Сиромаиот со орлето

Еден сиромав чоек повтил за да оит на туѓина, на подалечна страна и, одејќи по патот, го смрачило; видел едно село и се вратил да преноќеват таму. Влегол в село и вратил да се распулуат амо-тамо за да го прашат некој чоек: што бара, што туку се распулуа низ село. За к'сметот негов, го догледал еден чоек од селото, што многу и м илуал јабанџиите, не за да им стори милое за да приберит јабанџија дома си, ами за да го отепа и да го плени, макар и еден грош да му најдел в ќесе. Таков лош чоек бил тој, што му излегол на си ромаиов на стреќа, та го прашал што туку разгледуа така низ село.

- Пријателе, разгледуам за да видам некој чоек од селово - мy рекол - набожен, да стори милос и да ме приберит вечерва дома, да преноќевам оти сум јабанџија.

- Тамам, пријателе! Ами јас тоа барав; чунки во селово понабожен не је чаре да можиш да најдиш од мене. Затоа повели дома ми да си ноќеваме.

Асли и тој (сиромаиот) тоа бараше, му пошол дома да преноќева. Вечерта го нагостил арно, убао, со секакви манџи, со ниет да го не сетит оти има во исла да го отепа ноќта. По вечерата после му послале во една одаја, набашка, да спиет. Сиромаиот, при се што бил сиромав, ама бил и итар; тој од очите го познал домаќинот оти јет лош чоек и сака да му сторит некоја превара. Откоа легнале домаќините, станал сиромаиот и зел едно теле што лежело до вратата од одајата, та го клал на негоото место и со усул си излегол од куќи надвор.

Некое време ноќта домаќинот станал и зел секирата, та божем го отепал кај што лежал. Арно ама него не го отепал, оти беше побегнал. Кога беше мавнал со секирата на телето, беше сторило: „беее“! Кога чул гласот од телето, беше се зачудил:

- Што бара во одајава телето?

- И кога запалил видело, гледат оти го немало сиромаиот.

- Ах - рекол - побегна, ми куртулиса!

Го грабнал телето и го исврлил од куќи надвор, го зел сиромаиот и го одрал телето, та си зел од месото колку што сакал и колку што можит да носит за попат, да му се најди за јадење. Ја зел кожата за да му се најдит, за да ја продајт негде, та да земит некоја пара, и си отишол по патот кај што му бил ниетот.

Одил, што одил ноќта и го разденило на една планина. Поодил до ручек и седнал на едно место, та запалил оган и испекол од месото телешко што го носеше и беше се наручал свински. Во таа планина беше имало многу орли и од миризбата беше долетале околу него едночудо орли:

- Ја, чекај - беше си рекол - да напраам еден маривет за да ватам некој да му оскубам перата и да и продаам во некој град, да спечалам некоја пара.

Изваил од торбата кожата од телето и си ја наметнал на плеќи, та легнал ничкум а под мишка се пулел и се траел. Постојал малце, и ватиле орлите да се прибираат околу сиромаиот, чунки му мирисало кожата на мрша. Ватиле да се вртат околу кожата; арно ама сеќавале оти имало нешто живо под кожата, да никому не му држало да се прибери до кожата и да појадит од неа. Се нашло едно орле малоо, полетарче и, бидејќи неучено уште да се страши од чоек, беше се пикнало близу до раката од чоекот. Посигнал сиромаиот и го чапнал за нога. Спискало орлето и од пискотницата негои сите орли изразлетале. Станал сиромаиот, си клал кожата и орлето в торба и си тргнал по пат да си патуат со надеж да го продајт орлето на некое дете за некоЈ грош и да си купит сомун леб. Одел, одел и втасал во едно село. Застанал сред село и се мислел кај да влези за да касне троа леб. Му текнало да праша од попо куќата каде је. Му кажал еден селанец за од попо куќата каде била. Пошол кај од попо куќата и дошол под тремот; се доближил до вратата за да клукни, чунки била затворена. Наѕрел од една глуждоа дупка внатре вкуќи и видел еден маж со попадијата кај си се милуале и се разгоарале.

Попадијата му велела:

- Слушај, мој мил побратим, денеска ќе месам еден мазник, една бела погача, една пржена кокошка, еден пагур ракија и една карта вино тригодишно. Кога ќе оиш на орање, прати го момокот твој да и земит и да ти и донесит за да си ручаш.

Откоа му нарачала со тие зборои, попадијата го испуштила да си оит од мала врата. Сиромаиот и чул тие зборои и и врзал во умот. После кљукнал на врата, и попадијата му отворила. Во истото време втасал и попот. Бидејќи попот кроток и набожен, беше го пречекал многу убао - ја натерал попадијата да зготви ручек, пријатела да го нагостит. Се засукала попадијата, прво напраила ручекот за милосникот и после за гостинот напраила ручек што-годе. Им ставила попадијата да ручаат попот и гостинот. Едно зајале, и сиромаиот рипнал, зел едно залче леб и пошол, та го наранил орлето. Седнал каснал, што каснал и пак пошол и го наранил орлето. Попа туку седи и се чуди со чоекот:

- Што туку стануаш да го раниш она пусто орле? Дали црвени јајца ќе ти неси? Дали што? Седи си тука раат, ручај си, не чини се како децана што ранат чавки!

