Попо што ја заклучуаше попадијата дома

The priest who locked up his wife at home

Си имал еден пoп една многу лична попадија; секое излегуање попо да оит в црква, али на друго место по работа, ќе ја заклучеше попадијата в куќи, да не излегуат од куќи надвор, да не нешто ја видат светот и помислат лошо за неа.

Денеска, утре, поминало многу време што ја затворал попо попадијата. Сирота попадија се чудела што ја нашло да живеит апсаана, заклучена дома, да не можит да излезит од куќи надвор да се види и разгоори со некоја жена. Му рекла еднаш на попо:

- Море попе, попе, јас туку седам и се чудам со тебе, со ова што ми праиш, задека ме држиш заклучена мене во куќава како во некоја апсаана. Што кабает сум ти сторила? Те мола, жити венецо што го имаш, ако не ми кажиш?

- Како да не те заклучуам, мори пападие - и рекол попо - кога си најлична од сите жени во градов?

- Ами ако сум била лична, бре попе во апсаана да бидам заклучена ич бидуат? Кој маж како тебе си ја заклучуат жената? Лели и јас сум душа сакам да излезам по надвор, да појдам до црква, како што одат сите жени; да се поразгоарам со другачките мој што сум имала, а пак ако мислиш ти оти со заклучуањето твое што ме заклучуаш да ме дочуаш од некое лошо што да сакам да го праам, тоа крени си го од умот, оти и овде кај што сум заклучена, можам да ти сторам што е најсрамно и да не моиш да ме сетиш. Тако ми таткоа душа, попе, да сторам ниет, те праам што пустина да ватиш, вака да знаиш. Гледај дури ти велам јас евала, да откога ќе речам иљља- ла, бељата ќе си ја најдиш! - му рече попадијата и го остаи.

- Ејди, мори попадие, зер со тие зборон сакаш да ме кандисаш да не те заклучуам и да те пуштам ајмана да шеташ како пусто гоедо; дури стој глава на рамена, јас нема да те пуштам да шеташ по сокаци, за кој да те види, се да те окара дека си ми убаа.

- Море попе, што се праиш будала: дека ќе ме виделе светот и после ќе ме окарале, ами дека ќе ме карале, да што можат да ми сторат? Кога сум препашана со унечка, кога сум си јас чесна, од никого страв ќе немам од светот, чунки полни очи ќе имаат - и празни раце; да ела дојди си на паметта, не заклучај ме, оти пишман ќе бидиш - му рекла и заќутала.

- Пишман, не пишман, јас ќе те заклучуам попадие, и друго ништо - му рекол попот со будалскио си ум што имал.

Попадијата бидејќум итра беше, скројала еден тертип за да се премажи и - друго чаре не бидуало. Имало еден маж од брго време вдоец останат, а пак тој маж, кога бил ерген, ја сакал попадијата кога била чупа да ја земи за невеста, арно ама татко е од попадијата бил пеан чоек, тиќи ќеф имал за попеан од него да ја мажит ќерка си и затоа беше ја дал да биди попадија. Мислејќи попадијата оти можи пак да ја сака да ја земи, пред се што била попадија и бидејќи е бил комшија, еден ѕид 'и делело со куќата, копала, копала ѕидот и отворила една дупка колку да можи да се воври за да излезит надвор, в куќи у комшијата. Земјата што ја копала, сета ја послала под ругузина без да се сети попот; на дупката кај што била си наредила перници и откоа се видела со комшијата попадијата, си се кандисале да се земат и со каков марифет - му кажала попадијата да напраит комшијата.

Една утрина зел комшијата едно јаболко поголемо и му ошол на попо. Му даде доброто утро, сторија здраво и живо и стана комшијата просто, симна капата, и му бакна раката на попо, посигнал в пазуа и го изваи јаболкото, та му го подаде на попо велејќи:

- Да ме повелиш, оче, вечер да дојдиш кај мене на вечера и да ме венчаш, оти ќе се преженуам за една вдојца.

