Овие зборови се исклучени од конкордансот, но се прикажани во изворниот текст (со болдиран фонт).
Ацо Шопов. Поезија ОЧИ Три дена на раце те носевме збрана, со тага и болка во погледот срчен, и секоја капка од твојата рана ко крвава жар ми капеше в срце. Другарите беа и морни и гладни со згорени грла и свиени плеќи со тап бол се впија во очите ладни и жалеа оти не ќе пламнат веќе. Но јас знаев оти пак ќе вивнат в жарој и борците под нив ќе цветат и раснат, в студените утра ќе греат ко сонце и никогаш нема да стивнат и згаснат. Последната вечер в планинското село, кај борците беа во дрипава дреа, со пликови жешки на стапалки тешки, и смрштени чела – згасени, мразни ко нивните пушки укочени, празни, и нечујно, глуво, ко здушена река се точеше шепот од уво до уво: “Утре, друже, в зори, страшен бој нè чека, а ние сме малку – сал неколку души…” И кога ко игла ти прободе уши – ти растресе снага и размолска тага, со луњени очи широки и волни ги расече в ноќта здивените молњи!– Ко тогаш, ко тогаш, о другарко, помниш – в смрзнатата вечер на пролетта рана, кај нашата младост и првата радост ја косеше луто куршумната слана, а ти чело збрчка, ко тигрица рипна и летна во ноќта крвава и црна, – со своите очи што ригаа пламен ги растопи часкум челичните зрна… И после! И после – в последната вечер… Јас нејќам да мислам што потаму стана! Сал помнам те изви крвавата рана, прошталниот шепот ти замрзна в усни, но гореа очи под веѓите густи! Со нивниот пламен и со клетва света, на заседа тргнав сред мојата чета. А утринта кога зрив чела ни спраши ти не беше веќе в редовите наши, но скипеа борци со одмазда жолчна, и видов! о видов – кога бојот почна развихреа сите со твојата сила – ко елени брзи и лесни ко птица. А твоите очи се искреа гневно на нивните потни, распалени лица… Три дена на раце те носевме збрана, со тага и болка во погледот срчен, a секоја капка од твојата рана ко крвава жар ми капеше в срце. ВО ТИШИНА Ако носиш нешто неизречено, нешто што те притиска и пече, закопај го во длабока тишина, тишината сама ќе го рече. ГО БАРАМ ТВОЈОТ ГЛАС Го барам својот глас во молкот див на морето, оно се скаменува. Во жолтата пустина на есента го барам, она зазеленува. Моите раце не се мои раце (моите раце се прсти на месечината). Моите очи не се мои очи (моите очи, очи за далечината). Мојот збор е тврда вилица на времето што ‘рти по нивјето со заби на семето. КОН ГАЛЕБОТ ШТО КРУЖИ НАД МОЈАТА ГЛАВА Галебе мој, не слетувај на моите очи. Ha тие брегови откинати ниеден пристан нема. Зарони во сите длабочини, надлетај над сите височини и дај виделина да земам! Галебе мој, јас очи веќе немам. He слетувај на моето срце! Галебе мој, срцето не е мое: мини низ сите предели неминати, крај сите живи, непознати, загинати. Загледај во сите осамени, cитe разделени, и сите ледени врвои и сите ливади зелени, и чуј – додека твоето крило над нив морно се вие како немирно во нив моето срце бие! He слетувај галебе мој, врати се пак во јатото. Јас сум лотка, осудена на судир со непознатото. ВЕТРОТ НОСИ УБАВО ВРЕМЕ Ветрот носи убаво време. Вилнее, јачи во нас. Ветрот носи убаво време. Убавото е убаво и поминува. Останува тагата. Понекогаш она нè обзема полека, легнува на нашите очи, и густо напластена погледот ни го смрачува. Тогаш нешто страшно тегобно и болно, нешто големо и наше, непојмливо за другите нè измачува. Но некогаш тагата нè докоснува како трепетлика, како измаглина премрежена над жуберлива река крај која стоиме загледани бесцелно и немо. Тогаш сите предмети прилегаат на сказна па велиме: невозможно, колку е сè убаво. Ветрот вилнее и јачи. Ветрот носи убаво време. ТРЕБА ДА БИДЕМЕ ПОДОБРИ Треба да бидеме подобри. Треба да бидеме подобри. Подобри од црвеното срце на лебот од кој ни мириса сета соба на Сонце, Земја и Глад. Треба да бидеме подобри. Треба да бидеме подобри. Подобри од белите усни на водите кои, љубејќи ги твоите колена, шепотат за сите суводолици и сите грла што сонуваат вино. Треба да бидеме подобри. Треба да бидеме подобри. Подобри заради она дете што го замислиле твоите утра и божилото на твоето срце. Заради оној добродушен човек кој гледајќи те со „Добар ден” смирено го зема својот обед. Треба да бидеме подобри. Треба да бидеме подобри. Подобри од црвеното срце на лебот, подобри од белите усни на водите, заради нас, заради нас, заради човековиот „Добар ден”, заради она невино дете што го замислиле твоите утра и божилото на твоето срце. ИМА ДОЛУ ЕДНА КРВ Има долу тешка една крв од древноста чиниш останата. Не се ни наѕира во врелите маглини на овој врв. Лежи проколната како лузна врз раната. Има долу една тешка крв. Има крв една. Има една крв густа како црна смола. Крв незаситна и исконски жедна. Има една стара крв, црна и гола. Лежи она и рие како крт. Оди од праг до праг, рие низ свеста. Непогрешно и неизбежно како смрт ги исполнува сите празнини и места. Има долу тешка една крв, една крв што секогаш вели: следи ме покорно, следи ме прв, никогаш од мене не се дели. Има долу една страшна крв, пострашна и од заканата. Има долу една таква тешка крв од древноста чиниш останата. ЛУЗНА Те оградив cо девет градини, крви, те затворив во девет грла, што бараш уште, зошто ме прогонуваш, крви, зошто закануваш со своето копито темно, зошто незасито? Те оградив во девет градини, девет грла, смири се, крви, слегни во своите темнини на чие дно твојот црвен вепар одамна бара пештера за починка. Слези во своите темнини, крви, и не обѕирај се, нема подобро место од ова што ќе скроти, од овие девет градини, девет градини што живеат од твоето зеленило, од овие девет грла, девет грла што ја пеат пролетта на твоите песни. Слези во своите темнини, крви, и не вели ми: Слушај како татни од далечина, слушај како татнат сите кории, идат коњи по пат од ѕвезди и месечина, идат коњи, коњи, коњи, коњи дории, идат коњи да ме прегазат, идат, идат ќе ме прегазат. Но јас ќе ги ритнам со копитото ќе ги ритнам право сред чело, да ме паметат, да ме прикажуваат и лузната да им свети навечер, во нивните ноќи без месечина, во нивните денови без светлина, на нивните патишта под бурјани. Не вели ми, крви. Крви, смири се, оградена со девет градини, затворена со девет грла Како некој семоќен владател на некоја непристапна тврдина. РАЃАЊЕ НА ЗБОРОТ Глужд на глужд. Камен врз камен. Камена шума изѕемнина. Глужд на глужд. Камен врз камен, од камен и ние обата. Чади ноќта. Зборот се двои од темнина. Модар јаглен му гори во утробата. О ти што постоиш зашто не постоиш небото го лулаш, земјата ја вртиш. О ти што постоиш зашто не постоиш земјата јачи под камени плочници. Иде замелушен од своите смрти зборот што ги крши сите слепоочници. Глужд на глужд. Камен врз камен. Својот гроб со прокуда го копам. Отвори ме проклетио, ти тврдино камена, да изгорам во јагленот на зборот, да се стопам. ПЕСНАТА НА ГОДИНИТЕ Твоите години и моите години – два брега, два камена, две небиднини. Твоите години и моите години – твоите години во мојата мака, моите години во твоето срце. Да си благословена најнепозната песно. Нè изедначуваш во мудроста, нè израмнуваш во годините. Да си благословена небиднино во времето што не знае стареење. Твоите години и моите години – наши години. Ти одиш чекор по чекор, мака по мака низ моите години, јас одам чекор по чекор, мака по мака низ твоите години. Нема крај и нема изодување. Ти си во моето непостоење, јас во заговорот на твоите соништа. Да си благословено време што остануваш исто, а ние те даруваме со нашите очи вчера од земја, денес од небо, утре од земја и небо. Да си благословена најнеслутена песно што нè изедначуваш во мудроста, што нè израмнуваш во годините. Твоите години и моите години – два брега, два камена, две небиднини. НЕБИДНИНА 1. Патував долго, патував цела вечност од мене до твојата небиднина. Низ пожари патував, низ урнатини, низ пепелишта. По жега, по суша, по невиделина. Се хранев со лебот на твојата убавина, пиев од грлото на твојата песна. Не гледај ги овие црни суводолици што го параат моето лице − ми ги подари лицето на земјата. Не гледај ги овие нерамнини врз плеќите − ми ги донесе умората на ридјето. Погледај во овие раце − два огна, две реки темно чекање. Погледај во овие дланки − две полиња, две суши глуво лелекање. Патував долго, патував цела вечност од тебе до мојата небиднина. 2. А сè се случи една ноќ, ноќ стебла, ноќ лисје, ноќ студен ров. Паднав, потонав во високи треви, во треви и густа мов. Се случи тоа една ноќ вистинито и невистинито налик на старинска приказна закопана длабоко во свеста. Ти дојде и ме однесе како глува поплава, како матица од подземни места. И сега сам, пред овој рид од болка и човештина на патишта што не ги знам завивам раскинат од глад и пцости. Ти дојде како црна вода на болештина со која се болува довекод сите проклетства и злости. 3. Водо непроѕирна, водо црна, ти што откинуваш секој ден по еден никнат цвет од каменот на моето чело и го фрлаш во мрачни бездни под леката лушпа на своето тело, водо непроѕирна, водо црна, кој ти го даде тој облик на таа мисла прекрасна и страшна што го обвива моето срце како стебло млада срна, кој ти го даде тоа име водо непроѕирна, водо црна. Кој тоа невидлив во мене седи и пали таен оган, кој ѝ го руши на крвта ѕидот, кој ми го краде слухот, кој одзема видот, кој пласт врз пласје неуморен реди, кој тоа невидлив во мене седи. 4. Стебло што самееш на ридот, мако во ровка земја, кој ти ги даде моите очи што зреат во сонот на твоите лисје. Погледу зелен, зелено вишнеење, кој нè осуди на исто бдеење. Стебло што самееш на ридот, мако во ровка земја, од каде твоите длабини во мене, од каде ти во мојата крв. Кој ги избриша со рака лесна сите далечини, сите близини, кој ни ја досуди таа небиднина да бидам стебло, да бидеш песна. 5. Жено непозната, жено мудра, ти што минуваш секогаш спокојна крај овој прозор на темнината глува за лелекот, слепа за очајот, од каде тоа лажно спокојство, од каде во тебе мојата крв. Жено, те чував како тешка тајна што ќе ја откријам само оној ден кога ќе се јави зазбивнато крвта во час на страшна тишина за смела последна реч, светла како вишина, остра како меч. Од каде во тебе мојата крв, жено. Патував долго, патував цела вечност од нас до нашата небиднина. СТАРО КУПУВАМ 1. Старо купувам, старо купувам, стари алишта, стари пискули, старо железо, стари љубови, старо купувам. Купувам стари дребности, непотребности, чевли излижани, ризи износени, среќи осреќени, старо, старо, старо купувам. Купувам стари секидневности, мали и големи ревности, стари елеци во долапите стари котли на огништата стари саѓи на совеста стара ’рѓа на соништата. Старо, старо, старо купувам. Купувам стари секидневности, мали и големи ревности, стари љубови, стари среќи, стари гревови, купувам стари радости, стари младости, старо, старо, старо купувам. 2. Старо купувам, ново препродавам. симни се, господине, жив ти дечињата, да ми ја превртиш сета немаштија нема да собереш една иљадарка. Ех, да ги познаваш нашите ергени, да си го вишол Далип најерген ќе му ги таксаш себап чевлите. Он ќе ги земе ќе ти се поклони, ќе ги подзакрпи, ќе ги бојадиса, па светнат како небо утринско и личен, личен, нема поличен, ќе слезе долу среде маало, ќе слезе сербес, ачик, натокмен, момите ќе се подбутнуваат, жените ќе се огледуваат, мажите ќе му завидуваат. Ех, стари чевли, старо купувам. 3. Старо купувам, ново препродавам. Аман, господарке, господ со тебе, бива ли сега таква скапотија. Женет сум, жена, деца сурија, жив ми најмилото жив ме оглодаа, куќата ми ја растурија. Оваа риза не е за тебе, еве ти стотка, речи аирлија. Ех, да ја знаеш калеш Калина, токму се токми млада невеста, ќе ти се заблази, ќе ти благодари, ќе ти благослови внуци и правнуци, и сета челад од нивно колено. Ех стари ризи млади невести. Старо купувам. 4. Старо купувам, старо купувам, стари алишта, стари пискули, старо железо, стари љубови. Купувам стари секидневности, големи и мали здодевности, стари грижи, стари патила, стари гревови, стари чесности. Старо, старо, старо купувам, стари среќи, стари љубови, стари радости, стари младости, купувам стари алишта. Старо, старо, старо купувам, Старо за нови сврталишта. ЗЛАТЕН КРУГ НА ВРЕМЕТО Златен круг на времето Старинска ѕвездо, ѕвездо на пророци и чуда, – распрсни се во стихот, потони во најцрн мрак. Повеќе трае во крвта оваа светлина луда и овој невидлив пламен што нема ни име ни знак. Сениште ѕвездено, ѕвездо на студена мора, – исчезни со сите наречници со сите митови падни. Под ова стебло од зборови зараснати во столетна кора се пали страшен оган и горат корени гладни. Кој си ти што идеш со лузни од правта на векот дален, со едно дамна во неврат отшумено време, и место лика на некој очајник жален носиш суров закон за себе и своето племе? Гласи сe со виј од молк, проговори со поглед нем, засводен во својот говор со јазли семоќно власни, и како ненужен воин со очи од црнозем обѕрни се во кругот златен и победоносен згасни. Старинска ѕвездо, ѕвездо на пророци и чуда, – распрсни се во стихот, потони во најдлабок збор, додека трае во крвта оваа светлина луда овој подземен оган, овој непрегор. ТАЖАЧКА ОД ОНАА СТРАНА НА ЖИВОТОТ Се искачив над врвот од болот. Човек сум. А што е човек? Пред мене празнина, зад мене празнина. Празнина што сама се пали. Од онаа страна на животот, жив распнат со слепи јазли. Се искачив над врвот од болот. Тој ден. Црнден. По црни скали. Се искачив над врвот од болот. Од онаа страна на животот од онаа страна на себе си, на сè неизговорено, сè што е недогорено, од онаа страна на водата, од онаа страна на врутокот, од онаа страна на коренот. Стопи се грутко, истечи водо, прелеј се чашо лелејска за сите градови во овој град, за сите црнини во оваа црнина. Кажете кого да обвинувам. Кого да жалам, кажете! О дете што те нема — мојата црнина твоја прегрнина, Мојата црнина твоја прегрнина, твојата темнина моја подземнина. Земјо олелио, земјо пустелио, од мртов плач израсната земјо обѕрни се, земјо разгрни се. Земи ја оваа зеница земи ја оваа пшеница на твоја дланка згасната. Земи ме, земјо, или врати ме, врати ме подолу од овој врв, подолу од онаа страна на животот, човечки сили дај ми пак. О земјо, на земја врати ме. Човек сум, човек да страдам, да најдам камен жив да се вградам на некој мост во некој лак. AКО ТИ НЕДОСТАСУВА СВЕТЛИНА Ако ти недостасува светлина земај ме. Ноќ да сум ноќ ќе изгорам ќе те разденам. Ако и љубов ти недостасува земај ме. Црнките на ноќта ќе ги ископам ѕвезда да се огледаш, да огрееш. Ако ти недостасува омраза и тогаш земај ме. Пекол ми вие под срце пекол вековиште. Ако ти недостасува светлина земај ме. Ако пак јас ти недостасувам што сум ти! Без да те гледам во недоглед без да изгорам. ЦРНО СОНЦЕ 1. Ни исток имаш, црно сонце, ни имаш запад, ни небо за молитва ни земја за напад. И секој што ќе посака да ти се напие од сјајот изгнаник е од пеколот и изгнаник од рајот. Тревите се веднат, дрвјето трчаат боси пред твојот цвет што гори и црна пепел носи. Црно сонце, птицо преправена во ѕвезда, кој мисли дека те сфатил не знае што е бездна. Црно сонце, црно без исток и запад, црно сонце за жедни на брегот што ќе стапат. 2. Од која незнајна земја, како долета тука о црно сонце, птицо во живо дрво што клука. Кој маѓесник те прати, со каква тајна сила ѕуницо над триста Волги и преку триста Нила. Каков е тој небесен појас, таа шарена лента од сите темни галаксии па до нас – два континента. Зар да те истрадам сега пред да знам како се страда, пред да те видам како вселенска барикада. О црно сонце, песно, о кој ли тоа те става на плеќи да те носам место својата глава. 3. Каде ме водиш сега, која ли пештера глува сè што ќе биде наше ќе знае да го чува. Ѕвездите гледаат во нас, а ѕвездите се слепи. Ние сме само на светот како две сраснати крепи. Кој тоа над нас стои, кој тоа над нас ѕида за да нè закопа живи во мртва пирамида. О песно, земјо, жено, о живот и смрт ведно сè што ми носиш денес, сам ќе го испијам жедно. Ни исток имаш, црно сонце, ни имаш запад. Попусто те молам со молитва за напад. ПАК ЦРНО СОНЦЕ Од какво измислено царство, од каква раскошна гробница, навечер што те прибира а наутро гони, доаѓаш, црно сонце, и црни истураш дождови како последна закана на светот што му ѕвони. Ѕвер со ѕвер ли се јаде, вејка со вејка стара, стебло во стебло ли удира, корен во корења диви, ѕвезда опашица со оган небото ли го пара, војува ли земја со небо, војуваат ли мртви со живи. Какво е тоа измислено царство, таа гробница на ветар што дува, од која триглаво сениште триж стрвно во нас гледа, во овој простор од злостор, вода без вододелница, вода сува, во оваа црница собрана во една човечка педа. Каква е таа земја што ѝ го даваме нашето име препишано од сите ѕидини, од сите мрачнини и висје, црно сонце, црно и лете и зиме, тука сме обата покриени со сонцопадно лисје. И УШТЕ ЕДНО ЦРНО СОНЦЕ Тука сè на тебе смртоносно личи. И овој катран расфрлан врз ридјето. И оваа смола што се цеди низ грлото на три суви дола. И тагата на песот низ приградските населби што квичи и таа на тебе личи. И оваа карпа вода што ја плиска, вода што се подава како жена во преграб да ја фати оној за жедта нескротена со живот што ќе плати. И оваа модрина скржава и недостижно блиска. И оваа карпа над неа што ја плиска. И овие лозја и лозници. И вина, наточени од усвит, од припек, од врелина. И суша. И овој камен со збигорена душа. И трите, црно сонце, нашите три сина жедни сред лозја, лозници и вина. И овој ѕвонарник во густите лески што моли и проколнува. И рането ечи. И секој што доаѓа во мир да се лечи. И очите ископани од старите фрески. И овој ѕвонарник во густите лески. Тука сè на тебе смртоносно личи. И овој катран расфрлан врз ридјето. И оваа смола. И над нив Големата ѕвездена кола. И песот дури низ приградските населби што квичи и тој во тагата на тебе личи… И оваа земја метежна а јасна. И оваа суша. И врелина. И мора. И трите мои рани – трите неизречени збора. О црно сонце, огну на есента касна, светлина капе врз нас од ѕвезда што одамна згасна. ГЛЕДАЧ ВО ПЕПЕЛТА Изгасни песно во огнот што го запали сама. Прска зборот и исчезнува во пепел од кремен. Гледачу во пепелта, ја препозна ли во неа исконската драма што доаѓа од дното на овој извор темен. Песно, те откинав од клунот на птица во крвта што ми лета, од црвеното небо на запалените вени, од тие далноводи на два непомирливи света, тие изгрејсонца со неодгатнати мени. Те откинав од гневот на иконите, тие нерaзбирливи гами, од громот врз копјето на воинот со камен што е сраснат, од сонот на тие повисоки што се од сонот што ги мами, и што се раѓаат пак откако еднаш згаснат. Сега сме два света, два врага, две завојувани страни, сега сме војна без излез и кама против кама. Кој е победен? Кој победник? Кој со изгрев на осмислени рани? Изгасни песно во огнот што го запали сама. ГРОЗОМОР Тука се раѓаат сами и гаснат сите нешта. Огромен камен. Лузна. Нејасен немушт збор. Пролетта му е мајка и маќеа зла и вешта. Пепел на сонот, сон на пепелта. Грозомор. Го пијат суши, дождови црни го цедат, ден со ноќ го трупа, пласт со пласт, а врз неговата кора во ‘рбетник се редат закостенети сенки од диво месо и страст. Тука ветришта пиштат и темни сеништа вијат, тука е првиот злочин и грев и казна и прекор. Тука и човек и ѕвер во едно дувло спијат и детето го оди својот незаоден чекор. Врз него расне лебот од горчлив длабок корен, па затоа е сув, и сладок, и пече како пламен. Песно, ако те допре некој испосник морен прими го да ти биде во горењето рамен. О ружо в грло, о змијогрозд в усни, див апеж во крвта со себе што спори, о земјо на отрови смртоносно вкусни, каменот во пламен се тркала. Гори. Гори. Гори. Тука се раѓаат сите нешта и тука гаснат сами. Огромен камен. Лузна. Нејасен немушт збор. Пролетта му е мајка и мaќea што мами, пепел на сонот, сон на пепелта. Грозомор. АВГУСТ Лежам под стеблото на ноќта, во август што умира и пее со цвет од пепел на згасната гроза. Од челото како од црница набабрува и ми зрее од гроздови ѕвездената лоза. Лежам во ноќта на август за земја прикован со теме. Дали ќе додржат, дали ќе ме запрат овие неуморни воини од билје и семе, од треви, корени и папрат. Лежи и чекај тука. Неподвижен, карпосан лежи, што ако ноќта те пие, што ако ветар те шиба. Рибарите на твојот поглед плетат невидливи мрежи, во бездната на твоето чекање сонува златна риба. Лежам и знам, август е и сè се мени. Златните зрна на гроздот ко едри зеници гаснат. Темното полноќно сонце патува кон својот зенит. А јас останувам заробен во треви и со папрат сраснат. ДОЛГО ДОАЌАЕ НА ОГНОТ 1. Тука е тој оган под овие улави води, под овој бигор и зло самото што се плоди. Под овие води тешки и зрели тримеѓница црна црно што ги дели. Под овој венец од сончеви глави, под оваа далга со карпи што се дави, Под овој екот, заклињања и злоби, и ова дрво на брегот од дамнина што коби. Тука е тој оган под оваа кожа, под овие тримеѓници, овие три ножа. Секогаш и сегде семожен и морен, ѕвезда е во срце и мрак е во корен. Копај, ископај го. 2. Од вруток до уток, од грст до крст. Од подземнина до изѕемнина, од брат до тат. Од светилка до бесилка, од реч до меч. Копај, ископај го. 3. Не ќе го ископаш ти никогаш тука. Еве го сраснат со прастара бука. Меѓу три стебла се ниша во лулка. Ветар е црвен во секоја булка. Воин во црква на икона стара. Исчезнат говор себе што се бара. Еве го, клекнат ко занесен голтар својот збор го длаби во резба за олтар. Во себе копај, под својата кожа, под трите лузни, под трите ножа. 4. Копај, ископај го. Од селишта до пепелишта, од боска до коска. Од бог до глог, од жетва до клетва. Од белег до лелек, од канија до востанија. Копај, ископај го. 5. Не ќе го ископаш никогаш ни со грабежи диви. Ни мртвите се мртви ни живите живи. Крстот им беше лесен, пепелта не им е лесна. Мртвите ќе умрат тогаш кога и нивната песна. Не им е тежок гробот мртвите кајшто лежат. Песните што ги пеат на живите им тежат. Не ќе го ископаш огнот ни да векуваш тука. Тоа е тој светец од икона што пука. Тоа е тој камен на сите мртви зглавје, таа трпеза ѕвездена, таа болест и здравје. Тоа е таа магија, таа крв чуда што прави, што лекува од рани и штo cимиња глави. Под своите лузни копај, под ножот што те служи, огнот е во твоите очи пожар од бунт на ружи. 6. Копај, ископај го. Својата последна клетва реките ќе ја речат, и ќе секнат, ќе престанат да течат. Небото ќе се сруши. Ќе се стркалаат планини. Ќе завладеат суши. Ќе се измешаат ѕвезди и ѕверови, отрови и ниви, и нема да се знае повеќе ни кои се мртви ни кои се живи. Копај, ископај го. 7. Додека под себе копаш над тебе тој ќе се јави и една мртва глава на рамо ќе ти стави. Огнот низ краишта тајни заслепен ќе те носи, и нема да се прашаш каде си, кој си, што си. Овде е, во овој корен, во овој молк што свети и нема својата светлина никогаш да ја сети. Тој на секое дрво со секој мртов виси. Тоа сме ние, тоа сум јас и тоа ти си. И кога таков личи на глас што сам се гаси, од некоја вишина глува повторно ќе ти се гласи. 