Како се родила чумата

How the plague was born

Пред да имало чума на земјава, си бил еден цар на една земја кај што било се лето, преку девет мориња. Тој цар бил најпоганиот на векот, триста лошотии праел на рајата своја; од што ќе му текнело, тоа ќе сторел. Hajroлемото зло што го имал било што која жена да видел, се ќе ја обесчестел; дури за страмота е чоек да кажит како и бесчестуал.

Имала една сиромашка жена една ќерка. Како жената, така и ќерката биле многу предаени на бога. Еден ден ја видел царот жената, кај си одела в црква, заедно со ќерка си, и пратил луѓе да му ја донесат девојката од сиромашката жена при него, за да ја всили. Отишле луѓето царски и ја зеле девојката од сиромашката жена, таму ја донесле при царот. Едно ја донесле при царот, и повтил да ја всилуат, арно ама девојчето бидејќи било од мерата надвор 'рзелиа, никако не му се предавало. Откоа видел бесчеснио цар, оти девојчето умирало и не се предавало, го предал на големи маки да го мачат, дури да го кандисат да се предаит на царското сакање или да умри. Најпосле беше умрело девојчето од маки и не беше се предало. Арно, туку проклетио цар, откоа беше умрело девојчето, беше го всилил, шу на негоото да биди, и го затворил девојчето умрено во некој подрум, чунки во тие саати беше му се отворил некој бој од некој друг цар и собрал војската што имал сета, та отрчал тамо на војна. Арно ама, од лошотијата негоа ич господ не му помогна, ами војската сета беше му се истепала и полујната од земјата беше му ја зеле.

На деветте месеци се вратил во столнината, застрамен како никој нигде. При се што толку зло беше го нашло, пак од лошотиите не се остаал. Од негоиот лошотил'к беше се опојале полујната од рајата негоа. Беше му текнало еден ден за девојчето, што беше го всилил умрено и беше го затворил во подрумот, да појди да го видит. Влегол во подрумот, и коа го гледат девојчето - ич нерасипано, си лежало спружено како да спие; само во срцето било подуено, и нешто како живо је мрднуало. Позастанал да гледат, што ќе и бидит на девојчето во срцето што је мрдат, и најпосле од што је пизмел, ја удрил со клоца што да можи во срцето, и веднаш беше се родила чумата од девојката умрена и беше застанала на нозе просто и му рекла на царот:

- Од поган татко сум се зачнала и од умрена мајка родена, за тоа кого ќе видам, ќе го испоганам кај скришиите места и ќе го умрам. Тебе те видов за првпат, татко, и тебе ќе те испоганам, за веднаш да умриш, за што си сторил - да најдиш.

Тоа проговорила чумата и беше го испоганила царот, татка је, та на часот беше умрел. Откоа го отепало татка је, си излегла од подрумо и кого ќе видела пред себе, ќе го испоганела и ќе го удрела, та ќе го умрела. Во тоа време ја гледале чумата јавно и дури ја научиа, ич од пред неа не је се истаале, тиќи многу со лесно си 'и тепала луѓето. Тепала, тепала, дури сите погани луѓе 'и истепала и откоа беа останале чесните, си прешла во друга земја и тамо потепала. Зер така било повела божја, што ја прошетала сета земја и 6иела чумата луѓе: мажи и жени на ден по многу стотници, дури и илјадници, за да викат луѓето: „Себеп-онан бог џан'на, на тој што се стори себеп и се роди чумата!“

Ете, што рекле стари: „Еден чини, илјада тегнет!“.

Во времето тогашно коа беше биела силно чумата, дури му стоеле пред неа луѓето, стоело; откоа беа виделе, оти сите ќе 'и сотрит, трештиле да бегаат по планиње, по долиње, за да се кријат од неа, арно ама чумата и тамо и наоѓавала лошите и избивала. Се преправала на жена, на мачка, на јаре и друго.

Кирил Пенушлиски. Македонски еротски приказни
Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org