Свадбени обичаи
Свадбени обичаи
На 19 јули по изгревањето на сонцето почнуваат да се собираат сите сватови за да тргнат На земање
на невестата од домот на татко и и да ја доведат во куќата на младоженецот. Колку и да е блиску,
ако е во селото сите сватови одат со потседлани коњи. Ергените кои образуваат гарда околу
младоженецот исто така се со потседлани коњи. Сите веќе дошле и ги оставаат коњите на страна
додека младоженецот се облече во новата облека соодветна за оваа прилика. Подготовката се прави
вака:
Најпрво се врши бричењето на младоженецот (дури и да е ќос). Тој седнува на стол среде куп од
папрат. Му се тура вино за миење, по кое се насапунува. Бричењето го прави татков-мајкин (на кого
му се живи родителите што не е сирак). Белата риза врз која ќе паѓа брадата се држи од четворица.
Берберот почнува да го бричи зетот со песни на момите и ергените, а мајката некаде во куќата од
милост рони солзи радосни. Момите пеат:
Неќет зетот бербер да го бричит,
ток ми сакат верни побратими,
неќет зетот бербер да го бричит,
дур не земит од татка прошчење,
дур не земит од мајка прошчење
дур не земет од браќа прошчење,
дур не земет од сестри прошчење,
дур не земет од рода прошчење.
Додека пејат момите тапаните запираат. Откако ќе се избричи на зетот му се тура вино да се измие.
Младоженецот веќе избричен оди да се облече се во ново приготвено по опишаните церемонии. Се
облекува и му се става капата (кече) три пати заврзана со црвена коприна, врз која се закачени
еден или повеќе златни алтани, за да се знае дека тоа е зетот и уште тој алтан да и биде даден на
невестата во првата брачна ноќ. Се подготвува и потседлан коњ кој го чека на вратата да излезе и
да тргне. За време на облекувањето на младоженецот сите сватови се накачиле на коњите и се готови
да тргнат кога ќе тргне зетот-младоженец. За сето тоа време тапаните и зурлите имаат засилена
активност која е знак за подготовки за тргнување, а кога ќе тргнат продолжуваат со друга мелодија.
Тргнувањето кон куќата на невестата на чело со бајрактарот почнува од десно и со една обиколка пак
се јавуваат од десно. При наближувањето на сватовите стариот побратим забрзува за да се јави во
куќата на девојката да ги извести за пристигнувањето на свадбарите. Притоа подава карта со вино и
во торбичка нешто друго за невестата. Набрзина ги предава картата и торбичката, некои отпиваат од
картата со вино и пак заедно со торбичката му ги даваат на стариот побратим кој се враќа кај
свадбарите и известува дека е примено одењето. Во торбичката некој пат за шега ставаат некои
непотребни работи како на пр. парче од стара гнила пенушка на која ако не се забележи веднаш се
одговара подоцна со песна:
Што си дошол туѓоземјанине:
Аљ си дошол оро да играме,
аљ си дошол камен да хврљаме,
аљ си дошол вино да пиеме?
- Ни су дошол оро да играме,
ни су дошол камен да хврљаме,
ни су дошол вино да пиеме,
ток су дошол по убаво моме.
Веќе свадбарите пристигнуваат во дворот на невестата. Стариот побратим го носи зетот со неговиот
коњ кон чекачите - роднини и пријатели на невестата пред нејзината порта. Тој стои на коњот и
принесуваат чаша со вино која тој ја зема со бакнување на раката што му ја подава за да ја предаде
на најстариот роднина на невестата на пр. нејзиниот татко - Дедо; отпива и по срдечни благослови
му ја подава на зетот, кој пак ја зема со целивање на раката за да се наполни одново, за да ја
предаде на бабата пак на истиот начин додека се изредат сите чекалени. Потоа носат лично од
невестата предаден калемќар за да биде даден на зетот (јунакот) кој го префрла преку десното рамо
и го прифаќа за појасот од десната и левата страна, по кое тој со неговата ергенска гарда тргнува
назад за неговиот дом откако ќе минат низ ливадите се враќаат дома и во просторијата каде што ќе
биде сместена невестата седнуваат и се гоштеваат со приготвените баници, јајца пржени, кисело
млеко и др.