8. Во себе копај, под својата кожа, под црното сонце на трите ножа. Тука е тој оган под овие улави води, во оваа утроба гладна гладен збор што роди. А може и ѕверот во дувло да го скроти, да раскине, да здроби, да убие и сплоти. Со него за убост поубав е цветот, без него за цел свет посиромав светот. Крстот ни е лесен, пепелта не ни е лесна, мртвите ќе умрат со нас и со нашата песна. НАСТАН НА ЕЗЕРСКИОТ БРЕГ Веста прелета секавично и сиот народ слезе на езерскиот брег каде тој лежеше преморен и забревтан од долгиот пат, тој крилест коњ со ѕвездена светлина во очите, со сибирско иње во ноздрите, со сахарска песочна прав во гривата. Сиот свет го обиколи, ги прелета сите мориња и океани и одвај смогна сили да се спушти тука на родното езеро за да се напие бистра вода, ладна и лековита. Слета и легна на брегот, забревтан од долгото патување, легна крај езерото, а немаше сили да го направи последниот напор: да се нурне во водата бистра и лековита што ќе му ги собере силите и ќе му го поврати животот. Собраниот народ се туркаше и мрмореше крај него: жените му се молеа на бога милозливо, децата џараа со очите за едни од мажите тоа беше невидена лудост, за други попусто патување и бесцелен летот, додека за него тоа беше највисока смисла на животот да ја открие родината откривајќи го светот. Три дни лежеше тој крај водата езерска без сили да се соземе, три дни ни стануваше ни умираше. Три дни народот чекаше трпеливо, а четвртиот ден почна полека да се прибира дома оставајќи го сам коњот на езерото. И токму последниот човек тргна да си оди кога плисна пороен дожд и езерото почна да нараснува а бранови да го заплискуваат коњот крај езерото. Од бистрата вода и лековита соземен кoњот ’рзна неколку пати колку што грлото можеше да го додржи, а народот исплашен почна да се враќа назад и без да сака го виде коњот како се нурка во езерото како се игра со брановите и пие вода бистра и лековита. Сево ова траеше само неколку мига, а потоа коњот излезе на брегот и повторно се вивна нагоре како првпат да го започнува летот, носејќи ја со себе својата највисока смисла откривајќи ја родината да го открие светот. ЗАГЛЕДАН ВО ОКЕАНОТ Еден човек загледан во океанот, еден човек загледан во брановите на океанот, стои долго неподвижен на брегот небаре ја прелистува судбата на својот народ. Човекoт не забележува дека времето одминува, дека веќе одамна не е пладне, дека сонцето скока по водените нерамнини како огромен ранет црвен галеб, и дека уште малку само па ќе се спушти насекаде бескрајна афричка ноќ. Човекот неподвижно стои како скаменета жал. Океанот е огромен, а човекот мал. Еден мал човек загледан во брановите на океанот стои на брегот и во мислите ги довикува сите галии на своите непознати претци испловени пред многу векови на пат кон неизвесното и непознато Утре. Човекот стои и не забележува дека веќе сè прекрили бескрајната афричка ноќ и дека е сè завиено со едно црно и огромно Ништо — и земја и небо и вода. Човекот стои и упорно и понатаму гледа. Наеднаш огромното црно Ништо како да се раздвижува, како да оживува. Од неговите длабини изронгуваат сите дамна испловени галии, сите младичи и девојки одведени или потопени пред многу векови, и полека, но сигурно веслаат и се приближуваат коң брегот чија граница не се ни наѕира во мракот. Но човекот на брегот ги насетува, долго им мавта со раце, ги довикува, надвикувајќи се со страшниот глас на океанот. И еве — тие наидуваат, веќе се искрцуваат на брегот носејќи ја на раце својата тешка и недоречена судба, својата ненапишана историја. Човекот на брегот скока од радост, Со сите се гушка, со сите се љуби и незабележано исчезнува, се губи меѓу нив. Човекот се слева со огромната маса, огромната маса со човекот. ………………………………… Одамна веќе и ноќта помина, сонцето повторно избива над брегот на океанот сцрвенето од радост и жал. А човекот упорно стои и гледа во брановите на океанот. Човекот е огромен, океанот мал. ПРЕД РАСЦУТУВАЊЕ НА ФЛАНБОАЈАНИТЕ Санoќ плачеше земјата сува и испукана како препечена погача, саноќ дуваа пустински ветрови и трупаа песок во пукнатините. Од преслекувања океанот ги испокина сите модри кошули, а сепак не успеа да се смири. Само небото остана спокојно и празно како ништо да не се случува како да не го гледа овој бродолом. Саноќ урликаше земјата. А можеби тоа беа жедните ѕверови што лунѕаа низ саваните и шумите умирајќи крај пресушените извори на вода. А можеби тоа беа дрвјата што се свиваа до прекршување и со лисјето ја лижеа сувата земја. Само небото беше сурово спокојно и празно како никому да не му е потребен дождот како да не го гледа овој бродолом. Caноќ се грчеше земјата. А можеби тоа беа луѓето што го чекаа дождот како што се чека првороденче згрчено во безживотна утроба. Пред изгрев сè се измори и се задрема таму кај што се најде и луѓе и дрвја и ѕверови. Врз океанот пливаа само парчиња од испокинатите кошули. A со изгревот на сонцето како изгрев од раните на земјата, (црвени цветови и пожари, пожари во градот) расцутеа фланбоајаните. КЛОАШАРСКА ПЕСНА НА ПОЕТОТ Ha мојата caкана C. Струполен паднав и лежам под ѕидините на градот и не можам ни чекор напред ниту пак назад дa cторам. Ѕидините дишат со здивот на мојот разурнат дом, а мојата небиднина извалкана од врвиците на рајот и на адот одненадеж ме удира и заслепува како некој штотуку пробуден гром. Како да станам и да се борам? Треба да станам и да се борам … Станав ли, не ли? — Не знам. Но знам како се разденив во градот на проколнатите поети. Беше тоа час и време на еден долго смируван и скротуван ѕвер, клошapcки што лунѕа низ пространите чекални и сали и ги бара и собира последните отпушоци како реликвии стари за кои може единствено и искрено да се жали овде или во кој и да е Салпетриер на светот. Љубов моја, мое од најчиста роса исковано име, ти секој ден доаѓаш да ја смируваш твојата неодминлива болка додека сета утроба и целото тело во пожар на океанот ти гори, земи ме, мила, изведи ме, изведи ме под својата широка и смирувачка стреа, изведи ја оваа птица низ леглата на пожарите, низ леглата на пожарите од кои зеленило пука и едно чудесно дрво разлистува и расне и живот од небиднината смука. Изведи ме низ леглата на пожарите да ми испопукаат дамарите, а јас во твојот преграб да се распрснувам како црн балон смеа, и животот во овој град полека да ми се гаси за живот на она дрво небиднината што ќе го спаси. ОД НАЈСТАРА И НАЈЧИСТА СОНЧЕВИНА Од тешка болест телото ми е закоравено и на врв планина само да чамее оставено. Ту тешки магли и непроѕирни го натрупуваат и видот со сиот свет му го засолнуваат. Ту дождови го бијат ко ситни острици новородени и пљуштат по телото ко удари неоплодени. Но наеднаш маглите се губат и разредуваат и дождовните ситни капки исчезнуваат. Сонцето се раѓа во земјата на својот Изгрев и пристига до земјите на својот Залез. Лицето му е чисто и измиено од најситна прашинка во вселената сокриено.* А телото мое закоравено се раздвижува заздравено и пие од сонцето вина од најстара и најчиста сончевина. ДОМОТ НА СОНОТ Ме осудивте да седам дома, добри мои пријатели, затворен во својата темна несреќа да не излегувам во рани зори кога мугрите пукаат како црвени трендафили и сето небо го облева огромна пламната жар. Нека, ме осудивте да седам дома и јас ќе седам додека можам и ќе ги довикувам тие црвени трендафили, таа жар да ги ожари сите утроби ладни, сите за црвени соништа гладни. Ме осудивте да седам дома и јас смирено ќе седам. Но каде е домот на сонот? Кој ли ќе му забрани на coнoт да не се извишува повисоко од зорите, поитро од развигорите, и кога ќе се измори кој ли ќе му забрани да не се успие со најцрвените, со најмилите од трендафилите? ГНЕЗДО ВО БРАНОВИТЕ Една птица од топлите јужни краишта, изморена од долго летање и замелушена од врела сончевина, споулавено кружи над езерото и во чаталестото дрво разлистено над воденото огледало го бара своето скриено старо гнездо каде единствено може да отпочине и да се смири. Лета птицата, одвај кружи и дрвото не го препознава. Дрвото се подмладило, разгранило и чиниш го прекрило сето езеро. Илјади други птици ноќевале во неговите крошни и исчезнувале со раните утрински шумови. А оваа птица секоја година долетувала, слетувала во своето гнездо и не забележувала како со времето ја издаваат силите и како веќе не е онаа истата што може неуморно да лета и да се опијанува од чистиот воздух и од опојниот мирис на дрвото. Долго кружи оваа споулавена птица над водата, над огромните разлистени гранки на дрвото под кои се набира езерото премрежено од ветрот што носи оддалеку сè посилни бранови. Грбавите бранови ѝ заличуваат на птицата на нејзиното старо добро легло свиено во дрвото и таа со последни сили се стрмоглавува кон своето гнездо, со страшен свиреж на воздухот мине низ гранките и без крик удира и исчезнува во брановите. Дрвото вчудоневидено ги развива гранките над разбеснетото езеро како да сака да ја гушне птицата што сиот свој живот го мина во своето гнездо, а сега исчезна во гнездото на брановите каде единствено може да отпочине и да се смири. ДРВО НА РИДОТ Од дамни дамнини расте ова дрво на сува рида без вода со гранки раскрилени ко птица далдисана во летот. Високото сонце го заслепува од својот усвитен светлосен одар, но во него шуркаат сите живи сокови на светот. И лете му шумолат гранките и зиме кога заснежува, а светот го забележува и не го забележува. Ветришта диви го сардисуваат и сеништа темни, тврдата почва и испукана бистриот поглед му го засенува, суши змијарници му ги смукаат корењата земни, но тоа од пркос зазеленува и расте, расте и зазеленува. Љубов моја, те сретнав на овој рид како патник во мугри што подранува ти дадов сè што можам, а сè било јаловина. Под дрвото се љубевме и израснавме, сушата ни беше ладовина, сега ние си одиме, а дрвото опстојува и останува. Дај, господи, исполни ми ја последната желба при оваа голема делба − да се најдеме и слееме со срцевината на ова дрво што расте на сува рида во вишината. ОЗДРАВУВАЊЕ НА БОЛНИОТ Над градот се вијат облаци темни, облаци темни над градот сноват, леле господи од господ да прокопсаш со какви злини на мене киниса, со какви нови нечовештини сврати и какви патила ми прати што кружат над мене ко стрвни мршојади и по морето на мојата душа ко црни галии пловат. Мe нaјавна тешка болест, од тешка болест телото ми е закоравено и на врв планина само да чаме е оставено. Телото ми гори од оган, врели думани се креваат од него, ги замаглуваат сите планини и котлини, од таа замагленост очите не ми гледаат ништо, само долу во низините бесни далги вијат и се мачат да го заплиснат закоравеното тело и да го одвлечат низ далечната шир. Но сè е попусто — вијoт нa дaлгите кај телото се стопува во скаменет мир. Врелите думани ветриштата ги расцепуваат, попуштаат дувлата на горештината и гласот на поетот одекнува од врвот на планината: „Јас сум ви тешко болен, и ќе ме снема, ме дави и гуши подземна стија. Млад сум а душата ми е остарена од љубовта моја неостварена, љубовта Mакедонија“. Од овој глас поетот се стресе и сам на себе гласно си довикна: Зар лежиш уште, станувај поету, здравјето ти е растурено по патиштата на светот, Македонија е во светот, а светот во Македонија. Твоите очи греат ко сонце низ твојата песна уште недопеана. Од своите зборови поетот се сепна срипа и на далечен пат тргна, по долгите патишта на светот се отсликуваше ликот на Македонија, а ликот на светот во Македонија. Низ Македонија шуркаа струи на здравје и свежина, а болештините се топеа како снегова грутка — тежина. СОНЦЕТО И ТЕЛОТО Од својот Изгрев до својот Залез страотен пат сонцето изодува — низ магли, низ сончеви ветришта, низ пепелишта. И кога ја надвишува планината забележува како чамее осамено телото мое заборавено. Сонцето се ведне и запира и на телото му вели: „Тргај со мене, време немаме, треба на пат да одиме“. Телото го открива гласот на жена си и со крик ѝ вели: „Во живот низ смрт, мила моја, води ме!” Сонцето се извишува нагоре, со лице надолу виснато, а телото останува на планина од тешка болест притиснато. Но утредента сето тоа пак се повторува, и задутре пак. И секој ден сонцето почнува од Земјата на својот Изгрев до Земјите на својот Залез, каде одеднаш пропаѓа во океанот на океаните да си ги разлади раните. Но еден прекрасен ден кога го повика телото и се извиши, не забележа како со него лета во вишината и телото, што пие вина од Сончевината. ТЕЛОТО Е НЕПОДВИЖНО А КРВТА НЕ МИРУВА Телото е неподвижно, а крвта не мирува, крвта удира по вените скаменети и се распрснува во илјади капки. Капките се дробат во ситна црвена прав што беснее низ телото ко метежна виулица, па стојам прикован од притаена надеж или од некоја исконска страв. Како ќе заврши, господи, оваа невидена битка, целото тело што го прекршува и што го витка, оваа битка меѓу крв и камен, меѓу камен и крв? Но црвената метежна вијулица на крвта избувнува во пламен, ко пожар се пробива низ вените скаменети и се искачува на светскиот Исар − на неговиот највисок врв. Од врвот на светскиот Исар го гледа сиот свет: Телото на светот е измачено од црносиви сништа − пепелишта но неговата крв удира по вените од сите страни, ги длаби старите и отвора нови рани. Крвта на светот страшен ветар станува и на старото тело со одмазда му се закануна. Како ќе заврши, господи, оваа невидена битка целото тело на светот што го пресвиткува и што го витка го руши телото на светот неподвижно и измачено од црносиви сништа-пепелишта и гори ко оган над сите вишини и новородени светилишта. Телото е неподвижно, а крвта не мирува, Крвта својот страотен пир го пирува. САМ СО СВОЈОТ ПЛАМЕН ВО ГРАДИТЕ Сам сум заробен во зелената одаја на дворот. Нема никого: ни пријатели, ни блиски, ни непознати. Сè е смирено. Само тишината ги дебне и ги лови немирните шумови на лисјето и веднаш ги скаменува. Ноќта се отвора благородно како цвет што разденува. Пука некоја невидлива пупка на црвен трендафил и од пукнатите лисје ѕирка пожар со црвено лице. Пупката расте, се шири и сиот двор го ожарува, но за миг црвениот трендафил исчезнува и пожарот згаснува. А црвениот пламен го бара местото на моето срце и таму полека во огромно пламено дрво израснува. Сам сум заробен во зелената одаја на дворот. Нема никого: ни пријатели, ни блиски, ни непознати. Седам сам со својот пламен во градите. Пламенот ме огрева посилно и од зборот на поетите исчезнати во семирот и синевината барајќи го светот на убавината, непозната и ненадмината. Црвениот трендафил како крв се шири, истекува а овој пламен во градите навек тука ќе векува. СЕКАВИЦА НАД ШАРА Со облаци црни се дават врвовите на Шара, сеништа темни ги напуштаат дувлата — својот планински дом, сè е мрачно, само секавиците на светлата мисла пат низ темниот простор бараат и се распрснуваат долу во котлините во страшен мисловен гром. А ноќ се спушта… и страшно е од облаци, сеништа и ноќ. Притаено сè е — и лисје и извори на планината стара, само во секавиците планината ја домислува својата исконска моќ и смирено се насмевнува одамна скротената Шара. Секавиците се распрснуваат долу во котлините во страшен мисловен гром громот расцутува ко ѕвездена мисла над вишините па свети над сите сеништа и облаци како над бродолом и благо и питомо ја разлева светлината надолу по долините. ДВЕ РАЦЕ Леле, Господи, што се случи со небото, што му стана, беше кротко и мирно, беше прозрачно од синевина како насмејано лице на девојка лична и невина. Но наеднаш дувнаа темни ветришта и грозоморни молњи небото го исекоа на крвави парчиња, небото се отвори и заплака со несмирен плач од секоја раскрвавена рака. Леле Господи, што се случува со небото, што му стана! Рика небото и плаче пигресено, плаче од теми ветришта и молњи-огништа искинато и разнесено, и одвај можат да се забележат, одвај да се настат две раце, рака црна, рака бела, две раце од сите светови испратени и ветени и во тајна љубов крстосано посветени. Рика небото и не може да ги раздели рацете крстосани, раката црна, раката бела. Тие и не личат на две раце, туку на една светлобела рака носена од црните ветришта на небото што го крстосува светот и го гушнува со мака. Бурата полека стивнува, небото се разведрува, а двете раце стојат будно и смирено како крило на птица над целиот свет раширено. И почнувам да насетувам: Едната рака ме потсеќа на сињарка од Жоал*, а втората на убавица под Исарот од Штип. И со тие крила-раце и јас низ сиот свет се вивнувам и полетувам. КАКО НАЈУБАВИ КАТРЕНИ ОД НАРОДНАТА ПОЕЗИЈА Одеднаш плиснаа летни поројни дождови, секнатата езерска вода нарасна го потфати и го поткрепи крилестиот коњ. Коњот влезе во езерото, се напи вода ладна и лековита ги подисправи крилата и сети како низ тело му шурка нова и непозната сила. Коњот веднаш се исправи и се вивна кон непознатото како првпат да го започнува летот носејки ја со себе својата највисока смисла откривајќи ја татковината да го открие светот и леташе, леташе неуморно по сонце, суша и црна мрака леташе неуморно коњот кон поларните ноќи. Ненадејно патот му го пресекоа црни дождови што како крупни сачми го удираа по очи и му пречеа да оди јасно кон својата цел. А тој леташе и леташе и летањето му беше мисла водилка, а му се чинеше дека ќе се сруши на таа туѓа и непозната земја. Тогаш оддалеку почнаа да мижуркат поларните бели ноќи. Беше касно навечер, поларните бели ноќи незапирливо мижуркаа и со едното подотворено око му го покажуваа патот. Од подотвореното око излетуваа по четири црнобели девојки чии боски светеа како ѕвезди на небото. Црнобелите девојки се редеа на небесната шир како по четири најубави катрени од народната поезија. Bчудоневиден од нивната убавина коњот летна кон девојките, се мушна меѓу нивните звездени боски за да отпочине и за да ги заборави поројните црни дождови. „Светот е извезен од најубавите катрени на народната поезија” рече и спокојно заспа. Саноќ сонуваше како гушнат со катрените разговор води за животот на живите и со невидливи нишки ги поврзува со умрените. ЗЕРО НА ЖИВОТОТ 1. Дувајте диви ветришта на моето детство, шибај судбо со камшик испреплетена. Пред тебе бегав камшику неумолив и пред вас диви ветришта, бегав како од кошмари и најцрни соништа преку планини, преку рамнини, езера и океани. Во тоа бегство низ небиднината и не забележав кога израснав и како станав маж и изродив син и ќерка — колку да не ми се затре името. A бегав и понатаму како ѕверка прогонета, бегав од себеси за да ги скршам вилиците на детството недетство чии остри заби и диви ветришта и денес ријат и беснеат низ моите гори и полјани, додека не се најдов сам со црниот свет и најсетне не сфатив дека мојата судба не е само моја туку и судба на сиот мој народ. Црните убавици по цели ноќи играа некакви неразбирливи и толку блиски игри од минатото и сегашнината на нивниот народ, а гласот на стариот дијали* со благ оган играта им ја распалуваше, будно бдееше над нив и ги разгалуваше, додека там-тамите од очите на најличните танчарки крупни солзи не одронија и солзите како ѕвезден мост се нанижаа и заѕвонија од Жоал* до Штип*, од црниот континент до Македонија. 2. Дали и тоа беше некој кошмар од моето детство? Но еве, граде мој, по ѕвезден пат се враќам при тебе. Ти доаѓам, граде мој, изморен и остарен колку што ме преобличил светот. Светот е долговечен а нашиот век краток. Ти доаѓам со сите безгрижни и изгубени детства што ги среќавав на патот, со сите надежи и маки на луѓето со кои се запознав, и го фрлам тој тежок товар во бунарот на твојата историја, а ти злокобната судба изгони ја, за да из’рти едно ново детство признато и прифатено од сето човештво како добрина и Македонија. 3. О граде мој! Езеро мое на животот! Езеро на сите езера во кои ме нуркаа брановите на животот. Во твојата нерамна повривнина првпат ги почувствував сите нерамини на светот, и од тие темни детски дамнини уште ме мамат вртоглави вишини и газам по неизодливи нерамнини. На сите твои брегови прозрачни бранови се извишуваат сите те заплискуваат, сите приграбуваат, само еден твој брег се капе во бела виделина низ која ѕирка твојата штотуку насмевата историја сите што ја градеа, доградуваа и доградена ја сонија, твојата историја како мост што се протега низ светот и го облетува како птица со крилја од сонце подгорени и од бури поткршени но со очи и срце на Македонија. Дувајте диви ветришта, езерото разбрането своите брегови ги прелева, езерото се шири и додека не ја најде својата утока во светот не ќе може никој да го смири. Езерото од бранови под небо се крева, а горе сред црните бранови, една галија одвај забележива ко ѕвезда им пркоси на брановите и со времето спори. Разнишана од бури и породилна агонија галијата плови низ бурите ту исчезнува меѓу брановите ту изронува од нив со име Македонија. ВО ЕДЕН ОД ЦЕНТРИТЕ НА ПАРИЗ Сам во еден од центрите на Париз седам во едно мирно бистро спроти Операта. Седам прикован за масата со филџан пред мене и не забележувам колку долго седам неподвижен и како полека се спушта срамежливата париска вечер. Околу мене џагорат млади Негарки и Виетнамки, млади Кинескињи и Јапонки и уште кој знае кој млад свет од Црна Африка и Далечниот Исток. Странец, а не сум странец, меѓу тие млади луѓе од светот, иако не разбирам ништо, јасен е и разбирлив нивниот џагор. Мислата ми одлетува во мојата Црна Африка сред моите Сињарки со очи синолички на црна арматура пред чија убавина се топам во црна јагленосана згура. Од мислите ме сепнува благата октомвриска вечер и ме понесува вителот на Париз што пред мене кркори и со илјади светлини и бои ме заглискува и тече. Париз тече под сите мостови на Сена, тече под сите мостови на светот. И во тој тек го слушам како црвена поплава и буна нестивнатиот глас на Париската комуна. Тој глас го заплисна Сибир од Бајкалското Езеро се прошири преку дунавската низија, тој глас се проширува преку земјите на изгревот на Сонцето до Ниоколо-Коба* и реката Гамбија и уште подалеку на југ и уште подалеку на запад, тој глас се проширува како своевидна светлосна визија. Тој глас на црвената Париска комуна допре и до мојот град, допре до мојата татковина и се разискри со народниот гнев како негова верна лика во првата балканска Крушовска република. 2. Седам во еден од центрите на Париз, во едно мирно бистро спроти Операта. Околу мене џагорат млади Негарки и Виетнамки, млади Кинескињи и Јапонки и кој знае сè уште кој млад свет од целиот свет натрупан како еден разнобоен цвет. A Париз пред мене тече ли тече. Тече под сите мостови на Сена и тече под сите мостови на светот. А Тој тек го слушам ко ѕвонлив глас на поплава и буна на штотуку неостварената Светска комуна. Додека илјади светлини и бои ме заплискуваат и ѕунат. ПАТУВАЊЕ ВО РОДНИОТ КРАЈ - СРЕДБА СО СВЕТОТ Долго се приготвував да отпатувам во својот роден крај, тешки мисли ме беа притиснале како непреминливо минато, како безбројни стапици што ме демнат на секој чекор, но, најсетне смогнав сили и тргнав. И тукму кога бев пред влезот на градот, наеднаш ми секнаа силите и струполен паднав пред неговите ѕидини. До мене допираа шумовите на градот како црцорење на птици, како ѕвездени повици на моето неоткриено небо, и ги замислував и претчувствував неговите светлини и го доживував како светлини што бликаат во мене, зашто едно стоглаво чудовиште стоеше меѓу нас двајцата, ме приковуваше за земја и не ми даваше да влезам низ градските високи и ширум отворени порти. Од близина ја слушнав страшната бучава на Брегалница како се валка зад Исарот и рони карпи и камења. Бучавата на реката растешe полека но незадржливо, па порасна повисоко од Исарот, повисоко од историјата на градот и во еден миг се слеа со огромната бучава на светот. Матицата на оваа бучава ме подзеде и ме исфрли на површината каде јасно како на дланка ја здогледав нерадосната со црни дамки испрскана судбина на мојот народ што се бори и збратимува со судбината на светот. Иако прикован за земја од стоглавото чудовиште на моето чудовишно детство со крвјоcани очи што ме заслепува и не ме пушта да влезам во градот, понесен и искачен на сеопштата бучава како да гледав од врвот на светот. Од врвот на светот ја здогледав и препознав мојата земја распарчена и разграбена од темни братоубиствени војни, од туѓи желби и посегања да ја присвојат за себе. Само здивот на едниот нејзин дел се извишува високо до непознати небеса и како пролетен ветар од Шара го заплиснува убавиот Пирин на Јане и го разбранува синиот Егеј потемнет од мака зашто ни мртвите револуционери немaат мира во Беаз-куле. Од тој здив од тој прислетен ветар на Шара извишен до недопирливи и непознати небеса како да затрепереа повторно сите шуми и сите буки во земјата со гласот на смртно ранетиот војвода: „Другари верни другари, ако низ село минете, со коњи да не тропате, со коњи да не тропате, со пушки да не фрлате, да не чуе мајка ми, мајка ми бигор сторена. Ако ве чуе, кажете: Син ти се, мајко, ожени за една црна робинка, робинка — Македонија“. Гласот на војводата ја прекриваше оваа мала земја и леташе многу далеку над планини и океани и како да замираше некаде на крај на светот. И тогаш силно почувствував дека во Македонија се збиднуваат и се прекршуваат сите дилеми на светот, а светот е бремен од проблемите на Македонија. Видов многу земји и многу народи разделени со граници, граници на времето со молив повлечени што како нож го засекле живото тело на народите и нивната единствена судба на парчиња ја искинале, па место својот живот да го живеат го калемат на туѓи судби и небиднини. Бучавата на Брегалница растеше полека но незадржливо, растеше повисоко од Исарот, повисоко од историјата на градот повисоко од црната судбина на мојот народ и се влеваше во огромната бучава на светот. Иако прикован за земја од стоглавото чудовиште на моето чудовишно детство со крвјосани очи, носен од матицата на светската бучава сфатив дека Македонија ја дели судбината на светот, а светот се судира со безброј македонски судбини. Шумат сите буки, сите шуми и прашуми, сите брези и степи со гласот на војводата кој ги корне и фрла врз сите глуви и слепи па таа бучава личи на ред во безредијата и закон во исконските беззаконија. Македонија е судбина на светот, светот е судбина на Македонија. Таа агонична бучава на светот, тој ламтеж на откорнати народи и земји се крева високо, високо под сонцето, ја пие неговата светлина, ја пие и се врти под тешкиот удар на старите и сега подготвувани смрти. Таа агонична бучава, тој продорен крик на светот измешан од најчиста вселенска светлина, од мака и радост на породилно раѓање и агонија се шири и искачува на вишини до недоглед, и од тие вишини го гледа својот иден свет, а во него и Mакедонија. ВО СОНОТ НА ЦРНАТА ЖЕНА Телото твое црна маслина, најтемна бронза, најдлабок звук, звук од там-тамите на твоите претци, од нивните старински кори*. По небото на твоето тело заорува невидлив плуг и од црните бразди секавично изгреваат сите потопени зори. Телото твое неуморен ритам, крвоток на океанот, светлина темна што ме води по патека опасна и тeснa, од детство што ме прогони, од порано, уште од утробата мајчина, од првите зачетоци, најнесвесните. Сега разбирам зошто не успеав да ти испеам ниедна песна зашто самата си песна над песните. Исплашен и страшен стојам под небото на твоето тело од твоите црни магии вџашен. Ти ме разболуваш и ти ме лекуваш, и ми велиш: јас сум твоја ноќ и твоја вечна луна, биди спокоен, тука ќе векуваш, мојот сон е пострашен и од најстрашната буна. Луно, црна луно, од твоите магии вџашен немам збор да ти противречи, немам сила да ти се спротивстави. Луно, црна