Женско лукарство
Си била една жена бесчестна и многу итра. Сеедно мажа си го лажела и го маткала за да не ја усети оти ојт по лош пат.
- Мажу, мажу - му велела и го прегрнуала - да што олку тебе те милуам! Од милое што имам на тебе, и на соно те сонуам; да ослепеам, и да оќореам, и два на едно да не клаам, ако те лажам!
- Е, мори жено - је рекол тој - а пак да знајш, јас колку те милуам тебе, кај што спијам, би ме гледала!
- Види, види, жити господ - му рекла таа - да и ти зер толку си ме милуал! Сполај ти, господи! За чудење со нас ќе бидит! Знајш, домаќине, заошто имаме двата ние толку голем милое? Венчанието не приимнало, зер тики од тоа толку се милуаме. Алаверс'н нека даеше господ и убаа Богороица, довек така да се милуаме и да си се сакаме, да кој како сака, нека речи за нас. Ние не треба да слушаме светот, чунки на арните луѓе свето му завидуат; ама не је вака, домаќине?
- Така је, домаќинко, да ми си жива и здрава и векоита! Ти гледај си ќевот; кој како сакат, нека си речит. Ние не треба да го слушаме, има да си се милуаме уште повелико од како што досега.
Што велаа стари оти мажите сет со крсто на чело, а жените со крсто на тило, та можат да си 'и лажат мажите. Така и оваа сестрица си го лажела и си го маткала мажа си со слатките зборои и си вршела лоши работи пред очите на мажа си; секое утро го скоривала порано и го испраќала на дуќан, та си прибирала друг маж. Една утрина, откоа беше си ошол мажот је на дуќан, беше си го забораил ќесето со пари, да чунки му потребале за да поврати на некој чоек, и трчаница се повратил дома за да си го земит ќесето и, едно дошол до врата, видел во постелата двајца. Веднаш се устрамил, та се акнал в гради и си отишол на дуќан. Седнал и ватил да се мислит и сам себе да си велит:
„А, проклета жена! А, Јуда Искариотска една! Да вакваа беше милоста твоја што ме прегрнуаше и ме целиваше со Јудино целивање? И што ми се колнеше и месата си јадеше оти од срце ме милуаше? Зер сето тоа било да ме маткаш и да ми клаваш перде на очите? Чекај, курво ниедна, вечер ќе ме видиш што маж сум: јас, jаc, ја ти, ја ти идам од акот, ја умирам!“
Така мислејќим, чоекот седел и дури не знаел кај седит. Жената му коа видела оти мажот је ја видел со друг маж во постелата, се усукала и ватила и таа да мисли како да се отима и како да велит. Во тоа време ете ти една стара баба, просјачка, је дошла кај жената да је сака за бога милостина.
- Мори убаа невесто, дај ми за бога едно парче леб, да си ми жива и да ми ти је жив домаќинот - му рекла бабата.
- Мори бабо, ја ој ми си со здравје, оти си имам големо гајле, да со блаосоот што ме блаошаваш да сум жива и домаќино да ми е жив, јас довечера ќе бидам жива, а домаќинот ќе си биди жив. За тоа оти така ќе си бидит заисто јас си го знам сама, тоа нејќум да ме блаошааш, а бабо! - је рекла жената нажалено.
- Уу, ќерко, ќерко, што зборуаш така? Да ет глуа земја! Плукни си в пазуа; каил господ да не се сторит, ти да умриш сега уште млада и зелена - је рекла бабата. - Од моите дни тебе нека ти дајт господ; каил јас не се чинам, а не ти да ми умриш младич. Немој, ќерче, немој, душко, не зарекуј се сама себе, оти од тоа полошо немат!
- Мори бабо, мори мајко ! На моето гајле што го имам денеска, ќешќе да се заречев и да умрев на местово кај што стојам, одошто да сум жива да вечер и да ме отепа маж ...
- Како, како, ќерко? Ја доречи го зборот! Дали мажот ти нешто ќе те тепа? Ја кажи је на баба за да ми ти забаит и да ме видиш што мајстор сум!
Вамо-тамо, бабата со уште многу зборои што је рекла, је кандисала да и кажит што ал имала.
- Еве што ал имам јас - и рекла жената - јас си имам еден љубовник, а мажот ми ич досега не ме знаеше оти сум таква, оти го маткав, го лажев со ѓаолштина. Арно ама, што се рекол еден збор: се што се праит скришно, на мегдан ќе излезит; и навистина мене ми излезе ова утро. Беше ми дошол љубовникот и мажот ми, не знам што беше го надупил ѓаолот, та се врати од дуќан по нешто зар да земит, чунки инаку тој никојпат дење дома ни си идеше, оти јас бев го курдисала и бев му велела да си оит порано на дуќан и да си седит везден на дуќан за да печалит сега на младос, за да имаме на старос. Така си го маткав и си го лажев. Арно, туку еве денеска ме изваде ѓаол на мегдан, до вечер треба мажот ми да ме отепа! Ете, тој ниет имат, бабице! А сега ти барај ми крајот, ако можиш!
- А, така кажи ми де, ќерко, да бабица крајот веднаш ќе ми ти го најдит! Само ти готви ми една кошулица да ме промениш и кажи ми сношти што вечеравте и која чаршија му је дуќанот од на мажа ти, кажи ми, та ќе видиш што мајстор сум!