Во куќата на невестата откако ќе се испрати зетот останатите сватови ги седнуваат на одредени
места каде што се наредени долги софри, со погачи, ракија и мезе. Излегува невестата забулена со
ризата што служеше за бричење на зетот со која таа се покажува уште толку бела и румена, им
бакнува рака на сите без да зборува но се разбира дека тоа значи добре дошле. За тоа бакнување кое
е единствено таа добива подароци од пари, грошови, алтани, череци и ретки златни лири кои го
прават само најблиските (свекорот и деверите ако им овозможуваат условите). Ги прибира сите дадени
пари и и ги предава на својата шаферка ако не може да ги држи во себеси. Потоа си оди во одајата
каде што ја облекуваат. За тоа време сватовите ручаат, пијат и пеат по кое го донесуваат коњот на
младоженецот за да биде качена на него невестата.
Невестата е веќе облечена и готова да тргне. Таа е забулена со црвена крпа под која може да плаче,
но и да се сме. Забулена со црвено, значи национално ропство. Ја качуваат на коњот од момчето и по
кратко збогум преку превезот, свадбарите качени на коњи како и пешаците повеќето жени се готови да
тргнат кон домот на момчето. Испраќањето е проследено со соодветни песни кои се пеат од жените од
двете страни.
Израсла ехла, дорасла, в таткови си кледовви.
в таткови си кледови, в мајкини си дворови,
во мајкини си дворови, од корен се корнеше,
од корен се корнеше, а од врше се кланаше,
а од врше се кланаше, не может да се поклонит,
од таткови си јадови, од таткови си јадови,
а свекрови си атери, не может да се поклонит,
од мајкини си јадови, за свекрвини атери.
Испраќањето пак продолжува до извесно растојание од нејзината куќа по кое се разделуваат и го
фаќаат патот за куќата на момчето при што се оди надесно за кое се прави поголемо обиколување.
При пристигнувањето таму свекрвата побрзува да ги превари (престигне) свадбарите за да може да го
земе ситото со две погачи во него, да го стави на главата и со него да ја допре три пати невестата
при обиколувањето, која уште е на коњот по што ја симнуваат од него. При воведувањето дома од
страна на кумот и стариот побратим се фрлаат бонбони, а од страна на свекрвата жито. (од она што е
пеано уште пред свадбата, за да се однесе во воденица за мелење.) Неа најнапред ја водат да засее
брашно, нешто замешува во ношвите, потоа ја водат на огништето, таму меша во огнот и потоа ја
водат во просторијата одредена за неа - клед. За тоа време, моми, невести, ергени, пеат песни
соодветни за тој случај, а тапаните си ја тераат својата музика по што им се дава одмор.
Умејала невестата свекра да послужит,
умејала невестата кума да послужит,
умејала невестата погачи да месит,
умејала невестата печиво да сучет.
Само со момински песни невестата се разбулува се крева црвеното було и накитена со елеци, се
срмени, павти алтилоци по појасот и алтани на ушите и челото, таа е веќе подготвена да ги прима
поздравите од присутните дојдени да ја видат на кое таа со срамежливост и полека одговара се
разбира заблагодарува. Така вечерта и другиот ден се примаат поздравите.
Ако невестата е од другите села: Тресонче, Селце и др. церемониите се извршуваат забрзано но ништо
не се изостава. Бајрактарот на коњ со бајракот, како и за невеста од истото село, тргнува напред
како водач на свадбата, а другите тргнуваат по него вака: пешаците мажи и жени иако од нив ниту
една нема на коњ, потоа зетот со својата гарда, сите на коњи и најпосле возрасните - женетите
сватови на коњи. Тапаните и зурлите одат по свадбарите тупајќи на извесно растојание откако ќе
наближат кон селото Тресонче ако е од истото село и ако е од понатамошните села пак минувајќи низ
него, ја извршуваат својата должност за да не се минува глуво. Со приближувањето кон куќата на
невестата се извршуваат истите дејствија, како што ги опишав погоре за невестата од истото село.
Се друго е исто како кај невеста од истото село, разликата е само во посвечено пристигање на
невестата, бидејќи кога се иде од подалечно место кое е проследено со поголема свеченост, а пак
ако истовремено има повеќе такви свадби и свеченоста е поголема.
Според книгата Книга за Мијаците од Георги Трајчев, Софија 1941.