буно, незарасната, неизлечена рано, неусетно паѓам и тонам во твојот сон како афричко сонце во океанот. ЖЕНА ВО ИВЕРНАЖОТ Се прелева чашата на ноќта. Истура пороен дожд. Ноќ и дожд. Дожд и ноќ. Ивернаж. И една жена сама во ноќта и ивернажот. Под далечниот татнеж на там-тамите змиулесто се извива на дождот како во прегратка на маж. Една жена во ноќната стара и чкрипава кола, една жена од бучавата на дождот пробудена, една жена од радост излудена танцува во ноќта, на дождот, сама и гола. А дожд врне како лекување на тешки рани, како ослободување од темни сили и страсти, врне како шепотење, како милување: Стани! Расти! Дожд врне и нема крај на овој ивернаж, додека жената змиулесто се извива на дождот како во прегратка на маж. Дожд врне и чудни приказни плете, како раѓање и плач на првото дете. ВО ШТИП И ВО ЖОАЛ Колку е голем светот! Еден под Исарот, друг на Океанот. Два света, две борилишта, две различни животни светилишта. А минуна караванот… Колку е светот мал! Штип и Жоал, Еден под Исарот, друг на Океанот. А исти љубови, исти бранувања и исти поетски маки и сонувања. Два града мали и речиси безимени А обата со иста љубов збратимени. НА ТИЕ БРЕГОВИ НЕМА НИ МИР НИ ПОЧИНКА Главата му е корен во земјата на Црна Африка што се храни со сокови од легенди и преданија. Мислата му е разлистена како раскошна крошна над земјата наборена од суша и жед. Една ѕвезда секогаш сонувана но уште недосонета, една ѕвезда од неговиот ум и срце одронета го води да си почине на бреговите на вечноста. А знае дека на тие брегови нема ни мир ни починка. ВО ТВОЈАТА ПОЕЗИЈА ЖУБОРАТ БИСТРИ ВОДИ Од каде таа свежина во твоите песни па секој збор ти е сочен и со вкус на манго поету, Дијали? Суша е. Седумте долги години лежаат по патиштата како седум мршави крави. И сонцето исушено и тоа за дожд жали. Само во твојата поезија жуборат бистри води и твојот жуборест говор паѓа како свежина врз земјата измачена од суша и тежина. ТЕ СПОМНАМ ЛИ Те спомнам ли — пред твојата лика затреперува срцето на океанот и оживуваат вулканите одамна згаснати. Лавата се претвора во крв, крвта ко лава блика! Татковино, песно недопејана, песно неспокојна, иста низ вековите, низ булуците како за дедовците така и за внуците — крвта и нас ќе нè спаси! Те спомнам ли — пред твојата става исчезнуваат далечините и сета историја се претвора во огромна лава што како водопад се струполува од висините, а светот не е поголем од збор што од секаде моќно се огласува: Татковино, песно недопејана, песно неспокојна крвта и нас ќе нè спаси! Еве нè, Татковино, обајцата во планините во нем и присен разговор. Воздухот е чист и како меч сече. Ти си покрај мене најверна жена, смисла очовечена, вистина позната, а никому недоречена и до крај разгласена. Татковино, песнo недопејана, песно неспокојна крвта и нас ќе нè спаси! Но не крвта на разделбата и омразата, крвта со одмазди и гнев заградена туку онаа крв заради која жената се жртвува зa мажот, мажот за жената и синот, а синот заедно со нив за татковината од која сите пламтиме како од најчисто вино. Татковино, песно недопејана, песно неспокојна, спокојот во нас ќе го ископаме: ќе го ископаме од искони! ТУКА МЕ ДОВЕДЕ МОЕТО ПРОВИДЕНИЕ Оставете ме тука добри мои црни пријатели и да го барав немаше да го пронајдам ова место што го открив случајно. Тука ме доведе мојата исконска страст за трагање низ мрачните но неизбежни свијоци на историјата мојата вечна жед за изворите на сеопштото потекло и гладта моја за невеселата младост на човештвото. Тука ме доведе мојот прародителски инстинкт и неговиот непогрешлив шепот дека сè е исто иако е сокриено во различни шуми и растенија без оглед како и да се викаат: баобаб, даб или бреза. Околу баобабот сите села на еден народ се собираат, го опколуваат, но не можат да го опколат, затоа што внатре во стеблото, закопани исправено, лежат мртвите и водат таен духовен разговор со своите потомци, а мртвите никој не успеал да ги опколи; околу дабот бршлени млади се извиваат и танцуваат и од своите сокови со вечна младост го опијануваат, а соковите на бршлените никој не успеал да ги пресекне; а околу брезата девојки — красавици како сињарки од север раскажуваат приказни за љубовта, широка како нивната земја и длабока како нивната душа, а приказните за љубовта никој не успеал да ги дослуша. Оставете ме тука добри мои пријатели, тука ме повика исконската страст да ја пронајдам својата праслика изгубена во мрачните свијоци на времето, но жива и силна како вдахновение. Оставете ме, оставете ме тука. Тука ме доведе моето провидение. ЗАГЛЕДАНИ ВО СОНЦЕТО Јас — кој роб бев, и ти — што беше роб, а сега си камен, сега си куќа на робовите што се извишува како закана, како светилник над островот сто милиони пати посилен од светилникот на Мамел* што им го осветлува патот на авионите и бродовите — тие сегашни гусари на модерната цивилизација — што сакаат да го ограбат небото и водите на окeaнот. Твојата светлина доаѓа од длабочината на вековите, од ниските сламени колиби во саваните и прашумите каде што седиш со својата жена и деца и сите толчете пченка за да испечете леб, а никој не се ни праша што со лебот и дали ќе ви стаса. Вам ви е доволно да гледате во сонцето што заоѓа како се вплеткува меѓу гранките и се обесува на најтенката, па личи, страшно личи на закрвавено око што само вас ве гледа, а ти им велиш на децата: „Тоа е окото на нашиот Голем Татко, неговите солзи што ги собирал додека одел по земја, како светлина ќе ги прострелаат тревите и дрвјата, и сè ќе се исплаши и ќе замре: и птици и диви животни и змии цицачи и отровни гуштери, и наеднаш ќе падне бескрајна глува ноќ над Африка штом окото-сонце ќе се струполи во океанот“. А кога завладее глува ноќ над Африка ти се чини дека никогаш не си видел виделина. Децата се припиваат до мајка си, а заедно со неа сите до тебе. А ти за да ги смириш долго им раскажуваш за добрите духови, за прародителите, за нивната среќна смрт што починале на својата земја, зашто само така се одржува врската со живите. Со секоја твоја нова приказна очите на децата сè повеќе се распалуваат отпрвин налик на мали пламени што како јазици го лижат работ на шумите но силниот ветар на приказните ги разгорува и во очите избувнува страшен пожар што се заканува сè да изгори во шумите. Очите на децата набргу почнуваат да прилегаат на окото сонце на Големиот Татко, и нивниот пламен дури тука допира тука на Горе** — до Kуќата на робовите. Припиен за неа како камен се одронувам и во таа светлина потонувам, потонувам. СО ПРИКОВАН ПОГЛЕД ВО ЦРНА АФРИКА Овие бигори океанот ги исфрлил на брегот, ги исфрлил овде на островот од каде што некогаш, стројни и лични младичи и девојки со прикован проштален поглед во својата родна Црна Африка, со галии ги испраќале како живо црно робje во туѓи континенти. Океанот им станувал и дом и безмилосна судбина, додека одвај во далечина се наѕирала непознатата земја што им ветувала денови поцрни од нивната кожа. Непознатата земја останала туѓа и непозната, а жалта за родниот брус* ги збигорувала нивните души што се откорнувале од телата. Исушените тела лежеле како празни рибји костури на туѓата земја, а збигорените души остри и иглести се тркалале до океанот. Безмилосниот океан ги пречекувал како најзагрижен родител, ги прегрнувал со своите раце-бранови и ги носел назад, назад кон Горе* од каде што некогаш како стројни младичи и девојки ги испраќале со галии во непознати и далечни туѓи континенти, а сега се бигори исфрлени на брегот, со вечно прикован поглед во својата Црна Африка, сега се куќа на робовите во нем и присен допир со потомците да си поприкажуваат и да починат. МОЌТА НА ТАМ-ТАМОТ Темно е небото, темен е и океанот, а најтемна е земјата. Сè се засолнило в глувото дувло на темнината. Но звукот на там-тамот со светлосен куршум ја преполовува и двете половини крвавеат ко румени усни на зората. Там-тамот е мистериозна тајна на животот, од најдлабок сон живите ги скорива, мртвите ги враќа во танец со живите, а робовите излегуваат од своите бигори и го живеат својот предвреме прекинат живот. Там-тамот ги опијанува сите како палмино вино, и сè е замелушено: и природа и човек и вода и растение, там-тамот е празник и славје на животот, там-тамот е општо воскресение. Грмне ли там-тамот ден се разденува, сите срипуваат на нозе од својата незадржлива крв прогонети живи и мртви, болни и неизлечени, танецот се извива низ селата, низ саваните, покрај реките, низ прашумите, и како бескраен ритам и мелодија се извишува нагоре, нагоре до сонцето каде што од крошните на џиновските дрвје насмевнат гледа Големиот Татко. А Куќата на робовите станува раскошен дворец и борилиште низ кое достоинствено чекорaт некогашните робови, и облечени како принцовите од Мали се борат за срцето на своите избрани сињарки. ВО ОЧИТЕ НА СИЊАРКИТЕ Оставете ме тука добри мои пријатели, и да го барав немаше да го пронајдам ова место случајно што го открив. Оставете ме тука меѓу овие бигори со уште еден бигор да ја извишам Куќата на робовите. Звукот на там-тамот да ме пренесува преку реките Гамбија и Конго, а горе преку Нигер до земјата на Догоните; младите сињарки со песни да ме успиваат и успан да ја сонувам младоста непоминлива. Во сините очи на црноликите сињарки да изгрева синилото на мојата татковина. А кога там-тамот ќе го домами ивернажот песната на дождовите да биде песна на сеопшто раѓање. А јас — бигор искачен на Куќата на робовите и замаен од вишините, да се нурнам со таа песна и да исчезнам во убавините. ЗАПЕЈ ЈА ТВОЈАТА ПЕСНА НЕБЕСНА Запеј ја твојата песна небесна Сињарко со очи синолички на црна арматура. Грлото ти се довикува со вијот на океанот и со сахарските песочни ветрови, очите ти се извор и утока на сите реки на Црна Африка низ кои плови мојата усвитена глава како последна задоцнета галија со црни робови и место очи има две огромни бездни, два бескрајни тунела од кои со мрак и темнина си го насочува патот, додека сè наоколу заслепува од светлина и сонце, сонце, сонце! Сонцето се качило врз темето на главата, главата е вжештена, усвитена, презаситена од горештина, само од двете ладни очни бездни, двата тунела шиба мрак и темнината се распростила како црно тесто, па галијата попусто за пристан го бара своето недосудено место. ЗАИГРАЈ ГО ТАНЕЦОТ НА МРТВИТЕ Запеј ја твојата песна небесна, заиграј го танецот на мртвите на овој гроб каде лежам жив закопан и немам очи да те видам, само ја чувствувам твојата убавина како низ земјата струи до мене. Твојата убавина што ја осмислува пловноста на реките и ги припитомува водите на океанот, твојата убавина што ти врти двете годишни времиња како две вртешки на судбата неумолива: вртешка на сушата и вртешка на ивернажот. (Во една таква вртешка на сушата кога сите животни умираа по патиштата ми се сврте, ми се помрачи умот и обневиден паднав. Иако сè уште жив жив ме закопаа до Куќата на робовите). Твојата убавина што како здравје струи до мене во овој гроб каде лежам жив закопан и бавно, пополека излудувам, а сите луѓе горчливо ги развеселувам, зашто немам очи да те видам, нити пак се осмелувам да те допрам, да се стутулам под твојата убавина, под таа крепост од здравина. ТАМ-ТАМОТ ТИ Е ВО КРВТА Там-тамот ти е во крвта, крвта е во тебе, а ти — во целата земја, сињарко со очи синолички на црна арматура. Со крвта удри по там-тамот нека се разлее твојата песна небесна што ќе ги напне сите дамари на светот како песна на поетите споулавени како што сум споулавен јас во овој гроб каде лежам жив закопан и чувствувам како од твојата песна потресна пукаат дамарите на светот. Слези долу сињарко, убавино вечно разубавувана, слези во моево подземно царство со својата песна вековита, својата песна лековита, слези и со песната на виделина изведи ме! Нема да ти кажам дека си ми најверна наречница и дека сум темен како земја од љубов по тебе, нема на ниедна мака да те искачувам, само со твојата песна лековита и твојот танец на мртвите без да те допрам, без збор да ти речам ќе се изедначувам, изедначувам, изедначувам. МОЛИТВА ЗА СИЊАРКАТА — МОЈА НАРЕЧНИЦА Дури сега сфатив дека сум сосем во твоја власт, дека сум играчка во твои раце и дека сите клучеви на мојот живот ги држиш. Биди милозлива и отклучај ги портите на моите бессони ноќни патувања, на здравите и едри ноќни патувања кога од темнина и темни соништа не се гледа ништо, само во далечина огромната сеопшта светлина довикува како малечка светла точка. Требаше да помине половина век па да сфатам дека си ми здравје, дека си лек за сите мои болести неизлечиви, за песните, за зборовите недоречени и недоречиви. Помогни ми да ги добдеам моите бденија, да ги изживеам сите мои искушенија и да се стркалам како важарен обрач од месечина кон малечката светла точка што мe мами во далечина. Ако ме оставиш така ни жив ни мртов — жив ќе се мртвосам, а ни мртов не ќе се здружам со мртвите, иако не сум луд светот луд ке ме сметa и ќe лаат по мене сите пци и сите пцета. Отклучај ги портите на ноќните патувања на поетот да ми се валка главата низ зелените треви на cвeтот зашто само така и татковината ко ѕвезда ќе ја краси. Отклучај ги тие порти, излечи ме, или — проклета да си! НОЌТА НА ОГНОТ Под девет ноќи ѕвезден обрач пука. А огнот молчи. Пенушка од бука. Ко чекач сраснат сред скриена чека тој стои овде од искон, од века. Ко сува гламја, како црна коба безвреме трае и годишни доба. Се палат лисје како лилав темјан. А огнот молчи. Црн. Потемнет. Земјан. Се палат лисје како темјан лилав. А огнот молчи. Ноќ во корен жилав. ПОВЛЕКУВАЊЕ НА ОГНОТ Молчи огнот претворен во кора под бучава на столетна гора. Запленувач и жртва на пленот на бел јарбол го качува денот. Молчи огнот со исушен пламен под езеро тврдо како камен. Молчи огнот под бучава тмурна и се вее ко пепел од урна. ЉУБОВТА НА ОГНОТ Глув варовник паѓа врз нашите лица. Се прпелка огнот под него ко птица. Се прпелка огнот во кафез од време. На полноќно сонце зрее црно семе. Сам од себе огнот оган вечен краде, љубовта на бодеж своја да ја даде. Греј, полноќно сонце, не запирај, греј. Еве сам и ранет, иде Прометеј. Како стрвник стемнет, како земја гладна го подзеде огнот и изгорен падна. Песната се стопи како лажно злато. Подолг е од животот до човека патот. Сам од себе огнот оган вечен краде љубовта на бодеж своја да ја даде. Молчи, молчи, молчи во млада боровина. Оган и горовина. Оган и горовина. НЕВРЕМЕ Како ме носи реката, како ме фрла од едно до друго езеро, од една до друга жед. Најсудбоносно пеат рибите со неми грла, Тие што вечно кружат ко воден сончоглед. Слези долу по скалите на оваа кула, распретај ја жарта под крилата на водната птица бранот на најмалиот цвет сите векови таму ги лула и талка огромни сеништа од некои дамнешни лица. Рика утробата, ко густо небо секавица ја кине, светот се корне, пукаат старите оски, и сè се урива, сè пропаѓа и гине пред срните на бранот како пред расцутени боски. Плачи водо, завивај утробо, завивај кугло запалена. Времето невреме вистинско е време. Под тебе земјата лежи од умора премалена и црн коњаник иде плодот да си го земе. НОЌЕН ИЗВОР Загледан вo ноќен извор како во урочен лик, што најде што откри, какви огнови стопи, па не чу како паѓа птицата од сопствен крик или од темјан на вода смртно што ја опи. Загледан во тоа огледало срцетo што ти го скова во какви длабини слезе, од која вода се напи, дали те зароби звукот на магија нова, во мртво море од камен луд ли стапи, па сега во нoќен извор како во своја слика го бараш оној летач сурово што ќе ти суди. И нити гледаш нешто ни слушаш како те вика славејот во крвта твоја пеколот што го буди. ЕЗЕРО Биј далго. Врти вртушко. По брегот биј. Sвоно од ветар и светлина sвони. Ти надоаѓаш, езеро, а твојот непресушен виј гасне заедно со брегот што се рони. Тука си, а ќе те загубам стиснато зад некој рид, само си, а се отвараш во мене како школка, и како суводолица пропаѓаш во мојот вид со една нејасна далечна болка. Тогаш разбирам, езеро: пак долго ќе те нема и не знам кој пат веќе пак ќе ми се стори дека си оган тајно што се зема нечие срце, крв нечија да гори. А ти надоаѓаш со закана, со виј, со блесок, и од сè што пред тебе залуд ќе се скрие останува само сенка, само песок. Песок на брегот стрвно што те пие. И ја слутам веќе таа непрегледна суша, тој предел нем, зараснат со црна кора што место тебе жедни врутоци слуша како тркалање на два тешки збора. О езеро, ти надоаѓаш а брегот со тебе се рони. Скриј се зад твојата убавина. Навлечи лик од виј. Водата сè ќе сознае, водата сè ќе сони. Биј далго. Врти вртушко. Езеро биј. ЕЗЕРО КРАЈ МАНАСТИРОТ Црни коњаници, бели коњици. Со лик на светци — на ѕидот сурови војници. Бран до бранови. Коњ до коњи. Арапин црн ги гони. Моме застанато на брегот, брегот се рони. На брегот занишан девојка млада. Сонцето се спушта на копје од балада. Ветар коњаник, ветрови коњици. Врсници сме, водо, од два света двојници. Водо што извираш од срце на фреска, грлото ми е од сонце, очите гроздови од треска. На брегот занишан девојка млада. Сонцето гине на копје од балада. Кај исчезна зборот што семожен те бара да заѕвечи во тебе како златна пара. Водата се враќа во фреска на ѕидот. Со неа и зборот и пламенот на ридот. НОЌ НАД ЕЗЕРОТО КРАЈ МАНАСТИРОТ Езерото секна, истече со видот. Водата се врати во фреска на ѕидот. Лежиме во дното на котлина празна. Ти си сè што имам: награда и казна. Расцутува ноќта како црно лале. Ти личиш на црква сред карпи, на кале. Па ги гледам само двете твои ѕвона, две школки во мрежа, два кошмарни сона. Како црно лале цути ноќта црна. На врв бели ѕвона две бакарни зрна. Sвони, ѕвони, ѕвони, со подземен рев. Фатени сме, песно, во првиот грев. Истечува огнот, истечува видот. Скаменета везба во фреска на ѕидот. ЈУС-КРИТИЧАР 1 Ги мери сите со аршинот на јус. Еден е висок, друг е кус. За едни минус, за други плус. Но додека така кумува Не изумува Во туѓиот – својот да го провери вкус. 2 Неговата стручна експертиза има само ембарго или само виза. И додека го гради овој пантеон, додека на сите им кумува не ја изумува својата девиза – девиза на камелеон. 3 Цела деценија пишува критика, но место естетски анализи и проблеми тој ги решава своите дилеми: како да се допадне на нечија политика. 4 Сета негова инспирација Лежи врз државна дотација. 5 На сите совет и памет им дава, А ушите му висат на туѓа глава. 6 Уште од малечок нежно го закрилија Да биде верен на нивната фамилија. ЈУС-ПОЕТ 1 Прв е меѓу сите поети со своите проверени квалитети да се кити со јус-еполети. 2 Тој е суптилен, тој е фин. Поезијата од него не се засрамила. Јава на својата пегаз-камила повешто и од бедуин. 3 Чудна е неговата поетска душа: дома пее, а надвор слуша. 4 Сѐ му е познато, сè му е во близина, песната му лежи на рамна низина. 5. Своето поетско здание со стручни награди го позлатува, а другите благонаклоно ги упатува во фондовите за општествено признание. 6 Се откри себеси како поет и објави преку нашите ТВ емисии: „Во мојот досега непознат свет жители нови се населија. Кој е виновен што е некој заплеткан во сите жири-комисии кога веќе одамна никој не верува во евангелија!“ 7 Во неговата поезија има безброј изми. И никој не може да ја прегази таа поетска река па макар и да обуе од седум милји чизми. 8 Страшно го разгневија нашите банални секидневија. Затоа се сврте и викна: „Ќе станам манекен на поетска модна ревија!“. 9 Како и секој современ поет тој се дружи само по афинитет. А афинитетот има друго име: За да те преведам – преведи ме! 10 Неговите поетски координати се движат во простор од дај ми го нà ти. 11 Најсетне прокапаа и поетските стреи: ако се мршави хонорарите за обични песни, поети пишувајте само за јубилеи. ЈУС-ПРОЗАИСТ 1 Не е секој надарен да пишува проза, ни стил да има кристален и чист. Лесно е да опееш некоја коза, стани ако можеш јус-прозаист. 2 Тој има богата прозна биографија: една огромна фотографија со потписи лично негови и на неговата литературна мафија. 3 Неговата проза жива е метаморфоза: едно регионално квачење, едно мачење да се испили со јус-значење. 4 Усвитен тргна во поход, во авантура, а се врати назад со обична згура. 5 Тој не признава повисок литературен рид од Хемингвеј, Давичо и Жид. 6 За нас испиша безброј возбудливи страници, а го загреа читателот зад граници. 7 Се роди во нашите конфронтации и веднаш се извиши над сите нации. 8 Со поглед стемнет од чад и бура нѐ убедува од својот естетски врв: „Јас сум зачеток и јас сум прв, со мене почнува вистинската литература“. ЈУС-СЦЕНАРИСТ 1 Решен да прави кариера и да го оствари својот план пред себе вешто тој го тера својот необичен караван. 2 А караванот прав што крева има примероци од секој сој, први се, јасно, Адам и Ева, а последен е самиот тој. 3 Но тој е мудар и полн со вера и знае како и кој клан ќе може лесно да се втера во некој продуцентски план. 4 На едни Ева им ја нуди нападната од човек-ѕвер, на други како да му се суди на некој висок функционер. 5 Продуцентите не се глупи, без кокетирање и без блеф секој по нешто ќе му купи и ќе го заклуча во својот сеф. 6 Купеното ќе лежи така закопано во длабок ров, додека не го изеде мрака, додека не го изгриза мов. 7 А тогаш при нив пак ќе сврати нивниот познаник стар и ќе побара да му се плати уште еден хонорар. ЈУС-ЖУРНАЛИСТ 1 Седмата сила ја предводи како тореадор. Пред него сите од страв и почит клечат. Тој знае како се забива бандерилја меѓу роговите, како се скротуваат биковите, со еден збор тој е семоќен во нашиот јус-печат. 2 Чувајте ги за себе критиките и заканите, тој е секогаш во срцето на настаните. 3 Не лажете се ако го сретнете, на пример, во бар дека и тој наминал како вие така… Измама е чашата што ја држи в рака, тој патува кон Суец, кон Гибралтар. И пред да го забуца перото во вино тој веќе ги прелетува и Водно и Кале, знае што сонуваат Москва и Торино и како заспива Клаудија Кардинале. 4 Домашните настани ги чепка со нокот. Се клати на сите општествени оски. Знае да скокотне со политички скокот, но ако треба и со голи коски. 5 Сѐ му е туѓо во нашата клима и сѐ му личи како дива градба. „Внимание“, пишти, “Вардар-филм ќе снима Македонска (се разбира) крвава свадба“. 6 Го враќа совесно културниот заем и заплеткан во старите комарници вџашено трча од саем до саем, пребарува низ сите книжарници, податоци збира и алармира: „Вака не може! Доста е! Стига! Зар сме толку себични, слепи и глупи? Човек не може ништо да си купи освен по некоја овдешна книга!” ЈУС-ТРОПАРИУМ 1 Застанат на брегот со тропари и псалми тој тоне во мистиката на далечините, на една страна ги двои светлините, на друга – темнините, а својата глава ја врамува во венец од ловори и палми. 2 Стои така и се вслушува во неизвесноста и тајните на просторите, на најбескрајните, а неговиот глас сите ги заглушува: „Ваша сум радост и ваш сум бол, ова небо е мало за ореол“. 3 На водата ѝ вели: „Водо, раздели се“, и водата покорно се разделува. На народот му вели: „Народе, пресели се“, и народот послушно во нова и ветена земја се преселува. Ветената земја не е само ветена, во сите чуда таа е посветена. 4 Таа е за едни нежно кокетирање, за други – наивно прегрупирање, а за трети – обично умирање. 5 Во таа земја само за стопари тој ќе ти пее псалми и тропари А ако успееш да ти стане кум Ќе ти подари и цел тропариум 6 Ќе те благослови со творечка слободица Ќе те премачка со непозната боја, Од секаде по малку ќе налее поетска водица И ќе ја продаде како своја. 7 На брегот езерски таа клопотавица Ќе ти заприлега на вистинска убавица. ЈУС-САТИРИКОН 1 Во младоста бил тивок, но сензибилен, бил суптилен, нежен, свилен. Ги љубел на љубовта очите, копал ископани рани, пробивал срца во дрвјето и плочите и јавал на своите љубовни каравани. Во младоста бил нежен лиричар, а сега е лут сатиричар. 2 Зар постои некаква допирна точка меѓу лутото перо и врелата љубовна плочка? 3 Гледајте, небото земјата ја бакнува, а таа папокот срамежливо го истакнува, им ги нуди срамежливо местата забранети на сите повикани и неканети. 4 Отворете ги прозорците и старите капии, ѕирнете во современата мода, сите ќе ве пречекаат со документи и тапии дека пијат изворска вода. Однадвор вар-варосана, однатре – жабуњосана. 5 Прошетајте низ улиците по летна горештина и научете барем една вештина: како и за кого ѕвоното да ви ѕвони. Има луѓе што држат деноноќно здравици, нагоре пуштаат свилени балони, надолу – диви секавици. Има луѓе што личат на обични дабри, а има што дишат на суво со жабри. 6 Но има и такви што паднале в сон далеку од секаков сатирикон. ЈУС-ЛИНГВИСТИКА 1 На љубовниците најчесто јазикот не им е нужен. Љубовта е за нив налик на молика полна со некаква нема симболика и некаков оган здружен. 2 А ти душата своја собери ја во обрач од јазична мистерија. 3 Љубовта е едно, а науката друго, љубовта е птица затворена во маѓепсан двор. Јус-лингвистико, речи ми: „Слуго, јави се веќе и со мојот збор“. 4 Никаква сметка, никаква статистика нема да ги изброи сите ѕидови ни да ги насети сите видови на нашата јус-лингвистика. 5 Проблемот на јазикот со јазик таа го талка. Јазикот ѝ е бодеж а не алка. 6 Кој тврди дека јазикот служи човек со човека да се здружи. Прав е јус-лингвистот кога вели дека тој нè делел и ќе нè дели. 7 Наречете ги како наречници сите улици, училишта, хорови, со случајно земени зборови од едen или повеќе речници. 