Пијаницата и неговата невеста
Си живееле маж и жена. Мажот многу бил мераклија да си пие, секоја вечер пијан дојди си дома. Еден ден на невестата му се досадило, си фатила љубовник. Ќе си дојдел мажот пијан, ќе го потиснела в кревет, клучот на вратата, си излегвала, одела кај пријатела. Денес така, утре така ... Дотогаш му викала на мажо, после почнала да го остава да пие. Тој си пие, оваа си тера мерако, никому нишчо! Еден ден чоекот си го клал прстот на глаата за ум: - „Зошто жената мене порано ми велеше оти пиеш, а сега нишчо не ми вели?“ Се препраил баеѓи пијан и си дошол дома.
- Мажу, ќе ручаме?
- Ке ручаме.
- Една ракија да не сакаш? Убава ракија купив.
- Ама тури!
Таја не да му тури обична ракија, ами му тури препечена, јака, од една да се врзе. Ама и тој курназ, успеал да ја тури во водата. Почнал да се витка, да се препраа џека е пијан. Ручале и се спружил в кревет. Ова го покрила, мракот фатил, плеталото под мишка, клучот на врата и си ојде кај љубовникот. Мажот коа побара, а нема. Стана, слезе и заклучи долу се. Едно време, кај дванајсет, еве таа кај иде. Тропа, заклучено. Тропа и се јавува на пенџерето тој:
- Кај беше досега, д'одиш и сега!
- Не бре, мажу, не бев нигде, во комшиите плетев.
- Не, д'ојш тамо!
Ова не може д'успее да влези, му вели:
- Јас ќе се врла в бунар, а тебе ќе те затворат и ќе се скапиш по затворите.
Ова зеде еден камен, го фрли во бунарот. Мажот мислејќи дека жената се фрли в бунар, слезе, отклучи, појди да види во бунарот. Ама ова влезе дома и го заклучи него надвор. Тој почна сега да вика:
- Отвори ми!
Почна да тропа. Ова спиште, спиште од пенџерето:
- Станвате, бре, комшии! Станвате, бре, овој пијаницава шо прај!
Комшиите го знаеа како пијаница, оти кавги крева, ѓурултии, крше. Почнаа да му викаа: неранимајко, бре таков, бре ваков ! Замина полицијата, го забра. Го сќинаа од ќотек. Се врати оттаму:
- Жено, немало шо: јас со пијачката, ти оди си кај љубовникот, па така ќе живееме.
И ден денес така си живеат. Таа кај љубовникот, овој со ракичката.
Кирил Пенушлиски. Македонски еротски приказни