Суеверија од Охрид

1. Во вторник патници не тргнуваат на пат, зашто тој ден го мислат за црн ден, оттука и несреќен и
веруваат дека кога ќе тргнат на пат во вторник задолжително ќе му се случи некое премреже, ќе му
се случи некоја несреќа по патот.

2. Веруваат дека одејќи по патот не е добро да го пресретне некоја жена со празни стомни, која што
оди да налее вода. Напротив корисно било да го пресретне ако стомните се полни.

3. Исто така, кога патниците одат на туѓина или сватови по невестата, не било добро да им го
пресече патот било кој, т.е. да мине пред него на патот.

4. Кога некој тргнува на пат за туѓина, ако коњот пред излегување од вратата се посере во дворот,
кажувало дека немало многу да задоцни на туѓина и ќе дојдел здрав и жив. Истото го веруваат и ако
патникот си заборави нешто дома, и се враќа од некаде каде што му текнало да си го земе, и макар
да не се врати, ако му текне на некое оддалечено растојание. Поради истата причина кога некој ќе
тргне на пат штотуку малку се оддалечи од домашната врата, некоја од домашните жени или роднини,
го вика од вратата на име со цел тој уште еднаш да се сврти кон куќата за да не останел на туѓина
туку да се врател во родното место.

5. Преку целиот ден кога патникот ќе излезе за на туѓина дома никако не метат, а наместо метење ги
тресат посланите черги или килими, уште и вратите ги оставаат отворени и софрата на која јадат не
ја креваат до вечерта.

6. Страчка ако застане и страчи на некоја куќа значело дека домаќинот или кој и да е на туѓина
скоро ќе си дојдел или од него писмо ќе пристигнело.

7. Исто и ако коњска мува застане на некого, веруваат дека тој ќе добиел од некого писмо или
некакво известување од надвор.

8. Пирустија (железен триножник) без да има на него некој сад, не ја оставаат да стои врз огнот,
зашто велат задоцнувале туѓинците да се вратат од туѓина.

9. Уште велат дека кога некој туѓинец ќе задоцнел многу време на туѓина за да се врати поскоро
домашните вареле некое рало вети опинци.

10. Кога некој туѓинец (не странец туку човек што е на туѓина) задоцни многу години, тогаш
родителите или домашните за да го доведеле поскоро му праќаат писмо со молба напишани со мастило,
направено од мајкино и ќеркино млеко заедно, т.е. од млеко од мајка и ќерка кои во исто време
имаат машки деца цицајчиња и веруваат дека тогаш веќе туѓинецот сигурно ќе си дојдел. (На тоа сум
бил очевидец).


Од записите на Кузман Шапкарев.

Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org