Самовили

Самовили

Самовилите во Скопје ги наречуваат: самоили и самовили, а некои и мајки (како што покажува
изреката: го земале мајките, кога се сака да се каже за некого дека е чукнат или дека се пореметил
умствено некако од страв и сл.). Ние ќе ги наречеме тука со општото македонско име - самоовили.

Според верувањата во Скопје, самовилите прават големи зла и пакости на човештвото и дење и ноќе.

Според тие верувања, самовилите ноќно време се собираат на некое многу вековно високо дрво,
особено на некој брест или јасика, што се наоѓаат покрај пат и оттаму, посреде ноќ го примамуваат
патникот што тука поминува претворајќи си го гласот и плачејќи како мало дете, или се смејат со
висок глас, како моми, или пак свират слатко со некакви инструменти.

Ако патникот се измами и отиде при дрвото, тие го алосуваат, и во таков случај се кажува за таков
човек, дека го алосале мајките.

Самовилите пируваат и играат ноќно време под дрвјата и куќните стреи. Ако се случи некој во тоа
време да пушти вода под такво дрво или под стреата и со тоа да ја оскрнави нивната трпеза или
самите нив, тие се расрдувале и го оградисувале. За ограда се сметаат разните болести, помеѓу кои
попрво место држат разни видови ревматизам, надворешната - болест, - припаѓањето, епилепсијата и
др. Затоа против таквите болести, наместо други лекови, се прибегнува до баења и разни бапски и
суеверни лечебни средства.

Кој излезе летно време по пладне, кога владее голема жега (а во Скопје летно време горештината
честопати достига и до 32) - да се шета, возможно е и да се пострада, бидејќи тогаш самовилите
излегувале на прошетка со цел да прават лошотии.

Кога ќе се сретнат два противположни ветра и образуваат една висока колона од прав, што се врти
околу себе си или стои на едно место по неколку минути и сетне се губи, или пак преминува со
голема брзина, тогаш уште оддалеку луѓето гледаат да избегаат од таа колона и, како плукнат во
пазувата си, повторуваат:Медени, маслени. Во тој случај во Скопје населението верува дека тоа се
самовилите, што играат и лудеат и, спрема тоа, тешко и горко на оној што ќе биде од нив тогаш
фатен; тие ќе го дигнеле во облаци и потем ќе го фрлеле оттаму да го утепаат.

Воопшто самовилите, според верувањето во Скопје, се страшни злотвори на човештвото и тие никогаш
не пропуштаат прилика за да им сторат зла на луѓето.

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org