8 Претворете ја својата вера во бункер и јазична бариера. 9 Отворете се пред сите во светот пазарот моќта да ви ја сети, но ако ви е проблем квалитетот – сменете ги старите со нови јазични етикети. 10 Човек човека како да го сфати? Како да оствариме сестрано разбирање? Да се обезбедиме сите со апарати за симултано јус-комуницирање. ЈУС-ДОГМАТИЧАР 1 Од класичните догми се откажаа и неписмените. Но дежурниот матичар го внесе во матичната книга на родените нашиот модерен јус-догматичар. 2 Во пепелта на догмите стари неговото грне нови догми вари. 3 За него не е и нема ништо свето. Повисоките општествени облици ги провира со длето. 4 Неговите мисли, идеи и теорија дури и животот го изморија. 5 Тој смета дека е ум и дека е Ахилова пета на нашата стара и збунета планета. 6 Тој на минатото со презир гледа. Минатото е големо ништо и голема духовна беда. А за иднината што да се грижиме ние кога во малото негово прсте таа спокојно спие. 7 Тој многу патува и секогаш на сите им суди. (А бил насекаде, во многу земји одел). Но кај и да стаса тој се згрозува и се чуди зошто животот не прилега на неговиот животен модел. 8 Тој насекаде отвора рецепции за пласирање на своите теории и концепции. 9 За свои принципи во животот се бори со тврдоглава страст и тврдоглава желност. Но додека за нив непрекинато збори, помеѓу него и неговата принципиелност под бремето на сопствените грижи животот по своја врвица се движи. ЈУС-УНИВЕРЗУМ 1 Да бидеш едностран… тоа е повеќе од жално. Не чекај ни ракоплескање ни бис. Но ако си надарен универзално – ти си тогаш шампион, ти си тогаш мис. 2 Универзалноста не може со ништо да се плати. Таа е златно клуче за сите тајни врати. 3 Уште од младини, додека трчаше бос со смисла за политика тој почна да си го вади лебот, и толку се разви неговиот политички нос што пулсот на светот го чува денес во џебот. 4 Тој е просто – чудо. Тој е способен за сѐ од политика до џудо. 5 Уметноста му е вечна опсесија. Но ако му речеш дека ѓаволот е црн дарбата своја обеси ја на некој глогов трн. 6 Нема ден, ни настан без него што може да се случи ни може поинаку да живее оваа нација: во својство на покровител тој трпеливо нѐ учи како се доаѓа до афирмација. 7 Но не само кон музеите и нашите галерии, кон филмот и литературата погледот му е вперен. Неговите тешки батерии го расчистуваат веќе и стопанскиот терен. 8 И со наука се бави, почитуван и ценет. И така, свртен кон најдалечната далност тој ни покажува колку е пленет од магнетот на својата јус-универзалност. 9 Негов идеал е и негов сон да го издржи овој маратон. ЈУС-ГРАДАЦИЈА 1 Во сите засвртници и сите фази тој се пробиваше на план преден, убедувајќи нè со израз чеден дека поткожниците од душа ги мрази. 2 А беше мал и беше ситен и беше затрупан сиот со акти. Но актите бргу ги претвори во факти, а фактите – во лакти. 3 Во општината стана важна личност, се скри зад голем идеал и тешко можеше да најде сличност со оној човек ситен и мал. 4 Потоа отиде на друго место и почна за една друга релација да збори секаде, да збори често: за Република и Федерација. 5 Го фрли својот општински крој и стана така фактор битен, и веќе сосем го засолни тој оној човек мал и ситен. 6 Влезе во кругот што се врти, а на сите надвор од неговиот пречник „Чекајте – им рече со зборови шкрти – дури ви падне забот млечник”. 7 Кругот се врти само во круг. И најсетне се случи ова: старата должност ја остави на друг а тој отиде на функција нова. 8 Така ја докажа со овој гест својата висока рото-свест. ЈУС-РЕКЛАМЕРСТВО 1 Секоја убавица се мажи сама, но девесниците не можат без јус-реклама. Нивната убавина ја мери завод од јус-рекламери. 2 Го жалам Мајаковски, го жалам Аполинер, ги жалам сите што дозволиле да умрат пред да си најдат јус-рекламер. 3 Волшебна е нашата јус-фантазија. Со неа и кичот и шундот се преобразија. 4 Нашата поезија достигна чудесен степен: за грбникот на светскиот поетски збор опашот гордо ѝ е слепен. 5 И да не зборуваме за нашиот печат. Новинарите од неговите страници во брачните наши караници со голуждрави жени и букви голи нѐ лечат. 6 Нашите издавачи најавија крупни планови, Пред подвигот на големите изненадувања не ги мачат повеќе уметничките станови. Нив сега нова мисла ги мачи – кој по скалите на издавачките качувања со личниот доход повисоко ќе се качи. 7 Ти си добар сликар, но да бидеш славен треба да научиш само една лекција: како твоето ликовно дело да стане сопственост на нечија колекција. 8 На нашата телевизија ѝ падна чесен дел: да ги замени сите трансмисии и во своите секидневни емисии да дострела приватна цел. ЈУС-МИТКАЊЕ 1 Сакана жено, жено на Југославија, не случајно ти се јавувам касно: откако Твојот Ден сите го прославија ред е насамо да поразговараме отворено и јасно. 2 Си признавам: црвенеам од немош и срам, збунет сум пред твоите неразумни мени, не знам дали да те ословам со леди или со мадам или со превртливка како и другите жени. 3 Дење си загатлива како Мона Лиза, го чуваш љубоморно својот природен дар, а ноќе те гледам на стота реприза со улога на зајачица во некој бар. 4 Каде сѐ не си и што сѐ не си, ти имаш универзален стаж, ти си работничка, учителка, домаќинка со деца и љубовница на својот маж. 5 За тебе секој нешто убаво може да каже, сите се загрижени за твоите права, но прости, сето тоа мене ми личи на јаже за пристегање на твојата глава. 6 Официјално – ти си светилник со ореол, а приватно – маченце во беби-дол. 7 Не можел да претпостави ниту пак слутел ни најзакоравениот буржуј дека ќe седиш во собата на Некој Си Луј. 8 Пред тебе клечам како голтар што ти се заканува со ковчести прсти: престани да бидеш црква без олтар во која секој ќе се крсти. ЈУС-СОЛИДАРИЗЕРСТВО 1 Додека го славиме Денот на солидарноста, додека Денот на трудот го славиме, да не заборавиме гордо да се исправиме и пред другото лице на стварноста. 2 Зар може некој да се жали, зар има толку слепи, духот на солидарноста ги крепи сите наши паради, собири и фестивали. 3 Солидарни сме кога треба работниот ден да се скрати, кога со зборови поаѓаме во поход, кога делиме по неколку плати „со нова распределба на личниот доход“. Солидарни сме сите, големи и мали, особено кога треба солидарноста да се фали. 4 Солидарни сме кога седиме на приеми и банкети кога се гледаме низ прсти, кога нешто крупно некој ќе ни вети, кога донесуваме решенија цврсти. 5 Солидарни сме сите и солидарно судиме, особено кога ланскиот снег го кудиме. 5 Не сме солидарни ни ист ни е судот само кога треба да се мери трудот. 6 Но не е важно… Сега кога славиме таа дребулија ќе ја заборавиме. 7 Празник е. Молчат фабричките сирени. Нема ни дежурни, ни работни смени. Ех, колку ни е арно кога во колони од мажи и жени на викенд одиме сите солидарно. ЈУС-НАТПРЕВАРУВАЧИ 1 Се натпреварувале два соседни града чија култура е со полична брада. Ниеден не сакал културата да страда, па се оградил со културна блокада. Секој сега има колонии и споменици, а обата одат во доколеници. 2 Се натпреварувале две комуни градски која ќе отвори повеќе дирекции за регулации, планови, корекции, за урбанизации и совети братски. А сега пред тие дирекциски скали со проблеми крупни стојат луѓе мали. 3 Се натпреварувале две сродни претпријатија кое во Реформата побргу ќе се вклопи и фондовите на другото ќе му ги стопи. Но овој натпревар со глава го платија: и двете сега рашириле зеници пред куп од камати и разни меници. 4 Се натпреварувале двајца поети, а секој како вистински поет имал своја визија и свој свет. Два света се судриле како две планети. А сега во нивната поетска мелница стои празна чаша и полна пепелница. 5 И двајца мислители се натпреварувале кој е поумен, кој повешто збори, кој не прави ништо, а кој нешто твори. Јавно се фалеле, тајно озборувале. Обајцата сега во преполни чанти теории носат на јус-калкуланти. ЈУС-ДИСКУТАНТИ 1 Секој од нас има свој свет и свое гледиште, секој има свое мислење и свој став, секој смета дека е роден да седи во првото седиште и дека тој и само тој е прав. Можеби се прашате како се разбираме? Впрочем, за тоа дискутираме, дискутираме. 2 Збориме на собири како луѓе учени дали Маркс го напишал „Капитал“. Во слични распри цел живот сме вклучени, но за научен одговор животот е мал. Можеби се прашате зошто се судираме? Впрочем, за тоа дискутираме, дискутираме. 3 Зазбивтано, често и долго се расправаме кој е првиот вселенски патник, за своето сфаќање со облог ги даваме левото око и десниот катник. Можеби се прашате зошто се конфронтираме? Впрочем, за тоа дискутираме, дискутираме. 4 Како управувачи сметаме возбудено и во два табора на два фронта се делиме. „Два и два се четири“ – едните тврдиме излудено, „Не, туку пет” – другите спокојно велиме. Можеби се прашате зошто така собираме? Впрочем, за тоа дискутираме, дискутираме. 5 Секој од нас има свој агол на гледање, секој својот поглед жилаво го брани, Нема директиви, нема заповедање, па што ако некој некого го рани! Можеби е нужно да резимираме? Впрочем и за тоа дискутираме, дискутираме. ЈУС-ВРЕДНУВАЧИ 1 Тие се предодредени да оценат што и колку вреди. Тие точно знаат кога нешто големо ќе се роди. Секој од нив дневно на најмалку пет состаноци седи и по осум разни комисии води. Со еден збор, тие се најверни чувари на свеста. А плачат за нив нивните платени работни места. 2 Тие знаат што најмногу на театрите им пречи и од каква болест боледуваат нашите колективи, тие знаат со што операта а со што балетот треба да се лечи и дали ќе умрат или ќе останат живи. Тие се повикани на културата да ѝ ја спасат честа. А плачат за нив нивните платени работни места. 3 Тие знаат каде најлесно можат да се вгнездат и каде најопасните жаришта на бирократизмот горат, Тие како рицари во панцир управувачки ездат и со меч од зборови, зборови, зборови се борат: „Бирократизмот е замесен од отровни теста!“ А плачат за нив нивните платени работни места. 4 Тие сите луѓе како риби ги делат на кленови, кркушки, летници… Од едни води во други води се селат, во сите мрестилишта тие се советници. Затоа не ги возбудува веста дека плачат за нив нивните платени работни места. 5 На нивната приватна жиро-сметка се множи општествениот капитал, тие се пробиваат во секоја клетка, тие се инкарниран идеал. Зар може тогаш некој да ги замисли и да ги сфати како јус-вреднувачи-бирократи. ЈУС-НАГРАДУВАЊЕ 1 Ниеден наш граѓанин не е толку луд да ги заборави своите уставни права. Секој живее од својот труд и не зема повеќе отколку што дава. 2 Сечиј углед, признание, положба и век зависат од трудот, а не од некаква лага. Но трудот не е ни јаболко ни лек па да го измериш на кантар или аптекарска вага. 3 Побрзај, затоа, без многу умување да ловиш во нашето јус-наградување. 4 Ако сакаш да дојдеш до пари треба да си посебно создание, да си надарен од бога, да имаш мускул и нога и место глава градско собрание. Ќе леташ тогаш на коњ вран, еден ќе те крсти, друг ќе те куми, и без да мислиш ќе добиеш стан и тешки милионски суми. 5 Но има и друг пат лесен и кус. Автор, да речеме, стани. Покани ја музата Скрибоманија, објавувај за таканаречениот масовен вкус разни раскази, повести и романи. Или таа своја цел оствари ја пишувајќи синопсиси, книги за снимање и сценарија. 6 Но за да бидеш познат и признат авторитет не е достатно да фрлаш само магла и дим, ти треба бездруго пред нашиот свет да се појавиш со некој странски псевдоним. 7 Најсетне, што! Зар некој од некого граба! Зар нечиј доход во туѓ џеб се влева? Се научи веќе и последната баба бајракот како за награда се крева. ЈУС-ЛЕТУВАЊЕ 1 Ова лето летува под ѕвездата Мини, умот му се врти од мини-здолништа, на плажа се лечи со кофеини и бара дебели мини-засолништа. 2 Нема веќе ловци на школки и бисер, летово како сите да ги опи. Една мини-љубов копнее за глисер, на бран и сонце сака да се стопи. 3 Ова лето летува со повеќе крајности, со мини-приходи и голема була. Значајно пораснаа сите безначајности па веќе се гледаат и без караула. 4 Ова лето летува со повеќе стварности и во тек на денот стопати се мени, од игри театарски до средби на солидарности, од големи до уште поголеми бездарности, од ниски достигања до високи цени. 5 Ова лето летува со своја девиза, сака леб без мотика. Искривено како Кулата од Пиза на сите ни нуди домашна егзотика. 6 Ова лето летува и на сè се жали, (ах, ова лето под знакот на Мини). Летаат пердуви на филмските фестивали и плачат цигански виолини – ги колнат, чиниш, и ѕвездите златни. А некој лови во водите матни. 7 Ах, на ова лето, на ова мини-лето, изгорено сето од мини-здолништа, од мини-засолништа, – есента кога ќе му рече: вето! ЈУС-РАСПИНАЊА 1 Колку е светот денес тесен, колку е светот проѕирен и мал, не треба да се мачиш над тешки книги внесен за да разбереш како се живее, на пример, во Монтреал. 2 Не ти требаат никакви книги, ни девизни средства од банка, ни да си умен и популарен како Твиги па да го запознаеш животот подобро од својата дланка. 3 Старата етика за отпад е зрела, пред наши очи се распаѓа, се руши: живеела некогаш една душа во две тела, а сега во едно тело живеат две души. 4 Едната е домашна, питома и кротка, на утрешен оган по цел ден се кали, меѓу два света стои како потка од најчисти човечки идеали. Кога ти зборува – го продолжува твојот век, да си заразен и од болест неизлечива таа на болеста ќе ѝ најде лек, толку е златоуста, толку слаткоречива. 5 Другата е горделива и од сè се гнаси, другата е веќе малку изморена барајќи ги во највисоките историски класи на своето потекло двата корена. Таа има само една девиза: девизи се добиваат за патување во странство, па затоа прилега на вечита виза и на легализирано емигранство. 6 Две души се распинаат пред вратите на рајот и никој не може да им го дофати крајот. ЈУС-ОТКУПУВАЊА 1 За пари можеш да се откупиш од ропство ако си роб, за пари можеш да ја менуваш својата вера, можеш да си подигнеш споменик на својот сопствен гроб или да присвоиш некоја ривиера. 2 За пари можеш да составиш одличен приватен тим, можеш да се разубавееш со пластична операција, да го напишеш повторно Доктор Живаго или Самгин Клим или да ги драматизираш црнилата на својата нација. 3 За пари господовите служители и верници се откупувале од гревовите во Средниот век… Но денес постојат поинакви мерници, модерните болести ги лечиме со модерен лек. 4 Нема запирачки нашата инвенција. Секој работник, жена или маж може да добие нова индулгенција за откупување на работниот стаж. 5 Зар веќе стана толку силен динарот наш конвертибилен? За него спориме на тркалезна маса, а не сме свесни каде ќе стаса. 6 Можеби не е далеку тој час кога ќе може да се купи избирачкото право и избирачкиот глас, кога ќе седат во пратеничките клупи другари што ги откупиле своите мандати, кога највисоките функции и места ќе се делат според тоа кој како ќе ги плати, кога ќе се откупуваат угледот и честа … 7 Сегашниот законик е формален и крут, бараме правото на труд да се замени со право на трут. РАЃАЊЕ НА ЗБОРОТ Глужд на глужд. Камен врз камен. Камена шума изѕемнина. Глужд на глужд. Камен врз камен, од камен и ние обата. Чади ноќта. Зборот се двои од темнина. Модар јаглен му гори во утробата. О ти што постоиш зашто не постоиш небото го лулаш, земјата ја вртиш. О ти што постоиш зашто не постоиш земјата јачи под камени плочници. Иде замелушен од своите смрти зборот што ги крши сите слепоочници. Глужд на глужд. Камен врз камен. Својот гроб со прокуда го копам. Отвори ме проклетио, ти тврдино камена, да изгорам во јагленот на зборот, да се стопам. МОЛИТВА ЗА ЕДЕН ОБИЧЕН НО УШТЕ НЕПРОНАЈДЕН ЗБОР Телото мое те моли: Пронајди збор што личи на обично дрво што личи на дланки јагленосани и прародителски голи, што е како чедност во секое молење прво. За таков збор телото мое те моли. Телото мое те моли: Пронајди збор од кој – штом со крик ќе се рече – несвесно крвта почнува да боли, крвта што бара корито да тече. За таков збор телото мое те моли. Пронајди таков вистински збор налик на сите мирни заробеници на оној ветар, оној развигор што ги буди срните во нашите зеници. Пронајди таков вистински збор. Пронајди збор на раѓање, на лелекање, пронајди таков збор. И овој храм затворен во својата древност и голем од чекање ќе ти се отвори покорно и сам. Пронајди збор на раѓање, на лелекање. ВТОРА МОЛИТВА НА МОЕТО ТЕЛО Ова тело што лежи како мост меѓу два брега, oва тело што живее од мугрите на твоите желби, ќе биде и утре како што е сега, само со два белега повеќе од две лути стрелби, ова тело што лежи како мост меѓу два брега. Ова тело што лежи како мост и трпеливо одамна чека да помине веселник некој и да го пробуди пак… Протечи под ова тело како скротена река за да заечи силно од нежност со секој извиен лак, ова тело што лежи како мост и трпеливо одамна чека. Ова тело што лежи како мост некој бран да го плени за да го улови во него својот заборавен лик ќе стане со сите будења и мени на нестварни желби стварен светилник, ова тело што лежи како мост некој бран да го плени. ТРЕТА МОЛИТВА НА МОЕТО ТЕЛО Што си : девојка, жена, мајка? Што си ти што бдееш пред овој храм во кој со тишина се лечи телото мое молитвено што клечи. Светлина ли, мрак ли твоето идење му носи. Што си : девојка, жена, мајка, што си? Што си ти застаната со спокој темен пред ова тело чиј глас со виј го гони ветрот што лута под тајни небосклони, чиј глас е жед и виј на вијот земен. Што си ти застаната со спокој темен? Што си ти : девојка, жена, мајка, ти – скаменета пред влезот на овој храм со моќно име: ПОБЕДУВАМ, па ова тело возвишено го крена. Што си ти : девојка, мајка, жена? ЧЕТВРТА МОЛИТВА НА МОЕТО ТЕЛО Овде си, над ова тело, како смирено крило ти – толку разумно – толку студено штедра, па сакам да се помолам за она што веќе било, зашто иднината во сите срца е ведра. Сплети ги тие светлини, тоа горење бело, тие светкавици во темнина што спијат, обви го со нив денес ова гордо исправено тело, сеедно – како камшик или ко бршлан вијат. Сплети ги в огромна лузна, скамени ги во вера, дај ми, дај таа светлина со кошмар да ја пијам, зашто сè она што потемнува во моето Вчера јас како светло Утре во длабини го кријам. ПЕТТА МОЛИТВА НА МОЕТО ТЕЛО Зар ќе го изодиш ова тело, овие шеметни височини ветре на тишината, пеперуго на сонот недоболина. Каде потаму во мене? Застани, неуморо, почини на овој камен каракамен, на оваа голина. Зар ќе испливаш од ова тело, од овој темен вител танчарко на сите подземни, сите нескротени води. Ти си само овде како прастар жител и играш врз ова тело гневно што те роди. Заробени сме сега во игра, во круг, и носени од тмурна и нестварна плима цел живот патуваме од еден до друг и секој го крие она што го има. ШЕСТА МОЛИТВА НА МОЕТО ТЕЛО Везилка си на оваа игра, на овој домородски ритам. Од дивина со крвта ми викаш, од далечина: „Кон твоето тело неподвижно итам јас непозната, глув водопад од месечина. На твоето чело високо пасат плашливи елени, ти имаш раце силни и зараснати длабоко вземи, во твоето грло растат треви зелени, твоите зборови се ковчести и остри, но неми.” Везилка си на оваа игра, на оваа домородска песна а не знам дали си моја ноќ, дали си ден, и оваа грутка црвеница врз која лежам е тесна за овој пораз мој величествен. СЕДМА МОЛИТВА НА МОЕТО ТЕЛО Твојата молбена закана, твојата лукавост нежна и сите твои слатки измами ги знам. Дали оваа игра денеска толку ми стежна па пред тебе до болка и јас се разголувам. Ти знаеш – на ова место нема никаква трага, ни хисник овде ни ѕвер некаков мине. Биди милозлива, биди дарежлива и блага со ова тело од чекање што гине. Ова тело личи на жедна суводолица поцрнета од сонце, испукана од жега. Ова тело е истрајно и гладно како јаловица. Биди му родилка, зачни го повторно сега. ОСМА МОЛИТВА НА МОЕТО ТЕЛО ИЛИ КОЈ ЌЕ ЈА СМИСЛИ ТАА ЉУБОВ Под овој меч, под овој меч на тишината, под ова отворено небо, овие трeпетлики, лежи ова в неврат издолжено тело, со око стрела в око на вишините, земјата ја корне со чело. Под овој меч, под овој меч на тишината кој ќе ја смисли таа непозната љубов, тој збор што не постои во речникот на секидневните средби, на секидневните поздрави, во очајот на оставените, во мирот на погубените, во гласот на вљубените. Издолжено в неврат лежи ова тело, со око стрела в око на вишините, зeмјата ја корне со чело. Земјо, ти веќе не си земја, ти си грутка надеж, црна од мака, од соништа зелена, ти си око фрлено во вселена. Кој ќе ја смисли таа непозната љубов – пред ова будење пред ова заспивање – тоа чудо во чудо, тоа завивање! Издолжено в неврат лежи ова тело под овој меч, под овој меч на тишината, земјата ја корне со чело, на рамо ја носи месечината. Готово, месечино, довека готово! Во твојата преполна шарена мрежа, мрежа од страдања, во твојата мрежа од лаги и измами од притворства и слатки бладања, од многу надежи изгубени, нема веќе место за никого, најмалку за тие што се вљубени. Боли, месечино. Нека боли. Болат твоите ребра погодени. Под тебе светот и ние сме голи. Штотуку родени. Кој ќе ја смисли таа непозната љубов, пред ова будење пред ова заспивање. – Тоа чудо во чудо, тоа завивање. ДЕВЕТТА МОЛИТВА НА МОЕТО ТЕЛО Еве го тоа место, тоа неизодливо тело, распослано како нема глад. Еве ги сите светлини и води на овој соѕидан град. Врз кровот негов гука гулаб вечен – чудна една сказна од леб и од сребро… Дали го откри тој збор, тоа име што штрека во дното на секое ребро. Дали ја откри таа страшна тајна, тој уште нигде неживеан век, дали откри колку светлините болат над ова тело што тече без тек. Еве го тоа место, тоа неизодливо тело, таа глад што го распосла и роди. Еве го овде тој соѕидан град, соѕидан од светлини и води. ДЕСЕТТА МОЛИТВА НА МОЕТО ТЕЛО Еве го тоа место, таа заробена убавина, таа чудесна смрт од сино и бело, од сино и бело во очите на ветрот, еве го тој непрокопсаник, тоа тело. Еве го тоа место, таа свенлива убавина, пред сите сегашности и пред сите дамнини, пред твоето исконско темно неспокојство – тие неизодливи нерамнини. Ти стоиш овде немо и притаено над овој стивнат и непознат вител. Биди му пролет жуберлива и лековита ако би му била повелник и жител. И без да прашаш со древна љубопитност дали е верен пленик на вистините, влези тивко и незабележано, влези со мудроста на годините. ПОСЛЕДНА МОЛИТВА НА МОЕТО ТЕЛО Црн е твојот ветар, а ноќта бела и секој дамар напнат од зрелина. Застани како меч во овој дрворед од тела пред да се срушиш заслепено од белина. Но и тогаш играта ќе продолжи пак со иста таинственост и со иста чедност. И тие треви што ќе те покријат со мрак ќе изгорат во пожарот на твојата жедност. СТАРО КУПУВАМ 1. Старо купувам, старо купувам, стари алишта, стари пискули, старо железо, стари љубови, старо купувам. Купувам стари дребности, непотребности, чевли излижани, ризи износени, среќи осреќени, старо, старо, старо купувам. Купувам стари секидневности, мали и големи ревности, стари елеци во долапите стари котли на огништата стари саѓи на совеста стара ’рѓа на соништата. Старо, старо, старо купувам. Купувам стари секидневности, мали и големи ревности, стари љубови, стари среќи, стари гревови, купувам стари радости, стари младости, старо, старо, старо купувам. 2. Старо купувам, ново препродавам. симни се, господине, жив ти дечињата, да ми ја превртиш сета немаштија нема да собереш една иљадарка. Ех, да ги познаваш нашите ергени, да си го вишол Далип најерген ќе му ги таксаш себап чевлите. Он ќе ги земе ќе ти се поклони, ќе ги подзакрпи, ќе ги бојадиса, па светнат како небо утринско и личен, личен, нема поличен, ќе слезе долу среде маало, ќе слезе сербес, ачик, натокмен, момите ќе се подбутнуваат, жените ќе се огледуваат, мажите ќе му завидуваат. Ех, стари чевли, старо купувам. 3. Старо купувам, ново препродавам. Аман, господарке, господ со тебе, бива ли сега таква скапотија. Женет сум, жена, деца сурија, жив ми најмилото жив ме оглодаа, куќата ми ја растурија. Оваа риза не е за тебе, еве ти стотка, речи аирлија. Ех, да ја знаеш калеш Калина, токму се токми млада невеста, ќе ти се заблази, ќе ти благодари, ќе ти благослови внуци и правнуци, и сета челад од нивно колено. Ех стари ризи млади невести. Старо купувам. 4. Старо купувам, старо купувам, стари алишта, стари пискули, старо железо, стари љубови. Купувам стари секидневности, големи и мали здодевности, стари грижи, стари патила, стари гревови, стари чесности. Старо, старо, старо купувам, стари среќи, стари љубови, стари радости, стари младости, купувам стари алишта. Старо, старо, старо купувам, Старо за нови сврталишта. РОМАНТИЧНО БЕГСТВО 1. Обично во такви квечерини кога од сртот на соседната планина ќе слезе ноќниот чувар со позлатен клуч на вратот, и отворајќи ги портите на џагорливото корзо од величествена здодевност ќе ги истури ноќвите полни со тркалезни желби, обично во такви квечерини кога започнува одново стара недовршена секому позната расправија помеѓу многуте шетачи и малото шеталиште, обично во такви квечерини од оној агол на станичната улица каде што клинчат севезден како боси штркови чистачите на чевли,— со штракање на четките непознатиот пријател ме вика да ги почитувам своите граќански должности, и дури стојам мирно поднаведнат и гледам како беспрекорно владее во својот занает и волшебно ги светнува сите ветви надевања, он ми ја расправа горчливо својата стара приказна за некаква си девојка, за некаква уличарка, што не знам како живеела горе на трети кат. 2. Обично во такви квечерини слушам обична приказна. „Верувај, вели пријателов, тоа е… за неверување. Срна е поскакулица, најлична во сета улица, нема па нема полична. Да ми е нешто невеста, да седи везден до мене — кој алот ќе ми го измери! Тогаш да видиш работа — за два дни ќе спечалиме како за цела година. А она… вртиопашка, врти некаков никаквик, стар ама богат и дарежлив. Не сака ни да погледне, Ќе дојде, ќе се поткрене, ќе ми ги поттури чевлите, чевли од змиска кожа, и — чисти ако умееш. Ех, клета, пуста живеачко! Роди го човек со ѕвезда фрли го во думаните. 