Видовитото дете
Во една селска куќа имало многу челад. Едно од децата било многу зборливо. Еден ден тоа дете рекло:
- Утре дедо ќе умре!
- Како, бре, ќе умре? - му се изнавикале родителите и детето си изело убав ќотек. Тоа се расплакало и пак повторило:
- Утре дедо ќе умре! Ќе видите, ќе умре. Јас го видов умрен.
Утредента дедото апансас умрел, а бил здрав. Домашните останале замаени, не знаеле што да речат. Дедото го закопале.
По некое време, година или две, детето па рекло:
- Баба вечерва ќе умре!
Детето па изело ќотек, ама не се откажувало:
- Не тепајте ме! Баба ќе умре вечерва. Ќе видите, ќе умре.
По вечерата на бабата и се слошило и таа умрела, како што беше рекло детето. Домашните спискале. Немало помош и утредента и бабата ја закопале покрај дедото. Сега веќе сите поверувале дека детето е видовито и дека вистина ја гледа смртта кога иде.
Поминале неколку години. Еден ден детето па се јавило и на глас плачело:
- Оф, леле, тате ќе умре утре!
Сега детето никој не го тепал. Сите плачеле и почнале да се подготвуваат за утрешниот ден. Кога се разденило во куќата се било приготвено за мртовецот. Таткото се простувал од жената, децата и роднините и ја чекал смртта. Арно ама, одеднаш се чул пискот од кај комшиите: умрел комшијата !
Ете, така видовитото дете ја извадило на мегдан работата.
Кирил Пенушлиски. Македонски еротски приказни