Женска итрост

Feminine wiles

Едно момче селанче отишло на туѓина во еден град и тргнало по чаршија да барат работа. Од дуќан на дуќан позастануало и дошло до една берберница, та застанало да се обгледуа на големото огледало што било во берберницата. Берберо, бидејќи без работа, го ви кнал момчето в дуќан и го прашал од каде је и што је. Момчето му кажало оти јет од далечно место и дошло во тој град за к'смет да барат - некоја работичка. Откоа го испрашал арно, арно, и го познал оти било многу просто за да можит да го излажит и да добиват со него, преесапил со умот нешто. Бидејќи момчето било тамам навреме во годињето, во снагата маж четворен, во лицето како некое тетовско јаболко, црвен и бел, во веѓите калеш, како некој најкалеш брав, му рекол берберот:

- Момче, бре! Еве, ти си дошол на туѓина за да бараш некоја, каква да е работа, ај, послушај ме мене што ќе ти речам да работиш, и да спечалиш со лесно пари. Ама тоа, треба да знајш, што ќе спечалиш денеска, ќе си го делиме, - еве јас ти купуам најубави алишта. Ај, послушај ме, бре момче, за да речиш: бог да прости од мене некогаш!

- Арно, мајсторе, бидуа - му рекло будалестото момче - јас ќе те слушам за се што да ми речи ш, само некоја паричка да спечалам, да ја пратам на мајка, на виљает.

- Е, лели така, трај, душо; сега ќе видиш колку пари ќе спечалиме. Дај сега да те обричам и острижам и да те однесам в чаршија, да ти купам еден кат убај алишта - му рекол берберот и го обрикол, та го напраил како некој зет, да ти је мило да го гледаш; од кај што беше само од себе лично, и откоа го спастри берберо со бричењето и стрижењето, со убајте алишта го промени, друг немаше како него во градот - кој да го видеше, ашик се чинеше. Го зеде по себе и го однесе кај една чешма, та го отурдиса да седни на еден камен што си переа жените алиштата:

- Седи овде, момче - му рекол берберот - и на секоја жена што ќе дојд да залеит вода од чешмава, арно да је се пулиш в очи и ќе се чиниш мукает, која ќе ти мавнит со рака, стани и оди по неа дома је; ако ти речит да и сториш некој измет, дури не ти даит две раци пари, да не и праиш изметот.

Откоа седнало мочето на камено, ватиле да идат жени и секоја ќе му се испулела арно на негоата убаина; во истото време и тој им се пулел на сите в очи со ред. За пакос, се погодила една жена и му мавнала со рака. Станало момчето и назорум пошло дома и ѝ зел еден грс пари, та му и донесол на берберот, на дуќан, та си 'и делеле наполу.

- Е, момче, али виде коа ти реков јас оти ќе спечалиме пари? Ами, откоа те испушти жената, што ти рече?

- Ми рече, пак утре да појдам и пак ќе ми дајт еден грс пари - му рече момчето.

- Ами на кое место и беше портата, бре момче?

- Портата и беше, мајсторе, до фурната од десната страна, коа да влегуаш внатре.

- Ами, коа влезе во дворот, што имаше, бре момче? - му рече берберот.

- Имаше една голема лозница и под лозницата чесма со две шопурки, ама не течеше вода - му кажа момчето.

Кога чу тоа берберот, го изеде змија, чунки, според како што му кажало момчето, негоата куќа беше била и негоата жена му дала пари на момчето.

„Ах, проклета жена што си била - си рекол со умот - чекај, јас што ќе ти напраам, ако те ватам на тој ред, што си кинисала !“

Утрото рано го испуштил момчето да оит пак кај жената што го викала, и тој сам тргнал по него. Кога приближало момчето до портата негоа и влегло, беше се зачудил берберот, чунки си ја знаел жената си најчесна од сите жени во градот. Трчаница пошол до порта, турнал да ја отвори, чунки била затворена, склукал што да можи на портата. Кога чула жената му оти приклукала портата, го завиткала момчето во една ругузина и го испраила во еден ќош, да стои без да мрда.

- Молчи - му рече - момче, дури да го испратам чоекон што идит!

Откоа го услагоди, излезе та ја отвори портата. Налутен берберот, затворил портата со клуч и грабнал едно дрво, та ватил да бара вамо-тамо низ куќа; секаде барал, нигде здраво место не остаил, жива вода се испотил од мака што му беше дека не можеше да го најдит.

- Море, домаќине - му рече жената му - што си денеска на овој ал? Што бараш нешто? Ја кажи ми мене, белким јас го знам?

Тој збор не му даат, саде туку барат, и никако не му текнуаше да побарат во рогузината. Виде-невиде оти ништо не најде, пак се престори и си рече со паметта да не неет во негоата порта. Молчејќи, си отиде на дуќан, да го чекат момчето да дојди и да му кажи кај беше. Откоа го испрати мажа си, берберицата го извади момчето од ругузината и го испушти пак со еден грс пари.