3. Обично во такви квечерини ја слушам истата приказна, А денес кога ме повика штракањето на четките да дојдам, да ги почитувам своите граѓански должности, мојот непознат пријател започна счудоневидено за својата познаничка, срната поскакула, обична вртиопашка. Змија е, рече јадосано, со голтрак поголем од мене избега за РОМАНТИКА. Ги слече само чевлите ко што се слекува змијата и ми ги остави подарок со нешто да ја паметувам, па гушнати заминаа без здраво и без збогување. Ех, клета, пуста живеачко! Роди го човек со ѕвезда фрли го во думаните. Но животот е тркало, ќе мине друга некоја полична и поприлична, ќе ѝ се фатат чевлите, чевли од змиска кожа И тогаш — гледај работа“! 4. Обично во такви квечерини кога од сртот на соседната планина ќе слезе ноќниот чувар со позлатен клуч на вратот, многумина се нуркаат во неговите ноќви зголемувајќи го бројот на тркалезните желби. Обично таквите квечерини носат нешто необично. ДОЛГО ЖИВЕАМ НА ОВА МЕСТО Долго живеам на ова место под кое шуркаат планински извори и децата ловат пеперуги а боровите во нема извишеност ја разлистуваат тишината на вековите. Долго живеам на ова место и полека црнеам од времето. Гледај, велам, гледај каков си: ни да се препознаеш. Некогаш овие очи беа длабочини во кои се нуркаа твоите желби како жерави во сончевина, а сега се само две суводолици за ноќевање на случајните дождови. Некогаш овие раце беа орачи во ровката земја на твоите лутања, а сега личат на врбови прачки неродници чаталести над водите. Некогаш, велам, и ти како децата си играше со пеперутки в рака од нивниот златен прав цутеа вишните во твојата градина. Зошто беше толку невнимателен па дозволи сите да загинат меѓу твоите прсти, зошто не сфати дека е најголема мудрост да имаш една жива пеперуга од твоето детство, eдна топла ѕвезда на дланката што ќе го просветли ова место ова место каде долго живееш осамен долго живееш поцрнет од времето. ЛУЗНА Те оградив cо девет градини, крви, те затворив во девет грла, што бараш уште, зошто ме прогонуваш, крви, зошто закануваш со своето копито темно, зошто незасито? Те оградив во девет градини, девет грла, смири се, крви, слегни во своите темнини на чие дно твојот црвен вепар одамна бара пештера за починка. Слези во своите темнини, крви, и не обѕирај се, нема подобро место од ова што ќе скроти, од овие девет градини, девет градини што живеат од твоето зеленило, од овие девет грла, девет грла што ја пеат пролетта на твоите песни. Слези во своите темнини, крви, и не вели ми: Слушај како татни од далечина, слушај како татнат сите кории, идат коњи по пат од ѕвезди и месечина, идат коњи, коњи, коњи, коњи дории, идат коњи да ме прегазат, идат, идат ќе ме прегазат. Но јас ќе ги ритнам со копитото ќе ги ритнам право сред чело, да ме паметат, да ме прикажуваат и лузната да им свети навечер, во нивните ноќи без месечина, во нивните денови без светлина, на нивните патишта под бурјани. Не вели ми, крви. Крви, смири се, оградена со девет градини, затворена со девет грла Како некој семоќен владател на некоја непристапна тврдина. ИМА ДОЛУ ЕДНА КРВ Има долу тешка една крв од древноста чиниш останата. Не се ни наѕира во врелите маглини на овој врв. Лежи проколната како лузна врз раната. Има долу една тешка крв. Има крв една. Има една крв густа како црна смола. Крв незаситна и исконски жедна. Има една стара крв, црна и гола. Лежи она и рие како крт. Оди од праг до праг, рие низ свеста. Непогрешно и неизбежно како смрт ги исполнува сите празнини и места. Има долу тешка една крв, една крв што секогаш вели: следи ме покорно, следи ме прв, никогаш од мене не се дели. Има долу една страшна крв, пострашна и од заканата. Има долу една таква тешка крв од древноста чиниш останата. КВЕЧЕРИНА Спиј. Каменот спие. Спијат водите. Зад ридјето на твоите веѓи со плашиците на твојот поглед залез на сонцето. Спиј. Каменот спие. Спијат водите. Врз исчадената греда на твојата мисла ко клупци во селска куќарка излитени играчки на денот. Спиј. Каменот спие. Спијат водите. Над јаболкницата на твоите соништа над јаболкницата светлотрепетлива ѕвезди зорници. ОЧАЈ ПРЕД ТВРДИНАТА Тврдино, невидливи воини те пазат. Стасав и паднав пред тебе на метар. Ветар и оган, оган и ветар. Оттука нема враќање назад. Од грозна немост морници ме лазат. Очајот само се снове ко волк низ сурите карпи на тој грозен молк. Оттука нема враќање назад. Земјата в срце на грутки се рони, притиска и тежи, се трупа, ме кани: Израмни се со мене, земја и ти стани. Со ветар и оган земјата ме гони. Рамнодушна, глува за лелек и жртви, неспособна да жали и суди, секоја ноќ тврдината ја буди сонцето на тие што се мртви. НЕБИДНИНА 1. Патував долго, патував цела вечност од мене до твојата небиднина. Низ пожари патував, низ урнатини, низ пепелишта. По жега, по суша, по невиделина. Се хранев со лебот на твојата убавина, пиев од грлото на твојата песна. Не гледај ги овие црни суводолици што го параат моето лице − ми ги подари лицето на земјата. Не гледај ги овие нерамнини врз плеќите − ми ги донесе умората на ридјето. Погледај во овие раце − два огна, две реки темно чекање. Погледај во овие дланки − две полиња, две суши глуво лелекање. Патував долго, патував цела вечност од тебе до мојата небиднина. 2. А сè се случи една ноќ, ноќ стебла, ноќ лисје, ноќ студен ров. Паднав, потонав во високи треви, во треви и густа мов. Се случи тоа една ноќ вистинито и невистинито налик на старинска приказна закопана длабоко во свеста. Ти дојде и ме однесе како глува поплава, како матица од подземни места. И сега сам, пред овој рид од болка и човештина на патишта што не ги знам завивам раскинат од глад и пцости. Ти дојде како црна вода на болештина со која се болува довекод сите проклетства и злости. 3. Водо непроѕирна, водо црна, ти што откинуваш секој ден по еден никнат цвет од каменот на моето чело и го фрлаш во мрачни бездни под леката лушпа на своето тело, водо непроѕирна, водо црна, кој ти го даде тој облик на таа мисла прекрасна и страшна што го обвива моето срце како стебло млада срна, кој ти го даде тоа име водо непроѕирна, водо црна. Кој тоа невидлив во мене седи и пали таен оган, кој ѝ го руши на крвта ѕидот, кој ми го краде слухот, кој одзема видот, кој пласт врз пласје неуморен реди, кој тоа невидлив во мене седи. 4. Стебло што самееш на ридот, мако во ровка земја, кој ти ги даде моите очи што зреат во сонот на твоите лисје. Погледу зелен, зелено вишнеење, кој нè осуди на исто бдеење. Стебло што самееш на ридот, мако во ровка земја, од каде твоите длабини во мене, од каде ти во мојата крв. Кој ги избриша со рака лесна сите далечини, сите близини, кој ни ја досуди таа небиднина да бидам стебло, да бидеш песна. 5. Жено непозната, жено мудра, ти што минуваш секогаш спокојна крај овој прозор на темнината глува за лелекот, слепа за очајот, од каде тоа лажно спокојство, од каде во тебе мојата крв. Жено, те чував како тешка тајна што ќе ја откријам само оној ден кога ќе се јави зазбивнато крвта во час на страшна тишина за смела последна реч, светла како вишина, остра како меч. Од каде во тебе мојата крв, жено. Патував долго, патував цела вечност од нас до нашата небиднина. ПЕСНАТА И ГОДИНИТЕ Твоите години и моите години – два брега, два камена, две небиднини. Твоите години и моите години – твоите години во мојата мака, моите години во твоето срце. Да си благословена најнепозната песно. Нè изедначуваш во мудроста, нè израмнуваш во годините. Да си благословена небиднино во времето што не знае стареење. Твоите години и моите години – наши години. Ти одиш чекор по чекор, мака по мака низ моите години, јас одам чекор по чекор, мака по мака низ твоите години. Нема крај и нема изодување. Ти си во моето непостоење, јас во заговорот на твоите соништа. Да си благословено време што остануваш исто, а ние те даруваме со нашите очи вчера од земја, денес од небо, утре од земја и небо. Да си благословена најнеслутена песно што нè изедначуваш во мудроста, што нè израмнуваш во годините. Твоите години и моите години – два брега, два камена, две небиднини. БЕЛА ТАГА НА ИЗВОРОТ Си отидов песно стара, песно невина, си отидов без жалење. За белата тага на изворот си отидов, за непостојаната љубов на реките, за грутка небо — од јаглен синевина, за недостижните, за најдалеките. Си отидов песно стара, песно невина, си отидов без жалење. А сега склупчена до прагот на утрината една тешка неизвесност седи и исто прашање без прекин повторува: Зар вреди она што мислиш дека вреди? Зашто знам — сè ќе притивне кога дојде есента, и реките ќе најдат љубов што смирува кога ќе се сретнат со своите мориња, и небото ќе узрее оплодено од песната на житата, на лозјата, на маслините, само белата тага на изворот ќе остане иста, неизменета како вечен копнеж за далечините. УТЕХА На ова стебло ти си му убавина, чија трајна отсутност трајно го опсенува, иде од подземноста, го пробива коренот И горе во ветките ко сон зазеленува. Утре ќе ти биде најголема утеха Кога убавината груг ќе ти ја зема дека ти си пршлен зараснат во стеблото во еден живот кој веќе го нема. ЧУДАК Тој не живее како останатите. Со заматен поглед, очи устремени оди по прагот на исчезнатите со нова смисла да го обремени. ЗДРАВИЦА За вас ја кревам оваа чаша – секому секој сам што сака за вас и среќно, јас им велам, а гледам кревам празна рака. УЛИЦА Низ виуличава ноќ со кошмар газам. Одминатост, одминатост – под трупот на улицата. Нешто што љубам, нешто што мразам. Но чудо, шепоти тајум пробудено сувото стебло на темницата: сè што било, било судено. Низ виуличава ноќ со кошмар газам, Што има напред, зад утрешницата? Нешто што љубам, нешто што мразам. ДОБРА НОЌ Вечерва умира нешто, нешто што нема име. Црно млеко некој пие од облаците, а некој од право виме. Добра ноќ. ИЛУЗИЈА Ноќ. Во ноќта крлушки месечина. Слева од планината безгласна далечина. Сам во ноќта стасав до планината. Еден свет е зад мене, една мака мината. Глеј нешто во ветките шепоти притаено: Сè што си присакувал сè е осознаено. И овде, под планина, во оваа низина дише далечината со дофатна близина. Миг… и сè исчезнува. Сон и пат. Далечина. Сам сум. Над врвицата крлушки месечина. ЧУДНО ПРАШАЊЕ Имав две убави години во животот. Зошто ги загубив? „Сакај нè”, рекоа очите свенливо. Зошто ги загубив? Срце, заповедав, биди непроменливо Зошто измамував? Среќата ни беше малку необична и не прилегаше сосема на себе си. Зошто ја загубив? Затоа едни нè гледаа прекорно, други зачудено, а ти припиена молеше топлина: „Колку е студено“. Среќата ни беше малку необична и не прилегаше сосема на себе си, а имав две убави години во животот. Зошто ги загубив? ОД КАЈ ТАКВА ЖЕСТИНА ВО ТВОЈОТ ГЛАС Од кај таква жестина во твојот глас добрино, Од кај таква безгрижна отсутност во раката. Та шеговито одминуваш покрај сите радости, а знаеш ли како љуби маката? Од кај таква жестина во твојот глас добрино, кој кроткоста мудра ти ја уби? Ти ја раскоренувш нашата убавина, а знаеш ли како без корен те љуби? MАКА Како да ја одгатнам радоста на патникот? Радоста е земја, а зборот – понорница. Се плашам да не би да ме потплисне неусетно како бледа скокотлива морница. Зар знае изворорот зошто брза далгата од гладниот повик на делтата замаена, зар знае каменот што смислува рибата во длабина под него притаена? Зар го слути лозата сонот на гроздовите – тие пални бранувања црвени? Зар знам да раскажам што ме мами патникот на патишта далечни, неврвени? ОЧИ И ОРАНИЦА Очите на желбите горат од зеленина, Зелен галоп, зелен ламтеж, зелена перјаница, Само во длабините со мудра промисленост скржав траг ни остава стварната ораница. ДА ЗНАМ Да знам што ми значи во животот јас би си отпочинал убавино сакана. Се изморив од гледања негледања, Се изморив од молби и закана. Да знам дека е сè попусто, дека нема ни смисла ни значенње, не би се засолнил никогаш пред тоа вистинско мачење. СОСЕМ НАЛИК НА СИТЕ БРЕГОВИ Овој брег сосем налик на сите брегови. Овој камен на брегот. Како да отпатувам? Овој брег, овој камен на брегот на чии раменици од врело сеќавање времето се зглобува како арабеска, а мракот на стреите чува црна птица, од овој брег, од овој камен на брегот од кој треба да отпатувам, научи ме, научи ме, научи ме, научи ме како да отпатувам. Научи ме навечер кога се враќам во овој град, во овој град што го носам како леб под пазува, кога сите патишта и сите крстопати со преклани грла во мене вијат како глутница за продолжување, кога враќањето трае толку долго што престанувам да верувам дека ќе се вратам, кога еден праг се израмнува со висината на моето чело и во блескот на ударот сфаќам дека е тоа прагот на овој камен, на овој камен на брегот што е сосем налик на сите брегови од кој морам да отпатувам, а не знам, не знам, не знам, не знам како да отпатувам. Каменот се отвора. Влегувам. Светлина. 2. Со една кама ми се закопува во градите. Со друга ме удира в теме. Закован, заробен и слеп од светлината паѓам ничкум. Во ништо. Ни земја ни време. Полека се освестувам. Сакам да се освестам. Светлината како магла утринска се крева. Бие в слепоочници некој страшен зов, нешто ненаше и наше. Со сите пипала на волјата пребарувам и сознавам — лежам покрај оној ров што го викаме љубов, што го викаме разбирање. Ровот е длабок и празен. Ти не си тука. Сеедно. Марија, Душанка, или Леда. Ти не си тука. Твоето сино око од дното на ровот ме гледа. Ти не си тука. Твоите стапки во ровот лежат. Счудоневидено сениште во ровот на ова чудо се крсти. Ти не си тука. Твоето срце во дното на ровот чука. Ти си отидена. Твојата јасика трепери во мене. Твојата мисла ми ги копа брчките. Твоите патишта газат преку мојата ледина. Ти си во мене безмене. И јас. Ти си отидена. Ти си отидена. Ти одиш за да останеш тука. Твоето срце во дното на ровот чука. Не, нема одење од овој брег, од овој камен на брегот, сосем налик на сите брегови. Не, нема одење. Нема, нема. Светлината на каменот кротко во преграб нè зема. ЉУБОВ Ти што ме присилуваш да бидам таков каков што сум, Ти што меч ми носиш во усмевка блага, бев некогаш дете, сушта добрина и љубов, бев твоја невиност и твоја тага. Ти што си недостапна за туѓото мнение – гол пред тебе стојам како вдахновение. ПЕСНА Биди земја неподатлива и тврда. Биди нема статуа на столот. Потсмевни се на мимолетноста. И грда израсни од каменот на болот. Биди небо. Биди синост моја. Ѕвезди снопје, Живо време во четири ѕида. Забоди се непогрешно в срце. Како копје. И потпри ме ко каријатида. ДОПРИ СЕ ПОЛЕКА ДО МОЕТО РАМО Допри се полека до моето рамо, Заспи во топла белина. Тишината е мала овошка со гладен виј за зрелина. Слушај ги – дишат на ветките гнездата новородени како едра на шир морска фрлени и од бела тишина оплодени. Допри ги полека до моето рамо усните со молк исполнети. Како ќе ги ловиме сите погледи во овој виј засолнети. РАКАТА НЕГОВА Допира до сè недопирно. Безгласно, тајно допирање. Само до едно срце да допре нема ни сили ни разбирање. ЗАВИСТ Ти доаѓаш од предградието на заборавот, Ти доаѓаш, а времето се подбива. Зошто ме измачуваш? Под твојата облека се внедриле pевниво очите на сите последни минувачи. Затоа е слепо твоето предградие, а мојот заборав е нож чие сечило се вика памтење и завист. Ги пружам рацете а ти се појавуваш, ти пружам рацете а ти влегуваш, ги пружам рацете бремени од чекање – туѓите очи на нив се нафрлаат. Како да те прегрнам, Како да ги пронајдам оние очи, оние водилки кон таков заборав што ќе се вика и непостоење и почеток што никому не припаѓа? КАЖИ МИ НЕБО Кажи ми: Небо. Мое небо. Кажи ми: Небо на тишината. И јас, мало стебло во темната шума на крвта, јас ќе се откорнам со сета вековна немоќ, и извишен високо, високо, високо, високо ко топла човечка зеница, ќе станам небо, твое небо. Ќе станам небо на една Деница. Но, не кажувај ми дека сум слаб, но не кажувај ми дека сум немоќен и да им погледам в очи на тревките, но не кажувај ми дека од сите треви во мене шумат само најкревките. Скриј ја и премолчи денес вистината за едно мое поденешно утре. Кажи ми: Небо. Мое небо Кажи ми: Небо на тишината. ВО СЕКОЈ ГРАД Во секој град живее еден човек, една жедна и припитомена река. Умората на сите ќе стане маслинка на брегот, сите усмевки ќе ги пронајдат своите вистински очи, а он ќе чека, ќе чека. Во секој град живее еден човек со раце како корито за дождот на твојот сињак, што ќе започне благо а ќе се истури како дива река, додека умората на сите не стане маслинка на брегот, додека сите усмевки не ги пронајдат своите вистински очи, а он ќе чека, ќе чека. Дали да отидам и да го побарам своето легало судно или да го отстапам на некој слеп патник што не се излечил од неверување, дали да отидам да станам маслинка на бергот и да гладувам за невозможности. БУДЕЊЕ Пробуди се малечко. Зазорува. Зазорува. Сонцето го испива изворот на сонот и нешто неразумно кркори и зборува со белото грло на ксилофонот. Ах знам, зад портите ‘ржат коњи впрегнати штo в лудечка љубов за срце те касаат, пред нив се планините, покорно полегнати, нo никогаш нигде они не ќе стасаат. А овде е поле и мир на ливадите и трева што ‘рти во секоја жилка, овде занесеноста на некогаш младите никне како мала лековита билка. Знам, сонот е среќа, и среќа и каење. A овде горчината миг на едно траење. Отвори ги очите. Погледај. Не чуди се. Ден е. Ден. Пробуди се. ДОБРО УТРО ЛЕТАЊЕ Добро утро птицо, добро утро летање над пештери, над гуштерници и ниви. Останавме ние што сме задоени од волчица, малку поднатажени, но живи. Летај усвитено, не гледај ги сенките, не мисли ги грижите наши. (Тоа мигновено крилата ти се наднеле над сонцето во полните чаши.) Летај усвитено од ветрот подгонета, летај мугро-птицо, летај камен-мисло, летај мако од мака одронета. ПОГЛЕД Јас сум плот и мака земна. Идам како твое откровение. Јас сум воин со судбина темна пред бездната на твоето бдение. Отвори се како срце бремено, како прва мисла во годината, и ти ќе ја сетиш истовремено опората сладост на вистината. КАКО ГОВОРОТ ГЛУВОНЕМИТЕ Ние сме невозможност дивна. Хармонија од рогати нежности, Невина, мала моја Невина. Нешто ме уапа безболно, нешто со крик стивна. Тоа од твоите зaби паѓа смрзната синевина. Смешно. Смешни. И лисјето се кикотат. Исплазени јазици на багремите. И никој – само ние ја сфаќаме смислата на сета таа бесмисленост. Како говорот глувонемите. ТРЕБА ДА БИДЕМЕ ПОДОБРИ Треба да бидеме подобри. Треба да бидеме подобри. Подобри од црвеното срце на лебот од кој ни мириса сета соба на Сонце, Земја и Глад. Треба да бидеме подобри. Треба да бидеме подобри. Подобри од белите усни на водите кои, љубејќи ги твоите колена, шепотат за сите суводолици и сите грла што сонуваат вино. Треба да бидеме подобри. Треба да бидеме подобри. Подобри заради она дете што го замислиле твоите утра и божилото на твоето срце. Заради оној добродушен човек кој гледајќи те со „Добар ден” смирено го зема својот обед. Треба да бидеме подобри. Треба да бидеме подобри. Подобри од црвеното срце на лебот, подобри од белите усни на водите, заради нас, заради нас, заради човековиот „Добар ден”, заради она невино дете што го замислиле твоите утра и божилото на твоето срце. ВЕТРОТ НОСИ УБАВО ВРЕМЕ Ветрот носи убаво време. Вилнее, јачи во нас. Ветрот носи убаво време. Убавото е убаво и поминува. Останува тагата. Понекогаш она нè обзема полека, легнува на нашите очи, и густо напластена погледот ни го смрачува. Тогаш нешто страшно тегобно и болно, нешто големо и наше, непојмливо за другите нè измачува. Но некогаш тагата нè докоснува како трепетлика, како измаглина премрежена над жуберлива река крај која стоиме загледани бесцелно и немо. Тогаш сите предмети прилегаат на сказна па велиме: невозможно, колку е сè убаво. Ветрот вилнее и јачи. Ветрот носи убаво време. УБАВИНАТА Me прогони како жена блудна, ненаситна, похотна, осамена. Me грабнува вo прегратка пламена неизбежно и сo cилa судна. И ме фрла co дланката лесна в чудна игра, в чудно компонирање, изгаснувам во грч и умирање и се враќам в живот како песна. Па со поглед што блика и зрачи, потонувам до дно вo модрината, ѝ кликнувам пак на убавината: Прострелај ме со своите лачи! Прострелај ме, па сè нека стивне без расудок, без празно умување, и блесокот на тоа лудување, само твојот блесок нека вивне. ВО ТИШИНА Ако носиш нешто неизречено, нешто што те притиска и пече, закопај го во длабока тишина, тишината сама ќе го рече. ПРОМЕНАТА Она личи на измама тешка. Безобзирно, дрско во крвта заронува. Денес што е за подбив и смешка Co утрешна смисла в миг го озаконува. Игро мудра, само таква биди, разгрни се сета богато надарена, и секогаш во животот иди од несекидневноста чиста и озарена. Сè што гасне сè в зеница сјае. Преминот е тихо, светло насмевнување. Дај природо, мојот живот да е далеку од секо штуро примирување. AX ТАА УБАВИНА Ax таа убавина, ax таа убавина, тоа диво во крвта завивање. Кине, граба, сече, носи како лавина, вечна е притаеност и вечно откривање. Не, не треба починка, не треба смирување, сето поле пукнало од здравина, па крвта е моја светло разденување од таа разгаленост, од таа убавина. КОГА ТИ Е НАЈТЕШКО Кога ти е најтешко, кога ти се чини дека гласот ти е крик, a погледот – молење, загледај се, нурни се во водите сини, ај, во таа свежина, во тоа шумолење. Ќе сетиш сo длабок здив сила и смирување. Погледот ќе блесне жив, жив од подмладување. МЛАДОСТ Секоја утрина се будам млад како сонцето што далгите на сонот ги позлатувa. Како успокојува таа млодост непрестајно раѓана и со каква надеж обогатува! Ho минат бргу миговите на утрината и еве: вeќe и пладне наближува, една мисла бавно над ведрината потајно се спушта и загрижува. A кога во ноќта како пред огледало минотото се слее вo иднината беспоштедно ме прогонат во мракот двете будни очи нa вистината. Ho утредента пак станувам пробуден од сонцето што далгите на сонот ги подмладува, па не знам дали од љубов или од омраза сo таа младост за сè ме наградува. ГО БАРАМ СВОЈОТ ГЛАС Го барам својот глас во молкот див на морето, оно се скаменува. Во жолтата пустина на есента го барам, она зазеленува. Моите раце не се мои раце (моите раце се прсти на месечината). Моите очи не се мои очи (моите очи, очи за далечината). Мојот збор е тврда вилица на времето што ‘рти по нивјето со заби на семето. КОН ГАЛЕБОТ ШТО КРУЖИ НАД МОЈАТА ГЛАВА Галебе мој, не слетувај на моите очи. Ha тие брегови откинати ниеден пристан нема. Зарони во сите длабочини, надлетај над сите височини и дај виделина да земам! Галебе мој, јас очи веќе немам. He слетувај на моето срце! Галебе мој, срцето не е мое: мини низ сите предели неминати, крај сите живи, непознати, загинати. Загледај во сите осамени, cитe разделени, и сите ледени врвои и сите ливади зелени, и чуј – додека твоето крило над нив морно се вие како немирно во нив моето срце бие! He слетувај галебе мој, врати се пак во јатото. Јас сум лотка, осудена на судир со непознатото. NOTRE DAME Богохулно, грешно и без срам сека вечер мислам покрај Сена: Што би сторил да е Notre Dame чудом млада и убава жена? Да си в Париз, да си така сам и самота така да те кине… Дал’ и она, би сакал да знам, рамнодушно мене ќе ме мине? О не, нема!