Еднаш попот ви сомле брашно
Имало некоја млада невеста, бргу мажена. Момчето и било некоаш овчар, некоаш орач, не се вртело по дома. Во комшиите имале пак поп. И тој - попот - на сабајле кога излевал на бунаро да се мие очи, само се пулел кај невестата и правел: еее, еее, еее! и подвреснувал како прч.
А таа чим ќе го чуе попот така ќутечкум ќе си влези дома. Попот и досадувал неколку дена така на сабајле. И решила невестава еден дена да му кажи на момчето. И му кажува:
- Вака и вака, вој поп ми досаѓа, не можам да го трпа!
- Ами шчо ти прави?
- На сабајле ќе дој да се мие очи на бунаро и јас ако шетам по дворо, само ми вреснува.
- Е, како ти вреснува?
- Ами, ете, така ми вреснува: ќе излези да си мие очи и ќе се опули кај мене и ако се опулам јас натаму и тој прави еее, еее ... Така, прч се прај. И шчо да права од него?
- Утре, ко ќе ти вресни, ќе му вресниш и ти. И тој ако те праша, ти ќе му речиш: дојди вечер!
Добро, а таман другата ден испаднала невестата и нарочно се шета низ дворо за да испадни попо. И попот отишол на бунаро да се мие очи и вреснал на невестата. Таман тој вреснал еее, еее, и таа вреснала еее, еее, еее.
- Кога да дојдам, невесто?
- Дојди вечер. Мажот ми не бидува тука.
Е наредила работата. А мажот и невестата си имале воденица шчо меле брашно, ама со коњ, врзан. Го врти каменот и се мели брашно. Попот дошол вечерта.
- Добро вечер, невесто!
- Добро вечер! Иди работата, сето е готово: ја заклав гуска, кафе сварив, да вечераме и ќе спиеме.
- Добро, ами мажот не е тука?
- Не е, тој на пазар отиде.
По малку време, уште неиспиено кафето и не вечерани, тропна некој на вратата.
- Кој е тој?
- Ами, море да не е мажот ми, да се вратил од пазар!
- Ами шчо бива работава?
- Ами шчо ќе биди! Слушај, оди ти кај коњот тамо шчо врти. Поврти малце така мажот ми да не сети ние дури да вечераме. Поврти, трошка има царево тамо, некој кутел, ќе паѓа по некое зрно, ќе се мели. Поврти малце на камено, мажот ми ќе вечера, таман ќе си леrни и јас ќе дојда ќе те пушта. Друго чаре нема.
Се навати попо. Отиде невестата и му кладе амутите.
А го врза таму и влезе мажо.
- Еј, шчо прајиш?
- Ете, нишчо, седам. Еве, зготви вечера, те чекам да си дојш да вечераме.
- Е, добро! Ново нешчо, шчо има?
- Нема нишчо, се е арно. Седи, мажу.
И си седнал да се одмори човекот.
- Оној пусти коњ што нака полека оди? Ко ќе се сомеле она пуста царевка? Да не не го напој вода?
- Ами поен е, како не, го напоив.
- Го назоба?
- Го назобав, како не.
И па туа имаше едно пенџерче, викна одавде:
- Ди-и! стопанката! Да не доа таму, да одиш посилно малце, да а сомелиш царевката!
- Добро, добро, ќе оди тој - му вели невестата, ќе оди, уморен е, одамна мели.
И таа невестата кроце, кроце појде до пенџерето, му шепна:
- Врти побрзо, оти ќе дојди мажот ми, ќе те види оти си ти, ќе те заколи.
Попот кутри али врти, али врти, али трча, али трча, трча, трча ... Се умори, се спотна, течи вода. Е па, едно време си вечераа, се спремаа да си легнуваат. И си легна вој и она отиде:
- Слушај, попе, да те пушчам.
- Пушчи ме ...
- А бе, за онаа работа шчо беше дојден?
- Не, не, не, пушчи ме да си ода, та таа работа нека е ...
И кутриот поп го одврза невестата и си отиде дома.
И по некој ден ја праша мажот и:
- Ти вели сеа?
- Не - рече - не ми вели.
- Ај, пробај го да видиш дали ќе ти се одзвие попот.
И едно сабајле ваа испадна во дворот и го виде попот оти се мие очи на бунарот и му направи:
- Еее, еее, еее!
И попот и вели:
- Ааа, ааа, снемате брашно? Море, еднаш попот ви сомле брашно, ушче еднаш не мели!
Кирил Пенушлиски. Македонски еротски приказни