- Така де, момче, виде оти ќе спечалиме пари со овој марифет што те научив?

- Море, арно, мајсторе, сполај ти колку за тоа - му рече момчето - туку да знајш што зорт сум видел денеска.

- Што зорт виде, бре? Ја кажи ми да те чујам?

- Зортот беше голем, мајсторе; туку жена диљми, жив ѓаол јет; јас откоа влегов внатре, туку склука портата, и таа брго-брго ме завитка во една ругузина и ме испраи во еден ќош. „Трај тука - ми рече - дури да го испратам чоекон што ќе дојт!" Чоекот беше бил мажот је; зер беше подразбрал троа, тики грабна едно дрво в раце и вати да барат низ сета куќа. Нигде место низбарано не остаи. Арно ама во ругузината не му текна да побарат, да ако беше ме нашол, пците ало ќе ми го јадеа, мајсторе. Ете, тој страв сум ти превидел, мајсторе! Да коа бара, бара и не ме најде, си отиде, а жената му ме изваде од ругузината, та ми даде пак еден грс пари и ми рече утре пак да одам.

Кога чу берберот тие зборои, како некој куршум да го удри, ни црна, ни бела не рече; од мака што му дојде, молчи и мисли за утрото како да и праит на жената си. Утрото го прати момчето пак да и појдит на жената му и тој пак тpгнал по него да види дали вистина ќе влезит во негоата порта. Кога видел, вистина во негоата порта беше влегол. Пошол до портата и склукал. Едно чула жената му, и го скрила в оџак, му отворила портата на мажа си и пак тој тргнал да бара. Барал, шуркал, место здраво не остаил неизбарано; за в оџак не му текнало да побарат.

- Море, домаќине - му рекла жената му - што вака праиш вчера и денеска низ куќава?

- Како што вака праам, мори курво? Камо го момчето што влезе сега бргу овде, мори?

- Боже, боженце, сполај ти тебе! Да што му го зеде на мојо домаќин умот? Море, домаќине, море душко, не чини се како дете и не влегуј во грев, да ме земеш на душа, бре! Дали за вака ме знајш мене, бре домаќине? Немој, домаќине, не чини се аџамија, не ваѓај си на стопанката име за да ти се бијат шега светот; оти светот тоа чекаат, сам да си изваиш некое име лошо, тики чешај се после! Та за тоа ти велам: ој ми си на дуќан и чув-нечув, видов-невидов!

Виде-невиде пусти бербер, си отиде на дуќан.

Берберицата го изваде момчето од оџак и пак беше му дала еден гpc пари и беше мy нарачала за другио ден да и појдит.

Момчето си пошло кај берберот на дуќан и му 'и дало парите што беше мy 'и дала берберицата, и му рекло:

- На, мајсторе, париве што ми 'и даде жената, туку и денеска мажот је дојде, зер пак некој мy кажа што вака туку мe бастисуа; сегде побара, саде в оџак не му текна, тики куртулисав, оту ако беше мy текнало да наѕри, ќе ме најдеше, пуки пусти ќотек што ќе јадев, господ да ми беше на помош!

- Ами, откоа те испушти, бре момче, што ти рече жената?

- Ми рече па да одам утре, мајсторе!

Утрото па пошло момчето и, кога склукал на портата берберот, берберицата го скрила момчето в ковчег. Влегол внатре берберот и ватил да бара. Како бара, како бара, здраво место не остаи, а не му текнуа в ковчег да побарат.

„Ах - си рекол - али до овде жената ми да ме слепеит ѓоз ѓоре мене? Јас куќава ќе ја горам ама сега не ќе го остаам за назад“.

Отрчал во гумното, зел слама и ја потпалил куќата од сите четири страни. Спискала жената, брате мило, коса корнит и мажа си го колнит:

- Море, мажу, море улав мажу, да што је оваа твоја улавштина, да си гориш куќата ич за низаошто? Ами, ако си гориш твојата стока, зашто ми гориш и мојата, што сум си ја донесла откај татка ми, цел ковчег со руба? Ај, ела, да не доиш и да не бидиш, барем ковчегон со мојте алишта да го извајме; барем мојте алишта да 'и куртулисаме, за да не те терам утре нови да ми прајш!

Кога и чу тие зборој берберот од жената, си отрча и го грабна со жената си ковчего со алишта (ама и со момчето внатре), та го куртулисаа.

Откоа догоре куќата, си рече берберот со умот: „Е, и куќата си ја изгорев, ама и на жената до ак му дојдов! Со мене нека мрда, ако можи!“

Си отиде на дуќан и се раатиса. Не би час, ете го момчето. Кога го виде, во чудо се виде:

- Ејди, мајсторе, уште троа, ќе изгорев, ако не ме изваеше мажот је од жената со ковчегот кога ја запали куќата.

- Ај, момче, бегај си од кај си дошол, оти јас што барав, си најдов - му рекол берберот.

Кирил Пенушлиски. Македонски еротски приказни
Copyright ©. George Goce Mitrevski. mitrevski@pelister.org