Свадбарски обичаи и песни во Дебарско
Свадбарски обичаи и песни во Дебарско
Сватоите ќе слезат од коњи у момата, а зето ќе застани со четворицата побратими на коњи вкачени
пред вратата од кледо (визбата), кај што ет невестата, со друзи моми и невести. Невестата ќе го
гледа зето низ сито за да биди сит од неа. После ќе излезит татко и мајка и и друзи најближни
родој од невестата за да му бакнит рака зетот, ќе му турит еден од изметчијте откај невестата чаша
вино и ќе му ја подајт на зетот за да и почести дојдените пред зето, на секоја чаша земање и
подавање ќе бакнуа рака зето на изметчијата и на деда си и на другите. Во тоа време ќе му запеат
момите песна:
Добре ни дојде, јуначе,
јуначе, море јуначе,
убаво рака целивај,
да не пострамиш татка ти,
татка ти сосе мајка ти,
мајка ти сосе браќа ти,
браќа ти сосе сестри ти.
Ќе го даруат зето со една риза (крпа) и пак ќе му честат момите ризата со една песна:
Честита ти риза, јуначе,
честита ти риза, јуначе.
Зето ќе му даит едно јаболко на тој што му подаваше чашата со вино, во јаболкото има пари закачени
и ќе изваит служачот некоја пара, и пак ќе му го даит на зето јаболкото.
Зетот со побратимите ќе си тргнит дома да си одит и ќе врлит два пиштола во момини дворои.
Девојките ќе го испратат со една песница:
Збогум, со здравје, јуначе,
чекај си мало девојче,
збогум со здравје, јуначе.
Свекоро ќе ја остаи сваќа (погача) кај невестата и откога ќе се наручаат сватојте, ќе се накачат
на коњи, ќе се симни крстата бајрака и ќе тргни напред, за кај зето пред сватои.
Ќе ја вкачат невестата на коњ и свекорот ќе ја преврлит со пари, а момите ќе и запеат една
песничка:
Поклони се убава девојко,
ти ќе ни одиш надалеку
многу надалеку, во туѓи села,
да не ти се шега подбијат,
тие се многу шегалии,
да не ти се тебе потсмеваат.
Невестата ет промената со овие алишта: на глаа булка увиткана богасија, танка колку три прсти и
долга колку една педа, и на булката е воврено венчето, од булката надолу висит превесо од
богасијата; со богасијата лицето ич не му се гледат на невестата. На дулако е закачена иглата со
две синџирчиња и на нив трепетушки, во стредата на чело има алтан. Под дулако има врзана на глаата
една дартма, на преднио свиткан крај од дартмата имат една киска растурена од коприна, што му виси
до веѓи. Облечена ет со 2-3 елека чоени, везани со срма и оспреди петлици срма. На рацете
наракавчиња, или од чоа или кадифе, везани со срма. Облечена со клашеник од бел шајак, околу везан
со алоо бјукме. На клашенико стребрени чапрази оспреди има зашиени. Опашана со алов појас и од
обете страни на колкојте големи киски предено висат. Со препашка аловна, со киски наресени е
опашана. Со скутина кивчена наресена отпред опашана. Павти опашани. Кожувче озгора облечена,
везано со алои букмиња, и одзади сокај нанизан со мониста и динари, на крајо со ресулки. На нозете
врзаници (кондури) со жолта и црвена мешина праени.
Откога ќе останат сами чупите, у мајка и на невестата, ќе седнат на трпеза и ќе ја пеат сваќата
(погачата) што ја донесе свекоро:
Огреала месечина по чесна трепенза,
не ми било месечина по чесна трпенза,
ток' ми било чиста сваќа по чесна трпенза,
чиста сваќа од бела шченица по трпенза.
Зошто ти е сваќе мори, сваќа непечена,
дал' немаше сваќе мори, една чкорка дрвца,
да испечиш, сваќе мори, белава погача.