… Штом огрее ден ќе ме втаса крај мирната река: „поведи ме во Boulogne и Vincennes, столетија јас тебе те чекам”. Како тогаш ќе се сетам млад, каква сила и пркос ќе сетам! И сигурно – и во овој град јас ќе бидам најнежен поета. Но попусто – сонот си е сон а животот други далги влече. Нема каде: преку Babylone да одлетам на Pigalle и вечер. И тргнувам без надеж, без моќ, Сена плиска под лотките леки… Барем да сум само една ноќ едно кубе на нејзините плеќи! ЈАС И МОЈОТ ПРИЈАТЕЛ Рaсневме заедно, заедо крaдевме вишни и иста судба секогаш имавме ние. Ги знае добро моите желби скришни и знам што сака од сите вас да скрие. Денес ме виде во паркот како седам, и кога пријде увилен, блед и стресен јас сетив дека непознат човек гледам како што гледа во мене таа есен. ТИ НЕ СИ СЕКОГАШ ТАКОВ Пријателе, знам, ти не си секоташ таков, и не се такви сите твои есени. Тажно е да зборуваш осамен во мракот за своите радости однесени. Тажно е да копнееш за една средба само кога ти е животот бескрајно патување, галеби да носиш на своето рамо a да не гo чуеш нивното милување. Тажно е во ноќта да бидеш сам сo птиците, да чекаш сo нив сам в некоја пуста станица, и додека некој се лула низ улиците да мислиш дека ти си, ти си тoj пијаница. Пријателе, знам, не е секогаш така и не се такви сите твои есени. Понекогаш ја топлат твојата рака стиховите од ветерот донесени. ПРИЈАТЕЛСТВО Oн ми ja донесе својата песна со yсни да ја земам. И ништо ceгa освен неа, ништо немам. Кому да ја подарам таа среќа мала, тој кикот црвен, тој усмев палав? Пријателе мој, зар те губам зашто те љубам, зашто те љубам? КОН ПРИЈАТЕЛОТ Отпатувај ако ти е мака, ако чекаш – отпатувај пак. Возот патник во ноќната мрака до небето расфрлува траг. Светла нитка…како галеб летнат, како шепот и сонлив и тих. Пријателе, таква нитка светна утринава и во твојот стих. Пријателе, пријателе, далек, пијан одам од копнеж и жед. Зар е важно дал не плиска залез или зора пo образот блед. Светот – свет е, a ти – крв и рана, кој гo слути твојот жеден плам, и кој слути дека си фонтана кога ноќе поминуваш caм. Отпатувај ако ти е мака, ако чекаш – отпатувај пак, Возот – патник во ноќната мрака ќе расфрла нов и светол траг. ИМАМ ПРИЈАТЕЛИ Имам пријатели што идат кога сум caм и глуво легло на неизвесноста вијам. Каде да отидам, каде да залутам, знам – никаде од нив себе си не ќe ce скријам. Они се божилак, они се прснати капки од врв на земјата па за облаците врзани. He ќe ги заглушат во мене нивните стапки ветровите кон заборав забрзани. Ho само еден сo стапки кришум сторени ко крадец некој гo граба моето бреме, и ги разголува, ги корне моите корени, па јас се чувствувам дека сум живот и време. Имам пријатели, но само еден така и радост носи и светла човечка мака. Зар да сум натажен, зар очај да ме фати што негде замина и може не ќе се врати? РАЗДЕЛБА Не, и ако отидеш кога узреат маслините и од глувото пристаниште првиот кораб крене, ако сетиш некогаш во бурјанот на годините како сè исчезнува и полека вене, – Не, тоа не ќe биде обично разделување и една младост попусто измината, разделбата ќе прилега на цврсто прегрнување на некој превој непознат далеку во иднината. НОЌТА 1. Co лажна убавина ги обвива предметите и им дава облик на вистинско збивање. Ги измамува луѓето… и само сo поетите има допир силен ко најприсно сливање. Caл нив им ги отвора широко зениците топли од сонувања за дни недонесени, меѓу сите предели ги брише границите… Затоа поетите гледаат занесени. 2. Ноќта е заборав, заборавот успивање, кога сите мисли на праг ги оставаме. Денот клика возбудено: памети ме, памети ме, ко пролетни води твое сум разливање, a ноќта: пополека сè да забораваме. ЛИСТ Се откина од гранката сам, полека и несетено и остана во воздухот да лебдее така. Мислејќи дека е жолта пеперуга, детено пружи по него рака. И не се измени ни со прелив мал на есента божилото. Само гранката задржа скриена жал, жал за зеленилото. ШТРК Падна на ридот, еден штрк сонува брегови зелени. My ce привидува дека e пак со јатата иселени. Во летот долг се срушил oн и никој не го закрилува. Ѕемне … и мисли дека е сон првата снегулка што го милува. ОБЛАК Патник што нема ни пат ни цел и со ветровите спие. Од жед му напукнал образот бел оган во очите крие. Туѓ на секаков земен лик, туѓ и на страстите свои. Сам како некој нестварен лик меѓу луѓето и сонцето стои. ВЕРГЛАТА По булеварот Saint-Germain верглата минува секој ден. Старата позната песна здушено в неврат се слива. Досадна сива магла, досадна песна cивa. Пo булеварот Saint-Germain сликарот стар е секoј ден. Непознат снуждено седи дури го пречека зора, непознати слики нуди на сите в „Source” и „Flоra”! Ha булеварот Saint-Germain облачен, матен, зимен ден. Верглата мрмори глуво и глуво мрмори Сена. Сликарот бавно стана и празен поглед крена. ЗАЛАЖУВАЊЕ Таа ноќ е, сине, пеперуга бела: на макова вршка слета и се скри. Во маково цветје таа нoќ се вплела. He мисли ја ти. Спи, сине, спи. Таа ноќ е, сине, коњче што се спрема да замине на пат неброени дни. Сега сè е мирно. Сега ништо нема. Смири се и ти. Спи. НА ЕЗЕРО Ледено спокојство. Езерска шир. Тишина. Скаменет мир. Само во висината, Во сончевината две бели птици се капат. Им бијат врело дамарите, играат над шеварите сè дури не потемне запад. Наеднаш – немош и загинување… Врз едно невидливо катче од езерото, како непозната трпка врз телото, помина бледо, лесно разбранување. Водата сосема бавно се премрежи и пак сè потона во камено смирување. Кога ќе се разбранам и толку развилнеам та да се кренам, да стигнам насекаде, да давам секому сè што ветувам и како далга неукротена од брег на брег моќно да прелетувам? ЛОВ НА ЕЗЕРО Птица устремена. Стрвнина. Исправен нор со закана. Глуне езерска поврвнина, модра од тага исплакана. Темниот удар на крилото темно ја сече модрината. Блеснува на студенилотo рибата в клунот раскината. Денот е cив од умирање. Сами сме. Ништо не велиме. Некое немо разбирање нè гони да се разделиме. ИЗЛЕЗИ Излези во мугрите, излези во ранина na висока, скалеста, снеговита планина, пo лицето, снагата ветрот да те милува, мисла ненаслутена в умот да раскрилува. Во сина далечина нешто да те понесе, нешто заборавено она да ти донесе. Стани сам во мугрите, излези во ранина, на висока, скалеста, снеговита планина. Ќе те плисне ветерот, ќe проструи свежина и ќе здивнеш слободен од некаква тежина. ОБИЧНА УЛИЦА Мојата улица нема куќи високи, ни липи, ни маслини, ни багреми зелени. Она понекогаш на мртво дрво личи кај случајно ќе слетаат птиците иселени. Мојата улица е мала и безимена, со обични радости и обични грижи, и да нема зеница од сонцето подгорена не ќе може ништо со светот да ја зближи. Низ мојата улица само јас поминувам и само навечер штом се успие тишината она се буди плашлива и измамена, измамена од гласот на далечината. УТРЕ Да, сè мина веќе и свршено сè е. Сè ко молња денес згасна во темнината. Пa ceгa сум море каде пустош тлее и солза сум само в зеница истината. Можеби за болот друго срце треба и тагата да е лач на месечината, можеби јас нема да се најдам себе, можеби… Ho слej сe, слej ce co тишината. И заборав утре кога ќе ме скрие и сто сонца светнат над нас во висината – во моите очи еден зрак ќe бие, една жива струја и дах на вистината. НЕКОЈ ПЕЕ НА СЕТ ГЛАС Некој пее на сет глас, некој кротко, тихо пее – и кога е бурен час и тих ветер кога вее. Јас би сакал отклик див на бурите да им станам, ‘и да бидам нежен здив на нежната зора рана. РАЗГОВОР СО СИНОТ Нема никој „збогум” да ми каже, иако е сѐ живо и будно. Покрај прагот синот стои тажен и ме гледа збунето и чудно. Со погледот како да ме кори, ко да знае што наумив денес: „Ти никогаш не тргнуваш в зори во прегратки ако не ме кренеш.” Збунет шепнам: „Среќо моја мала, зошто имаш навлажени очи…“ а солзите ко оган ме палат и пред него јас чувствувам злочин. „Ти ќе раснеш, ти ќе бидеш убав, една зора ти пак ќе ме сретнеш. Дали тогаш место силна љубов на лицеро јарост ќе ти светне? Или само мене штом ме видиш полн со презир ќе одминеш глуво?… О, сеедно, што сака да биде светло чувство за тебе ќе чувам!” Рано тргам, ко пијан се плетам, синот стои и гледа низ патот. Една птица на липата слета и се сокри в есеното злато. Птицо лека, зошто в гнездо легаш? Покажи ми јата кај се збират! Не оставај сам да бидам сега да копнеам и да немам мира. ТРЕПЕТ Сине мој! Ти сега мирно спиеш. Вон е ладно, врне ситен дожд. Детски мечти по трепките криеш и не знаеш за споменот лош. Утре кога на твоего рамо падне зора со првиот зрак, ти ќе станеш и ќе прашаш: „Мамо, зошто тате не е дома пак?” Нежен поглед таа ќе ти прати, без утеха ќе наведне лик, и можеби веднаш сѐ ќе сватиш во собата кога екне крик… Сега ноќ е и ти спиеш веќе, вон е ладно, врне, врне вон. Дали така сѐ ќе бидеш среќен, среќен како во детскиот сон? ВО ПРЕСРЕТ НА ЖИВОТОТ Есен, Есен… Сам низ градот скитам, под багреми суво лисје шушка. Една жена со сина си ита, нежно, силно на гради го гушка. Топли усни топол шепот леат и го мамат во постела мека… А јас немам ни куќа ни стреа, нити некој пред порти ме чека. Над ѕвездите мислев јас да ездам, сега лугам низ улица стара. Кај да одам? Кај да свијам гнездо и среќата каде да ја барам? Во животот многу луѓе сретнав, многу луѓе в лице ми се смешкат: „Ех, поето низ облак си летнал, стварноста е сурова и тешка. Секој ден е груб и свиреп удар, сам ќе сетиш кога дојде време – нема љубов, нема среќа луда, сѐ е тоа само сон и стремеж!” Протекоа многу матни води, Не сум веке јас наивно дете, и песнава денес што се роди носи белег на вихор и метеж. Туку нека, вихрој нека метат, сред нив стојам како карпа сура, сѐ што сакам в живот да го сплетам, мојот живот да израсне в бура. Есен. Есен… Бледи ѕвезди горат. Сам, бездомен јас низ градот скитам. Слутејќи ја утрешната зора на животот во пресрет му итам. НЕ ЉУБИ МЕ Пролет дојде, младо дрвје листа, а в планина – и сонце и снег, Плахи браној од зори ме плискат крај врбите на речниот брег. Како често, в таа зора блага сам сум овде… ниту еден вик. О, зошто ме притиска пак тага и зошто се стемни мојот лик? Претчувствувам: сега пак си сама, уплакана… а до тебе – тој. Тие очи! Ех, како ме мамат, па сеќавам за немирот свој: Поднапиен една вечер рана в мисли тонев над ноќниот стол. В миг претрпнав и јасно ми стана дека не ќе стивне твојот бол. Не знам како, кришум в дом ти влетов, сѐ ме плени со волшебна моќ, беше така топло мојто легло како тогаш – по првата ноќ. Чинев, еве, идеш да ми речеш: „Врати ми се, дојди дома, мил! За сина ти, знам, срце те влече, ти со него дамна не си бил.“ И се прашав: зар сонувам буден, зар над тебе уште имам власт, зар ме љубиш уште така лудо кога веке не те љубам јас? О, не љуби, заборави веќе, нека нема ни помен ни траг. Надвор цвета пролетно цвеќе, во душата зар да тежи мрак? Не љуби ме!… О, да бев јас презрен, да секнеше твојот чуден вир, в доцни ноќи јас ќе одев трезен, во вихорот јас ќе најдев мир! Не љуби ме, не љуби ме веќе! Во срцето гори само жал за нашата изгубена среќа… А за него, синот наш мал, чуј, за синот имам такви сказни и со таков ќе ги пеам глас што некогаш ќе сетиме празник можеби и ти, и тој, и јас! ВО РОДНАТА КУЌА Развиј крила, пламни срце младо! Пак се сретнав со родните места. Само не ја разнесувај веста дека денес пристигнав во градот. Денес сакам сосем сам да минам, да не види, да не знае никој, сам да бидам со својата вина и ги сетам сите драги ликој. Спомените денес пак ме галат, пробудено детство ме чека, – во собата здушена и мала мојот живот шуми како река. Во собата спомените греат, собата е и мрачна и ниска… Но некогаш сепак можел в неа волно мојот детски свет да плиска. Закачена над вратата виси мајкината пожолтена слика. Чинам праша: „Чедо мое… ти си? ” Радосници низ образ ѝ бликат. Долго, долго в неа очи впивам, од солзи ми потемнува видот, и како што често пати бива – в миг оживе сликата на ѕидот. Таа стапи и кога ме виде благо рече: „За прекорот прости, само ретко, многу ретко идеш, како да си туѓ, неканет гостин.” Па со силна прегратка ме гушна и прошепна во моите коси: „Син ти веќе голем станал, слушнав, син ти, велат, златни кадри носи…“ Болката ме свитка како рана: „Го загубив, мајко, една зора.” Таа писна: Зар бескуќник стана, зар луѓето вистина ми зборат? А јас мислев да си моја лика, дека и ти ќе истраеш, сине, како сега дома да те викам, преку прагот како ќе ми минеш?” „Почуј, мајко, синот јас го сакам, неизмерно синот свој го љубам, само дали да живеам така – сѐ напразно како ти да губам?” Молк. Сѐ стивна во собата тесна. Вон се дени… Доцна, влажна есен. Под прозорот грмна детска песна и во нови сонови ме внесе. Златокоси, почекајте часкум, сиот пламен вам да ви го дадам, со вашите незгаснати мечти иднината своја да ја градам! НА КРСТОПАТ 1. Молчи градот во смрзнати дреи, под бел покрив градот мртво спие. Само патем, под ниските стреи, студен север неуморно вие. Вие ветер. И тој виј се слива како порој, како бура гневна. А сред таа вијулица дива полноќ бие од Кулата древна. На крстопат застанувам тихо. Срце, кого ти во ноќта тражиш? Годините минат како вихор, – бевме деца а сега сме мажи. И паметам: дамна, како дете, сон ми беше сека ноќна ѕвезда. Дали сите овој зимен ветер ќе ги фрли во некоја бездна? На крстопат снегот густ ме вее Каде сега? Кој пат да го земам? Сѐ е пусто, завејано сѐ е, и патека, чинам, нигде нема. Но од близу познат глас ме викна. „Е-хеј, момче, што на студот стоиш?” Дедо Наско ненадејно никна како јунак од сказните мои. „Кој си да си, во градот си дошол, едно место за тебе ќе има, сал времево нешто ни е лошо, ќе нè сотре кучешкава зима. Таа зима студот ќе е крвав, – многу рано по куќите копа… На планина цел ден збирав дрва а ветерот ги расеа по пат.“ Дедо Наско тежок товар сметна, и штом стаса под ламбата бледа, луда радост во очи му светна: „О, господи, зар внукот го гледам!” „Јас сум, дедо, еве дојдов денес.” „На крстопат?”– „Не, домот го тражам, само не знам каде да се крене… ” А тој шепна: „Оди, ќе ти кажам.” И тргнавме. По нашите лица бие север безмилосно, грубо. Родна куќо, ранета сум птица, но ме грее дедовата љубов! 2. За детството зошто да се жали кога вечно во срцето гори? Дедо Наско пак огниште пали и за себе замислено збори: „И ти ојде… бар да е со среќа, па нека е пустелија глува. Седумдесет јас носам на плеќа, а куќава треба да се чува. Во куќата ќе вивнува оган жива нога дур по прагот гази, но на испит штом тргнам пред бога огништето кој ли ќе го пази?“ Шуми огнот, игра пламен бликав, темни сенки под ѕидот се редат, и чувствувам – од жолтата слика загрижено мајка ми ме гледа. Немо, кришум со очи ја прашам: Еве, мајко, пак до тебе седам, прикажи ми за судбата наша и зошто си уморна и бледа? Дедо Наско како да ме сети, ко да разбра што од неа сакам, насолзени зеници му светат, тој ги брише со трепетна рака. „Зборуј, дедо, сѐ што има кажи, зарем уште пусто срце трае? Деца бевме, а сега сме мажи, нашта судба треба да се знае!” Сѐ е пусто, завејано сѐ е. Пука мразот, студот крвав сече. Но вечерва, вечерва ме грее приказната во соба што тече. Тихо, тихо, како да ме роси, како топло, како меко крило, приказната вечерва ме носи во времето дамна што се збило… КОПНЕЖОТ НА ДЕВОЈКАТА В шумолења потонува патот, до јасики јасика се реди. Лета в облак галебово јато, галабица од река го следи. Силен копнеж и неа ја мами да полета в таа бескрај сина. „Еј, галеби, кај летате сами?“ Но нечујно галебите минат. Летат мирно под синиот покрив и далеко исчезнуват леко. Ој, девојко, влажни очи сокриј, та зар летал во животот некој! Паѓа залез над реката мала и ги буди колибите ретки. Од планина иде ветер палав да се љуби со лиснати ветки. Ој, девојко гороцвету ранет, зошто така возбудено дишеш? Ветерот се опива од занес, птичје гнездо на ветките нише. Зар секогаш во предвечер јасна сите такви лудувања биле?– Ветките се занесоа страсно, падна в трева преплашено пиле. Танок писок… крв од топла рана, темен блесок по перје се стила Пилето се поткрена и стана и отскака со скршени крила. Бела птица од гнездо се дигна и се надви над своето чедо. Дал’ писокот до срце ѝ стигна та во него онемето гледа? Низ корија кобен гавран грака и спокојот вечерен го кине. Ој, девојко, за пилето плаќај беспомоќно в дланки што ти гине! Кому радост, кому тага дале, патје в живот тебе друг ти сочи!… Над планина гасне румен залез да ги скрие момините очи. ЗА МЕЧТА ШТО НЕМА ДА ЗАГИНЕ Колку мечти, колку мечти гинат! Сека мечта – како мртов лебед. Ако сите в едно јато минат Ќе побели есеното небе… Ти ми рече: дигам бели едра, ти в незнаен негде крај ќе минеш. Но првата вечер – бела, ведра, од срцево кој ќе ми ја скине! Дали љубиш страсно и со вера, или сум ти веќе туѓ и чуден што љубовта своја не ја мерам ни со аршин ни на кантар студен? Можеби си сепак в едно права, можеби те плаши мојот вихор, – има луѓе младоста ја дават да живејат спокојно и тихо. Спокојството дамна сум го продал, сега лугам без почин и пристан, можеби се учам сал да одам, но со љубов и со душа чиста. Знам, виновник некои ќе ме сметат ѕвездениот покрив да го сретнам, а јас давам двајсет и шест лета на земјава еднаш да го сметнам. Ти ми рече: бели едра дигам, мирен залив негде ќе те скрие. Но срцево што секаде стига лудо в секој морски бран ќе бие! МЕЧТАЕЊЕ КРАЈ БРЕГОТ НА ЕЗЕРОТО Ти си мртва… И тебе те нема, темен бурјан и тебе те скри! Но ја чинам дека само спиеш, чинам вечно со мене си ти. Пробуди се! Покрај брегот мини, мини леко и со копнеж тих во очите небесни и сини, што огреват пак во мојот стих. Пробуди се! Морен поглед крени, биди овде макар еден миг, и миг само пак нека ме плени твојот нежен и загрижен лик. Крај езеро ќе те чекам, мила, штом заспие бескрајната шир и на ноќта бесшумните крила распостелат таинство и мир. Ќе се родат мечтаења нови, нови чувства ќе развијат лет, и срцето ко едро ќе плови низ далечен и непознат свет. Дали многу од животот сакав та ми даде неспокојни дни? Мечтател сум? Па нека е така, да си жива би била и ти. Може сите бури да се зберат, да загрми сиот небосклон, вечна ќе е и нашата вера и нашиот некогашен сон. Пробуди се! Покрај брегот мини, мини леко и со копнеж тих, и очите небесни и сини ќе ги видиш пак во мојот стих. Омаена ќе трепнеш и слушаш дека имам срце како вир, и дека е ширна мојата душа како што е езерската шир. Сал некогаш понекоја зора ме опива од тага и бол, па час тлеам а час лудо горам и сум во едно племенит и зол. Ти си мртва… И тебе те нема, темен бурјан и тебе те скри! Но јас чинам дека само спиеш, чинам вечно со мене си ти. СЛИКА ОД ПАРКОТ Опустува паркот. Пак така е грд ко огниште мртво, истлејано. И низ таа пустош и низ таа смрт јас чекорам немо, расејано. И жолтите лисја во раниот мрак, од ветерот ширум разнесени, ме потсеќат живо и со трепет јак на нејните очи занесени. Но неја ја нема и она се скри со времето дамна поминато. Ој, свирепа болко, што не згаснеш ти? Не тагувај срце раскинато! Зар уште ќе тлееш со љубов и жар, зар чувствата не се задушени? Сам во паркот лутам со циганот стар што собира гранки исушени. Тој нарамен, вечер, во доцниот мрак ќе мине низ улица збеснето, но вивне ли пламен на огниште пак ќе воздивне среќно, олеснето. Внучињата свои ќе ги земе в скут, и дур плаче небето есено, тој ќе трга в луле од тутунот лут и ќе збори долго, занесено. И гушнати сите под малиот џам ќе заспиват тихо, насмејано. Само јас низ паркот ќе се скитам сам, ќе чекорам немо, расејано. Ќе ја барам неја што дамна се скри, ќе го барам времето минато… Ој, свирепа болко, што не згаснеш ти? Не тагувај срце раскинато! ЕСЕН Плаче ноќта, капат стреи стари, болно гледат прозорите матни. Мртва есен сегде в градот цари. Пусто… само некој доцен патник по сокакот поднаведнат вјаса, и колата, пред да падне вечер бавно, бавно, кон гробот да стаса, со писоци низ калта се влече. Мома била со плетенки сини… Сега влажна земја ќе ѝ тежи. Зошто така мене ми се чини мојта пролет во кола да лежи? Пусто. Ладно. Наближува зима. Остри капки лист по лисје кинат. Зошто така страшна мисла имам оти навек мојта младост згина? Плаче ноќта, капат стреи стари, болно гледат прозорите матни. Мртва есен в мојта душа цари. Јас сум само стар и морен патник. ГРОБ КРАЈ ПАТОТ Покрај патот на полјана пуста ќе почиваш ти во гробот ладен… Зима. Вее лапавица густа и в планина волк завива гладен. Подмладена пролетта ќе бликне, ќе расцвета со илјади бои, и румени качунки ќе никнат преку гробот што самотен стои. Залеани в сончевина мека полињата богат род ќе родат… Ти ќе венеш, ти жедно ќе чекаш в грст да пиеш бистра, ладна вода. И по патот дур ќе минат луѓе – кој со радост, кој со лути грижи, ќе копнееш како некој туѓин со судбата нивна да се зближиш. Но напразно! Ќе одминат сами, ти ќе лежиш покрај патот бледна, и животот вечно ќе те мами и за живот вечно ќе си жедна. Сал поетот неспокоен, тажен, што во ноќта ко сенка ќе скита, само тој со песна ќе ја каже твојата тага под земјата скрита. ВОЗОТ ЈУРИ Возот јури… Кај ме носи? Кон пристан ил’ бури? Мила моја, далеко си! Преку поле ноќта бега, по осои ноќта лега, темна ноќ се губи. Блага зора благо иде денот да го љуби, па се срами, па се чуди, румена од крви – чиниш мома што за првин милиот го буди. Возот јури… Кај ме носи? Кон пристан ил’ бури? Мила моја далеко си! Сепак зошто ми се стори дека твојот образ гори место тие рујни зори? АКО СВЕДНАМ ПОНЕКОГАШ ГЛАВА Ако сведнам понекогаш глава, понекогаш ако паднам в чмај, и во мртви зеници се јават мртва тага и злослутен сјај,– о, не мисли осамена да си! Радост носам исто ко и ти, – тоа само ко ехо се гласил некој спомен од детските дни. И не иди! Не теши ме милно! Сам ќе мине овој облак лош, и очите ќе ми светнат силно окапени во смеа и дожд! ЗНАМ, ТИ СЕГА САМА ЗАМИСЛЕНА МИНЕШ Знам, ти сега сама замислена минеш, и чувствуваш в срце и болка и сласт, и едина мисла те мачи и кине: зошто сум ти близок и далечен јас. Но вечер, штом птици попаѓаат в гнезда и задрема паркот и настане мир, Штом ноќта се роди и sвезда по sвезда ќе посее немо по темната шир, – ти пак ќе ми дојдеш занес да нè носи, да јуриме лудо по незнаен пат, и в заборав чуден да ти шепнам в коси за мојата тајна што ја кријам млад. И ти пак ќе прашаш: дали јас ти реков или сонил нешто зелениот мај, дали ветер в цветја потрепнува леко или в река паѓа ѕвездениот сјај? А утре, штом самне и занесот мине, ти пак ќе се будиш со болка и сласт, и истата мисла уште ќе те кине: зошто сум ти близок и далечен јас! ЌЕ ТЕ СРЕТНАМ ПОСЛЕ МНОГУ ЛЕТА Ќе те сретнам после многу лета, после многу премрежја и дни. Снежен повит в коси ќе ми цвета, снежно-бела ќе бидеш и ти. Без возбуда, без болка, без трепет ќе ме плисне твојот леден сјај, и срцето завејано в пепел рамнодушно ќе прошепне: крај. Сал можеби на лицето бледо горчлив осмев ќе се јави пак: на чувствата изгаснати – сведок, на страстите истлејани – знак. ПЕСНАТА Понекогаш, доцна, во смирена ноќ, штом месецот в облаци згасне, ме обзема радост… неслутена моќ во градите напнува, расне. И станувам скокум и јурнувам вон и вихрено јурам низ градот. Дарежливо, штедро, ко в забравен сон, ме опсипа ноќта со радост. О, прекрасни чувства, о прекрасен час, до небото со вас би стасал! Да запеам, еве, пак седнувам јас за радоста в срце што класа. Но дали што била несонуван свет и толку е, толку лесна: – во срцето – чувства од метежен сплет, но ниедна, ниедна песна! И полека, бавно, ко придушен глас, некажана радоста стине. Бессилие страшно пак сетам в тој час, по челото бура ми мине. И некаква тешка и безумна жал на душата севласно лега. О, така сум голем и така сум мал и свиреп и човечен сега! По погледот топол, по погледот тих прелетува студена мака… И чудо се збива – заблестува стих и жубори в мојата рака. О, прекрасни чувства, о прекрасен час, о душо, нескротена, жива! – На радоста моја пак рујниот глас ко вино се пени и слива. И вечно сум таков: час голем, час мал, со срце што пламне, па згасне. Час радоста никне врз мојата жал, час жалта врз среќата расне! ПОЕТОТ И ЉУБОВТА Велат дамна било, пред илјади лета но сказната стара буди спомен жив, и секогаш кота во срце ја сетам јас станувам тажен и пркосно див… Во некоја земја, крај некое море, во самотна куќа на заливот тих, бил роден поетот што в копнежи горел и страстите свои ги опевал в стих. И занесно пеел. Неговите песни не знаеле ништо за судбата зла, просторите морски за нив биле тесни, немеле луѓе и губеле дах. Го љубеле сите, тој сите ги љубел, бил нежен ко зора пред изгревот ран, но немирна душа… и вечно се губел и шумел и плискал ко немирен бран. И утрина една дур заливот, спиел и в магла се лулкал сонливиот град, тој повторно тргнал, нов занес го виел, го мамел во светот далечниот пат. Глас чуден, глас таен од негде го викал, тој покорно тргнал по тајниот зов, од небото вишно млад орел му кликнал, му откривал патем свет незнаен, нов. А третото утро штом кренало крило во алгите слушнал на девојка лик, се капела сама… а сонцето било маѓепсано, лудо од нејниот лик. „О, прекрасна, ревнал, зар сонце ти иде, зар оно ти пие и очи и сјај? Не плаши се, постој, ти моја ќе бидеш, на желбите мои настанува крај!” И запеал така што водата сина го запрeла одот и жуборот свој, а в момино срце врел издив се скинал: „О, пријди, ќе бидеш, ќе бидеш и мој!” Тој пришол… Благ ветер од морето веел, а поетот вљубен со чудесна моќ пред среќата своја се посилно пеел, и гласот му ѕунел до длабока ноќ. Поминале лета… Девојката била и нежна и страсна ко првиот ден, но сакала сета поетова сила во своего срце да ја има плен. И поетот молкнал – му замирал гласот, стиховите веќе не гореле в жар, и очаен, страшен, тој го проклел часот кога сето срце ѝ го ветил дар. Пак в утрина тргнал дур сонувал градот со злокобни мисли, со душа во чмај, пак заљубил друга со срцето младо, но судбата сличен досудила крај. И секогаш така: час страдал, час љубел, бил тажен и весел, бил бурен и тих, бараната среќа ја имал и губел, сал зад неа буен останувал стих. И дома се вратил. Пак занес го носел по родната куќа и родниот брег. Мрак веќе се спуштал… а в негови коси белееле искри на доцниот снег. Но моќно се наднел над простори тесни и опсенет силно од родниот кат тој в рака ги кренал сите свои песни и запеал страсно за последен пат: „О, летнете мои лекокрили птици! Јас не најдов среќа. Но среќен ви лет. На своите тeнки и трепетни жици за љубовта пејте низ целиот свет!