Изгубеното магаре на Итер Пејо

Еднаш Итер· Пејо со својето магаре отишел на пазар во Прилеп - да продаде дрва. Ги продал и ватил таму-ваму да шета по градо, а магарето го врзал пред една мејана. Таму тој си го оставал секоаш коа доаѓал на пазар. Ко се вратил Итер Пејо предвечер да си го земе магарето, останал вчудоневиден: магарето никаде му го немало; дали некој му го украл, или само се одврзало, Итер Пејо останал без магаре и сега како ќе се врати назад в село. Де, барај ваму, де, барај онаму, магарето в земја како да пропаднало. Што да праи, пусти Итер Пејо, ем останал без магаре, ем немал доста пари за јадење и некаде да се прибере на спијење. Се пикнал кришум во некој ан, влегол во една празна соба и се подвлекол под креветот да спие.

Таман заспал Итер Пејо, ете ги во собата влегле двујца: маж и жена, млади. Си легнале на кревето и почнале да се милуваат, да се гушкаат. Итер Пејо се разбудил од крцкањето на креветот. Во некое време, тије почнале да си праат работа ... Од што му било убаво, мило на мажот, тој и рекол на жената:

- Ах, мори жено, сега го гледам цел Прилеп!

- Опни ми го уште еднаш, та и јас да го видам - рекла жената.

Итер Пејо од под кревет не додржал, се сетил за својето магаре, туку свикал:

- А, море човече, кога го гледаш цел Прилеп, дали го виде некаде мојето магаре? Те молам, кажи ми!

Кирил Пенушлиски. Македонски еротски приказни
Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org