Зошто ти е, сваќе мори, сваќа несолена,
дал' немаше сваќе мори, еден скрупец солца,
да посолиш сваќе мори, белава погача?
Дојде невестата дома, пред вратата од зето.
Уште несимната од коњ невестата, ќе и го клаат фесо од зето на глаа за да бидит секоаш поклонета
на мажо, таа ќе ја мавта глаата за да го турнит фесо од глаа.
Момите во тоа време ќе и пеат на невестата за да слези од коњ:
Добре дојде, убава Јано,
слези си, Јано, од брза коња!
Ни ми слага ни ми в куќа влага,
на свекрва и љутум наљутена:
да напраит стребрени столови.
Слези си, Јано, од брза коња!
Ни ми слага, ни ми вкуќи влага,
на свекрва љутум наљутена:
да напраит шарено мутавче.
Слези си Јано од брза коња!
Ни ми слага ни ми в куќи влага,
на девери љутум наљутена;
да напраат два златни прстена.
Пак ми слезе Јана од брза коња,
пак ми појде во шарени кледје.
После ќе ја симнит свекоро од коњ и ќе ја заведит горе на месарка, ќе и даат сито за да засеит и
сукалото за да засучит до три пати, и после ќе ја удрат со глаата во тланик. Во тоа време ќе и
пеат:
Умеала невестата погача да месит,
умеала невестата печиво да сучит,
умеала невестата свекор да послужит,
умеала невестата свекрва да послужит,
умеала невестата девер да послужит.
Дулако (превезо) ќе му го вадат и ќе му пеат:
Калинче ле, дробно и црвено,
да што си ми дробно останало?
Дал' си расло в дробни камење,
дал' си пило вода бигорлива,
дал' си јало леба просеница?
Не сум пило вода бигорлива,
ни сум јало леба просеница.
ток' ме мајка мало оставило,
затеа сум дробно и црвено,
затеа сум мало останало.
Зето и невестата црква ќе се носи за венчање и песни по патот ќе му пеат:
Ситно оди моме на венчање,
оддеќи ми, ситна роса росеше;
ситно оди моме, од венчање,
идееќи ми, камење врнеше.
Вечерта сватојте пак ќе вечераат у зето. По вечерата ќе го однеси старио побратим зетот на чесна
трпеза и ќе му се поклони три пати зето на татка си и ќе му бакни рака; после ќе му даит изим за
да одит да си спиет. Старио побратим и побратимицата ќе го внесат при невестата и ќе го затворат.
Ќе врлат една шутка со ореи во вратата да се окршит, и ќе и грабаат ореите чупи, деца, невести.
Утрото ќе се натпревараат зето со тапанарите кој побрго да станат. Ако станит зето, ќе појдит кај
тапанаро и ќе му удрит неколко пати за да го разбудит тапанаро, а пак ако стани порано тапанаро,
ќе го удрит тапано за да го разбудит зето и ќе му земит бакшиш пет грошеи.
Момите ќе ја скориват невестата со песна::
Стани моме, здраво да не станиш!
Огреало сонце по ридои,
а во дворје тешки табуани,
во чардаци китени сватои
а во кледје млада зеташина,
по пердиња крстата бајрака,
стани моме, здраво да не станиш!
Ќе пијат благата ракија и ќе изведат невестата на вода. Отаде идејќим, ќе му бакни невестата рака
на зето со троа џефа (мрдалка). Од ручек после ќе излезат сите свадби насред село, ќе закачат
крстати бајраци и ќе бувнат отсекаде тапани и зурли и до вечерта се што ќе се тераат ора и џумбуш,
цел панаѓур ќе бидит стред село.
Едни зетои 'и затвораат до другио ден на вечерта и така свадбите ќе и довршеле во пет дни.
Најблиските родеи од зето по свадбата му идат со поклон: погача, баница и друго за чест на
невестата. На погачата згора секој ќе клаит пари, бакшиш за невестата.
Од записите на Марко Цепенков.