“ И летнале тие: …И вечно ќе летат, во летот ќе бдеат над споменот жив… А една ко славеј на срце ми слета, па така сум тажен и пркосно див. ПРВАТА СРЕДБА НА БОРЕЦОТ Низ угари пргав белец прелетува суви бразди, од боиште Богдан Велев неспокојно в село јазди. Опустеле ниви в суша. Под копита камен ѕвони. Богдан трпне – ко да слуша топот див на ескадрони. Не застана покрај стадо што пладнува в длабок осој, само ретко, само крадум потфрлува поглед косо: На војничка блуза стара три пламнати ѕвезди греат, – тој сончева среќа барал за својата родна стреа. Бил на Вардар, бил на Драва зиме газел в леден Тимок, па за храброст и за слава три ордени бојни има. За првиот в трепет бдеел в октомвриска вечер сива, смрт и ужас врагот сеел, – започнала офанзива. Прв сред чета в напад минал штом далеку згаснал денот, а в утрина, в зора сина на тромеѓа знаме кренал. За вториот негде в село на бункери туѓи стапил, денот румен в жито зрело од негова крв се напил. А орденот трет го краси што в ледена волча јама запленети деца спасил од четничка лута кама… Богдан јури. Мисли врели ко надојден порој капат, не загледа кога Селим преку сртот крадум стапи. Дур го мина Селим сртот, олеснето дури здивна, дури тогаш тој се сврте тешка болка в глас му вивна: „Еј Селиме… постој брате! Од средбава зарем бегаш? Каква среќа носиш патем, кај си тргнал в таа жега? Од далеки места идам, не паметам таков празник: сѐ што сретнав, сѐ што видов сѐ е чудно како в сказни. Овде, знаеш кај нас може сепак нешто да се сретне, ама в Преко, чувај боже, умот часкум ќе ти летне! Дур од запад па до исток – насекаде бој се врза. Но денеска – сѐ е чисто, со победи дома брзам. Дал веселба в село гори на бегово рамно гумно? За новото што се збори, дали сите судат умно? Или велат: „Ех, и тие ќе поткусат бргу крила…“ Анумата жива ли е? Дал порасна ѓул Фадила? Тешка гуња Селим свлече, на оголен врв се качи, и под мустак мрко рече: „Знам ѓауре што те мачи… По селава, почуј, наши, во слобода денот сјае, само едно нас не плаши – дали така сѐ ќе трае? Селим седна. В Богдан бледен со лукаво око ѕирна, се налакти, лула зеде, и продолжи сосем мирно: Стар сум веќе, ќе ти кажам, од мојава учи памет – јас Фадила ќе ја мажам за син му на бегот Амед. Бегот дава двесте лири, лиска грстум жолти пари, само синот да го смири двокатница тој ми дари! За свадбата, сам ќе видиш, глас ќе тргне дур до Мека… Дали гостин ќе ми бидеш? Јас со радост ќе те чекам. Селим молкна, гуња фрли, пак лукаво в Богдан ѕирна, и спокојно, в блиско трло, низ рудина појде ширна. Како вихор коњот фркна белогрива глава дигна, и в селото штом се мркна пред Велеви порти стигна. БЕГАЛЦИ Каде мајко моја, кај на овој ветер? Што ти лице бледо потонало в жал? Не прашувај, молчи, златокосо дете, ти си утдте нејак, ти си уште мал.“ – Зошто носиш, мајко, темна руба црна, зошто темен превез ликот твој го скрил? „Сине, поглеј горе: ситни ѕвезди врнат, дали сакаш ѕвезда да ти фатам, мил?” – Мајко, страв ме фаќа, силен страв ме души заканува некој, ќе бидеме плен! „Тоа ветер, сине, над смрзнати круши тагува и плаче за пролетен ден.” – Кажи мајко моја, кажи татко кај е? Зошто не е со нас во стрмиот дол? „Сине, поглеј долу: тамо светлост сјае, го минавме веќе граничниот столб!“ СЕФЕДИН 1. Есен. Магла. Доцна вечер. Јабланица тоне в дим. Низ клисура стрма тече – кон морето брза Дрим. Дрим низ остри карпи мине, пењи фрла в татнеж див. Вечерниот мрак го кине далек блесок, далек зрив. Трпнат карпи, трпнат долој од грохотен далек ек. Вие ветер в дрвје голо над речниот бесен тек. А низ магла, покрај градот, кон граница јури ат… На граница некој крадум во гората бара пат. Сам во ноќта лута немо – ни со љубов ни со бес, лута крадум како демон што ја продал својта чест. Сефедине! Сефедине! Послушни го овој рев! Границата штом ја минеш зар и ти ќе сториш грев? Почуј ноќта како писка и ја кине грмеж јак. Дал невина крв пак плиска, дали некој падна пак? Сефедине, што си бледен, дал претчувство пак те сви? Ако идеш за крв жеден овој крај го знаеш ти. Успокој се, мирен биди, ти си водел овде бој, овде нема да те види нити еден часовој ! Партизани овде биле, познат ти е секој кат, си напаѓал в налет силен на заробен Дебар – град. Сефедине, што ли спремаш, зар споменот згасна жив, зарем вера веќе немаш и ќе тргнеш против нив? Од маглата чело дига планинскиот буден џин. Несетено в Дебар стигна, тајно мине Сефедин. 2. Градот спие. Полноќ пуста. Ниту жива душа вон. Притиснала магла густа како грозен тежок сон. На крај градот куќа стара, на огниште – пламен блед. Чудни слики огнот шара од волшебен некој свет. Син и татко мирно лежат, мирен сон ги гушка нив. На прозорот златна мрежа бавно плете пајак сив. Нема никој. Мртво доба. В магла тоне сводот син. Под прозорот како гробник дах притаил Сефедин. Сефедине, зар ќе згазиш совест, срце, чест и ум, па Митруша ти го демнеш а те плаши секој шум? Со Митруша ти си летал по туѓински крвав траг. Зарем сакаш да се сретнеш лице в лице како враг? Што трепери твојта рака дури креваш парабел? Каква судба, каква мака, каков ќе је твојот дел? Три години веќе слушаш дека Митруш станал враг, на туѓинци продал душа и загубил дом и праг. Три години… Зар се сврши, зар дочека веќе ден измамата да го скрши твојот копнеж, твојот блен? Еј, што слутиш, што ли сакаш сам крај овој темен ѕид, што трепери твојта рака, што се смрачи твојот вид? Сефедине, трезно суди, освести се бар за миг… Грмеж! градот што се буди го потресе детски крик. Сефедине, ќе ти тежи овој злочин, овој чин – место Митруш в крвје лежи неговиот мртов син! Но и мртов ко да збори со очаен детски глас: Против мене зар се бориш, кажи, зошто паднав јас? Проклетството тешко мине, и ги колне твојте дни: беше јунак, Сефедине, а сега си крвник ти! 3. Беше јунак, Сефедине, а сега си крвник ти… И дур гласот детски гине ноќта црна пак го скри. Дрим во пени долу вие, леат браној леден студ. А тој бега в мракот скриен, бега патем како луд. Јури в ноќта. Сиот гори. Светкат очи в крвав плам. И наеднаш… му се стори дека Митруш иде сам. Еве, рака тој му дава и радосно клика тој: „Сон е ова или јава, Сефедине, брате мој! Пак си таков… очи… става… ко в минати бурни дни. Јас средбава ќе ја славам, ќе ми бидеш гостин ти. Да наздравам вечер сакам за јунакот Сефедин, за нашата светла мака, и за мојот… мојот син!” В Сефедина Митруш гледа и придушен слуша глас: „Еј, загина твојто чедо, јас го убив… нема спас.“ „Сефедине, ти си болен, одмори се, легни, спи, Беше човек со дух волен, не ќе кренеш рака ти!” „Не, јас кренав… против свои… Мртов лежи твојот син, и пред тебе крвник стои а не јунак Сефедин.” Рече. Молкна… В полноќ ладна Дрим се пени в карпи збран… Рече. Рипна. Молкум падна во дивиот матен бран. Есен. Магла. Студот сече. Јабланица тоне в дим. Низ клисура стрма тече – кон морето брза Дрим. НА ГРАМОС 1. Проштевај, роден кат, Егеју, колевко моја! Јас ранет последен пат на мртов Грамос стојам. Овде ја закопав денес, под твојот пепел врел, верата која ме крена на подвиг суров, смел. Ме гушат облаци црни, свирепа болка ме стега и тенки спомени врнат … … В богато Воденско поле ронела пченица злато. Но сепак – никога пролет не дошла в селските катој. Мајка ми кршела прсти, лулела детенце мало, со солзи полнела грсти крај старо дрвено рало. Татко ми в младини чмаел, сонувал вишнова зора, вековни надежди ткаел в ноќите таговни ора. В ората играел лудо, сите се чуделе в село но штом се наутро будел стемнувал високо чело. На нива тргнувал рано, над секој замирал садник, а дома плачеле санoќ стиснати дечиња гладни. В дожлива утрина, тихо заминал некаде долу. В градот го пречекал вихор, вихор го подфатил в Солун. Тој млад бил, имал сили, в животот чекорел здраво, ги љубел своите мили, своето село – Јавор. Тој раснел в негови скутој, корав бил, здрав и волен, но бргу закашлал луто и легнал в постела болен. В собата станало сиво. В градот му загорчел лебот, тој псуел гурбетски живот и колнел туѓинско небо… * * * Пројури времето – срна, сал тешка остави трага. В тага те завија црна Родино моја драга! * * * Проштавај, роден кат, немирно детство, збогум! В срце те чувствувам пак трепетно, живо, многу!… Ме гушат облаци црни, свирепа болка ме стега и нови спомени врнат: јас уште, уште гледам, безумно в планина бегат, со ситни, скршени крилци, ранети дечиња – пилци. В нивните сковани усти проклетство уште слушам … О, сè е така мртво и сѐ е така пусто како во мојата душа! 2. Проштавај, роден кат, проштавај, мајко моја! Јас денес последен пат на наши пепелишта стојам. Ти чекаш некаде тамо кај Вардар слободен шуми, и чудни приказни носи на Кукуш, Кавала, Струма … Чекаш во краишта сини – кај песни тракторни грмат, кај цела земја, чинам, в сончева плиснала срма. Чекаш во некое село, в куќиче задружно, бело, кај жита златести класат, и мирно, прснати в гора, стадата задружни пасат. Чекаш… И секоја вечер, стивне ли селото в почин и мрак го надвaсa темен, ти тажни упиваш очи в далечни планини неми, и трпнеш в мисли – јата, во желби да се вратам! Мајко! Забрави свидно чедо, забрави свиден спомен… Селата спалени лежат, спалени чадат домој! 3. Во барут, дим и крв, в грохотна канонада, Елада стана плен, падна, мајко, Елада. Ревна Белиот Егеј под црвен облак скриен. Та, зошто девет лета со крв ја поевме ние нашата земја света, и безброј нејни чеда, без гроб и трага, мајко, во ова мртво утро со мртви очи гледат?! Елада! Елада! Зошто девет рани на градиве носам, зошто девет лета јас в борбата страдам? 4. Денес, мајко моја, пред зорница јасна, в предавничка рака слободата згасна. А мислевме ние – ќe изгреат зори, мечтаени долго од наши и Грци, збратимени сите – од море до море, народите в љубов ќе согреат срце … Слободата – пламен, ни гореше в очи, но најдовме само ископани јами. Памети го, мајко, овој крвав злочин: со отрова змијска, без милост, ко ѕверој, ја убија нашта – в иднината – вера! Јас в окопи гниев со мојата чета, в декемвриски студој, по дождој, по жеги, и помина така уште едно лето – не стапивме в борба, не минавме меѓи! Се бунеа борци … Притаена злоба Им светкаше в поглед ко в темница – кремен: „Та до кога уште ќe лежиме в гробој! Штом отиде Маркос и борби ќе нема …” Но загрме тогаш ураганен оган, в крв ноќта се изви, – ни попрска лице. На Вич ниту птица не прелета жива, а овде – на Грамос, во борбата дива ни падна од раме последното знаме. А борците, мајко, ранети и слаби, што мислеа кај вас да преминат кришум, предавничка рака ги задржа, зграби – се најдоа сите пред нејниот нишан. Ко секој да беше и подел и поган – ги стрелаа, мајко, со рафален оган! 5. Мајко! Во барут, дим и крв, в грохотна канонада, Елада стана плен, предадена – Елада! Од сите мртви, живи и мене, за сите времиња, за сите векој – проклетство нека падне, мајко, на тие – што ја убија денес нашата младост, нашето детство! за Маркос, за сите наши несони ноќи, за сѐ што љубевме силно и жарко, за нашите маки, за незнаен покој, за пушката што ја во десница држам, за болката што ми нагризува гради, за сѐ! За сѐ – проклетство вечно нека го спржи. убиецот, мајко, Захаријадес! 6. Проштавај, роден кат, Егеју, колевко моја! Јас ранет последен пат на мртов Грамос стојам. Пусти се боречки стреи, чамее нивниот праг, там’ жетва крвава жнее и бесно ликува враг. Но, знам… ќе дојде време за нова барикада, ќe стани нова смена за одмазда во бој! Во бура, зрив и пламен во нова канонада ќе никне и ќе бликне прероден крајот мој. Да, знам… се ближи време за нова барикада. Елада пак ќе биде слободна, лична, млада … А мојот роден крај, ќе цвета в ширни поли, ќe листат в пролет – мај Кавала, Кукуш, Струма. Егејот син и волен ќе шепне чудни зборој, и в сончев залез мирен, ќе праќа поздрав ширен на Вардар, Шар и Пирин… Јас за тие деној и за сите тие зори, Родино моја, Родино страдна, луто се борев и в бојот паднав! СВЕТУЛКИ Заспи ми, Сибинчо … тежок е патот, заспи ми в приспивен збор. Виде ли? … Помина светулки јато в нашиот осамен двор. Светулки минаа негде кон север, жмиркаво трепнаа в сјај. Разбираш Сибинчо… сираче … левен – пусто е в нашиот крај. Вечерва одиме в корија сами, вечерва … бегаме в мрак. Заспи ми в скутови, заспи ми, мамин, одморен да си ми пак. А кога нарасне патем колона и стивне задниот бој, знај, оти татко ти не ќе е со нас, в Костурско загина тој. Мислевме двајцата некако просто, чекавме пролетен ден, а сега, малечок, сѐ ми е доста – нели сме туѓински плен? Заспи ми, Сибинчо … тежок е патот, в нов сончев одиме свет. Светулки минаа, светулки јато, помни го нивниот лет! ВО КОРИЈАТА Потивко в овие краишта диви, потивко, сине мој. Глуви се, неверни ноќите сиви без близок и без свој. Струма се превива далеку зад нас, Струма се дави в крв. И Грамос – тромеѓа предаден падна, задниот падна врв. Потивко … В корија врагот не следи. Се плашиш многу? … Знам. Каде си слободен граничен предел, страшно е ноќе сам! КРАЈ ГРАНИЧНАТА МЕЃА Крај граница в поле голо, бесни, вие леден ветер. Во длабока јама долу убиено лежи дете. В далечина уште татни, диво јурат ескадрони, диво бијат води матни, диво … крвник луѓе гони. Граничару, срце смело, слези скокум преку брана, прифати му мртво тело, пренеси го в наша страна. Од Егејско враг го гони, тамо каде мреат волни … тамо каде в милиони прострелано срце колни. Овде има сестра мала, овде брат и мајка има, три години тие жалат и четврта веќе зима. Кој ли сега таа вечер, кога зори в пресрет идат, кој ли јунак ќе им рече оти нема да го видат? Граничару, срце смело, слези скокум преку брана, прифати му мртво тело, пренеси го в наша страна! ЕДНА ВЕЧЕР ВО ГРАНИЧНО СЕЛО Мило мое! Драго мое! Сама не знам како стана … Придворното скрца резе. Некој тропна. Прашав: – Koj e? Млад граничар в соба влезе и со трепет, рече: – Мајко, дали вас ве викат Јана? А јас веднаш, веднаш сетив, в неговите очи видов, оти ти си мило дете! – Вон е мирно. Тихо снежи. Пред портата мртов лежиш. Мило мое! Мое драго! Сама не знам како стана … В корија не сретна врагот, (дал в корија тој те фана?). Беше полноќ. Мртво доба. Беше мртва глува есен. Само слушнав како порој волчје збива в кланец тесен и на ридот негде горе, мрачен в злоба, – врагот – гробар, земја рие, земја оре… За миг тогаш в силен оган картечница лута писна, и в шир ладна месец падна, – раскрвавен в гранки висна. Ој, Сибинчо, мило мое! Изгубено пиле в гори… Зошто тогаш така стори, зошто не го сокри трагот, зошто прсна в ноќта црна, – со напластен покрив згрнат? Јас исплакав очи, сине, в корија те барав саноќ, само негде да не минеш, само…. Грдна моја рано! Мило мое! Драго мое! Сама не знам како стана … Придворното скрца резе, млад граничар в соба влезе. Вон е мирно. Тихо снежи. Ти во тремот мртов лежиш. ЉУБОВ Очи ти сакам, молња да режат, кипнати гради оган да горат, врели ти усни жар да се сторат, под твоите раце под твојата сила, врагој да мрзнат и да се ежат другарко моја, другарко мила! Не за љубовни песни ти пеам, не за вечери неспани тлеам, оваа песна за бунт ти збори, во неа крвта моја гори! Таму – кај пламен народен пламти, и пушки грмат и долој ечат, Таму – кај борци за зори јасни за живот во смрт без жалба минат, – другарко, таму љубовта расне! Сред тие бури, в планини сури, другарко моја, другарко златна, прва да идеш, прва да бидеш, а ако куршум младост ти зграби, немој да тажиш, немој да жалиш – огнени очи не ќе ти свенат – илјади срца со жар ќе палиш, илјади борци во борба ќе кренат. Очи ти сакам, молња да режат, кипнати гради оган да горат, врели ти усни жар да се сторат, под твоите раце под твојата сила, врагој да мрзнат и да се ежат – другарко моја другарко мила! ПРЕД ТРГНУВАЊЕ Како в пoле кај се порој сливат в срце, друшке, топли желби носам, класи љубов како родна нива, љубов нежна како цвеќе в роса! Пусти да се и села и градој, лисни гори и широки мора – мој’та љубов живот ќе им даде, се ќе шуми, друшке, в слатки зборој. Утре тргам, пат ме далек чека, тешко ропство не се трпи, друшке, почуј како в земја врие екот, почуј како грмат лути пушки! Да ли знаеш каква чудна сила во нив денес сеќавам и слушам, – десет срца, кога јас би имал, да ги дадам не би жалел, душо! Да ли знаеш каква радост луда како река пролетна ме плиска, колку многу земјава ја љубам и до срце јас ја имам блиска! Утре тргам, подај, друшке, рака наш’та борба нека среќна биде… Да ли знаеш колку многу сакам кога дојдам херој да те видам! Мене, друшке секога во бојот какви маки тешки да ме слетат – лицето ти сила ќе ме пои, и очите сегде ќе ми светат! Зора пука, светли деној идат, сонце в домој ќе ни стапи, друшке, сѐ ќе биде, така сѐ ќе биде ко што срце топло желби гушка! Како в пoле кај се порој сливат в срце, друшке, топли желби носам … Нека трпнат туѓи орди диви – љубов силна в бојот ќе ги коси! ОЧИ Три дена на раце те носевме збрана, со тага и болка во погледот срчен, и секоја капка од твојата рана ко крвава жар ми капеше в срце. Другарите беа и морни и гладни со згорени грла и свиени плеќи со тап бол се впија во очите ладни и жалеа оти не ќе пламнат веќе. Но јас знаев оти пак ќе вивнат в жарој и борците под нив ќе цветат и раснат, в студените утра ќе греат ко сонце и никогаш нема да стивнат и згаснат. Последната вечер в планинското село, кај борците беа во дрипава дреа, со пликови жешки на стапалки тешки, и смрштени чела – згасени, мразни ко нивните пушки укочени, празни, и нечујно, глуво, ко здушена река се точеше шепот од уво до уво: “Утре, друже, в зори, страшен бој нè чека, а ние сме малку – сал неколку души…” И кога ко игла ти прободе уши – ти растресе снага и размолска тага, со луњени очи широки и волни ги расече в ноќта здивените молњи!– Ко тогаш, ко тогаш, о другарко, помниш – в смрзнатата вечер на пролетта рана, кај нашата младост и првата радост ја косеше луто куршумната слана, а ти чело збрчка, ко тигрица рипна и летна во ноќта крвава и црна, – со своите очи што ригаа пламен ги растопи часкум челичните зрна… И после! И после – в последната вечер… Јас нејќам да мислам што потаму стана! Сал помнам те изви крвавата рана, прошталниот шепот ти замрзна в усни, но гореа очи под веѓите густи! Со нивниот пламен и со клетва света, на заседа тргнав сред мојата чета. А утринта кога зрив чела ни спраши ти не беше веќе в редовите наши, но скипеа борци со одмазда жолчна, и видов! о видов – кога бојот почна развихреа сите со твојата сила – ко елени брзи и лесни ко птица. А твоите очи се искреа гневно на нивните потни, распалени лица… Три дена на раце те носевме збрана, со тага и болка во погледот срчен, a секоја капка од твојата рана ко крвава жар ми капеше в срце. ЕЛА 1. Тажно шуми танка ела приказ еден, приказ мал… Ветер вее в Козјак – село пепел, дим и тешка жал. Сама ела в мртво село тажно лее горчив јад, а крај извор ранет елен – крвав лежи јунак млад. Шуми, шуми ела танка в пусто село, в кобен час, а од нејни вити гранки рони лисје жален глас: Беше тука чудо гнездо, в него мома – ален цвет, сјајна како ноќна ѕвезда, брза како птиче в лет. Расна мома ко на дланка в татков свиден топол кат, расна мома – вишна ранка и заљуби јунак млад. Но не стигна да му рече и да грејне в усмив благ, – една бурна страшна вечер в село стапи крвав враг. Пламен вивнат домој спали, висна мома в смртен лад… Шуми ела, лисје жали горска вила, јунак млад. 2. Мина време, ветер гневен разби тежок темен мрак, а сред чета јунак – левен во родно село дојде пак. Каде слета бело јато, каде слета орел смел, – сонце зали ниви, катој и трендафил никна бел. Шуми, шуми ела танка, шуми в лисје момин зов, расне село ко на дланка, расне в село живот нов! ПРОБИШТИП Ноќта е грозна, ноќта е страшна, фуртуна бесни, ветрови вијат, над снежни висој луњи се гонат и долој в себе ужаси криат. Ноќта е бурна, ноќта е ледна, разјарен вихор сè живо коси, ни волк да вијне – ни глас да гласи, сал див-колона в ноќ се носи… Јуначки борци в луњи се борат, и напред врват низ студот крвав – капнати и гладни смрзнати, и боси. * Во темна полноќ Пробиштип мрее, потаен оган в гради му тлее… И веднаш… од тука… таму, низ дол и грм, по венец стрм, со огнен плам во огнени гради, се сјури лавината млада на Третата бригада врз рудничките згради. И грмеж страшен расцепи мрак. Сред вриеж Доне разиграл срце, во бојот рипнал од сите прв, по него скакат арслани-борци, за народ спремни да леат крв. И бумби трескат, аутомати сипат, земја се тресе, воздух се цепи и буктат в пламен крепосни згради, фашисти мрзнат крв им се лади – храбрите борци в соби им рипат! Наеднаш зрно куршумно свирна, Доне се сруши, снага му папса, стрчаа бргу другари верни Доне се стресе, размрда раце и громко рече: – Остајте, крвта нека ми тече… на јуриш, напред, Карпош да се свети! И в страшен бес фркнаа в оган борците млади, а бумби трескат, аутомати сипат, земја се тресе, воздух се цепи и буктат в пламен крепосни згради, фашисти мрзнат, – крв им се лади – храбрите борци в’ соби им рипат! * Во смртен ужас ноќта гасне, и димат рани од забит нож, над мртви дивој ден крвав расне и исток роси аловен дош. — — — — — — — — А секој пат в ноќ бурна, ледна и пеизаж сив, на могила една крај Пробиштип, се дига Доне ко таен див, и минат борци сврстени в чети, и глас му грми ко борбен зов: – Остајте, крвта нека ми тече… На јуриш, напред, Карпош да се свети! ПАРТИЗАНСКА ПРОЛЕТ Вечер е тиха, дремлива, нечујно гора шумоли, месец сред гранки сонува ѕвездите солзат на небо, а рана пролет пргава, раскрила убост моминска – снага ѝ – шума борова, очи ѝ – бистри кладенци, лице ѝ – пупка трендафил, а коси – трева зелена. Еј море, радост голема, партизан в пролет да бидеш, кога се шума разлисти и зажуборат извори, еј море, среќа бескрајна в пролет низ гора да одиш, грлото да го извиеш, песни да пееш бунтовни и врагот да го прогониш!… Вечер е тиха, дремлива, нечујно гора шумоли, месец сред гранки сонува, и ѕвезди солзат на небо. Не оди долга колона, не гази снага моминска, на лесни крила пркнати, вила ја носи планинска! МАРШ НА ТРЕТАТА МАКЕДОНСКА УДАРНА БРИГАДA Ко челик сме ние – со Титовски сили Стив Наумов стои пред нас како штит, Карпошова љубов тече в наш’те жили – бригадата наша ко чекан е свит. Низ планини стрмни, низ бурите снежни ко рисои горски си пробивме пат, со пламена љубов на очите мрежни нè бодреше Темпо – најмилиот брат! Беласица стара вечно ќе ги помни јуришите наши сред одличен час, Плачковица снежна и бурите ломни за нашата храброст ќе зборат на глас. Над кочанско поле со фашиски орди се урнавме смело во нерамен бој, низ херојски борби и подвизи горди не жалевме живот за новиот строј! В крвавиот Дренак и Пелинце славно ќе треперат врагои ко исушен лист со здружени сили окови ќе пукнат ќе изгрее бргу ден светол и чист! Ко челик сме ние – со Титовски сили Стив Наумов стои пред нас како штит, Карпошова љубов тече в наш’те жили – бригадата наша ко чекан е свит! СО НАШИ РАЦЕ Oј, Орданчо синко, мој соколе златен, јас писмо ти праќам од родното село, а моите мисли ко немирни јата на Пругата летат развихрено, врело. Би сакала, синко, мил глас да ти слушнам, да потече љубов ко огнена лава, би сакала в преград мајкин да те гушнам и милувам долго твојта руса глава. Ни пристигна, Орде, вест радосна неќна ко пролетна птица во утрина рана, о, колку сум горда и колку сум среќна што в градбата дружна прв ударник стана! Во писмото, чедо, за Пругата пишеш, за јуриши бојни, за вашите дела, и како се волно и длабоко дише в босанските мали и спалени села. Во писмото твое ни јавуваш, сине оти Тој бил таму, – на Пругата стигнал, и како се бурен бран нездржан дигнал кога Тој ве бодрел со зборови снажни, и како од радост кога кај вас минел неговите очи се искреле влажни, а тебе те пламен в силна желба кинел, ти трептело срце со решеност тврда, – во идната пролет пак таму да идеш, во идната пролет пак таму да бидеш и тунели градиш в босанските брда. Но и кај нас, Орде, во крајот наш роден, на денови цветни светла зора пука, со нашите раце в труд гориме плоден, – вие в Босна – таму, ние в село – тука. Ти помниш – за домоj спепелени цели, што душа ти свиват кога кај нив минеш. Сега никнат редум нови куќи бели, и школо се гради за децата, сине. Би сакала, синко, мил глас да ти слушнам, да потече љубов ко огнена лава, би сакала в преград мајкин да те гушнам и милувам долго твојта руса глава. В ДЕНОВИТЕ ИДНИ Низ облаци бели солнчевите стрели го посипат в срма небесниот свод, шумолејат трепетливи ниви – разлиено море со запенет плод. *** Пука камен, земја гори, в пламен букнал селски плот, пржи, пече врело солнце, в бразди тече пламна пот, и ко сабја тенка, бритка, – со распејан шумен глас, меѓу жито срп се витка, – подрипнуе буен клас. *** Еј, зафати смело, друже… в раце срп си тенок свил, нека раснат деној-ружи кај што вчера коров бил, еј, замавни смело, друже, удри сега цврсто сам, туѓин веќе не ги страши, – жетвите ќе бидат наши, в жетвениот фркни плам, еј, нека се земја стресе, нека светне румен сјај, како тамо кај што младост снага кити в солнчев мај, каде грми, гори, бие и низ карпи и низ долој Младинската пруга вие! *** И далеку не е… комбајни ќе пеат по миризни ниви запенети в плод, и огнена радост ко гроздоj ќе зрее под нашиот ширeн орлокрилен свод. А нашиот народ в деновите идни ќе извиши в небо, недогледен раст, ќе зареди дела ко в приказни свидни со своите раце и својата власт! ИСТРАНКА Штом закрепна мостот со радоста нова и искрејќи возот загрме и здими, од далечно место мома писмо прими и прокапа солзи на мајкини слова: „Убавице моја, – галабинке белa на мргоден Триглав, соколинке смела, ти не ми се срди што пишувам вака, што в писмото капе и тага и мака; знам – твојата радост во сонце се злати а мајкина тага веднаш ќе ја смати; ој, в болката штукам безумна и слепа и срце ми тежи ко камена крепа. Јаребице моја, вчера в зора рана над нашата куќа в крв напаѓа слана; загинаа, ќерко, и Митја и Вера и татко ти падна во стачката вчера. Ој, сираче мое, – прва љубов наша, кој в утрини млечни за тебе ќе праша, кој твоите коси милно ќе ги гали кога мирен Јадран в залез води пали!