емборе. Многу пати ешкарите од тие две села се враќаат назад без да собрале ниту
една пара со раскрвавени глави и ранети. Причините за тоа се различни. Емборчани ретко им
дозволуваат да играат Ешка во нивното село, бидејќи и тие не одат во нивните села да играат, а
понекогаш зашто мислат дека тие си поигруваат со религијата, бидејќи се преправаат во владици и
попови, кога облекуваат свештеничка облека, земаат кандила и свеќници од црквите ставаат божем
умрени луѓе во носилките (катафалка) и ги опеваат носејќи ги по патиштата. Јас помнам два такви
случаи, едниот со Палерчани, другиот со Дебречани. Во Емборе имаше човек еден со името Христо
Пинде. доста возрасен човек кој секоја година на големата Ешка се јавуваше на еден голем дрвен коњ
направен од самиот него, во рацете носеше една коњска или магарешка опашка натопена во
нечистотиите на некој нужник или во некоја тиња, и со неа го заплашуваше секого кој се противеше
да му даде пари и без милост ги удираше Палиорчани и Дебречани. Тој човек на сите им задаваше
страв за време на ашката. За да ги избегнат непријатностите Палиорчани и Дебречани пред да влезат
во Емборе праќаат свои шпиони за да дознаат на која страна од селото се наоѓаат емборските ешкари
и откако ќе разберат за тоа тие влегуваат во селото од спротивната страна, но судирите многу ретко
се избегнуваат. И возрасните ешкари си избираат еден ден, во кој се гоштеваат и веселат со еден
дел од собраните пари, а со другите купуваат, исто така, нешто за црквата, или ги даваат на
училиштето. Така исто и тие кога играат ешка си најмуваат свираџии: гуслари, гајдаџии и тапанџии.

5. За непријатностите
Како што видовме ешкарите кога играат носат разни оружја и често се случуваат судири меѓу ешкарите
од едно село и тие од друго село, дури неретко се случува да се степаат и две тајфи ешкари од едно
село. Во постаро време се случувале повеќе судири, бидејќи тогаш повеќе луѓе играле Ешка. Тогаш не
биле ретки и случаите на убиства. И сега некои гробови во Емборе се викаат Ешкарски. Јас не
паметам убиство. Убиените ешкари не ги погребувале во заедничките гробишта ниту ги опевале
свештениците туку едноставно ги закопувале во дупките кои ги копале на самото место каде што биле
убиени. Нивните домашни и родителите не смееле да ги бараат нивните тела. Убијците не се барале и
не се казнувале, зашто тоа што се правело во двата дена на ешката не се сметало за престап. Дури и
денес луѓето веруваат, дека ешкарите се слободни луѓе, кои не можат да бидат следени и казнувани
од законот за какви и да се престапи извршени за време на празниците. Ете зошто и Турците за време
на двете Ешки особено за време на големата се кријат по куќите и не излегуваат по улиците и
мегданите.

Забелешка: Истиот обичај Ешка, но без името постои и во Битола. Тука, исто така, на 31 декември и
на 1 јануари многумина се преоблекуваат во разни страшилишта, си закачуваат многу ѕвонци, од
луѓето прават камили и носат цели бочви и одат по куќите и им наливаат по малку вино во нив кое
после го испиваат. Кој нема вино им дава пари. Собираат и ракија. Тие играчи во Битола се викаат
Бабари. Обичаите на бабарите во Битола, како и некои други обичаи од тој град, јас мислам да ги
опишам друг пат поопширно. За тоа сега ќе завршам со тоа дека тие пеат една интересна песна која
завршува со зборовите еден грош и тој лош.
Забелешка: Истите денови 31 декември и 1 јануари Ешка играат и во Клисура (големо влашко село), во
грчкото Блаца и во градот Кожани, каде населението се нарекува Грци и говори еден расипан грчки
јазик како и населението во Блаца. Тука играта нема име и играчите не собираат пари како во
Емборе, Палиор и Дебрец, туку само се веселат, се нарекуват бабушори и не се страшни, зашто не
носат никакво оружје. Според собраните материјали, Ешка играат и во Воден и селата. Според Д.
Димов Македонски некогаш на Богојавление и Ивановден се правеле бабурци и во селото Скребатно во
Неврокопската каза.

Од записите на Д. В. Македонски, 1891 година.

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org