Исповед на ергени
Четворица ергени, едепс'з знајале оти попо е многу мераклија, отишле кај него да се „исповедат“. Улегле како кривци, со наведнати глави.
- Шо е бе, пезевенковци?
- Остај, дедо попе...
- Е, кажите де?
- Дојдоме да се исповедаме!
- Ајде, машала! Гукајте, ајде.
- Вака ли, заедно?
- Како сакате.
- Хм, па може. И најубаво е заедно оти и грео ни е заеднички. Па... еве: неќна, нели имаше панаир у Виница...
- Да, де. Ја се изедо шо не мого да идам!
- А ниа му се стегнаме и отидоме.
- И?
-Шо и? Поврткаме се низ сергиите боже ќе купуаме нешчо, а сај ги меркаме селанките...
- И?
- И... знаеш: кај белезичките и прстенчињата највише има младички. Лаф-маубет, лаф-муабет - закачивме трички. Купиме им по една белезичка, частиме ги ладна боза и - забраа не...
- Девојчињата ве забраа?!
- А-ха! Сал' се смешкат и одат накај ливадите. Ние, шо ќе праеме, по ни. Пристемни се и... згрешиме ја работата!
- А... млади?
- Не млади, дедо попе, туку капка, роса! Едни црвени обрашчиња, едни ми ти остри циценца...
- Ааах, врколоци, ааах, мамичеценцето ваше, к'сметлија! Од каде ги најѓате сѐ такви, младички, роса бре, ааах!!!
Кирил Пенушлиски. Македонски еротски приказни