- О, о, да имаш да повелаш, комши, да имаш да повелаш, аирлија, аирлија! Од кога се сврши? Од кај сврши невеста? Домаќинка ет некоја навидум? Али некоја расплетена?

- Не ет расплетена, аче свети - му рече комшијата - туку баш-домаќинка, а пак навидум, аче свети, нема уште една друга како неа; во лице, во снага, во очи, во веѓи, во годиње, цела ет како твојата попадија, Господ да ми ти ја и поживит и век со неа да си ќердосаш! Туку седам и се чудам, аче, како Господ ми наврте; колцина не ја сакаа да ја земат, и му се валеа на татка је дури да ја грабаат сосила задека беше толку убаа, арно ама ете мој к'смет бил. Ноќеска во ниедна доба си појдов и си ја зедов без да види некој чоек. Да те молам, аче, побрго дојди вечерва, да ме венчаш, дури не разбрале тие што сакаа да ја грабаат, оти ѓаолот ни арат, ни капат, да не надупит од грабачите некого и да ми дојдат, да ми ја грабнат. Да за тоа те молам, аче, еве напред ќе ми ти платам и натплатам вудве ако што ми ти чини, само и само побрrо и никому да не кажуаш. И знај оти сум зел вино од тоа што го милуаш ти.

Кога виде попа вудве плата и кога чу оти имал вино комшијата од тоа што го милуал тој и на вечера го канит, откога го испрати комшијата, рипна на нозе, грабна петравилот со требнико и ја заклучи попадијата в куќи и отиде у комшијата да го венчат.

Дури да појди попа кај комшијата дома, попадијата се испровре низ дупката што беше ја напраила во ѕидот за у комшијата, и беше застанала во еден ќош до катот, со рацете оспреди и да гувеи како млада невеста, да се страми.

Влегол попа в куќи и седнал на стол крај огон. Гледат тенџериња кај варат, со манџи за вечера. Му подал комшијата една чаша ракија, од најубаа и откако блаосоил попо невестата, ја кренал, та ја испил; во пиењето ракијата ја виде во ќоше невестата кај гувееше и веднаш се сетил и си рекол со умот сам со себе: „Море, оваа невеста попадијата ќе бидит моја, ја чекај да појдам дома да ја видам дали ет заклучена?“

Дури да појдит дома попо, попадијата се испроврела низ дупката и си седнала да си плете чорапи, како кога си отиде попо, ич како недоветена си плетела. Дошол попо и наѕрел низ пенџере да види дали ет тука попадијата.

„Еј шоана, каква работа ќе бидит оваа? Ене 'а попадијата в куќи кај си плети чорап; ее, не била таа, ја чекај да одам да го венчам коа е така“ - си рече попот сам со себе и појде кај комшијата да го венчат.

Попадијата пак се воврела и застанала во ќошот како напред. Дошол попо у комшијата, седнал на столот и ватил да си и се пули на новата вдојца. Туку седит и се чудит пусти поп, и пак да си велит со умот: „Море, оваа жена попадијата моја ет, и друго ништо; да го прашам комшијата? Не знам како да праам: да не ет, тики да се сторам за страмота, ја чекај да појдам уште еднаш до дома да видам попадијата дали ет дома“.

- Комши, јас ќе појдам до дома да ја земам другата книга, што се венчаат вдоец, оти оваа што ја зедов ет за ерген.

- Појди, оче - му рече комшијата - ама те молам побрrо дојди да се свршит оваа работа, да после да се курди саме на вечерата.

Отрчал попо дома и пак ја нашол попадијата кај си плети. Треќи пат пак така напраил и влегол в куќи при попадијата:

- Мори попадие - је рекол - туку седам и се чудам со вдојцата од комшијата што ја зел.

- Ами заошто се чудиш, попе? Зер малку вдојци си видел и си венчал, тики на од комшијата се чудиш?

