Успение на Пресвета Богородица. Крани

Наслов

Успение на Пресвета Богородица. Крани

Опис

Се вбројува во редот на помалите трикорабни храмови какви што се најмногу се граделе во 19 век. Според сочуваниот натпис, врежан врз еден камен од јужниот ѕид, објектот е изграден во 1865 година. Подоцна кон втората четвртина на 20 век, изгледа дека врз него се направени опсежни преправки, при што се отворени неколкуте прозорци на јужната и северната фасада. Веројатно дека тогаш е извршено и малтерисувањето на фасадите. Денес стариот опус на ѕидање од обработен камен, може да се забележи само уште на апсидалната конха, која единствено остана немалтерисана. Во најново време од западната страна на храмот е прилепена новата камбанарија. Во внатрешноста на храмот може да се влезе од јужната и западната страна. Наосот од западната страна е издвоен од нартексот со ниска преграда а од олтарскиот простор со иконостас оформен од два реда на икони. Над нартексот на запад се протега горната галерија на спратот.
Поголемиот дел од ѕидните површини во внатрешноста се премалтерисани. Фрагменти од стариот живопис насликан во 19 век, се сочувани на северниот ѕид од наосот, веднаш покрај иконостасот. Нешто повеќе ѕидно сликарство има во олтарскиот простор. Во горниот дел на апсидата вообичаено е претставена св. Богородица а во долната зона архијереите св. Василиј Велики и св. Јован Златоуст, предводени од архангелите Михаил и Гаврил. Во малата ниша од протезисот е насликано доподпојасјето на мртвиот Христос а во нишата од ѓакониконот е претставата на првомаченикот и ѓакон св. Стефан. Не ни се познати авторите на ова сликарство.
Според испишаните години на иконите поставени на иконостасот, тие се работени во 1938 година. Во црквата постојат и неколку икони кои според своите стилско-уметнички содржини можат да се сместат во иконописот создаван во втората половина на 19 век. Во непосредната близина на селото Крани, локалното население изградило уште две помали цркви. Од почетокот на 20 век, поконкретно од 1925 гидина датирана е црквата Св. Никола а пак за малата еднокорабна црква посветена на Св. Илија немаме податоци кога е направена. Најверојатно е дека и таа е обновена на темелите од постаро култно место, во почетокот на 20 век.

Тип

храм

Просторно покривање

Крани

Цитирање

“Успение на Пресвета Богородица. Крани,” Преспа, пристапено на 25 ноември 2024 г., https://pelister.org/Omeka/items/show/177.

Листа со можни излезни формати

Геолоцирање

Социјални обележувачи