- Дејди, оче свети, де! Да го знајш тоа орле што маривет и мат, ти би се чудел; туку не го знајш, да затоа така велиш!

- Братенце, оти не ми кажиш - му рекол попот - што маривет имат?

- Е, нели сакаш, оче свети, да го прашам шо маривет и мат, еве, да го донесам!

Го зел од торбата и го клал на колено, откоа му врзал крајот на обете крила да не му излетат и го прашал попатого:

- Сега, оче свети, ја ќе го прашам орлево да ми кажи што имаш во куќава скриено. Али сакаш да го прашам што имaт скриено во селово?

- Море, кој ги глеа, бре чоече, за село што има скриено; за село мене не ме боли глава. Мене ме боли за во куќава моја, да за светот јас гајле не берам.

- Арно велиш, попе; колку за тоа си имаш право - му рекол сиромаиот - чунки што се реќло една лакрдија: не гледај туѓи есапи, за да не гориш твој свети; да зато, еве ќе го прашам орлево за да ми кажи за вкуќи што има скриено. Ај, боже, поможи! Кажи, бре орле, што има скриено нешто во куќава?

Така му рекол на орлето сиромаиот и го дупнал орлето во газот силно. Од болештината к'рууу сторило орлето.

- Е, попе, дали разбра што кажуат орлево?

- Бре, братко, кај ќе можам да разберам јас орлето што кажуат? Тебе, ако ти дал господ таква дарба да разбираш, кажи, да ти од мене не чекај да ти кажам.

- Ете што кажуат, попе, орлево. Знајш? - имало еден мазник скриен.

- Бре, вистина, мори попадие, има? - ја прашал попот.

- Е, вистина, попе, има, сум го месила за вечер - рекла попадијата.

- Аман, братенце, прашај го пак, белким ќе кажи нешто друго - му рекол попот.

Пак сиромаиот го дупнал орлето, и орлето, од болештината, пак свикало: К'руу.

- Што кажа, бре рисјанине, орлето сега? - го прашал попот.

- Сега кажа, попе, орлево, ѓоа имало скриена во куќава една бела погача, една пржена кокошка, еден пагур ракија и една карта вино.

- Вистина, мори попадие, имало таква работа? - ја прашал попот.

- Е, вистина, попе, има, туку бев и приготвила за гости вечер да викаме - му рекла попадијата.

Кога видел попот оти орлето толку скриени работи изнашло, му се стегнал на сиромаиот да му го купит; вур-тут, беше му дал колку пари што беше му посакал, и беше му го зел. На ќеот згора, попот беше го молил сироматого да му поседит два три дни нагости и тој кандисал да му седи. Попадијата беше го начекала и насамо сиромаиот кога седел и беше го прашала:

- Од што му је смртта на орлето?

Тој беше је кажал така:

- Смртта на орлето му је, попадие, два три дни да го вржиш не многу најадено и на треќи ден да го намочаш и веднаш ќе пцојсат.

Попадијата го клала на умот тоа што беше и рекол сиромаиот и едно го испратила да си ојт гостинот, му рекла на попот, и тој да го испрати, оти така било чесно. Излегол попот да го поиспрати до негдеа и во истото време втасал милосникот да ја види попадијата. Арно ама пуста попадија беше го клала орлето меѓу нозе за да го намочат, та да пцоиса, и, бидејќи орлето гладно, беше ја закачило со ноктите за бутот.

- Море, брго, бре љубовниче, куртулисај ме од ова лошо, проклето животинче, оти ќе ме јади жива! Едно посигнување милосникот со рака за да го ватит, и орлето беше го зграпчило за рака со ноктите. На тоа згора втасал попот и му се сторило оти чоекот праел со попадијата нешто лошо, да дал вик.

- Што бараш, бре никаквецу ниеден, при попадија? Зер ти не знајш оти имам орле што сите скриени работи што имат во мојава куќа, тоа и знаит, а? Али виде како те улои? Ами ти, мори будала попадие, зер не знаеше оти орлето ќе те изваит на мегдан? Чекајте сега да земам патерицата, да да ви удрам еден ќотек!

Грабнал патерицата и му легнал да маат - десетпати мавај на љубовникот, еднаш на попадијата. Дури се откачил љубовникот, сто ока ќотек беше изел од попот. Кога видел попот тоа што беше јавило орлето, грабнал патерицата и се пуштил со сиромаиот да го втаса и да му дајт бакшиш. Дал вик по него:

- Бре, рисјанине бре, почекај, нешто ќе ти даам почекај!

Кога чул сиромаиот и видел оти попот трчат по него, трештил да бегат што да можит - тој бегај од страв, попот трчај, одвај го втасал и му дал едно ќесе со пари за доброто што му го сторил со орлето, и го испратил. Од кај што се не надеал сиромаиот отаде му излегол зајакот.

Кирил Пенушлиски. Македонски еротски приказни
Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org