- Уу, бабо, бабо, цутила ти уста! Ако ми сториш тоа добро, тутики манастир си напраила. Ем глеај ваму, бабице мила, не една кошула ќе ти даам ами две, две; ем обете од игла, уште неразгранети да бидат; ваков бошнак да ме знаиш мене. Не прашај бабо, што вечеравме; сношти вечеравме леб и грав, бабо; а дуќанот на мажа ми јет на ќошот во тесното сокаче!
- Таман, невевче, клај си шамијата настрана и готви кошулите: ама слушај вамо што ќе сториш кога ќе го видиш оти мажот ти идит од дуќан: - ќе истрчаш и ќе го пречекаш уште кај портата и ќе му велиш: за ошто носиш гостин, чоеку, кога вечера немаме? Тој ќе се чудит на тој збор што ќе му го речиш, и ќе речит оти „никаков човек јас не носам; кај глеаш чоек да носам“. После ти ќе речиш оти „грав дека вечерав, тики од тоа еднио двајца ми се гледа, море чоеку.“
Бабата, откоа ја научила така жената, беше пошла в чаршија, близу до дуќанот од мажа је, таму посакала милостиња:
- Дарујте, ме, бре браќа - му рекла - по една пара, за господи, ви се молам, оти сум сиромашка!
- Замини, замини сега, стара - му рекол мажот је на жената - господ нека ти дајт!
- Е да, вистина, господ ќе ми дајт, бре брате, туку и вие да ми дајте. Ете, двајца домаќини тука сте, да сте ми живи и да ви се живи домаќинките и што ви дал господ; ај, дарујте ме двајцата по една пара; што ќе бидит за вас? А мене ми се собираат две по две и ќе ми се сторат четири, та ќе си купам едно сомунче помеко за да јадам, оти си немам заби да јадам домашен леб.
- Мори бабо, али не ти се гледат оти нема овде двајца, што сакаш од двајца по една пара? На ти една пара јас, и ој ми си со здравје - је рекол чоекот.
- Бог да прости, брате, бог да прости, да ми ти је жива домаќинката! Ај, брате, и ти дај ми една пара - се свртила ѓоа кај другио чоек што го гледала в дуќан - ај да ми ти е жива домаќинката, што бидуа за една пара?
- Ама, бабо, не играј како некое дете; коа ти велам оти друг чоек од мене немат во дуќанов - је рекол чоекот.
- Оф, море брате, да и на друго место така ми рекоа; ама сега ми текнуат оти од пустиот грав што јадов сношти, ми се гледаат едниот двајца. Од тоа јет, брате, од тоа! Сега ми текнуат оти имат во годината неколку дни ваквие, што ако јадит чоек грав, да му се гледаат дента еднио чоек два; да од тоа и јас така гледам. Туку те молам да ми простиш што ти додевав, и седи ми со здравје - му рекла бабата и си отишла по работата.
Вечерта чоекот затворил дуќанот и си отишол дома налутен; думат, мислит што да и праит на жената си. Едно влегол в порта и таа беше го пречекала, спроти како што беше је нарачала бабата.
- Море чоеку, ами што ти текнало гостин што си повел со себе? Нели знаиш оти вечера немаме, а домаќине? Ти лели си сакал гостин да носиш, требаше да нарачаш за да приготвам вечера, а не така апансаз да го носиш.
- Каков гостин, мори никаквице? - је рекол налутено.
- Е, да што се лутиш, а домаќине? Страмота јет од гостинот.
- Каков гостин, мори? Кај глеаш гостин? Алајлем, ти се пресенуа нешто, како те rлеам јас! - је рекол мажот је.
- Дуу, домаќине, домаќине, да завистина ми се пресенуало! Зер од пустио грав што јадовме сношти, така ми се гледат еднио двајца! - рекла.
Кога чул тие зборои мажот, туку се претворил во мислите и је рекол на жената си:
- Оф, мори жено, оф, мори душко! Што ќе те земев на душа, ќе те отепав!
- Ами заошто, мили мој домаќине? Што кабает ти сторив? Кажи ми, жити мене!
- Море, сеа ќе ти кажам и грешката ќе си ја припознам; ама што вајде! Еве што, мори домаќинко: одутрина, кога дојдов да си го земам ќесето, те видов во постелата каде бевте двајца и многу се налутив и се сторив ниет да те отепам; ама господ ме чуал; и бог да прости на една баба што и та беше јала грав да је се гледаа еднио чоек двајца. Еве, и тебе така ти се виде, та од тоа ќе веруам оти и јас одутрина така те видов еднио двајца. Зер од пустио грав што јадовме сношти!
- Уу, домаќине, домаќине! Што грев голем ќе стореше и на душа ќе ме земеше; туку што ти велаат: ако ти јет јак ангелот, господ ќе те чуат; правината се танчит, ама не се кинит. Ама не јет вака, домаќине? Речи сега, да си ми жив и здрав и век со мене, верна домаќинка, си ќердосал?
- Така је, домаќинко, да си ми жива и да ми простиш што ќе ти згрешев!
- Простено и блаосоено да ми ти јет, домаќине, од мене и од убаа Богоројца од сега до веки века!
Еве вака го изматила итрата жена мажа си и си праела пак што си знаела.
Кирил Пенушлиски. Македонски еротски приказни