… Но не тажи долго, галабинке бела, пак заплискај радост ко кладенец бистра, и биди пак тврда и биди пак смела како што ми беше во бојот за Истра.“ Потекоа солзи и радост се смати, Истранката млада писмо дома врати: „Мајко моја тажна … и в далечна Босна ми попрска лице крв таткова росна, мраз срце ми стегна, … и не мене само – бол сите ги души што станува таму. Крај јаблани, мајко, разлистени млади, Младинската пруга со песни се гради, а денеска рано в зори светло, сини, првиот воз мина по нашите шини. Во Брчко тој тргна, од широка Сава, кај започна, мајко наш’та бојна слава, и нема да сопре, крила не ќе свие кај рудникот богат црно злато крие, тој напред ќе јурне низ целата земја, о, мајко, за пречек и ти биди спремна, и в некоа зора ко езеро бистра ќе пристигне таму – в непокорна Истра, и в секое срце што страда и жали ко разгорен факел свет оган ќе пали! Мајко моја тажна, дур тука во Босна не попрска сите крв таткова росна, но земјата наша бујна младост разви… О, Истро, ќе бидеш во мајкини пазви!“ ЗАДРУЖНА ПЕСНА Расни ми, расни, мило мое чедо, задруга в село радост ти плете, над тебе будно бдее и гледа, в образ ти в носи алово цвете! Некога тука в црница – нива нашата црна дишела тага, сред снопје златно гаснела жива, – пукала стројна моминска снага! Некога тука в душманска стрелба светкале очи под облак – веѓи, крвава роса в секоја делба топела в крвјe aргaтски меѓи! Некога било … Ко облак темен спомени тешки в памет ми летат. А денес раце пружило време – в задружна среќа домови светат! Расни ми, расни, мило мое чедо, задруга в село радост ти плете, над тебе будно бдее и гледа, в образ ти вноси алово цвете! Расни ми, расни, соколе, сине, задруга – врсник в село ти расне, низ поле трактор огнокрил мине – ја ора твојата иднина јасна! Година веќе помина, сине, како те пролет погали леко, година веќе задружни криној миризма ронат в мајкино млеко. Ој, расни, расни првенче мило, под топло, меко задружно крило, та кога стапиш во утро бело в задруга да е целото село! ЈЕСЕНИЦЕ Јесенице, Јесенице, челик – срце, пламен – лице! Еј ти Саво, еј Долинко, весница се пролет јави, Ко долина блага денес ти ја мој’та душа плавиш! Да ли извор – сини очи, или ветер што те гони, шепотења да ли нежни на брегови што ги рониш, да ли, реко, кога минеш низ градови и низ села – за нивните збориш дела? Еј, Долинко, брза водо – ко крв млада што се пени, на бранови – галебови ти ги денес сите крени! Во висини сонце само врсник рамен да им биде да ги видат, чуат, реко, – на далеку, на далеку! За корави раце кажи, разиграни како сокол, и радоста неискрена в работничко светло око, и како се в оган јаглен што челично срце пали – човек кали! За љубовта нивна кажи што предели не ја спират, – пролетерска верност гласи со победи што се шират, и в болката тврда како нараснуват сили млади – да се гради, да се гради! *** Јесенице, Јесенице, челик – срце, пламен – лице! Клеветите што се диви спрема твоите очи живи и младоста разлистена под јаблани што се вие?! Иднината наша светла в железара што се лие – не ќе можат да ја скријат, не ќе можат да ја свијат границите, што ни срца со телени делат жици, Јесенице, Јесенице! Работници, за вас пеам, леам стихој челик – птици, и ги греам топло в гради сите, сите в Јесенице! ЗА ЉУБОВТА НАША ДЕЛАТА ЌЕ КАЖАТ Денес друже Тито, јас ти песна праќам, песна што ја пеат моите родни браќа, силна верба блика, друже Тито, в неа, – безброј млади срца топла љубов леат! Денес така многу, така многу сакам да ја стиснам цврсто твој’та смела рака, ликот да ти гледам што го бура слеа твоите очи грижни што ко сонце греат, и да шепнам долго и да шепнам нежно оти наш’та пролет, под пластои снежни нема да ги свие своите млади крила, а ќе биде утре поцветна и мила! Почуј, друже Тито, – наш соколе вишен, почуј како земја в топла љубов дише и на нејни гради нова младост расне, – како цвеќе нежна и ко зора јасна! Во Маврово, каде бригадите млади со грохотен екот тешки крампој спуштат, во Железник каде нов титан се гради … И каде не само, и каде не уште! О, радост ме силна о, радост ме крилна ко пролетен дождец милува и роси, – денес сета земја како човек еден во мисли те гушка, во срце те носи! Денес, друже Тито, јас ти песна праќам песна што ја пеат моите родни браќа, песна – силна верба, песна што не снажи! За љубовта наша делата ќе кажат! ВО ГРАДОТ НА ОРЦЕТА Сред мрачна бусија скриен, ко крвник в дивјачка ера, Ти биеш во нашата пролет и сипаш отров и пелин. Но слушај! Оваа земја – родена в памена вера, не ќе ја залијат в крви твоите отровни стрели! Ти в мрачна бусија дебнеш и коваш завера тешка. Но, твој’та усмивка змијска в пакоста ликува рано. На бури, секакво време, свикнале нашите плешки, – низ пепел оваа земја пркосно израсна в планот Јас градам во градот на Орце, со мене чекори Цветан, со мене чекорат в стројот илјади калени борци. Нив не ги прегази вчера тешката железна пета, – тие ја сретнаа смело, без страв ја разбија в бојот! Од тогаш не мина многу, пет само минаа лета, за тоа – запиши сметај! – До својата триеста година, не видов дом ни родина! И раснев в неволја горка, без парче леб – ко в туѓина, без тврда ражена корка. А погледај, денес – во фабрика нова, во фабрика светла, широка и чиста, не жолтици гради испиени роват, а в неа се леат и радост и смеа, – во победен јуриш иднината листа! Плискаат белини – наши виделини – над градој, заводи, целини. А мене ми мило и драго и леко, мислам – дека в срце го стоплувам векот. Та, зошто да кријам, јас добро се бијам, – само в една смена девет норми вадам, и сé уште, чинам потаму ќе минам, и повеќе многу ќе можам да дадам. Да, повеќе многу јас можам да дадам, за тоа што градам за – себе, за – нас, за нашата скапо освоена власт, за тоа што тука – в крај убав и цветен, на брегот, кај Вардар до градина тече, се игра со сонце од утро до вечер и моето ведро и безгрижно дете! А в мрачна бусија скриен, со темно крваво лико, ти жртви притаен чекаш.. Но, нека! В сурова војна ние не чекавме ничкум да светнат вашите штикој! Оваа бунтовна земја – на нови денови весник, од смрт ја кренавме сами, сами ја коваме в песни! Ти сипаш отров и пелин, а тука заводи никнат, се крева армија бојна, армија – пркосни творци, да листа огнена младост и вечно животот блика, да стане градина – пролет градот на Цветан и Орце! ЗА ПРУГАТА НАША Ноќ расплела в гора посребрени коси, в логорите бела месечина роси, сал Криваја брза лем – огнови пали – раздробуе браној в изострени скали, и Босанка млада, од Сеона вила, со прснати мисли на ветрови крила потопуе срце во споменот страден, – за првата љубов, – за јунакот Младен: Ој, Кривајо брза, крај твоите води едно ледно зимо мајка чедо роди, и в љубов го стопли и радост му сплете и милно го лулна својто прво дете. Но потече живот – ѕвер свиреп и гладен, крај стадото детство не запомна Младен, и подпрена мајка в град тргна да проси со есена слана в окапани коси. Поминаа многу бичуени лета, и гладното детство со садбата клета, пак забеснеа ветрој и смрзнаа води крај кои се Младен во зимото роди… *** Над Сеона лице ноќ рошаво згрчи, и засветка очи ко крвави срчи, се заврза стршна невидена битка, и другари многу смрт бездушно свитка, поцрвене снегот од раните пресни и настана колеж по кланците тесни, а јунакот Младен со забите скрца, и пламнаа борци кој каде се згоди, и шеесет млади распалени срца в миг, Криваjо, беа во твоите води … А утрото кога расплакано стигна, и крвава магла над браној се дигна, и исплашен денот несигурно стапна, – над мртвите борци солнце солзи капна… *** Ој, Кривајо брза, крај твоите води пак дивовска битка в пот денес се води, О, заплискај, реко, – радост нека шуми, и нареди песна со бисерни думи за земјата родна што огнови пали, и младоста нејна што в трудот се кали, за пругата наша што брегови кине и возот кој утре крај тебе ќе мине… И во таа песна чудна како мома о, спомни го Младен кој не стигна дома и спомни ја твојта страшна зимна битка, кај развихрен сокол со забите скрца, но бездушно смрт го приграби и свитка со шеесте млади распалени срца! ПРВИ СЛОВА Ден – галебов врсник, првна крила леки и растресе зраци ко пердувки меки, а Албанец смаен, поглед в писмо скова и светна од радост за првите слова: „Сестро моја, – булко рана, ластавице начекана, прво писмо јас ти праќам со светлина пламенова, – прво писмо, први слова! Каква радост, – радост жива, пролет вечно миризлива – на пругата денес сетив! Солнце, сестро, рубин точи – Прогледнаа мојте очи: Ти ме помниш… земја ринев, и на туѓи ниви гинев, каде една вечер гробна стара мајка в болест вивна, и ноќ злобна в бура пливна. Ти ме помниш… снага виев, карпи, сестро, в солзи миев, што ни живот празен мине, што ни летна пекол-суша пече срце, пече душа. Но да дојдеш, сестро, тука, каде младост пупка пука со шест листа алем-ружа, и ко јаблан в небо расне, солнце свети и не гасне, Каде живо дело класи, – Македонци, Турци, Власи со Албанци, сестро, врват, – Никој веќе не страда дружно пејат, дружно градат. Кај ме зора ведра плисна кога рака молив стисна, и ме болка веднаш стегна, – како стии да не душат – оти прсти не ме слушат. Сестро моја, дали знаеш! ти во чудо ќе се смаеш да го видиш брат ти Кемал кој во слепост очна дремал и досега радост немал! Сестро моја булко рана, ластавице начекана, прво писмо јас ти праќам за дружбата пламенова, прво писмо, први слова! МИНЕРОТ Минерот Над орлови гнезда прелетуат ѕвезди, и светулка в лисје месечево иње, компресори грмат, – в рев планина дрмат, крај тунелот брза неспокојна Тиња. Сред светлина дремна во утроба земна младинецот – минер чук – завиткал – раце, во борби се славел, со карпи се здавел, под ударот прскат в гнев молњеви зраци. Не сеќава жега што пари и стега, не памети смена да стигнала друга, сал пластови срива и напред се впива, и секој час расне Младинската пруга. Под негова пила в куп земја се збила, со вжарено срце растопуе камен, и победи брои се врсници свои, – црвенее в ноќта расцутено знаме. Над секоа гора ќе огрее зора штом солнчева младост за подвиг се фати, ќе зашуми небо, ќе нарасне шебој, и темната полноќ ко ден се злати Ко ден ќе се злати! В ДЕНОВИТЕ ИДНИ Низ облаци бели солнчевите стрели го посипат в срма небесниот свод, шумолејат трепетливи ниви – разлиено море со запенет плод. *** Пука камен, земја гори, в пламен букнал селски плот, пржи, пече врело солнце, в бразди тече пламна пот, и ко сабја тенка, бритка, – со распејан шумен глас, меѓу жито срп се витка, – подрипнуе буен клас. *** Еј, зафати смело, друже… в раце срп си тенок свил, нека раснат деној-ружи кај што вчера коров бил, еј, замавни смело, друже, удри сега цврсто сам, туѓин веќе не ги страши, – жетвите ќе бидат наши, в жетвениот фркни плам, еј, нека се земја стресе, нека светне румен сјај, како тамо кај што младост снага кити в солнчев мај, каде грми, гори, бие и низ карпи и низ долој Младинската пруга вие! *** И далеку не е… комбајни ќе пеат по миризни ниви запенети в плод, и огнена радост ко гроздоj ќе зрее под нашиот ширeн орлокрилен свод. А нашиот народ в деновите идни ќе извиши в небо, недогледен раст, ќе зареди дела ко в приказни свидни со своите раце и својата власт! БОРБА Уши ми бучат, бучат и глунат грло ме стега – суши го сушат, како у котел крвта ми врие и сет играам и сет треперам, а срце лудо у гради бие и пот ме лие и бес ме фаќа – На борба вие, поробени браќа, На борба … или – ќе се померам, ќе штукнам, море, од пуста мака, и не ќе можам да се соберам, не ќе си дојдам веќе при себе, не ќе да трчам и се катерам, по тиа гори китни високи, не ќе да викам песни бунтовни, за крв, слободи, рани длабоки, клчки ќе блуам, лека ќе тлеам, за младост бујна срце ќе плаќа а ја ќе мреам! Никога нема ја да запеам, никога нема гради да згреам, никога нема моата рака, да фане верна пушка ајдушка! … Како у котел крвта ми врие и сет играам и сет треперам, а срце лудо у гради бие и пот ме лие и бес ме фаќа – На борба вие, поробени браќа! Ја да фркам, горам од лута борба, не стои глава веќе у торба, не гледат очи срамови тешки, не носат зулум свиени. Ја сакам да бидам, Ја сакам да видам, крв, кокали, глави, раскинати црева, тамо дека вечно грмеж одзева, дека прскат бумби, картешници ржат, тамо-дека како снопја покосени паѓат мојте браќа-мили, усминати у крв потопени … Сал тоа да видам, сал тамо да бидам, сред арсланска борба, знаме да развиам, бунтовничка песна да викнам, запеам, и после да паднам од куршум пронизан, за да заживеам… КАРПОШ Безумен Козјак истрпнал снага, бујна му Китка смрштила чело, в рамнини пиштат ветрои ледни и грч го грчи Биљача село. Бесните вие планински бури, плачите мртви рамнини бели, извивај клетви народ поробен – денес се јунак од тебе дели! Кој не го знае Карпош војвода, кој не е слушал песни за него – бучна му Пчиња приказни шуми, бунтовник – Козјак спомени чува! Арслан му сковал карпена снага, и ножој сторил от раци голи, орел му горски изострил очи, народ го прибрал в своите поли. Пламен е Карпош – век го не држи, дружина води – врагој решети, по гори, поља – на сите страни, бој крвав бие и народ свети! Кој не го знае Карпош војвода, кој не е слушал песни за него – бучна му Пчиња приказни шуми бунтовник Козјак спомени чува! БОРБАТА НА ДРЕНАК Студени магли над брда тежат, и пече зимо – крвава рана, трепет и ужас на душа лежат, и трпне село в утрина слана. Ни глас да пуштат кучиња лоши, сал мажја, жени низ долот бегат и пискат деца в нивните раци, Дренак се гуши – Дренак се души – железни клешти обрач го стегат! Збрани – од сите страни, сурови и диви, напаѓат – Дражиновите банди на младите Македонски партизани, од Први Кумановски батаљон! И цел ден пукот врие, и цел ден бој се бие, и ечат долови, брда, а партизаните млади со пушка во рака тврда се борат гради со гради; и песна сложна, смела, како лавина врела, се разли од брег до брег, преку градови, села – низ ширна земја цела најави на цел свет – со каква титанска сила – и каков ураган, за својата земја мила, се бори партизан … И мрак се спушта и ноќ се гроби, а в боен ред, со орлов поглед, стиснати заби и срце кое в гради не стои извика Карпош – млад командант: – На јуриш верни другари мои, па како стрела и како зрак, – прв јурна напред в вечерен мрак! По него како планинска река, со челик-гради, срца разиграни јурнаа напред со сили млади смелите македонски партизани. и… Ураган страшен се дигна – згрмеа машингевери, свират куршуми врели, а преко долови, вади, камења огради, скали, низ дим и праф, без страф јуришат борците млади, како тигрои рипат и сипат оловни зрна Врз таја неман црна – Дражиновите банди! И… обрачот пукна … Замират морни машингевери. Пушките глунат. Поштукната ноќта уплашено гази. Трпни и мрее Раскрвавен крај. И штама цари. А над мртвите другари сто дваесет, срца со бол се наливат, сто дваесет тупаници со гнев се свиват, за борба, немилосрдна борба, борба до крај. ПРЕТСМРТНО ПИСМО НА ЕДЕН ПАРТИЗАН Куршум ме, мајко, погоди, погоди – гради пронижа, очи ми гаснат, темнеат, глава ми сред расцвет – сили дренови, сред виа борби народни, и овој огин разгорен, разгорен, мајко, распламнет противу тиа душмани, фашиски гнасни кучиња. Не знам, о мајко, син сум ти, тешко е, мајко, жално е сокол да чуваш на раци и сега да го изгубеш, јунак да имаш бестрашен и сега да го однемаш; ја знам – ќе плачеш по мене, ќe poниш слзи крвави, ќе питаш, ќе распрашуваш секаде каде достасаш: „Кажите, браќа, кажите, жив ли е син ми, жив ли е арсланот силен, војвода на „Гоце Делчев“ одредот? … Ја, мајко, в гроб ќе изгниам далеку тука в планина пронижан, мајко, прострелан от лути куршум фашиски. Ја знам – ќе плачеш по мене, но чуј ме, мајко, почуј ме, арно ме, мајко, ислушај, ислушај и сѐ запомни: напразно несум загинал, та да ме секој забрави, нити сум паднал издајник та да ме секој исплука, Исплука – злобно продума: „Куче бил – нека црвјоса,“ туку сум, мајко, загинал, за тиа златни слободи, за тиа свети правдини, за кој, ле мајко, гинеа нашите славни дедои, нашите мили татковци, за кој ле, славно гинеме и ниа – нивни синои! Не плачи, мајко, затрај се, не жали, мајко, по мене, избриши слзи крвави, раскини црна шамиа, ураци знаме прифани, на рамо пушка нарами, на борба права кинисаи, за правда и за слобода за нашта земја убава, и мојта, мајко, освета! … Еј, чуј ме, мајко, почуј ме, од тебе нема по – среќна, на ваа земја пламната: кој ќе те види, погледне, на мене ќе ти завиди, и ќе си рече, продума: „Блазе на тиа, блазе им, што раѓат такви синои, синои – горски арслани!” ПРОБИШТИП Ноќта е грозна, ноќта е страшна, фуртуна бесни, ветрови вијат, над снежни висој луњи се гонат и долој в себе ужаси криат. Ноќта е бурна, ноќта е ледна, разјарен вихор сè живо коси, ни волк да вијне – ни глас да гласи, сал див-колона в ноќ се носи… Јуначки борци в луњи се борат, и напред врват низ студот крвав – капнати и гладни смрзнати, и боси. Во темна полноќ Пробиштип мрее, потаен оган в гради му тлее… И веднаш… од тука… таму, низ дол и грм, по венец стрм, со огнен плам во огнени гради, се сјури лавината млада на Третата бригада врз рудничките згради. И грмеж страшен расцепи мрак. Сред вриеж Доне разиграл срце, во бојот рипнал од сите прв, по него скакат арслани-борци, за народ спремни да леат крв. И бумби трескат, аутомати сипат, земја се тресе, воздух се цепи и буктат в пламен крепосни згради, фашисти мрзнат крв им се лади – храбрите борци в соби им рипат! Наеднаш зрно куршумно свирна, Доне се сруши, снага му папса, стрчаа бргу другари верни Доне се стресе, размрда раце и громко рече: – Остајте, крвта нека ми тече… на јуриш, напред, Карпош да се свети! И в страшен бес фркнаа в оган борците млади, а бумби трескат, аутомати сипат, земја се тресе, воздух се цепи и буктат в пламен крепосни згради, фашисти мрзнат, – крв им се лади – храбрите борци в’ соби им рипат! * Во смртен ужас ноќта гасне, и димат рани од забит нож, над мртви дивој ден крвав расне и исток роси аловен дош. А секој пат в ноќ бурна, ледна и пеизаж сив, на могила една крај Пробиштип, се дига Доне ко таен див, и минат борци сврстени в чети, и глас му грми ко борбен зов: – Остајте, крвта нека ми тече… На јуриш, напред, Карпош да се свети! СОН Пред мене труп… зад мене труп, крај мојте нози се грчи брат и крв му плиска од пресечен врат, а напред там – смачкани куп – сè труп врз труп! Над мојта глава се цери смрт и пишти зрно у мојте уши, а гнев ме души и вриам в јад Од лута борба ќе штукнам млад! Негден од там, сред огин сам, со страшен глас И секој рипа и секој скака и бумби граба со машка рака, секој забрава на бол и страв, и секој сака – на чело – прв, да лее крв!… Ранет и здрав, грбав и прав, сакат, измачен, дрипав, бос, без очи, уши, или нос, со едно срце и еден ум – со гордост чека на куршум! Не знаем што е – млад или стар – секој се бори со еден жар, и клање бесни и ужас цари и паѓат мојте мили другари! А сред нив – ја стoам див – развевам знаме на ветер лек, а срце младо бие на штрек: ја знам – ќe станам пепел сред. Ете го близу, – Он се здал, му маам рака безумно лудо, му маам, маам, маам, бескрај, бескрај му маам! A Он – сјаен како Аполон, jaвajќи на својот ат гордо минава по Новиот Пат! И пак од радос м’ облива пот, и гори чело и лице се жари – за чекор само, за педа сал, – ете Го близу – Он стигнал, му стискам рака безумно, лудо, му стискам, стискам, стискам, бескрај, бескрај му стискам, И пак крикнуам облиен в пот: – Здравје живот! и се срушуам од зрно врело крај ладните нози на мојте другари! КРАТОВО Вечер е тиха, дремлива, нечујно гора шумоли, месец сред гранки сонуе звездите солзат на небо, а рана пролет пргава, разкрила убос моминска – снага и – шума борова, очи и – бистри кладенци, лице и – пупка трендафил, а коси – трава зелена. Еј море, радос голема, партизан в’ пролет да бидеш, кога се шума разлисти и зажуборат извори, еј море, срекја бескрајна в пролет низ гора да одиш, грлото да го извиеш, песни да пееш бунтовни и врагот да го прогониш!… Вечер е тиха, дремлива, нечујно гора шумоли, месец сред гранки сонува, и звезди солзат на небо. Не оди долга колона, не гази снага моминска, на својте крила прнати, вила ги носи планинска! 2. Мртво е време, улици спиат, воздухот над град олово тежи, сред глуви ридој, сред карпи неми Кратово старо трпне, се ежи, врз игли лежи – потајно црвој гради му риат! Куките чмаат, кучиња траат, зора се кани рано да рани… И трзнут сал еден рафал, и втори … трети … и безброј пати … Зоврива пукот от сите страни, и долој ечат и врагот стине – сред чудо зине, и огин ригат аутомати! А долу – в град, со силен јад, се слива кo дaлгa дива победеносната и геројска македонска војска, во еден челичен ред со братскио Косовски одред! И мини грмат и градот трешти от темел летат државни згради, во дим се страшни улици прашни, и пламен лиже и небо жари! 3. А там крај школо цементно, от бели мугри утрини до вечер бој се заврза: от вонка, бие напагја јуначка војска Титова, од натре, в’ очај паднала се брани војска фашиска. Куршуми зидој решетат, в’ избите бумби трескаат, војската штука, улавеј – спремна е да се предава, офицер – куче фашиско со очи светка – не дава. Титовци тогај рипнаа, гламји во соби фрлиа, школото букна, распламте, пол-комот почна да збори: „Почујте бракја Бугари, Бугари – наши другари, зошто ле, крв да лееме за фашиските есапи, ете ве огин зафакјa, пламен ви лиже над глава, за кого в’ него горите, за кого живот давате? Жени ве чекат катаден, деца ви плачат пред порти, а виа тука в тугјина, за кого млади гинете?! Фрлите пушки, патрони, при нас, си бракја дојдите, ко свои ке ве примеме во наште редој народни, и дружно бој ке водиме, заедно ке ги гониме, тие фашиски изроди!“ Полкомот молкна, затраа. Времето стана оптегнат лук. Ни звук. Но сал за миг – и… школото шумно зашуме, војска од натре нагрна и в’ смртен страф се предава, сите ти раци бацуват. сите те силно прегрнјат, и плачат и пеат и се смеат – безумни, срекјни, диви: – Простите бракја, другари простите не сме криви! Вечер се спушта сонлива, звезди пак солзат на небо, а в’ старио град батаљон „Левски“ стресне веке. Сто нови дивој сто нови штукој на братскио бугарски род, го цепит небеснио свод! ОДРЕДОТ „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“ ИЗДАДЕН Зошто се гора потресе потресе, дури откорна, зошто се сонце затемни сред бел ден и сред пладнина, зошто ми робји вриснаа, вриснаа – заби стиснаа, сред таа земја робинка! сред нашта Македонија? Какво се чудо догоди, каква не стрела прострела, прострела – срце погоди? станите браќа рипните, со мили сестри заедно, станите – веќе не спите здружите сили наедно, станите, зар не гледате душман ве живи раскинал, раскинал – крв ви исмукал. Станите браќа, рипните, со мили сестри заедно, и како змиа ранета, удрите сили на едно врз вашите клети душмани – фашисти црни погани, со една мисла – освета. Там, браќа, в гора зелена, сред младос – китна дренова Ванчо – млад јунак загина, сред својта верна дружина, сред свој одред јуначки, од бесен шпиун предаден – фашиско куче погано. Се здале бесни кучиња, одредот да го опколат, опколат и го уништат, одредот – полн со јунаци за народ на смрт готови, решени крв да пролеат. Таман до него стигнаа, изрипа Ванчо војвода, растресе снага бунтовна, размрда раци жилави, засветна очи пламени, и на другари извика: „Удрите верни другари, у тиа страшни душмани, удрите нека разберат каква е сила народна удрите, не се жалите! Ако ли некој загине, без жалба нека издине, народот ќе му заблази, песни ќе пее за него, колена ќе го споминат, на веки он ќе живее…” Викна и рипна сред огин… Наеднаж гора истрпна, наеднаж снце спепели, спепели – сето истина, фашиски куршум просвире, со страшна сила арсланска, Ванчо се јунак зарина во црна земја робинка, јуначка крв го попрска, бујни се гради извија, земја го прибра, пречека у своита вечна прегратка… Станите браќа, рипните со мили сестри заедно, станите, веќе не спите, удрите сили наедно, врз ваште клети душмани, со една мисла – освета за сите нивни злочини, за Ванчо арслан не виден и одредот му јуначки од бесен шпиун предаден – фашиско куче погано. Станите браќа, рипните заедно рамо до рамо еднашка крај да туриме на тиа клети фашисти, слобода да донесеме на нашта мајка робинка — на нашта Македонија… ЉУБОВ Очи ти сакам, молња да режат, кипнати гради оган да горат, врели ти усни жар да се сторат, под твоите раце под твојата сила, врагој да мрзнат и да се ежат другарко моја, другарко мила! Не за љубовни песни ти пеам, не за вечери неспани тлеам, оваа песна за бунт ти збори, во неа крвта моја гори! Таму – кај пламен народен пламти, и пушки грмат и долој ечат, Таму – кај борци за зори јасни за живот во смрт без жалба минат, – другарко, таму љубовта расне! Сред тие бури, в планини сури, другарко моја, другарко златна, прва да идеш, прва да бидеш, а ако куршум младост ти зграби, немој да тажиш, немој да жалиш – огнени очи не ќе ти свенат – илјади срца со жар ќе палиш, илјади борци во борба ќе кренат. Очи ти сакам, молња да режат, кипнати гради оган да горат, врели ти усни жар да се сторат, под твоите раце под твојата сила, врагој да мрзнат и да се ежат – другарко моја другарко мила!