- Мори, како да не се чудам, попадие, кога цела си ти, мори попадие - је рече попот - во алишта, снага, во се? Ја се убојав да не си ти, тики трипати сосе сега кај идам овде да те видам али си дома или не си.

- О, оф, попе, за страмота ќе се сториш, ако те сети комшијата! - му рекла попадијата. - Ами лели ти кажуаше комшијата од утрина, кога те кани, оти препеала како мене жената што ја зел. Зер едно брезо магаре има, бре попе, да ами колку брези магариња има на веков, да и жени што препсаат на лицето и на се. Трчи, попе, венчај го и гости му се, ако има послатка вечера и некое винце режоито, да не туку иди да ме гледаш мене, кога сум ти дома со два клуча заклучена.

Откога 'и чу тие зборои попот од попадијата, се увери на здраво оти не ет таа. Си зел некоја друга книга за да му кажи на комшијата, ѓоа за книгата отишол дома да ја земи, а не за друго нешто. Пошол и ја венчал; по венчанието попадијата си влегла во одаја и попо се курдисал да вечера. Му удрил комшијата лутата ракија, а после виното. Лаком бидејќим, попо се напил поеќе винце и се опил, како дрво се сторил. Зел комшијата, та му обрикол брадата, глаата, го напраил што да се чуди што го нашло, го променил со едни бели шајачни алишта, му клал еден ќулав на глаа, му врзал еден алов појас, му стегнале еден сиљав оспреди, му врзале едни опинци на нозете и го остаиле под трем да спиет, пијан како дрво и напраен на кумита.

Спал што спал пијан попо и во зората беше се разбуди, чунки учен бил секој ден да стануа во зора за да оди в црква. Рипнал од постела и без да се сети каков ет, отрчал кај чешмата во дворот да се измие образ и да оди в црква. Си изваил ќулаот од глаа и го остаил на ќутукот од чешмата, и начекал в рацете вода та си врлил на лицето да се измие образ, тргнал со рацете надолу за да ја измие брадата. Гледат во рацете брада не му влезе, уште еднаш тргнал, се најде без брада и без коса на глаата. „Бре, анас'н' - си рекол сам со себе - Јас имав брада синоќа и долга коса, ами оти сега да немам? Еј шоана, да не не сум јас попо?“ - Мислејќи во себе така попо, се опули во ќулавот, се виде во сето облекло; кога се виде со пиштоли за појас, на чудо беше станал. „Бре - си рекол во себеси - каква ќе биди оваа работа? Јас сум попо, али не сум? Цук, не ќе бидам јас попо, ха, ха, па? Ако да бев јас попо, камо ми брадата, косата, расата, калимавката? Ами овие пиштоливе кај се најдоа на појасов? Хаааа, кумита треба да сум, оти и ќулавкава еве 'а со алои шамии канде е преврзана! Така, така, кумита треба да сум! Ја чекај, тако ти бога, да појдам кај комшијава да го прашам да видам што ќе речи, али јас сум попо, али некој кумита сум.“

Во тоа време, комшијата со попадијата гледаа сеир низ пенџере попо што ќе праит. Дошол попо на врата и едно приклукал, дал вик комшијата:

- Луѓе, комшии, да видел господ, дали има жив чоек да ми дојди на помош, оти кумити арамии ни влегоа дома, ќе не пленат!

Кога чул попо тие викотници, „море бре - си рекол - навистина сум бил кумита“ и трештил низ порта да бега. Поодел по сокак и пак се вратил, та пошол кај својата порта и клукнал да му отвори попадијата. Едно чула попадијата портата, и дала вик по комшиите. Кога чул попо оти и попадијата вика по него, тогај веќе се уверил оти вистина ет кумита и трештил, та побегнал в планина и се здружил со друзи комити и тамо коски остаил.

Бес си бараше, два си најде.

Кирил Пенушлиски. Македонски еротски приказни
Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org